Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеjа 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јуни 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставностa и законитостa на Решението на Врховниот суд на Репубика Северна Македонија Рев 2. бр.120/2022 од 29.11.2022 година.
2. Анета Батева од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива која ја насловила како иницијатива за поведување постапка заради заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а од содржината на истата произлегува дека бара Судот да ја оцени уставноста и законитоста на Решението Рев 2 бр. 120/2022 на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
Според наводите во иницијативата Решението Рев 2 бр. 120/2022 од 29.11.2022 година, донесено од страна на Врховниот суд на Република Северна Македонија не било во согласност со членовите 8 и 9 од Уставот.
При давањето причини за оспорувањето во однос на Решението Рев 2 бр. 120/2022 на Врховниот суд, подносителката смета дека со ова решение направена е повреда на слободите и правата бидејќи судот при донесувањето на истото, покрај позитивните законски и уставни одредби, одлучил во корист на странката со поголема општествена и имотна положба, а со тоа било повредено владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок.
Во иницијативата се наведува дека предмет на спорот за кој изјавила ревизија, било утврдување и запишување право на сопственост. Подносителката на иницијативата барала учество во парница од нужните сопарничари, од причина што сите тужени се наоѓале на еден имотен лист и сопственоста им била заедничка.
Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Решението Рев 2 бр. 120/2022, за кое подносителката наведува дека судот, со погрешна примена на законските норми ја заштитувал странката која била во подобра општествено имотна положба од друго физичко лице на кое му било одземено правото да учествува во постапка која се однесувала на неговиот имот.
Имено, подносителката, по донесената Пресуда ГЖ-2102/21 од 07.07.2021 година на Апелациониот суд во Скопје, изјавила ревизија до Врховниот суд на Република Северна Македонија, поради суштествени повреди на одредбите од парничната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со барање, судот во целост да ја поништи наведената пресуда и предметот да го врати на првостепениот суд на повторно разгледување и одлучување, како и да го задолжи тужителот со трошоци во постапката.
Претходно, подносителката Анета Батева заедно со Никола Батев изјавиле ревизија и против Пресудата на Апелациониот суд во Скопје ГЖ – 541/19 од 12.03.2019 година, која се однесува на истата правна работа.
Според наводите во иницијативата, Врховниот суд, не постапил по поднесените ревизии и ги отфрлил како недозволени со образложение дека изјавената ревизија на второстепената Пресуда ГЖ бр.541/19 на Апелациониот суд Скопје била поднесена од неовластени лица од причина што лицата Анета Батева и Никола Батев од Скопје претендирале да бидат, но не биле прифатени како замешувачи во предметниот спор, а ревизијата изјавена од Анета Батева против Решението на Апелациониот суд Скопје ГЖ бр.2102/21 од 07.07.2021 година, била недозволена, од причина што била изјавена против решение со кое постапката не била правосилно завршена.
Подносителката смета дека со донесените одлуки на судовите и било нарушено владеењето на правото, а со оспореното решение на Врховниот суд била направена и повреда на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
На крајот во иницијативата, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението Рев 2 бр. 120/2022 на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека подносителката на оваа иницијатива Анета Батева и лицата Никола Батев и Христо Батев на ден 25.03.1997 година, како корисници на кредит и Комерцијална банка АД Скопје, склучиле Договор за одобрување на кредит за станбена зграда за износ од 500.000,00 денари. За обезбедување на побарувањето на банката, пред Основен суд Скопје 1 Скопје, на ден 16.07.1997 година, било постигнато судско порамнување Р.бр.510/97 помеѓу Комерцијална банка АД Скопје како доверител, Никола Батев како хипотекарен должник и Никола Батев, Анета Батева и Христо Батев како должници, со што се воспоставило заложно право во корист на Комерцијална банка АД Скопје врз недвижниот имот стан на ул. „Козара“ бр.68-1/4 Капиштец, со површина од 57.98м2, сопственост на хипотекарниот должник Никола Батев, имот кој должникот го стекнал по основ на Договор за подарок на стан склучен помеѓу Христо Батев како дародавач и Никола Батов како даропримач заверен во Основен суд Скопје 1 Скопје под Н.Д бр.4 732/97.
По смртта на Христо Батев, донесено е решение за оставинска постапка О бр.471/02 со кое станот – недвижниот имот на починатиот го наследуваат Катерина Батева – сопруга на починатиот и Никола Батев – син на починатиот, една идеална половина. Другата идеална половина од имотот на име на покојникот евидентиран на имотен лист 6205 КО Центар 2 претставува сопственост на Катерина Батева како имот стекнат во брак со покојниот.
На 04.05.2004 година, склучен е договор за доживотна издршка помеѓу Катерина Батева како примател на издршка и Катерина Димова – нејзина внука, како давател на издршка. Во овој договор било наведено дека примателот на издршка е сопственик на недвижен имот кој се наоѓа на ул. „Козле“ бр.68-1/4, односно ¾ од имотот опишан во оставинското решение О бр.471/02, една идеална половина од имот опишан во КП 683 запишан во имотен лист бр.6205 КО Центар и друга идеална половина од КП 683 запишан во имотен лист бр.6205 КО Центар. Со овој договор, после смртта на Катерина Батева, нејзиниот идеален дел од ¾ од предметната недвижност, би припаднал на давателот на издршка, Катерина Димова.
Основниот суд во Охрид донел пресуда, врз основа на признание П.бр.149/05, со која се утврдува ништовност на договор за подарок склучен помеѓу Христо Батев и Никола Батев на 03.07.1997 година и тоа за една идеална половина од имотот – предмет на договорот. Со таа пресуда било утврдено дека во случајот е во правна важност само договорот за доживотна издршка помеѓу Катерина Димова и Катерина Батова заверен во судот во Охрид под Зав бр.10/04.
Со Решение на државниот завод за геодетски работи била извршена промена во Ил бр.6205 за КО Центар 2 и тоа сопственоста на предметниот стан се запишува на лицата Катерина Батева на ¾ идеален дел и Никола Батев на ¼ идеален дел, во Г листот во Имотниот лист останува товар – воспоставеното заложно право во корист на Комерцијална банка АД Скопје врз основа на Решение за обезбедување и во истата графа се прибележува Договорот за доживотна издршка.
После смртта на Катерина Батева, давателот на издршката Катерина Димова не го запишала своето право на сопственост од ¾ идеален дел од предметниот недвижен имот.
Должниците Никола Батев, Анета Батева и Христо Батев, не ги исполниле своите обврски согласно договорот за одобрување на кредит за станбена зграда, по што Комерцијална банка АД Скопје повела постапка за присилна наплата на парично побарување. Со оглед дека предметната недвижност била запишана како сопственост на Никола Батев ¼ идеален дел и Катерина Батева на ¾ идеален дел, извршната постапка се водела против овие две лица. По смртта на Катерина Батева бил донесен заклучок за прекинување на извршната постапка спрема ова лице по што како единствен законски наследник на оставината се огласува Никола Батев. Со истото решение прекината е оставинската постапка за расправа на оставината на оставителот Катерина Батева во делот по однос на договорот за доживотна издршка, односно ¾ идеален дел.
Доверителот, Комерцијална банка АД Скопје, повела спор против тужената Катерина Батева со поранешно презиме Димова, за утврдување и запишување право на сопственост. По тужбеното барање Основниот суд Скопје II Скопје донел Пресуда П1 434/18, која доверителот ја обжалил по што Апелациониот суд во Скопје со Пресуда ГЖ 541/19 ја уважил жалбата на тужителот, ја преиначил првостепената пресуда и пресудил дека се утврдува правото на сопственост на Катерина Батева (Димова), тужената ја задолжил да трпи да биде запишана во Агенцијата за катастар на недвижнини како сопственик на ¾ идеален дел на предметната сопственост со површина од 56м2, ја задолжува Агенцијата за катастар на недвижнини да ја изврши промената во имотниот лист бр.6205 за КО Центар 2 како сопственик на ¾ идеален дел да ја запише Катерина Батева и ја задолжил со трошоци во постапка.
Од страна на Анета Батева од Скопје, до судот на ден 05.04.2019 година, бил поднесен предлог за враќање во поранешна состојба со кој се предлагало да ѝ се дозволи да учествува во парницата како нужен сопарничар, а на ден 02.05.2019 година, била доставена ревизија во која бил истакнат предлог за учество на Анета Батева и Никола Батев како замешувачи во постапката.
Основниот граѓански суд во Скопје, одлучувајќи по поднесените предлози вон рочиште, на ден 30.05.2019 година, донел Решение со кое предлогот поднесен од Анета Батева со кој се предлагало пристап во парница П1 бр.434/18 како нужен сопарничар го отфрлил како ненавремен од причина што бил истакнат по донесување на Пресуда на Апелациониот суд Гж бр. 541/19. Предлогот за враќање во поранешна состојба го отфрлил како недозволен со образложение дека истиот бил истакнат од лице кое не е странка во постапката, додека предлогот поднесен од Анета Батева и Никола Батев со кој се предлагало да се дозволи да учествуваат во парницата како замешувачи, судот го одбил како неоснован, со образложение дека истите не го докажале правниот интерес.
Незадоволни од Решението на судот, Анета Батева и Никола Батев, поднеле жалба до Апелациониот суд поради суштествени повреди на одредбите на ЗПП, поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.
Апелациониот суд во Скопје одлучувајќи по жалбата на замешувачите на ден 14.07.2020 година донел Решение ГЖ 1288/20 со кое жалбата на замешувачите Анета Батева и Никола Батев ја уважил, Решението на граѓанскиот суд П1 434/18 го укинал и предметот го вратил пред првостепениот суд на повторно разгледување и одлучување. Во образложението на Решението е наведено дека првостепениот суд не дал доволно јасни и образложени причини за својата одлука, а причините кои биле наведени од страна на првостепениот суд по однос на отфрлањето на предлогот за пристап во парница, Апелациониот суд сметал дека биле противречни, нејасни и недоволно образложени, а по однос на изјавената ревизија на 02.05.2019 година од страна на замешувачите Анета и Никола Батеви, со оглед дека во списите на предметот не била истакната ревизијата од страна на тужената, согласно член 194 став 1 и член 196 став 2 и 3 од ЗПП, судот сметал дека првостепениот суд тоа не го ценел.
Во повторна постапка, Основниот граѓански суд во Скопје, постапил по напатствијата на повисокиот суд, ги извел сите парнични дејствија и ги расправил сите спорни прашања кои му биле укажани, па одлучил да го отфрли предлогот како ненавремен, поднесен од Анета Батева, со кој се предлагало да се дозволи пристап во парница како нужен сопарничар, го отфрлил предлогот за враќање во поранешна состојба, а не го прифатил предлогот од Анета Батева и Никола Батев со кој се предлагало да се дозволи учество во парница како замешувачи со поднесената ревизија.
По изјавена жалба на ова решение, Апелациониот суд на ден 07.07.2021 година, донел Решение ГЖ бр.2102/21 со кое одлучил дека жалбата на замешувачите Никола Батев и Анета Батева двајцата од Скопје, се одбива како неоснована и го потврдил Решението П1 434/18 од 21.09.2020 година, на Основниот граѓански суд во Скопје.
Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлучувајќи по ревизијата изјавена од Никола Батев и Анета Батева, против пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ бр.541/19 од 12.03.2019 година, и ревизијата изјавена од Анета Батева од Скопје против Решение на Апелациониот суд ГЖ бр.2102/21 од 07.07.2021 година, на седница одржана на ден 29.11.2022 година, донел Решение со кое одлучил Ревизијата на Никола Батев и Анета Батева, двајцата од Скопје и ревизијата на Анета Батева, да ги отфрли како недозволени.
Во образложението на Решението е наведено дека изјавената ревизија против второстепената Пресуда ГЖ бр.541/19 била од неовластени лица, од причина што лицата Никола Батев и Анета Батева кои претендирале да бидат замешувачи во постапката во согласност со член 380 став 2 од ЗПП, произлегло дека ревизијата била недозволена.
Ревизијата против Решението на Апелациониот суд ГЖ бр.2102/21 со кое подносителот не бил прифатен како замешувач во предметниот спор, согласно член 390 став 1 од ЗПП не ја дозволил од причина што била изјавена против решение со кое постапката не била правосилно завршена.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Подносителката Анета Батева во иницијативата бара заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, но, нема наводи кои права и слободи ѝ се повредени во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, па затоа истата е разгледана од аспект на иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на актот кој се оспорува.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, од наводите во иницијативата, како и содржината на оспореното решение, Судот цени дека во конкретниот случај по однос на барањето во суштина, произлегува дека од Уставниот суд се бара оценка на примена на законите, односно оценка на уставноста и законитоста на Решението на Врховниот суд на Република Северна Македонија Рев 2 120/22. Имајќи ја предвид содржината на оспореното решение, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примена на законите и другите прописи од страна на судовите и да се впушти во оцена на основаноста на наводите за суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право.
Согласно член 110 од Уставот на Република Северна Македонија оспорените решенија не се пропис во смисла на наведениот член, туку се поединечни, односно конкретни акти, кои уредуваат права и обврски на конкретно лице, од каде истите не се подобни за уставно-судска оцена, поради што Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нивната законитост, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.13/2023
21 јуни 2023 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска