У.бр.61/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 31 мај 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Македонска Каменица бр. 08-398/1 од 27.02.2023 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.19/2023).

2. Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се повредени член 8 став 1 алинеите 3 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија, со кои се утврдени темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои, владеењето на правото и локалната самоуправа, како и член 62 став 3 од Законот за локална самоуправа.

Градоначалникот на Општината наведува дека во Буџетот на Општина Македонска Каменица за 2023 година не биле предвидени финансиски средства за намена – издавање на песни. Имено, не постоела соодветна ставка за исплата на овие средства, туку станувало збор за пропис кој треба да содржи и одредби со кои се утврдуваат изворите на тие средства, како што е предвидено во член 62 став 3 од Законот за локалната самоуправа. За оспорената одлука не постоел ниту подзаконски акт од кој би произлегол правен основ за одобрување на предметните финансиски средства. Од овие причини градоначалникот донел Одлука за запирање на објавувањето на оспорениот акт, но Советот на Општина Македонска Каменица не го усвоил Решението за запирање бр.09-397/1 од 27.02.2023 година.

Имајќи го предвид сето наведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а потоа оспорената одлука да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 20 од Статутот на Општина Македонска Каменица („Службен гласник на Општина Македонска Каменица“ бр.20/19 и 38/20), Советот на Општина Македонска Каменица на ден 27.02.2023 година донел

О Д Л У К А
за усвојување на барање за одобрување на парични средства

Член 1

Со оваа одлука Советот на Општина Македонска Каменица го усвојува барањето за одобрување на парични средства на Дамјан Стоименовски од Македонска Каменица за издавање на песна.
Барањето на Дамјан Стоименовски бр. 08-308/1 од 20.02.2023 година е составен дел на оваа одлука.

Член 2

Од Буџетот на Општина Македонска Каменица ќе се исплатат парични средства во износ од 30.000 денари на трансакциска сметка на Дамјан Стоименовски.

Член 3

Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Македонска Каменица“.

Советот на Општина Македонска Каменица
Претседател,
Анета Стојчевска

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот подобен за уставно-судска анализа, произлегува дека тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.
Од називот и содржината на оспорената одлука неспорно произлегува дека таа е поединечен акт со кој се усвојува барање за одобрување на парични средства на физичко лице за издавање на песна. Оттаму, Одлуката се однесува на точно определен субјект, што значи дека истата регулира односи inter partes, а не е пропис кој на општ начин уредува определени односи и прашања за неопределен круг на субјекти во правото, или нема дејство erga omnes.

Со оглед на тоа што оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и истата претставува конкретен, поединечен акт, барањето за оцена на нејзината уставност и законитост, излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.61/2023
31 мај 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска