Издвоено мислење по предметот У.бр.16/2023

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.16/2023 со кое Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 62/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019), писмено го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. По повод иницијативата поднесена од Александра Илиева- Милчова, адвокат од Скопје, за оценување на уставноста на член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 62/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019), Судот на седницата одржана на 31 мај 2023 година со мнозинство гласови го донесе Решението У.бр.16/2023. Според мое мислење, наводите во иницијативата беа основани, поради што гласав против и со почит ја искажувам мојата несогласност со аргументите од предметното решение.

2. Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од одредбата не е во согласност со член 16 и член 102 од Уставот, од причина што одлуките кои се носат од страна на судовите и нивната објава се јавни, а следствено на тоа, јавноста има право да биде запознаена со истите. Недозволиво е само правосилните одлуки да се објавуваат, а неправосилните одлуки да не се објавуваат, односно да не се дозволи јавноста да биде запознаена со истите. Оттаму, јавноста и обврската да се објавуваат одлуките на веб-страницата на судот значи и увид на граѓаните во начинот на носење на одлуките, што е загарантирано со Уставот и не може да биде ограничено само на одредени спорови, затоа што според подносителот, со Уставот се гарантира јавноста на сите одлуки.

Понатаму, согласно член 125 став 3 од Законот за кривичната постапка, судовите се должни донесените одлуки во рок од два дена од изготвувањето да ги објавуваат на веб-страницата на судот, на начин утврден со закон, односно во член 126 ставови 1 и 2 од Законот, каде е наведено дека сите судски пресуди се јавни и достапни во електронски или печатени примероци, освен во случаите кога јавноста е исклучена согласно со Уставот на Република Северна Македонија, овој закон и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија, односно другите судски одлуки се достапни на увид и препис на секое заинтересирано лице, освен во случаи кога јавноста е исклучена согласно со став 1 на овој член.

Дополнително, подносителот се осврнува и на членовите 6 и 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, со кои е пропишано дека пресудите се изрекуваат јавно, односно секој човек има право на слобода на изразувањето и ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи.

Врз основа на наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба во делот „правосилни“, а потоа истата да ја укине, односно до донесување на конечната одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршување на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.

3. Мнозинството судии при носењето на својата одлука се повика на следниве аргументи од предметното решение:

„Со објавувањето на одлуките кои не се правосилни, на судските веб-страници, според Судот, може да се влијае на пошироката јавност, но и на повисоките судови, со што се можни одредени импликации со објавувањето на неправосилните судски одлуки. Од особено значење е што, во кривичните постапки, на овој начин би се сторила директна повреда на уставниот институт презумција на невиност, кој е еден од правните темели според кој, секој осомничен или обвинет за кривично дело, се смета за невин сè додека со правосилна судска одлука не се докаже дека е виновен. Еден од основните принципи на кој се заснова Уставот на Република Северна Македонија е гарантирањето и заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Во конкретниот случај, за подносителот на иницијативата оспорениот дел од член 99 став 5 од Законот за судовите е уставно проблематичен од причина што јавноста нема увид во начинот на носење на судските одлуки, односно има увид само во правосилните судски одлуки. Судот утврди дека вака изнесените наводи се неосновани, од причина што со член 102 од Уставот на Република Северна Македонија се гарантира дека расправата пред судовите и изрекувањето на пресудите се јавни, а јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон. Имено, јавноста може да присуствува на закажаните рочишта и изрекувањето на пресудата, што е директен пристап до начинот на работа на судовите, освен во оние случаи кога јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон, согласно цитираната уставна одредба, а според предвидените процесни правила за секој вид на постапка. Пред правосилноста, јавноста нема увид во целосните причини од кои се раководел судот при донесување на секоја конкретна одлука.

Ова упатува на констатација дека во случајов се работи за јасна и прецизна норма, која се однесува на донесените правосилни одлуки кои судовите задолжително ги објавуваат на веб-страницата на судот во рок од седум дена од денот на правосилноста, преку која се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, како и тоа дека расправата пред судовите и изрекувањето на пресудите се јавни согласно член 16 и член 102 од Уставот на Република Северна Македонија.

Следствено на тоа, произлегува дека оспорената одредба од член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и истата не го ограничува правото на слободен пристап до информации, ниту ја спречува јавноста да добие информации за судските постапки или одлуки. Напротив, преку наведената одредба се афирмира транспарентноста на судскиот систем, од каде пристапот во правосилните судски одлуки за сите заинтересирани лица е слободен.

Во врска со наводите од иницијативата каде се цитираат член 6 и член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права, Уставниот суд согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, нема надлежност да оценува дали одреден закон или негови одредби се во согласност со одредени меѓународни акти, без оглед дали се ратификувани или не.”

4. Како што веќе претходно и во други издвоени мислења го имам истакнато својот став, разликата во мислењата што тука сакам да ја потенцирам е од принципиелна и суштинска природа и се однесува на стандардот со уставна важност, односно во толкувањето на темелните вредности на Уставот.

Во конкретниот случај, сметам дека мнозинството судии имаше погрешен и рестриктивен пристап при толкувањето на оспорената законска одредба vis a vis темелните вредности на нашиот уставен поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, понатаму, во однос на начелото на јавност пред судовите утврдено во член 102 од Уставот според кој „Расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни. Јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон“, како и членовите 6 и 10 од Европската конвенција за човекови права. Наспроти мнозинското толкување на овие темелни вредности, како и на начелото на јавност, мојот став е јасен и конзистентен.

Членот 102 од Уставот, недвосмислено го уредува прашањето на јавноста пред судовите, во смисла што уредил расправата пред судовите, како и изрекувањето на пресудите, да бидат јавни. Уставот, исто така, го уредил и прашањето за исклучокот од уставното правило односно начело, на начин што дава можност јавноста да биде исклучена и упатува на законско прецизирање во кои случаи тоа е дозволено. Оттука произлегува дека уставотворецот со член 102 од Уставот во суштина го уредил начелото на јавност пред судовите. Притоа, ова начело, како во поглед на исполнувањето на неговата суштина, но и во исклучоците од него, дополнително е конкретизирано и прецизирано во повеќе закони како во Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка.

Но, по мое длабоко уверување, законодавецот операционализацијата на ова уставно начело ја направил на рестриктивен начин, со рестриктивно толкување на начелото на јавност утврдено во член 102 од Уставот на начин што согласно член 99 став 5 од Законот за судовите утврдил само донесените правосилни одлуки задолжително да се објавуваат на веб-страницата на судот во рок од седум дена од денот на правосилноста, на начин утврден со закон, но не и неправосилните. На тој начин и законодавецот при донесувањето на законското решение, и особено мнозинството судии при донесувањето на конкретното решение, не ја имале предвид можноста уставното начело на јавност да го толкуваат низ призмата на теоријата на „живиот устав“, односно Устав што се менува како што се менуваат времињата и општествените реалности. Уставотворците уредувајќи го начелото на јавност, во тој историски моментум во 1991 година, сметале дека истото, како есенцијално важно начело во едно демократско општество, каузално поврзано со цел сет на човекови слободи и права, особено правото на фер судење, правото на пристап до информации, се задоволува само со јавност при расправата и со јавноото изрекување на пресудите. Во тој историски момент на општествена реалност која ги артикулирала и степенот на развој на човековите права и слободи, уставотворецот сметал дека со овие два сегменти се задоволува ова начело кое во суштина треба да биде брана против самоволието, арбитрарноста, со конечна цел да ја зголеми довербата во судскиот систем. Но, дали и денес после 32 години од уредувањето на уставното начело, ваквото толкување и пристап се доволни за начелото на јавност да ја исполни својата цел во потполност? Одговорот е секако не!

Два факти за правилно толкување на ова начело vis a vis оспорената одредба се исклучително релевантни.

Првиот, дека начелото на јавност во ера на дигитализација, добива нова драматично поинаква од во минатото природа, форма, каратеристики, содржина, опфат и потреби. И вториот, поврзан со општествената реалност, каква и колкава е довербата во правосудниот систем во дадениов момент?

Во однос на првиот факт, развојот на информатичките технологии, недвосмислено доведе до крупни промени во сите аспекти на општественото живеење, вклучително и во судството како посебна власт. Како за сите во општеството, така и во судството, интернетот донесе револуција. Дигиталните алатки, денес, не претставуваат само можност, напротив тие денес преставуваат стандард. Уставот на Република Северна Македонија е донесен во 1991 година, во една сосема друга ера неспоредлива со денешната ера на дигитализацијата. Дигитализацијата на судскиот систем претставува дел од развојните промени и потреби во демократските општества со цел да даде придонес во транспарентноста, ефективоста и довербата на јавноста во судскиот систем.

Во тој контекст, денес во многу правни системи, начелото на јавност во судството не се задоволува само со двата традиционални аспекти, односно само со јавност на расправата и јавното изрекување на пресудите. Правото на јавна расправа и правото на јавно објавување на пресудата се две посебни права. Фактот дека доколку кое било од овие права не е повредено, само по себе не значи дека другите права не можат да бидат прекршени. Несфатливо е дигиталните алатки како можност и потреба за унапредување на начелото на јавност во судските постапки да се користат само за традиционалното разбирање на јавноста, пример онлајн пристап до расправа пред суд, или онлајн јавност при изрекување на пресуда, онлајн датотеки на пресуди, а истите да не бидат апликативни и за објавување на неправосилна пресуда. Голем број правни системи, вклучително и практиката на Европскиот суд за човекови права, денес на начелото на јавност гледа низ призмата на правото на правично судење гарантирано со член 6 од Европската конвенција. Зборовите „право на правично и јавно судење во разумен рок“ – толкувано низ призмата на живиот конституционализам, развојот на слободите и правата на граѓанинот денес, важноста на принципите како правично судење, право на примање и ширење информации, одговорноста на судиите, транспарентноста, јавниот интерес, неминовно налага екстензивно, најшироко можно толкување. Толкување, во смисла јавното судење да биде разбрано како процес во кој пристапот до расправата, изрекувањето на пресудата, објавувањето на неправосилните пресуди, неопходно е да биде разбрано како системско поврзано и апсолутно право, ограничено само во исклучоци предвидени со Европската конвенција, Устав или закон. Во овој контекст, со текот на годините, Европскиот суд за човекови права разви опсежна доктрина за тоа како треба да се толкуваат овие зборови, вклучително и во однос на прашањето за објавување на интернет на сите одлуки на судовите, и правосилните и неправосилните.

Ова начело овозможува граѓаните да бидат информирани за постапувањето на судовите во поединечни случаи. Особено е голем и значаен интересот на јавноста за т.н високо профилирани случаи, како случаи на злоупотреби на јавните средства и ресурси, од коешто се засегнати сите граѓани и имаат легитимен интерес за исходот од тие случаи. Граѓаните имаат право да бидат информирани кои се лицата кои го нарушуваат општествениот поредок со извршување на кривичните дела особено за високопрофилирани и од јавен интерес случаи. Во тој контекст проширувањето на опфатот на начелото на јавност во смисла на јавно објавување на веб-страните на судовите и на пресудите кои не се правосилни е во согласност со принципот на неопходност во едно демократско општество со цел градење на доверба на граѓаните во правосудниот систем. Јавниот пристап до пресудите го посакува правната сигурност, а правната сигурност е есенцијалниот сегмент кој е во битието на фундаменталната темелна вредност владеење на правото.

Сегментот транспарентност, исто така денес, споредено со состојбата пред 32 години, има добиено поинакво значење и опфат. Пристапот на јавноста до судот, во смисла на пристап и увид во сите одлуки што ги донесуваат судовите, вклучително како правосилните така и неправосилните, со што во целост се исполнува принципот на транспарентност е, исто така, поврзан суштински со загарантираното право на правично судење, загарантираното право на слободен пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, кои покрај со Уставот, се загарантирани и со член 6 и член 10 од Европската конвенција. Транспарентноста на работата на судовите и на одлуките кои ги носи во оваа смисла не се од значење само за учесниците во постапките во конкретна постапка, тие недвосмислено можат и често во одредени постапки се од значење и интерес на пошироката јавност. Во смисла на одредбите од Конвенцијата и пошироката јавност има право на пристап до судот во најширока можна смисла на зборот „пристап”, што значи пристап до расправата пред судот, пристап до изрекувањето на пресудите, пристап до самите пресуди правосилни или неправосилни, односно до образложенијата и аргументите од кои се раководеле одлучувајќи за правата и слободите на граѓаните. Со такво разбирање на начелото на јавност се овозможува јавна контрола, надзор на работата и одлуките на судовите и судиите, се создава или се губи довербата на јавноста во судовите и судиите, се остварува еднаквост на сите пред Уставот и законот, претставува гаранција против арбитрарност и самоволие, придонесува во единство и усогласеност во примената на законите итн. Ова начело придонесува не само за општествена контрола на судството, туку служи за општ интерес и делува во правец за сузбивање на криминалот, развивање на моралот и општествена дисциплина на граѓаните. Наједноставно речено ова начело претставува право на секој да ја контролира работата на судовите и нивните одлуки, како право кое произлегува од демократското уредување на државата, што подразбира концепција на државата како сервис на граѓаните од кои произлегува суверенитетот и овластувањата на сите државни власти, вклучително и судската. Тоа подразбира дека право на граѓаните да знаат како работат судовите претставува јавен интерес. Секако тоа право, не е апсолутно, и тоа кога ќе се судри со други уставни гарантирани права и слободи, ја налага потребата од исклучоци на исклучување на јавноста во случаи утврдени со Уставот, конкретизирани во закони и тоа уставно оправдано и допуштено со можности за анонимизирање на податоците. Но, самиот факт што Уставот предвидува можност за исклучок, значи дека правилото односно начелото на јавност е општо, генерално правило кое треба да биде толкувано во најширока смисла.

Ова се веќе изградени уставноправни, меѓународни правни стандарди неопходни во едно демократско општество и поредок. Европскиот суд за човекови права во својата практика во повеќе наврати има заземено став дека претпоставка за почитување на принципот од член 6 „секој има право на правично и јавно судење во разумен рок” е начелото на јавност, кое го опфаќа и објавувањето на одлуките на судовите. Европскиот суд за човекви права утврдил дека член 10 од Конвенцијата го штити правото на пристап на информации, наведувајќи дека ускратување на пристапот е облик на индиректна цензура. Самиот Европски суд односно, Европската конвенција предвидува дека ќе се објавуваат само конечните пресуди, но во базата на HUDOC се објавуваат и неправосилните, со посебна назнака кога стануваат правосилни. Во правилата на Судот, во 2019 година е внесено правилото 104 А кое предвидува сите пресуди да се објавуваат во базата на HUDOC, 104 A „Сите пресуди, сите одлуки и сите советодавни мислења ќе бидат објавени, под одговорност на Секретарот, на базата на судска пракса, HUDOC”.

Во однос на вториот факт релевантен во конкретниот случај, мој став и пристап при одлучувањето во Уставниот суд e толкување на уставните норми низ призмата на теоријата на живиот конституционализам. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, не случајно се „прворангирана” темелна вредност на нашиот уставноправен поредок. Тие се темелот на кој се заснова Уставот, тие ја претставуваат смислата и суштината на целовитоста на пишаниот Устав, со единствена цел, преку останатите темелни вредности како што се владеењето на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, преку уставните начела, како начелото на јавност, гаранциите за слободен пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, таквите слободи и права да бидат ефектуирани, гарантирани и заштитени.

Веќе претходно имам изнесено став според кој позитивноста е само едната страна на уставните права, односно, нивната реална или фактичка страна, а покрај тоа, тие поседуваат идеална димензија. Причината за ова е тоа што уставните права, особено оние кои се однесуваат на човековите слободи и права, се права запишани во Уставот со намера да се позитивизираат во „најголема можна мерка”. Идеалниот карактер на човековите права не исчезнува откако ќе се трансформираат во позитивни права, таа е присутна и по нивната позитивизација. Токму потрагата по идеалната димензија, со барања за оптимизација во „најголема можна мерка“ или алтернативите, барање за „гаранција за минимална позиција” или барање за „забрана за голема диспропорција”, налага од законодавецот, особено од уставните судии сериозно да ја разберат и идеалната и реалната димензија на правото. Идеалниот карактер на човековите слободи и права е материја која е подложна на промени и еволуција, материја која со текот на времето добива нова содржина и барања во нивната природа. Во тој контекст, кога уставотворците го уредиле начелото на јавност во судството во самиот Устав и содржината и опфатот на ова начело денес, низ призмата на општествената реалност треба да се толкува истото. Објективни се оценките од независни и непристрасни извори за состојбата и довербата на граѓаните во правосудниот систем денес во Република Северна Македонија, и тие претставуваат неспорен факт. Токму општиот, јавниот интерес и јавното значење на оваа состојба и последиците кои произлегуваат од неа, ја налагаат потребата од екстензивно толкување на ова уставно начекло. Без разлика на причините за таквата состојба, самиот факт дека довербата во правосудниот систем е на историски најниско ниво, налага поинаков пристап кон толкувањето на начелот на јавност, утврдено во член 102 од Уставот.

Во насока на прифаќање на ваквата општествена реалност недвосмислено упатува и усвоениот начелен став на општата седница на Врховниот суд за објавувањето на донесени одлуки на веб-страниците на судовите утврден на 21.12.2022 година, според кој „Судовите, донесените одлуки (пресуди и решенија) кои не се правосилни и кои се однесуваат на предмети од јавен интерес да ги објавуваат на веб-страницата на судот“. Начелниот став на Врховниот суд на Република Северна Македонија за објавувањето на неправосилни судски одлуки е нотиран во Извештајот на Стејт департментот за човековите права за 2022 година. Во Извештајот се истакнува дека со Начелниот став на Врховниот суд како реакција за унапредена транспарентност на судството, се советуваат пониските судови да ги објавуваат не само правосилните, туку и неправосилните судски одлуки, особено во случаите кога се работи за предмети од јавен интерес. Ваквиот начелен став на Врховниот суд е целосно во согласност со начелото на јавност, принципот на транспарентност и одговорност, како и во согласност со правото на слобода на пристап на информации како едно од темелните вредности на човековите права и еден од темелите на секое демократско друштво. Потполна транспарентност на правосудството претставува condition sine qua non на секоја демократска власт.

Оттука, неопходно беше оспорената законска одредба, да се толкува на екстензивен начин, да биде предмет на уставно-судска анализа и низ призмата на општествените реалности и состојби во моментот на одлучување за истата во Уставниот суд. Општествените реалности и потреби се менливи и во случаи кога одредени појави предизвикале одредена општествена состојба, како што е состојбата со историски најниското ниво на доверба во правосудниот систем во нашата држава, таквата потреба налага законодавецот да интервенира во функција на уставно загарантираните основни слободи и права на човекот и граѓанинот, а Уставниот суд своите одлуки да ги носи на начин што нема да ги игнорира таквите општествени реалности.

5. Во контекст на изнесеното, сметам дека Судот требаше да поведе постапка за оценка на уставноста на уставноста на член 99 став 5 во делот „правосилни“ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2006, 62/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019), и суштински да ја испита неговата уставна оправданост и согласност со темелните вредности на Уставот, односно со одредбите од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, како и со член 16 и 102 од Уставот.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Конечно решение У.бр.16/2023