Издвоено мислење по предметот У.бр.9/2023

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Одлуката У.бр. 9/2023 со која Уставниот суд, на седницата одржана на 10 мај 2023 година, одлучи да го одбие барањето на лицето Валентина Тошиќ Мишевска, адвокат од Куманово, за заштита на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, сторено со Решението II П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година, донесено од Основниот суд Куманово и Решението II ГЖ бр.1344/2022 од 13.10.2022 година, донесено од Апелациониот суд Скопје, писмено го образложуваме нашето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. По повод барањето од Валентина Тошиќ Мишевска, адвокат од Куманово, на седницата одржана на 10.05.2023 година, Уставниот суд со Одлуката У.бр.9/2023 одлучи да го одбие барањето за заштита на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија. Несогласни со мнозинството судии, сметавме дека наводите во барањето беа основани, дека Судот требаше да утврди повреда на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата на подносителот на барањето и да ги поништи актите со кои е сторена повредата, поради што гласавме против и со почит ја искажуваме нашата несогласност со аргументите од предметната одлука.

2. Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата наведува дека врз основа на Потврдата бр.12-34 од 10.02.2021 г. за одобрување на секундарна правна помош донесена од Министерството за правда ПО Куманово, на име на тужителот Трајко Пешевски од Куманово, согласно Законот за бесплатна правна помош е определена за давање на бесплатна правна помош за поведување на судска постапка по тужба за делба на заеднички имот стекнат во брак. Во барањето се наведува дека пред Основниот суд Куманово била водена парнична постапка по тужба на тужителот Трајко Пешевски од Куманово за утврдување сопственост на имот стекнат во брачна заедница. Постапката била завршена со донесена Пресуда II П3.бр.4/2021 од 21.09.2021 година, со којашто делумно е усвоено тужбеното барање на тужителот во делот на главното барање, но во делот на побаруваните трошоци и процесни трошоци во вонпарнична постапка по Предлог за обезбедување на докази IВПП 2 бр.44/20 која постапка претходела на постапката по тужба за делба на заеднички имот стекнат во брак, не било одлучено. Поточно првостепениот суд со оспорената пресуда побаруваните трошоци воопшто не ги спомнал ниту пак одлучил за истите. Од страна на полномошникот на тужителот е поднесена жалба против првостепената Пресуда II П3.бр.4/2021 од 21.09.2021 година, којашто со Пресудата ГЖ.бр.4238/21 од 24.02.2022 година на Апелациониот суд Скопје е одбиена и е потврдена првостепената пресуда.

На 24.03.2022 година до првостепениот суд, од страна на полномошникот на тужителот сега подносителка на барањето, е вложен поднесок со предлог за дополнување на Пресудата ГЖ бр.4238/21 од 24.02.2022 година на Апелациониот суд Скопје по однос на трошоците на постапката. Во предлогот за дополнување на второстепената пресуда, се наведува дека првостепениот суд на страна 5 и 6 од Пресудата II П3.бр.4/2021 од 21.09.2021 година, се повикува на спроведената постапка по предлогот за обезбедување на докази I ВПП 2 бр.44/20 и донесеното решение го прифаќа и изведува како доказ, а за истата не досудува трошоци кои му следуваат на тужителот кој во таа постапка бил предлагач и коишто се барани во тужбата и тужбеното барање, но судот исто така непрофесионално и нестручно одлучил кога воопшто не одлучил по истото.

Подносителката на барањето, наведува дека веднаш по доставувањето на предлогот за дополнување на Пресудата ГЖ бр.4238/21 од 24.02.2022 година на Апелациониот суд Скопје, Основниот суд Куманово изготвува Решение II П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година со која истата како полномошник на тужителот се казнува со парична казна од 300 евра во денарска противвредност. Во благовремен рок доставена е жалба по истото, при што со Решението ГЖ бр.1334/22 од 13.10.2022 година донесено од Апелациониот суд се одбива жалбата и се потврдува Решението II П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година на Основниот суд Куманово.

Во барањето, подносителката истакнува дека како полномошник на тужителот со употребените зборови во поднесокот – предлог за дополнување на пресудата „но судот исто така непрофесионално и нестручно одлучил кога воопшто не одлучил по истото”, немала намера, волја ниту умисла за навреда на првостепениот суд, туку само да укаже на пропустот кој е направен при одлучувањето и донесувањето на првостепената пресуда, односно го изразува само правото на конструктивна критика кон судот, како право на јавно изрзување на мислата кон судот кој не одлучил за побаруваните процесни трошоци поставени во петитумот на тужбата. Понатаму, во барањето се наведува дека со Решението за парична казна, првостепениот суд ја попречил и ограничил слободата на изразување на мислата-критика кон судот во рамките на вршењето на адвокатската функција како полномошник игнорирајќи го фактот дека судот со недонесувањето на одлука за трошоци суштински самиот придонел да дојде до реакција на адвокатот изразена преку писмена форма во предлогот за дополнување на второстепената пресуда во делот на одлуката за трошоци.

3. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Член 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Во член 110 алинеја 3 од Уставот, е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба, што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Слободите и правата на човекот и граѓанинот, според член 54 од Уставот, можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Во Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права во член 19 став 1 е утврдено дека никој не може да биде вознемируван поради своето мислење. Според ставот 2 на овој член, секој има право на слобода на изразување, тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират известувања и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма или со кое било друго средство во свој избор. Во ставот 3 истиот член, остварувањето на слободата предвидена во став 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица; б) за заштита на националната безбедност или јавниот поредок или јавното здравје или морал.

Согласно член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, која со Закон е ратификувана во нашата земја („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997):

„1) секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слобода на мислење и слобода на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
2) Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето“.

Според став 20 од Основните начела за улогата на адвокатите (усвоени во 1990 година на Осмиот конгрес на Обединетите нации за спречување на криминалот и третманот на сторителите), адвокатите уживаат „граѓански и кривичен имунитет во однос на своите релевантни изјави дадени со добра намера во нивните писмени поднесоци или во текот на усменото професионално постапување пред судовите, трибуналите или било кои други судски или управни органи”.

4. Уставно-судската практика и релевантна практика на Европскиот суд за човекови права, во која утврдува повреда на слободата на изразување втемелена во член 10 од Конвенцијата за заштита на човековите слободи и права, а коишто се однесуваат на слободата на изразување на адвокатите, кои беа игнорирани од мнозинството судии во конкретниов случај е следнава:
– Уставниот суд со Одлуката У.бр. 57/2019 од 29.05.2019 година, утврдил дека на лицето Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје и лицето Панче Тошковски, адвокат од Скопје, им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, и ги поништил решенијата донесени од Основниот суд Скопје 1 Скопје, и од Апелациониот суд Скопје, со кои била сторена повредата.

– Пресудата на Големиот Судски Совет, Morice v France од 23.04.2015 година, (Апл.бр.29369/10). Европскиот суд за човекови права, преку наведениот предмет, ги анализирал следниве прашања, со цел да утврди дали постои повреда на слободата на изразување на адвокатите: Статусот на апликантот како адвокат, придонесот на критиката кон дебата од јавен интерес, природата на изнесената критика, специфичните околности на случајот и изречената санкција. Во поглед на првата точка, статусот на апликантот, ЕСЧП, наведува дека е особено важно да се цени дали адвокатот ја искажал својата критика/забелешка, во рамки на судницата или надвор од неа. Забелешките испратени до Судот, во рамки на судницата, треба да имаат поголем степен на толеранција, од причина што адвокатот има слобода на изразување при бранењето на интересите на својот клиент. Критиките упатени во судница, може да се подведат и под принципот на правично судење и правото на одбрана на интересите на клиентот. Второто прашање, кое треба да се има предвид, при изрекување санкција кон адвокат, за искажана критика до судот, е видот на критиката која била упатена од негова страна. Особено е важно дали критиката може да допринесе за дебата од јавен интерес, дебата за функционирањето на правосудниот систем. Доколку критиката е кажана во овој контекст тогаш ужива поголема заштита во рамки на слободата на изразување, особено што казнувањето на адвокати, треба да биде исклучок, а не правило во едно демократско општество. Третото прашање, природата на искажаните критики/ забелешки/ставови, исто така е важна, за ЕСЧП, кога одлучува за повреда на слободата на изразување. ЕСЧП цени дали во конкретен случај станува збор за вредносни ставови искажани од адвокат или пак за пренесување на факти. Спецификите на случајот, во кој постапувал адвокатот и искажал критика, се битна алатка за ЕСЧП. Тој смета дека треба да се гледа целиот контекст на случајот, а не само сегменти. Улогата на адвокатот особено во правосудниот систем, е постојано нагласувана од Судот, кој вели дека обврска на адвокатот е да се бори со сите расположливи средства при одбраната на интересите на својот клиент и во негов најдобар интерес. Конечно, ЕСЧП ја цени санкцијата која била изречена кон адвокатот. Санкцијата ја цени од причина што истата може да доведе кон т.н. „chilling effect“ (ефект на ладење) на адвокатот при давање одбрана за клиентот. Изречената санкција, може да има диспропорционален ефект во практикување на слободата на изразувањето, да не постои легитимна цел за нејзино изрекување и да не е соодветна и неопходна во едно демократско општество, што води кон повреда на член 10 од Европската конвенција за човековите слободи и права.

– Во пресудата на Големиот Судски Совет, Bono v France од 15.12.2015 година, (Апл.бр.29024/11), Судот утврдил дека критиките на апликантот останале внатре во „судницата“, бидејќи биле содржани во писмени тврдења. Затоа, тие не биле способни да го поткопаат или загрозат функционирањето на правосудниот систем или угледот на судството кај пошироката јавност.

– Во пресудата на Големиот судски совет од Amihalachioaie v Moldavy од 20.04.2004 (Апл.бр.60115/00) Судот во Стразбур нашол дека иако критиките на жалителот имаат извесни елементи на недостиг на почит за Уставниот суд и неговата одлука, тие не можат да се опишат како тешки или навредливи за судиите на Уставниот суд, а во однос на паричната казна иако изгледа дека е скромен износ (360 леи – еквивалент на 36 евра), наметната на жалителот тој износ бил близу до максималниот што можел да се наметне согласно законодавството. Во светлина на тие согледувања, Судот утврдил дека немало никаква „неодложна општествена потреба“ да ја ограничи слободата на изразување на жалителот и дека националните органи не обезбедиле „релевантни и доволни“ причини за да се оправда таквото ограничување на слободата и казнувањето. Бидејќи жалителот не ги надминал границите на прифатлива критика согласно член 10 од Конвенцијата, попречувањето сторено од Уставиот суд што е во прашање, не може да се смета како „непходно за едно демократско општество“ и со Пресудата утврдил дека постоела повреда на член 10 од Конвенцијата.

5. Нашите аргументи во текот на расправата беа следниве:

Поаѓајќи од фактот дека уставната функција на Уставниот суд е да ги штити правата на човекот и граѓанинот, дека Уставот утврдува и дефинира во член 110 алинеја 3 непосредно и директно остварување на таа функција, произлегува дека на тој начин уставотворецот воспоставил уставно-судска заштита според начелото дека апсолутно сите акти и дејствија на државната власт, (поточно од носителите и органите на трите власти – законодавната, извршната и судската) на ист начин подлежат на оцена на нивната уставност, како и на уставно-судска заштита кога се во прашање правата и слободите на човекот и граѓанинот. Уставното значење и целта на институтот барање за заштита на слободите и правата не се постигнува со декларативно утврдување на постоење на повреда на правата, туку се постигнува со отстранување на последиците што произлегле од констатираната повреда, без разлика кој државен орган е донесувач на оспорениот акт како што во конкретниов случај станува збор за решенија на Основниот суд Куманово и Апелациониот суд Скопје. Во таа смисла „не постои однос на конкуренција или меѓусебно исклучување меѓу уставно утврдената надлежност на Уставниот суд за постапување по барање за заштита на слободи и права и законски утврдената надлежност на судовите од општа и посебна надлежност, ниту пак подложувањето на судските одлуки на уставно-судска контрола во постапката по барање за заштита на слободите и правата имаат значење на уставно забранета вонсудска контрола на судски одлуки, бидејќи секако не се работи за одлучување „за иста работа“. Двата вида правна заштита се остваруваат во посебни и независни постапки, од независни тела, со цел под покровителство на Уставот во правниот поредок да се обезбеди целосна заштита на правата и слободите загарантирани со Устав, поради што и целта на самиот Устав била покрај системот на редовна судска, да предвиди и посебна уставно-судска заштита, посебно средство за правна заштита во вид на барање за заштита на со Устав утврдените слободи и права, дозволено против поединечни акти и дејствија на сите државни органи, што неспорно ги опфаќа актите и дејствијата на судските органи. Самиот уставно уреден однос кој се карактеризира со експлицитно уставно воспоставување непосредна уставно-судска заштита на човековите права и слободи, со истовремено уставно определување дека судските одлуки се засноваат на Уставот, подразбира дека судските одлуки мора да ги почитуваат, пред сè, човековите права и слободи, како нивно вредносно јадро. Како што во постапката на нормативна контрола Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и законитоста на прописите, така и во постапката на барање за заштита на слободите и правата Уставниот суд ја оценува согласноста на судските одлуки со уставно загарантираните човекови права и слободи. Основата на двата вида постапки е намерата на уставотворецот сите акти на јавна власт да бидат подредени на Уставот, односно на правата загарантирани со Уставот.

Како што е „природно“ од констатацијата на Уставниот суд при апстрактна нормативна контрола дека правната норма не е во согласност со Уставот, произлегува и разбирливата и единствена можна последица дека општата норма го губи својството на важечко право. Идентично, по констатацијата дека судска одлука со која е повредено „конкретно уставно право“ мора неминовно да следи невалидност (ништовност) на поединечен акт на судската власт којшто е во спротивност со Уставот. Само на тој начин, овој институт (барање за заштита на слободи и права утврдени во Уставот во член 110 алинеја 3) може да претставува ефективен механизам за отстранување на последиците од утврдената повреда на правата, што упатува на одлука на Уставниот суд со таков ефект што во најголема можна мера ќе обезбеди ефикасен начин за отстранување на последици од утврдената повреда на уставните права и слободи.

Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита од страна на Уставниот суд, согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Северна Македонија не содржи ниту специјална ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги притоа предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Врз основа на утврдената фактичка состојба, анализата на уставните и законските одредби, деловничките одредби, одредбите од меѓународните акти, содржината на оспорените решенија, како и практиката од Европскиот суд за човекови права, сметаме дека со оспорените решенија кои се однесуваат на адвокат Валентина Тошиќ Мишевска, со кои била казнета со парична казна поради навредување на судот, наведувајќи дека „првостепениот суд непрофесионално и нестручно одлучил за трошоците во постапката кога воопшто не одлучил по истите“, сторена е повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, утврдени во член 110 алинеја 3, а гарантирана во член 16 од Уставот на Република Северна Македонија и содржана во член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Според толкувањето на Европскиот суд за човекови права во однос на член 10 од Конвенцијата, слободата на изразување претставува една од суштествените основи на демократското општество, базичен услов за неговиот прогрес и за развојот на секој човек. Во зависност од став 2 на член 10 од Конвенцијата, тоа е применливо не само во поглед на информации и идеи кои се примаат со наклонетост или кои се сметаат за ненавредливи или за неважни, туку и на оние кои ја навредуваат, шокираат или вознемируваат државата или кој било дел од популацијата. Според Судот, секој „формализам“, „услови“, „ограничување“ или „казна“ наметнато во оваа сфера мора да биде пропорционален на легитимната цел која се остварува. Во однос на постоењето на мешање во слободата на изразување во рамките на првиот став од член 10 од Конвенцијата, а ако е тоа случај, тогаш и дали и таквото мешање може да се оправда според вториот став, Судот го утврдува преку примена на следните три стандарди: I. дали осомничената мерка е „пропишана во закон“; II. дали таа е во функција на остварување на легитимна цел/цели и III. дали е „неопходно потребно“.

Европскиот суд за човекови права веќе има изградено стандарди и граници на толеранција на конструктивна критика, како и методи за проверка на исполнувањето на тие стандарди. Според Судот, адвокатот треба да располага со слобода во изнесување на мислење, ставови и критики сẻ додека тоа го прави во рамките на постапката заради успешно застапување на интересите на клиентите. Природата на искажаните критики/забелешки/ставови, исто така, е важна за Судот кога одлучува за повреда на слободата на изразување. Европскиот суд за човекови права цени дали во конкретен случај станува збор за вредносни ставови искажани од адвокат, или пак за пренесување факти. Спецификите на случајот во кој постапувал адвокатот и искажал критика се битна алатка за Судот. Тој смета дека треба да се гледа целиот контекст на случајот, а не само сегменти. Улогата на адвокатот, особено во правосудниот систем, е постојано нагласувана од Европскиот суд за човекови права, кој вели дека обврска на адвокатот е да се бори со сите расположливи средства при одбраната на интересите на својот клиент и во негов најдобар интерес. Казнувањето на адвокат во рамките на судница за искажан критички став од вредносна природа или заснован на факт, кој е во границите на дозволениот праг на толеранција треба да биде исклучително ретко, само во случаи кога е неопходно потребно, и кога постои легитимна цел.

Во поглед на тоа дали адвокатот ја искажал својата критика/забелешка во рамките на судницата или надвор од неа, неспорно е дека спорната изјава била упатена во писмен поднесок до судот, односно во предлогот за дополнување на Пресудата ГЖ бр.4238/1 од 24.03.2022 година донесена од Апелациониот суд Скопје. Спорната критика изјавена во предлогот која се наведува како навредлива се однесува на постапувањето на судот по однос на делови од барањата во поднесената тужба. Истата не е насочена лично кон судечкиот судија како што се наведува во образложението на оспореното решение донесено од страна на првостепениот суд, дека именуваната со наведеното однесување посегнала по дигнитетот на судот, со очигледна намера да се навреди судечкиот судија, а се со цел ретрибуција за делумниот успех во спорот на тужителот застапуван од нејзина страна, туку се однесува на начинот на којшто во однос на истите барања било одлучено, односно неодлучено поради што истата не би можела да се оквалификува како лична навреда кон судечкиот судија. Покрај наведеното согласно стандардите и праксата на Европскиот суд за човекови права, критиките искажани во рамките на судницата како што впрочем се третира и писмениот поднесок на барателката, подлежат на поголем степен на толеранција, но во конкретниот случај, судовите со оспорените решенија не покажале таков повисок праг на толеранција за изнесените критики.

Што се однесува до видот на критиката и дали истата може да допринесе до дебата од јавен интерес, во конкретниот случај искажаната критика е дадена во судска постапка во писмен поднесок, составен од адвокатот како ангажиран полномошник на тужителот, во функција на вршење на адвокатската дејност или професија со цел странката што го ангажирала да биде успешна во спорот, без сомнение преку примена на достапно правно средство, му предложил на судот да ја дополни пресудата во конкретните делови, и на таков начин да ги заштити интересите на странка. Притоа поднесокот бил достапен како содржина на мал круг луѓе, ангажирани според природата на работите во парничната постапка, поради што актите по предметот не можат според својот карактер да им бидат достапни на увид на непознати и неангажирани лица во постапката, односно лица од пошироката јавност. Според тоа не е јасно од каде произлегува тврдењето на првостепениот и второстепениот суд дека со изнесената изјава се посегнува кон дигнитетот на судот. Оттука, сметаме дека службениците во судовите не треба да се третираат како трети лица, имплицирајќи дека поднесокот бил комунициран во пошироката јавност. Напротив, доставувањето на предлогот за дополнување на Пресудата имало несомнен службен и интерен карактер и за него јавноста воопшто не е информирана, што преставува основ за заклучокот дека инкриминираната изјава имала и крајно ограничен ефект, што треба да биде важен фактор на одлучувањето. Според тоа, таквата изјава не била способна да го загрози угледот на судството кај пошироката јавност, особено што адвокатот треба да биде во можност да го насочи вниманието на јавноста кон потенцијалните пропусти во правниот систем, а судството може да извлече придобивки од конструктивна критика.

Анализата на предмет поврзан со клевета или навредa, налага да се утврдува дали се работи за изјава заснована на факти или, пак, се работи за изјава која преточува вредносно оценување. Изјавата заснована на факти налага и докажување додека, од друга страна, изјавите во врска со вредносното оценување не налагаат поткрепеност со доказ но, сепак, мора да постои некаков видлив концепт на основаност кој ќе се темели на добра волја да се покрене широка јавна дебата. Дури и вредносните оцени мора да почиваат на одредена фактичка основа, а поврзаноста меѓу фактичката основаност и вредносната оцена ќе варира во зависност од околностите на случајот. Согласно стандардите утврдени од Европскиот суд за човекови права за улогата на адвокатурата, како и уставната поставеност на адвокатурата, сметаме дека спорната изјава наведена во предлогот за дополнување на пресудата на полномошникот на тужителот, по својата природа може да потпадне и како критика заснована на факти, од причина што судот знаејќи ги сите факти на случајот не одлучил, односно не се произнел во пресудата за делот од тужбеното барање за кое се заснова поднесениот предлог за дополнување на пресудата, но и како вредносна оценка за конкретната ситуација. Но, според наше мислење, без разлика на природата на наведената спорна критика, со истата не се надминуваат ниту стандардите ниту границите на дозволена и конструктивна критика на судот, особено имајќи го предвид фактот дека ваквите критики уживаат повисок праг на толеранција во случаите кога се дадени и останале внатре во судницата, со што не можат да го загрозат функционирањето на правосудниот систем или угледот на судството кај пошироката јавност (став утврден од страна на Европскиот суд за човекови права во пресудата Bono v France).

Оспореното ограничување на слободата на изразување на мислата и јавното изразување на мислата коешто е сторено со казнување на адвокатот со парична казна, иако е предвидено со закон и иако било насочено кон остварување на легитимна цел, не било неопходно да се примени од страна на судовите во конкретната парнична постапка со изрекување на парична казна за полномошникот на тужителот како дел од постапка на предметот, имајќи предвид дека од друга страна легитимни биле очекувањата и на адвокатот како учесник во постапката во својство на полномошник на тужителот, судот да одлучи во однос на сите барања во поднесената тужба. Сметаме дека во конкретниот случај, нема никаква „неодложна општествена потреба“ да се ограничи слободата на изразување на полномошникот на тужителот, дополнително што, надлежните судови во своите образложенија не обезбедиле „релевантни и доволни“ причини за да се оправда таквото ограничување на слободата и казнувањето. Според тоа, според наше мислење, забелешката односно спорната изјава дадена од адвокатот во предлогот како дел од парничната постапка не претставува посегнување по дигнитетот на судот ниту пак намера за лична навреда на судечкиот судија, туку критика насочена кон работата на судството која била „од процесен карактер“.

Имајќи предвид дека постои законска регулатива за ограничување на слободата на изразување при нарушување на редот и дисциплината во текот на судењето и за навреда на судот, поради наведените околности, со парична казна, во конкретниот случај, „ограничувањето“ на слободата на изразување со изрекување на казната не било неопходно во едно демократско општество, со оглед на тоа што мерката на казнување на адвокатот од страна на судијата е непропорционална и претставува прекумерно ограничување на слободата на изразување, спротивно на член 110 алинеја 3 од Уставот, во делот на заштитата на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, а гарантирани со член 16 став 1 од Уставот, со што се повредува и член 10 од Конвенцијата.

6. Доколку на ваков начин се толкуваат уставните вредности и норми, практиката на Уставниот суд и на ЕСЧП vis a vis аргументите на подносителот на барањето и утврдената фактичка состојба, сметаме дека во конкретниот случај Уставниот суд требаше да утврди повреда на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и да ги поништи актите со кои истата е сторена, Решението II П3 бр.4/2021 од 24.03.2022 година, донесено од Основниот суд Куманово и Решението II ГЖ бр.1344/2022 од 13.10.2022 година, донесено од Апелациониот суд Скопје.

Но, за жал, мнозинството судии неосновано и неоправдано ја игнорираше практиката и на Уставниот суд и на Европскиот суд за човекови права и одби да ја примени на конкретниот случај и покрај неспорниот факт што од таа практика произлегуваат стандарди кои се лесно воочливи и се и мораше да бидат апликативни на конкретното барање.

Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,

д-р Дарко Костадиновски
Насер Ајдари

Конечна одлука У.бр.9/2023