Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска одржа брифинг со новинарите на кој информираше за последните активности и предмети од интерес на јавноста.
Претседателката Кацарска најави дека два суштински предмети кои го опфаќаат Преспанскиот договор и Законот за јазиците во септември или октомври ќе бидат ставени на седница и образложи дека и по две години апели, писма и средба со државниот врв, нема знаци од Собранието дека наскоро ќе бидат избрани уште двајца судии за да се комплетира Уставниот суд.
„Не очекувам дека во скоро време ќе изберат судии. Несовесно постапување не е дозволено на никого, а најмалку би рекла на пратениците. Не очекував дека толку долго ќе се провлече оваа ситуација, но веќе еве од 2 јуни почнуваме трета година во која Судот не е комплетиран. Долг период работевме на работ на кворум со само пет судии и ќе беше многу несериозно од мене ако ги ставев тие предмети, важни за државта, на седница со само пет судии, сега сме седум. Но, повторно ќе нагласам дека не очекувам дека парламентот, конечно, ќе почне да го почитува Уставот и да избере судии и токму затоа овие предмети би сакала да ве информирам дека ќе бидат ставени на седница некаде во текот на септември, најкасно на почетокот на октомври. За уставноста на Законот за ратификација или познат како Преспански договор има 5 поднесени иницијативи, а за Законот за јазици 13. Тоа ни го покачува бројот на нерешени предмети и нема да дозволам да останат нерешени уште долго време чекајќи го Собранието да ги избере уставните судии, рече претседателката Кацарска”.
Поради големиот јавен интерес претседателката Добрила Кацарска информираше дека Уставниот суд вчера формираше предмет за законските измени на Упатството за водење на матични книги(назив познат во јавноста).
„Предметот е доделен кај судија известител и наскоро ќе се изработи реферат. Во оваа фаза можам само да кажам дека имаше сомнеж дека е спротивно на Уставот, а своите аргументи ќе ги дадам на седница кога ќе се одлучува за овој предмет. Во оваа фаза Уставниот суд не може да донесе времена мерка за каква што ме прашувате, односно да ја замрзне примената на Упатството, зошто нема такви овластувања според актуелниот Деловник. Таква мерка се носи во моментот кога рефератот со конкретен предлог ќе биде ставен на седница”, кажа Кацарска и објасни дека до моментот на одржување на брифингот нема пристигнато иницијатива од страна на една политичка партија, која јавно најавуваше дека е подготвена.
Претседателката Добрила Кацарска го најави и основањето на Балканскиот форум на уставни судови во октомври 2023 година, кој за прв пат се формира на Балканот на нејзина лична иницијатива и на претседателката на Уставниот суд на Република Бугарија, Павлина Панова.
„Покрај Северна Македонија и Бугарија ќе членуваат и уставни судии од Грција, Романија, Албанија, Косово, а се очекува и приклучување и на колеги – судии од Хрватска и Словенија, се преговара и со други судови”, рече Кацарска.