Дневен ред за 26. седница на Уставниот суд закажана за 5 јули 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 26-та седница на 5 јули (среда) во 9:30 часот со дневен ред на кој се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост,  иницијатива за оценување на уставност на програма и статут на здружение на граѓани и барање за заштита на слободи и права.

  1. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
  1. Реферат У.бр.1/2022

Оспорени: Член 75-ѓ, член 76-д, член 78 и член 78-а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 40/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.98/2019, 42/2021, 74/2021 и 215/2021).

Подносител: Павле Трајанов

Од наводите во иницијативата: 

Дел од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик во кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизираат четири политички партии со што директно се загрозуваа политичкиот плурализам. Во иницијативата се наведува дека на тој начин се дискриминираат кандидатите кои имаат поинакви политички уверувања и им се оневозможува еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста и дека со тие одредби се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар.

2.Реферат У.бр.98/2022

Подносител на иницијативата: Добра Петковска

Оспорен: Законот за социјална сигурност за стари лица 

Од наводите во иницијативата: 

Според подносителот на иницијативата Законот е во спротивност со членовите 9 став 2, 35 став 2, 36 став 1 и 51 став 1 од Уставот. 

3.Реферат  У.бр.126/2022

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации 

Подносител: Здружение на граѓани „Македонско-бугарско пријателство”.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот закон го ограничува основањето на организации и нивниот упис во соодветниот регистар со називот, името или скратеното име на организацијата, што претставува ограничување на едно од основните уставни права. Се наведува дека законодавецот со ваквиот закон се вмешал во организации кои се дел од приватната сфера и пропишува дополнителен услов, кој не е во согласност со членот 20 од Уставот кој ја гарантира слободата на здружување. 

Според подносителот оспорениот закон е неуставен затоа што граѓаните може да основаат здруженија, да пристапуваат и од нив да истапуваат се додека програмите и дејствувањето, а не името или скратеното име не се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување на воена агресија, разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост. 

4.Реферат  У.бр.54/2023

Оспорен: Член 99 став 3 од Законот за внатрешни работи

Подносител: Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорената одредба неосновано без предвидени конкретни случаи на штетни дејствија на работникот е определено да ги надомести трошоците направени за неговата обука, зголемени за три пати. Се наведува дека со одредбата се овозможува паушално обесштетување на штета на работникот.

5.Реферат  У.бр.31/2023

Опорен: Автентично толкување на општи и посебни одредби на донесени урбанистички планови и урбанистичко планска документација на Совет на Општина Кисела вода од 26 април 2022 година.

Подносител на иницијативата: Друштво за градежништво, трговија и услуги ХОУМ ВИЗИОН ДООЕЛ Скопје

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека со оспорениот акт советот на Општина Кисела Вода предвидува дека максимален број на станбени едници со намена А1-домување во станбени куќи е 4 кај урбанистичките планови опфатени во автентичното толкување, а во истиот не бил утврден максималниот број на станбени единици со намена А1 домување во станбени куќи. Подносителот наведува едка со оспорениот акт е направена измена на урбанистичките планови без претходно да биде спроведена постапка за нивно изменување. Подносителот смета дека Законот за локална самоуправа не предвидува право на општината при вршење на своите надлежности да врши автентично толкување на општите акти. 

6.Реферат У.бр.89/2023

Оспорен акт: Упатството за изменување и дополнување на упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи, издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги, водење постапка и составување на записник за најдено дете, обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги.

Подносител: Уставен суд на Република Северна Македонија

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ НА ПРОГРАМА И СТАТУТ НА ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ:

Реферат  У.бр.96/2022

Oспорен: Здружение за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид Статут, Програма за работа

Подносител на иницијативата е адвокатот Тони Менкиновски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека оспорените акти се противуставни бидејќи се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, негирање на неговата самобитност и разгорување на национална омраза или нетрпеливост. Подносителот на иницијативата бара поништување на оспорените акти.  

III. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

Реферат У.бр.133/2022

Подносител на барањето: Димитар Апасиев

Од наводите во барањето: 

Подносителот на барањето наведува дека претседателот на Собранието со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот на начин што не бил прифатен Предлог за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум. Подносителот наведува дека му се повредени уставно загарантираните права бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна. Се наведува дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти.