У.бр.9/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 10 мај 2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Валентина Тошиќ Мишевска, адвокат од Куманово, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Валентина Тошиќ Мишевска, адвокат од Куманово поднесе барање за заштита на слободите и правата за кои смета дека ѝ се повредени со Решението II П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година, донесено од Основниот суд Куманово и со Решението II ГЖ бр.1344/2022 од 13.10.2022 година, донесено од Апелациониот суд Скопје.

Во барањето подносителката наведува дека била определена како полномошник на тужителот Трајко Пешевски од Куманово, за поведување на судска постапка по тужба за делба на заеднички имот стекнат во брак. Постапката била завршена со донесената Пресуда II П3.бр.4/2021 од 21.09.2021 година, со која делумно е усвоено тужбеното барање на тужителот во делот на главното барање, но во делот на побаруваните трошоци и процесни трошоци во вонпарнична постапка по предлог за обезбедување на докази, не било одлучено. Против првостепената пресуда е поднесена жалба којашто со Пресудата ГЖ.бр.4238/21 од 24.02.2022 година на Апелациониот суд Скопје, била одбиена и е потврдена првостепената пресуда.

Понатаму, во барањето се наведува дека на 24.03.2022 година, подносителката на барањето како полномошник на тужителот вложила поднесок со предлог за дополнување на Пресудата ГЖ бр.4238/21 од 24.02.2022 година на Апелациониот суд Скопје по однос на трошоците на постапката. Во истиот се наведува дека првостепениот суд на страна 5 и 6 од Пресудата II П3.бр.4/2021 од 21.09.2021 година, се повикува на спроведената постапка по предлогот за обезбедување на докази I ВПП 2 бр.44/20 и донесеното решение го прифаќа и изведува како доказ, а за истата не досудува трошоци кои му следуваат на тужителот кој во таа постапка бил предлагач и коишто се барани во тужбата и тужбеното барање, но судот, исто така, непрофесионално и нестручно одлучил кога воопшто не одлучил по истото. И токму за искажаните зборови „првостепениот суд непрофесионално и нестручно одлучил за трошоците во постапката кога воопшто не одлучил по истите“, со Решението II П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година на Основниот суд Куманово, истата се казнува со парична казна од 300 евра во денарска противвредност. Против првостепеното решение била поднесена жалба којашто со Решението II ГЖ бр.1344/2022 од 13.10.2022 година на Апелациониот суд Скопје е одбиена и било потврдено првостепеното решение.

Подносителката во барањето истакнува дека како полномошник на тужителот немала намера, волја, ниту умисла за навреда на првостепениот суд, туку само да укаже на пропустот кој е направен при одлучувањето и донесувањето на првостепената пресуда, односно го изразува само правото на конструктивна критика кон судот, како право на јавно изрзување на мислата кон судот кој не одлучил за побаруваните процесни трошоци поставени во петитумот на тужбата. Подносителката наведува дека со Решението за парична казна, првостепениот суд ја попречил и ограничил слободата на изразување на мислата, односно критика кон судот во рамките на вршењето на адвокатската функција како полномошник, игнорирајќи го фактот дека судот со недонесувањето на одлука за трошоци суштински самиот придонел да дојде до реакција на адвокатот изразена преку писмена форма во предлогот за дополнување на второстепената пресуда во делот на одлуката за трошоци.

Во наводите во барањето, се упатува на основните принципи за улогата на адвокатот усвоени во 1990 година во Хрватска на 8. Конгрес на ООН, ги наведува член 53 и член 54 од Уставот, одредбата од член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, одредбата од член 19 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Препораката 2000 (21) на Комитетот на министри на Советот на Европа, како и одредбите од член 2 и член 21 став 1 од Законот за адвокатурата.

Дополнително, се наведуваат и две пресуди на Европскиот суд за човекови права: Пресудата Morice v France (Апл. бр.29369/10) и Пресудата Bono v France (Апл. бр.29024/22).

Согласно наводите во барањето, се предлага Судот да утврди повреда на слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата со наведените акти на надлежните судови и истите да се поништат, а доколку е потребно да се одржи и јавна расправа. Имајќи предвид дека од извршувањето на оспорените поединечни акти или дејствија можат да настанат неотстранливи или тешко отстранливи последици, подносителката на барањето бара Судот да го стави вон сила извршувањето на Решението до донесувањето на конечната одлука.

4. На седницата врз основа на извршениот увид и анализа на приложените и прибавени докази, Судот ја утврди следната фактичка состојба:

Со Потврдата бр.12-34 од 10.02.2021 година за одобрување на секундарна правна помош од Министерството за правда Скопје – ПО Куманово, издадено на име на тужителот Трајко Пешевски од Куманово за поведување на судска постапка по тужба за делба на заеднички имот стекнат во брак, за давање бесплатна правна помош е определена Валентина Тошиќ Мишевска, адвокат од Куманово.

Основниот суд во Куманово со Пресудата II П3 бр.4/2021 од 07.07.2021 година, делумно го усвоил тужбеното барање на тужителот. Поголемото барање за надомест на трошоци кои се однесуваат за адвокатски трошоци на тужителот за застапување на адвокат, Судот го одбил како неосновано од причина што со Решение од Министерството за правда на тужителот му е одобрена бесплатна правна помош, додека барањето на тужителот за ослободување од судска такса, Судот го одбил како неосновано, задолжувајќи го тужителот да плати судска такса за тужба и судска такса за пресуда. Од страна на полномошникот на тужителот била поднесена жалба против првостепената пресуда, којашто со Пресудата ГЖ.бр.4238/21 од 24.02.2022 година на Апелациониот суд Скопје била одбиена и потврдена првостепената пресуда.

На 24.03.2022 година, полномошникот на тужителот преку Основниот суд Куманово до Апелациониот суд Скопје, вложил до Судот поднесок со предлог за дополнување на Пресудата ГЖ бр.4238/21 од 04.02.2022 година на Апелациониот суд Скопје по однос на трошоците на постапката. Основниот суд Куманово со Решението II.П3 бр.4/2021 од 04.03.2022 година, полномошникот на тужителот, адвокат Валентина Тошиќ Мишевска, за изреченото во предлогот „првостепениот суд непрофесионално и нестручно одлучил за трошоците во постапката кога воопшто не одлучил по истите“ поради груби навреди, со намера да се навреди судечкиот судија и да се посегне по дигнитетот на судот, Основниот суд Куманово, ја казнува со парична казна од 300 евра во денарска противвредност, со рок на плаќање од 8 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно извршување. Незадоволна од Решението на првостепениот суд, истата поднела навремена жалба, со која го побива наведеното решение поради суштествена повреда на одредбите од парничната постапка, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право. Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ 1344/22 од 13.10.2022 година ја одбил жалбата како неоснована и го потврдил првостепеното решение.

5. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право, согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 11 од Уставот, се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 11 став 1 од Уставот е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Член 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Слободите и правата на човекот и граѓанинот, според член 54 од Уставот, можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Според член 10 од Конвенцијата: 1) секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа. 2) Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и неприкосновеноста на судењето.

Адвокатурата, согласно член 53 од Уставот, е самостојна и независна јавна служба, што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Со Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011 и 148/2015), е определено дека адвокатот е слободен, самостоен и независен во својата работа и во рамките на законот, актите на комората и овластувањето самостојно одлучува за начинот на застапување на правата и интересите на странката. Согласно овој закон правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно согласно со закон, кодексот на адвокатска етика и другите акти на комората и како тајна го чува она што му го доверила странката.

Законските основи за казнување на адвокатите во парничната постапка се утврдени во Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), односно во член 102 став 1 од Законот, е пропишано дека со парична казна од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност парничниот суд ќе го казни лицето кое во поднесокот го навредува судот, странката или друг учесник во постапката.

Од извршената анализа на наведените уставни и законски одредби, произлегува дека Уставот ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е генерален за сите поединци, вклучително и на адвокатите во вршењето на нивните должности, но ова не значи дека не постои никакво ограничување при манифестирањето на оваа слобода. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во законски санкционираните дејствија, при што во уставно-правен спор се утврдува дали постои повреда на загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација само ако се утврди случај на повреда на други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Во однос на член 10 од Конвенцијата, според толкувањето на Европскиот суд за човекови права слободата на изразување претставува една од суштествените основи на демократското општество, базичен услов за неговиот прогрес и за развојот на секој човек. Во зависност од став 2 на член 10 од Конвенцијата, тоа е применливо не само во поглед на информации и идеи кои се примаат со наклонетост или кои се сметаат за ненавредливи или за неважни, туку и на оние кои ја навредуваат, шокираат или вознемируваат државата или кој било дел од популацијата. Според Судот, секој „формализам“, „услови“, „ограничување“ или „казна“ наметнато во оваа сфера мора да биде пропорционален на легитимната цел која се остварува. Во однос на постоењето на мешање во слободата на изразување во рамките на првиот став од член 10 од Конвенцијата, а ако е тоа случај, тогаш и дали и таквото мешање може да се оправда според вториот став, Судот го утврдува преку примена на следните три стандарди: I. дали осомничената мерка е „пропишана во закон“; II. дали таа е во функција на остварување на легитимна цел/цели и III. дали е „неопходно потребно“.

6. Врз основа на утврдената фактичка состојба, анализата на уставните и законските одредби, одредбите од Европската конвенција, содржината на оспорените решенија, како и практиката од Европскиот суд за човекови права, во конкретниот случај Судот оцени дека со оспорените решенија кои се однесуваат на адвокат Валентина Тошиќ Мишевска, со кои била казнета со парична казна поради навредување на судот, наведувајќи дека „првостепениот суд непрофесионално и нестручно одлучил за трошоците во постапката кога воопшто не одлучил по истите“, не е сторена повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, утврдени во член 110 алинеја 3, а гарантирана во член 16 од Уставот на Република Северна Македонија и содржана во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Поаѓајќи од специфичната улога на адвокатите во процесот на заштита на правото на нивните странки и во насока на промовирање на целите на правдата, на 8. Конгрес на ООН за превенција на криминалот и третманот на сторителите одржан во Хрватска 1990 година усвоени се Основните принципи за улогата на адвокатот според кои адвокатите треба да уживаат цивилен и казнен имунитет за релевантни изјави дадени во добра верба во писмените или усните искази во своите професионални излагања пред суд, да можат да ги извршуваат своите професионални функции без закани, попречување, малтретирање или несоодветно мешање, да не бидат подложени на законски обвиненија или административни, економски или други санкции кога постапуваат во согласност со професионалните обврски, стандарди и етика.

Во конкретниот случај, според Судот, спорната изјава во предлогот за дополнување на пресудата искажана од страна на подносителката на барањето, не претставува искажано мислење односно критика кон судот, туку истата по својата содржина и природа има карактер на навредлива изјава со обвинувања за професионално и нестручно постапување на судечкиот судија, поради што и прагот на толеранција за ограничување на слободата на изразување оправдано е понизок. Искажувањето на критика којашто го пречекорува вредносниот праг на толеранција со што критиката добива елементи на навреда, односно во околности кога е очигледна намерата на адвокатот во вредносна смисла да го навреди судечкиот судија, а преку тоа да се посегне по дигнитетот на судот, според Судот не може да биде оправдано со тврдењето дека адвокатот со искажаната критика немал намера, волја, ниту умисла за навреда на судечкиот судија, односно дека го изразува само правото на конструктивна критика кон судот, како право на јавно изразување на мислата кон судот.

Европскиот суд за човекови права веќе има изградено стандарди и граници на толеранција на конструктивна критика, како и методи за проверка на исполнувањето на тие стандарди. Имено, адвокатот треба да располага со слобода во изнесување на мислење, ставови и критики сẻ додека тоа го прави во рамките на постапката заради успешно застапување на интересите на клиентите. Природата на искажаните критики/забелешки/ставови, исто така, е важна за Судот кога одлучува за повреда на слободата на изразување, како и тоа дали во конкретен случај станува збор за вредносни ставови искажани од адвокат или пак за пренесување факти.

Спорната изјава по својот карактер и природа содржана во предлогот, гледана сама по себе или како составен дел на останатите наводи од поднесениот предлог за дополнување на пресудата, според оцена на Судот, претставува вредносен суд, а вредносни судови и според практиката на Европскиот суд за човекови права не треба да се докажуваат, освен ако истите немаат никаква фактичка основа.

Не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително. Ова доаѓа до израз особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на приватност, чест и углед, поради што постоењето на баланс треба да се утврди во секој конкретен случај.

Во предметниот случај, имајќи го предвид фактот дека изнесената критика во предлогот за дополнување на пресудата ја надминува границата на можна толеранција, односно ја надминала дозволената граница и со тоа е сторена навреда на судечкиот судија повредувајќи ги неговите чест и углед, според Судот, првостепениот и второстепениот суд утврдувајќи ги сите правно релевантни факти и околности и донесувајќи ги нападнатите решенија, постапиле во рамките на своите законски овластувања, поради што не може да стане збор за повреда на правото на слободата на мислата и јавно изразување на мислата.

Дополнително, имајќи предвид дека постои законска регулатива за ограничување на слободата на изразување при нарушување на редот и дисциплината во текот на судењето и за навреда на судот, поради наведените околности со парична казна, во конкретниот случај, „ограничувањето“ на слободата на изразување со изрекување на казната има легитимна цел, со оглед на тоа што мерката на казнување на адвокатот од страна на судијата е пропорционална и не претставува прекумерно ограничување на слободата на изразување, утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.9/2023
10 мај 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.9/2023