У.бр.87/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 14 јуни 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Програмата и Статутот на здружението Културен центар „Иван Михајлов” – Битола, донесени на 12 март 2019 година.

2. Политичката партија „Левица” од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Според наводите во иницијативата, во членовите 2 и 8 од Статутот на здружението Културен центар „Иван Михајлов” од Битола, се појаснува дека мисијата на здружението, односно целта за здружување на граѓаните во здружението е промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов што е наведено и како предмет на работа на здружението во воведниот дел од Програмата на здружението, со што се спротивни на член 1, член 3 став 1 и член 20 став 3 од Уставот, како и на член 4 став 2 од Законот за здруженија и фондации.

Понатаму во иницијативата се наведува дека согласно член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Со член 20 став 2 од Уставот се предвидува дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Меѓутоа, границите на остварувањето на оваа слобода и право на човекот и граѓаните се определени во член 20 став 3 од Уставот, кој содржи императивна норма според која програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката или разгорување на национална и верска омраза или нетрпеливост. Исто така, во член 4 став 2 од Законот за здруженија и фондации се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна и верска омраза или нетрпеливост, преземање активности поврзани со тероризам, преземање активности кои се спротивни на Уставот или законот и се повредуваат слободите и правата на други лица.

Исто така, во иницијативата се наведува дека со своите програмски цели на промоција на идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов, дејствувањето на здружението е насочено токму кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и разгорување на национална омраза и нетрпеливост, но и кон негирање на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, што во член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот е установено како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката. Ова од причина што ноторен историски факт е дека според идеологијата на Иван Михајлов, македонската нација и јазик не постојат. Според неговата идеологија, тие се измислици на српската пропаганда во Македонија, а процесот на дебугаризација на Македонија е насилно спроведен после Втората светска војна и претставува србо-комунистичко ропство. Здружението во согласност со програмските цели и мисијата утврдена во Статутот, ја промовира идеологијата на Иван Михајлов за промена на националната свест на македонскиот народ и во своите простории има поставено цитат од Иван Михајлов во кој тој го негира постоењето на македонската нација. Цитатот гласи „Можеме да се гордееме, бидејќи знамињата на ВМРО и Илинден беа и остануваат човекови права и слобода. Значи, залудни се напорите на маскираната македонска „нација” да го лаже светот. Вистината ќе победи. Ваш Иван Михајлов”.

Понатаму, според подносителот на иницијативата, здружението на социјалните мрежи редовно објавува натписи со провоцирачка и контроверзна содржина со која разгорува национална омраза, ја оспорува самобитноста на конститутивниот македонски народ и индиректно повикува на уривање на уставниот поредок на Републиката, оценувајќи ја Македонија како „окупирана” земја. Како за пример, на 17 април 2022 година, Здружението на социјалната мрежа Фејсбук објави соопштение во кое, меѓу другото, стои „Како што Путин ги создаде Доњетската Народна Република и Луганската Народна Република во окупираниот Донбас, така и Тито создаде Македонска Народна Република во нашата окупирана татковина”. Во контекст на тековната војна во Украина, на територијата на Европа, ваквиот вид на изјави се недвосмислено дејствување кон загрозување на територијалниот суверенитет на Републиката и насилно уривање на нејзиниот уставен поредок. Дополнително, со рехабилитација на ликот и делото на Иван Михајлов, кој светската историографија го смета за ноторен и докажан соработник на Адолф Хитлер, всушност се рехабилитира и легализира фашизмот, десничарскиот екстремизам, неонацизмот и тероризмот.

Од овие причини, Програмата и Статутот на здружението се всушност насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и разгорување на национална омраза и нетрпеливост. Здружението со неговото дејствување, до денот на поднесувањето на оваа иницијатива, не престанува да предизвикува реакции во јавноста, разгорува чувства на омраза и нетрпеливост на национална основа, континуирано и злонамерно изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината самобитност. Јасен доказ дека програмските цели и дејствувањето на здружението се закана по јавната безбедност и создаваат раздор во општеството се лавината реакции во јавноста и веќе испровоцираниот инцидент, ноќта на 3 јуни 2022 година, кога влезниот дел од просториите на здружението, односно таблата со називот на здружението, беше полиена со бензин и запалена.

Во понатамошниот текст на иницијативата се наведува дека Уставниот суд треба да ја има предвид Преамбулата на Уставот во која се поаѓа од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, па оттука секое дејствување усмерено кон негирање на неговата самобитност, всушност е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката, кон поттикнување или разгорување на национална и верска омраза или нетрпеливост и кон негирање на слободното изразување на неговата национална припадност.

Исто така, подносителот на иницијативата го повикува Уставниот суд да ги цени и политичките околности во кои се наоѓа Република Северна Македонија, со неодамна променето уставно име по барање на соседна земја, Република Грција, и во ситуација кога друга соседна земја, Република Бугарија, го негира националниот идентитет, историјата, културата и јазикот на македонскиот народ. Во тој контекст, при донесувањето на своите одлуки Уставниот суд треба особено да ги има предвид заштитата на суверенитетот на Републиката и нејзиниот територијален интегритет, на што Уставот обврзува во членовите 1 и 3. Секоја форма на здружување и изразување насочени кон негирање на посебноста на македонската нација се директна иредентистичка закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Републиката, па оттука неопходна општествена потреба и уставна обврска е истите да се забранат, како чин на уставно предвидена генерална превенција.

Имајќи го ова предвид, со поништувањето на Програмата и Статутот на здружението нема да биде доведено во прашање правото на бугарското малцинство во Република Северна Македонија на слободно здружување и изразување. Ова од причина што наспроти означувањето како „културен центар”, целта на Здружението не е да ја негува културата на бугарскиот народ, туку преку промоција на идеологи­јата и славење на ликот и делото на Иван Михајлов да провоцира меѓуетничка омраза и нереди. Затоа поништувањето на Програмата и Статутот имаат легитимна цел и таквата одлука би била оправдана и во согласност со начелата на едно демократско општество, согласно праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Согласно наведеното, подносителот предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмата и Статутот на здружението Културен центар „Иван Михајлов” од Битола, како спротивни на Уставот и Законот за здруженија и фондации, со предлог истите да се поништат.

3. На седницата Судот утврди дека во уводниот дел од Програмата на Здружението се појаснува дека во здружението на доброволна основа членуваат граѓани од Република Македонија, заради остварување на поширок заеднички интерес, промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов. Во вториот дел се содржани целите на Здружението, а во третиот дел се наведени материјално-финансиските средства за извршување на програмските цели, задачи и активности. Во последниот дел од Програмата е наведено дека здружението е невладина организација, којашто не се занимава со политика ниту поддржува некоја политичка партија или групација и дека ќе се оформи и основа во согласност со Уставот, законот и останатите позитивни прописи на Република Македонија, со донесување на потребните акти и регистрација пред надлежните органи.

Исто така, Судот утврди дека врз основа на член 18 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија” бр.52/2010…55/2016) и Одлуката за засновање на здружението Културен центар „Иван Михајлов” – Битола, Основачкото собрание на здружението, на седницата одржана на ден 12.03.2019 година го донело и Статутот на здружението што се состои од 55 члена. Со Статутот на здружението се уредуваат општите одредби, целите и задачите, членувањето, јавноста во работата, финансирањето, органите, престанокот, како и преодните и завршните одредби.

4. Согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за уставноста на програмите и на статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Од наведената одредба произлегува дека Уставниот суд ја оценува само уставноста, а не и законитоста на програмите и статутите на здруженијата на граѓани.

По однос на наводите на подносителот на иницијативата за оценување на законитоста на оспорените акти на здружението, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за законитоста на програмите и статутите на здруженијата на граѓани.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иниција­ти­вата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иниција­тивата.

Во претходната постапка по предметот, по извршениот увид во тековната состојба на Централниот регистар на Република Северна Македонија, Судот утврди дека Централниот регистар постапувајќи по пријавата за упис на бришење на здружението Културен центар „Иван Михајлов” – Битола врз основа на членовите 30 и 41 од Законот за едношалтерски систем („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005), на ден 22.03.2023 година донесе Решение за бришење на субјектот од единствената база на податоци. Според ова решение Централниот регистар постапувајќи по службена должност за спроведување на Решението доставено од Министерството за правда број 11-401/2 од 17.03.2023 година, за бришење на субјектот здружението Културен центар „Иван Михајлов” – Битола, од единствената база на податоци, како основ за бришење ги наведува неусогласувањето на името и/или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите согласно член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.3/ 2021 од 16.03.2021 година).

Од вака утврдената фактичка состојба произлегува дека здружението Културен центар „Иван Михајлов” – Битола е избришано од единствената база на податоци на Централниот регистар, односно не постои како правен субјект, со што Програмата и Статутот кои се оспорени со иницијативата не се повеќе во правниот поредок. Поради тоа, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.87/2022
14 јуни 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска