У.бр.65/2022 и У.бр.90/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 јуни 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 275/2019, 89/2020, 302/2020, 311/2020, 163/2021, 294/2021, 99/2022, 236/2022, 273/2022 и 65/2023).

3. Сузана Цветкова од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителката на иницијативите во двете иницијативи ги оспорува член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита како и член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа.

Во првата иницијатива, поднoсителката смета дека член 236 ставовите 1 и 2 од Законот за социјална заштита, кој ја регулира постапката за лиценцирање на образовните профили, кои можат да се стекнат со општа лиценца за работа, не се во согласност со член 32 од Уставот, член 194 став 1 и член 197 став 2 алинеја 1 од Законот за социјална заштита, како и со член 7 точка 4, потточки 2, 3 и 4 од Законот за работните односи, од причина што сите стручни работници во установите за социјална заштита наведени во членовите 194 и 197 од Законот за социјалната заштита, освен правник, педагог, социјален работник и психолог се дискриминирани во постапката за лиценцирање.

Понатаму, подносителот на иницијативата го цитира член 194 став 1 од Законот за социјалната заштита и наведува дека освен наведените профили во цитираниот став од овој член, покрај тоа што се предвидени како стручни социјални работници, не можат да се стекнат со лиценца за работа, поради уредувањето во член 236 од Законот за социјалната заштита, како и во член 1 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа.

Во втората иницијатива, поднесена од истата подносителка, се наведува дека оспорените одредби се во спротивност со член 32 од Уставот, член 194 став 1 алинеја 1 и член 197 став 2 алинеја 1 од Законот за социјална заштита, како и член 7 точка 4, потточки 2, 3 и 4 од Законот за работни односи, како и во првата иницијатива.

Подносителката на иницијативата смета дека оспорениот член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита ги променил условите за достапност на работни места од членовите 194 и 197 од истиот закон, кои им се достапни на социјален работник, правник, педагог, психолог, дефектолог и логопед, со тоа што не ги предвидел останатите образовни профили дипломиран по јавна администрација – јавен менаџмент, социолог, економист, андрагог, лекар, специјален педагог за превенција и ресоцијализација, здравствен работник, воспитувач, стручно лице по родова проблематика, семејнолог, им ускратил на претходните образовни профили економско право поради недостапност на работни места под еднакви услови.

Имено, според подносителката, сите стручни работници во установите за социјална заштита наведени во членовите 194 и 197 од истиот закон, освен правник, педагог, социјален работник, психолог, дефектолог и логопед, се дискриминирани во постапката за лиценцирање, поради што иако овие членови предвидуваат кои образовни профили можат да вршат стручна работа по установите за социјална заштита, оспорениот член го ограничил правото на стручна работа само на одредени образовни профили, кои можат да учествуваат во постапката за лиценцирање, односно во постапката за стекнување со општа лиценца за работа.

Понатаму, подносителката на иницијативата наведува дека член 236 ставовите 1 и 2 од Законот за социјалната заштита е во спротивност и со член 7 точка 4 потточки 2, 3 и 4 од Законот за работните односи, од причина што образовните профили кои се дискриминирани немаат никаков пристап до стручно усовршување бидејќи немаат статус на стручни лица, туку на административни службеници со 240 кредити образование, земаат плата по пресметка со 481 бод, во звање советник, додека стручните лица со исто образование од 240 кредити кои имаат статус на даватели на услуги, во звање водител на случај за ниво А4 земаат плата по пресметка од 530 бода.

Во продолжението на втората иницијатива, подносителката ја цитира оспорената одредба од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020) и наведува дека оспорената одредба од Правилникот е во спротивност со член 194 став 1 алинеја 1 и член 197 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита.

Поради сето горенаведено, во првата иницијатива подносителката предлага член 236 од Законот за социјалната заштита да го измени, како и член 1 од Правилникот, односно да се вклучат во постапката за лиценцирање сите стручни профили предвидени во членовите 194 и 197 од Законот за социјалната заштита, а во втората иницијатива Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита и член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа.

4. На седницата Судот утврди дека член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници гласи:

Со овој правилник поблиску се пропишува начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа, и тоа: општа лиценца за вршење социјална, правна, педагошка, психолошка и дефектолошка стручна работа во центар за социјална работа.

Судот, исто така, на седницата утврди дека член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита гласи:

Лиценцата од ставот 1 на овој член се издава со важност за период од пет години, и тоа како општа лиценца за вршење стручна работа во центарот за социјална работа (социјален работник, правник, педагог, психолог, дефектолог и логопед).

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во наводите на иницијативите се наведува дека оспорениот член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита е спротивен на член 32 од Уставот, без притоа да се дадат аргументи за противуставноста на оспорената законска одредба со наведениот член од Уставот, односно се бара да се внесе профил или стручен кадар кој го нема во оспорената одредба.

Тргнувајќи од фактот дека со првата иницијатива не се оспорува член 236 став 2 алинеја 1 од Законот поради неговата постојна содржина, туку се оспорува поради содржина што ја нема и всушност се бара законската одредба да се дополни така како што смета подносителката на иницијативите, сметаме дека тоа е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Во отсуство на уставни аргументи по однос на оспорениот член 236 став 2 алинеја 1 од Законот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за впуштање во мериторно одлучување во овој дел од иницијативите поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативите.

Во однос, пак, на наводите во иницијативите за несогласноста на оспорената одредба со член 194 став 1 алинеја 1 и член 197 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита, како и член 7 точка 4, потточки 2, 3 и 4 од Законот за работните односи, Судот оцени дека истите претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на законите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита треба да се отфрлат согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

Со иницијативите се оспорува и член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020) како спротивен на член 194 став 1 алинеја 1 и член 197 став 2 алинеја 2 од Законот за социјалната заштита.

Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 13/2006, 82/2008, 167/2010, 36/2011, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Со член 56 став 1 од истиот закон е определено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Имајќи го предвид наведеното произлегува дека органите на државната управа имаат законско овластување да донесуваат подзаконски акти во функција на извршување на законите, особено кога законодавецот препуштил операционализацијата на законските одредби да се направи со акт на министерот, поаѓајќи од местото и улогата на органите на државната управа во системот на организацијата на власта.

Согласно член 250 од Законот за социјалната заштита, начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа ги пропишува министерот.

Во рамките на пренесеното законско овластување, врз основа на член 250 од Законот за социјалната заштита, министерот за труд и социјална политика го донел Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници.

Во оспорениот член 1 став 1 точка 1 од Правилникот е уредено дека со овој правилник поблиску се пропишува начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници, формата и содржината на образецот на лиценцата за работа и тоа: општа лиценца за вршење социјална, правна, педагошка, психолошка и дефектолошка стручна работа во центар за социјална работа.

Според наводите на иницијативата, оспорената одредба од Правилникот е спротивна на член 194 став 1 алинеја 1 и член 197 став 2 алинеја 2 од Законот за социјална заштита.

Во член 194 став 1 алинеја 1 од Законот е уредено дека стручните работи во установата за социјална заштита, во зависност од видот на работата, ги вршат стручни работници со високо образование: дипломиран социјален работник, правник, дипломиран по јавна администрација/јавен менаџмент, психолог, педагог, дефекто-лог/специјален едукатор и рехабилитатор, социолог, економист, андрагог, логопед, лекар, специјален педагог за превенција и ресоцијализација, здравствен работник, воспитувач, стручњак по родова проблематика, семејнолог.

Од анализата на член 194 од Законот за социјалната заштита произлегува дека со истиот член се утврдени кадрите кои можат да се вработат во сите установи за социјална заштита, во зависност од видот на работата која ја врши установата. Со став 2 од овој член, е утврдено дека стручните работници со високо образование можат да вршат стручна работа во установа за социјална заштита, доколку имаат лиценца за работа, согласно со овој закон.

Според член 197 став 2 алинеја 1 од истиот закон за вработените од ставот 1 на овој член се утврдуваат следниве категории на работни места: категорија А стручни (дипломиран социјален работник, психолог, андрагог, педагог, правник, економист, лекар, дефектолог, логопед, специјален педагог за превенција и ресоцијализација и социолог, здравствен работник, воспитувач и други). Во алинеја 2 од истиот став на член 197 е прецизирано дека со општа лиценца за вршење стручна работа во центарот за социјална работа се стекнуваат вработени со звање социјален работник, правник, педагог, психолог, дефектолог и логопед.

Во член 236 став 2 алинеја 1 од Законот за социјалната заштита се предвидува дека лиценцата од став 1 на овој член се издава со важност за период од пет години, и тоа како општа лиценца за вршење стручна работа во центарот за социјална работа (социјален работник, правник, педагог, психолог, дефектолог и логопед).

Поаѓајќи од содржината на оспорениот член 1 став 1 точка 1 од Правилникот, Судот оцени дека со оспорената одредба од Правилникот се утврдува и се разработува член 236 од Законот за социјалната заштита заради негово извршување, односно со оспорениот член од Правилникот се операционализира одредбата од член 236, како и другите одредби од Законот за социјалната заштита кои се однесуваат на конкретно уредување на условите за добивање на лиценца.

Оттука, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 1 став 1 точка 1 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните работници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.79/2020) со член 194 став 1 алинеја 1 и член 197 став 2 алинеја 1 од Законот за социјална заштита.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.65/2022
У.бр.90/2022
21.06.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска