Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 23.05.2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020) во целина и посебно оспорените член 4 став 2 и член 29 ставови 2 и 3 од означениот закон.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:
– Указот за прогласување на Законот за јавното обвинителство бр.08-1411/1 од 16 февруари 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020);
– член 110 ставови 1, 2 и 3 и член 113 од Законот означен во точката 1 од ова решение и
– деловите на иницијативите со кои се бара меѓусебна оцена на согласноста на означените акти во точката 1 и точка 2 алинеи 1 и 2 од ова решение со одредбите од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 91/2008, 119/2010 и 23/2013) и одредбите од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2001, 98/2002, 9/2003, 47/2003, 64/2003, 67/2003, 51/2006, 5/2007, 15/2007, 26/2007, 30/2007, 58/2007, 105/2007, 116/2007, 129/2007, 157/2007, 29/2008, 51/2008, 86/2008, 114/2008, 42/2009, 62/2009, 141/2009, 162/2009, 40/2010, 83/2010, 166/2010, 172/2010, 95/2011, 151/2011, 170/2011, 67/2013, 145/2014, 62/2015, 41/2016 и 153/2016).
3. Тодор Петров од Скопје, како претседател на „Светскиот македонски конгрес“, Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе и Михајло Маневски од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа одделни иницијативи за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
– Во иницијативата поднесена од „Светскиот македонски конгрес“ се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземале согласно оспорените акти, бидејќи истите не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1, член 75 став 1 и член 106 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 95 став 2, член 96 став 1, член 97, член 103, член 173 став 1 и член 174 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, а во врска со член 61 став 2 и член 67 став 2 од Уставот.
Во продолжение на иницијативата се цитираат сите означени одредби (во целост, а не само означените ставови, како и член 52 од Уставот), а потоа подносителот дава свој коментар по однос на правното значење на означените и цитирани одредби.
Според подносителот на иницијативата при гласањето за Законот за јавното обвинителство на одржаната седница на 16 февруари 2020 година не е постигнато потребното двотретинско мнозинство, како што предвидува член 106 став 4 од Уставот, затоа што за Законот гласале 74 пратеници, 23 гласале против и немало воздржани.
Спротивно на правата на претседателот на Собранието утврдени во Уставот и Деловникот на Собранието веднаш по гласањето претседателот изјавил: „гласањето го поништувам“ со што овозможил обраќање на пратениците Лилјана Поповска и Ферид Мухиќ без да ги соопшти резултатите од гласањето во согласност со член 97 став 7 и член 103 од Деловникот.
За жал, претседателот на Собранието спротивно на Уставот и Деловникот повикал на повторно гласање и со резултат 80 гласа „за“ и ниту еден глас „воздржан“ соопштил дека Законот е донесен и покрај процедуралните забелешки од пратениците во Собранието дека Законот не бил донесен.
Се разбира, ниту можело да се повтори гласањето со поименично утврдување на резултатите од гласањето, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник поддржан од најмалку десет пратеници, затоа што предлогот не добил пет гласа повеќе или помалку од потребното двотретинско мнозинство за неговото донесување согласно член 97 став 2 од Деловникот.
Спротивно на член 67 од Уставот претседателот на Собранието не го применил Деловникот, туку постапил спротивно на службената положба и го прекршил Уставот. На тој начин постапил спротивно и на член 61 од Уставот, бидејќи ги пречекорил овластувањата и ја повредил службената положба, постапил спротивно на Уставот во кој е утврдено дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Устав и со Деловник.
Имајќи предвид дека Законот не бил донесен, преседателот на Собранието постапил спротивно и на член 173 став 1 од Деловникот, бидејќи Предлог-законот го доставил до претседа-телот на Републиката заради потпишување на Указот за прогласу-вање на Законот за јавното обвинителство, кој не бил донесен. Недонесен закон не може да биде прогласен со указ, од каде преседателот на Собранието, во овој случај постапил спротивно на член 75 став 1 од Уставот, бидејќи поднел указ до претседателот на Републиката за прогласување на закон што не бил донесен во согласност со Уставот и Деловникот. Имајќи предвид дека Законот не бил донесен постапил спротивно и на член 52 од Уставот, бидејќи пристапил кон негово објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Врз основа на наведеното се предлага Судот по спроведената постапка да ги поништи оспорените акти.
– Во иницијативата поднесена од Томе Тодоровски од Свети Николе се наведува дека оспорените акти се во спротивност со членовите: 1, 2, 8, 51, 52, 61, 67, 75 и 106 од Уставот, како и со членовите: 95, 96, 103, 104, 173 и 174 од Деловникот на Собранието.
Имено, од оспорениот указ може да се забележи дека е потпишан од страна на претседателот на Републиката и од страна на претседателот на Собранието. Притоа на 16.02.2020 година претседателот на Собранието излегол од својата надлежност и спротивно на Деловникот за работа и Уставот го поништил без никаква причина гласањето на Законот за јавното обвинителство поради што ги повредил темелните вредности на уставниот поредок, грубо го повредил владеењето на правото поради што била доведена во прашање правната сигурност во уставниот поредок. Ако се погледне начинот на „донесување“ на Законот не може да се зборува за владеење на правото, туку за владеење на „хаос, анархија и безредие“ имајќи ги предвид сите злоупотреби и прекршувања на Деловникот при „донесувањето“, односно недонесувањето на Законот.
Оттаму, подносителот предлага Судот да ги прибави стенографските белешки или пак видеоматеријалот од седницата од кои јасно може да се види дека кога претседателот на Собранието повикал на гласање за Законот гласале 74 пратеници, а против 23. Според тоа Законот не го добил потребното мнозинство или 81 глас и согласно Деловникот се смета дека тој не е донесен по што требало да се премине на друга точка од дневниот ред. Во моментот кога претседателот на Собранието видел дека Законот не е изгласан го поништил гласањето што е спротивно на Деловникот, затоа што во Деловникот никаде не пишува дека претседателот на Собранието може да поништи завршено гласање во кое еден закон не е донесен и истиот не можел да не ја почитува јасно искажаната волја на 119 пратеници, не може да се повика на ново гласање, бидејќи истото било завршено. Ова било еднострано поништување од страна на претседателот на Собранието, поради тоа што не постоела одредба за такво постапување.
По завршувањето на гласањето тој бил должен и требало само да констатира дека Законот за јавното обвинителство не е донесен бидејќи немало потребно мнозинство од 81 глас, во кој момент требало да се почитува Деловникот и да се кажат добиените гласови за (74) и против (23), како и тоа дека Законот не е донесен. Според Деловникот, претседателот на Собранието не може да поништи гласање за еден закон што не добил потребно мнозинство и не може веднаш да го стави неизгласаниот закон на повторно гласање. Ставањето на Законот на повторно гласање било грубо кршење и непочитување на Деловникот на Собранието, така што ова претставува еден од низата преседани и кршења на Деловникот.
Повеќе од јасно било дека претседателот на Собранието немал деловничко право, немал деловничка надлежност и немал никакво овластување да постапи на наведениот начин, бидејќи бил должен да постапува согласно Деловникот и да се грижи за неговата примена. Заради ова тој немал надлежност и да го достави оспорениот закон на потпис кај претседателот на Републиката и сето ова било спротивно на Уставот и Деловникот. Указот бил злоупотребен од страна на претседателот на Собранието, а бидејќи се барало да се прогласи Закон што воопшто не постоел во законската регулатива. Недозволиво било, не можело и не смеело со „класична злоупотреба“ на службената должност и овластување, со недозволиво поништување на гласање, недозволиво повторно гласање и еден потпис претседателот на Собранието да прогласи со указ недонесен закон, од каде ова го немало „никаде во светот“. Не смеело спротивно на националните и државните интереси и кршење на Уставот и Деловникот и непочитување на резултатот од гласањето, спротивно на Уставот да се објави Законот, та така ли се остварувало владеењето на правото и вака ли треба да функционира Собранието и претседателот на Собранието во иднина?
Од сето наведено предлага Судот да ги поништи оспорените акти и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните дејствија и акти што се преземаат врз основа на нив. Ова од причина што постоела можност од предизвикување на штетни правни последици пред сẻ во работата на кривичните судови, бидејќи постоеле два закони кои регулирале иста правна материја на различен начин, а во примената на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривичната постапка доаѓало до судир или колизија со што ќе се создадел хаос.
– Во иницијативата на Михајло Маневски се наведува дека постои повреда на владеењето на правото како темелна уставна вредност од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51, член 52 став 3, член 91 став 1 алинеја 2, член 106 став 1 од Уставот и Амандман X став 2 на Уставот, повреда на член 95, член 96, член 103, член 132 и член 170 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Собранието и на член 65 од Деловникот на Владата
Сторените тешки повреди на Уставот, како и на повеќе одредби од Деловникот на Собранието и Деловникот на Владата подносителот на иницијативата подробно ги образлага во два посебни дела на иницијативата и тоа:
1. Повреди на Уставот и процедурата при предлагање и донесување на Законот за јавното обвинителство и
2. Материјално-правни одредби од Законот за јавното обвинителство спротивни на Уставот.
Во првиот дел од иницијативата преку повикување и цитирање на одредби од Деловникот на Собранието и Деловникот на Владата се дава приказ на историјатот на оспорениот Закон за јавно обвинителство почнувајќи од поднесувањето на предлогот за носење на оспорениот закон во скратена постапка од 9 февруари 2020 година, па сẻ до 16.02.2020 година кога Законот е донесен. Опфатени се повеќе моменти од процедурата на носење на Законот како: од кого и кога бил подготвен Предлог-законот, кој го доставил и кога до Собранието, кога биле закажани 134. и 135. седница на Собранието, каков бил нивниот тек, се посочува дека се работи за Закон за кој се предлагало носење по скратена постапка, дека Предлогот на законот бил повлечен, па потоа веднаш доставен нов корегиран текст на Законот и друго.
По однос на ставањето на новиот корегиран текст на Предлог-закон за јавното обвинителство, по скратена постапка, според подносителот на иницијативата, била сторена повреда на Уставот, Деловникот на Собранието и Деловникот на Владата. Ова од причина што Деловникот на Владата не познавал одредби за „нов корегиран текст“, а член 65 од овој акт предвидувал само можност за јазично редактирање (лекторирање) на материјалите што ги подготвува Владата.
Исто така, според член 136 од Деловникот на Собранието, ако предлогот на закон не е подготвен во согласност со одредбите од овој деловник, претседателот на Собранието, пред да го достави на пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите од овој деловник. Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието, ќе се смета дека предлогот на законот не е поднесен.
При затварањето на 134-тата седница претседателот на Собранието изјавил дека доставените материјали до пратениците се за нова седница.
Закажувањето на нова 135-та седница по повлекување на доставениот закон било спротивно на член 91 алинеја 3 од Уставот и член 132 од Деловникот на Собранието, бидејќи на дневен ред бил ставен Предлог-закон за јавно обвинителство кој не бил предложен од овластен предлагач, Предлог-законот не бил утврден на седница на Владата, а Предлог-законот од 09.02.2020 година бил повлечен. Имено, од писмото потпишано од техничкиот претседател на Владата, Оливер Спасовски, јасно се гледа дека се доставува нов предлог-закон. Ниту повлекувањето на Предлог-законот за јавното обвинителство ниту доставувањето на нов Предлог-закон за јавното обвинителство не биле разледувани на седница на Владата, ниту на седница на Владата бил утвден нов текст на Предлог-законот. Притоа Предлог-Законот кој бил доставен од Владата и кој бил повлечен се смета како воопшто да не бил донесен, при што Владата можела да одлучи да повлече Предлог-закон, но новиот Предлог-закон морал да биде утврден на седница на Владата. Оливер Спасовски не бил Владата, па тој не можел сам да одлучи да повлече или да предложи закон без тоа да биде утврдено на седница на Владата.
На собраниската седница закажана за 10 февруари 2020 година се одржувале две седници: 134-та и 135-та седница на Собранието. На седницата имало процедурални забелешки за кршење на Деловникот на Собранието со обидот да се стави на дневен ред Закон кој не бил утврден на седницата на Владата, но Предлог-законот бил ставен на дневен ред на Собранието. Постапувањето на овој начин било противно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата постои и повреда на член 170 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Собранието. Имено, претседателот на Собранието имајќи предвид дека се работи за Закон којшто се носи во скратена постапка го повикал овластениот предлагач да ја образложи итноста од донесувањето на Законот. Од цитираната изјава на министерот за правда, Рената Дескоска Тренеска не произлегла ваквата потреба, бидејќи означената одредба барала да се работи за закон кој не е сложен и обемен и ако не се во прашање сложени и обемни усогласувања на Законот со правото на Европската Унија. Напротив, Законот за јавното обвинителство бил сложен и обемен, па затоа и имало три верзии на Законот, навлегувал во највиталните вредности како што биле заштитата и остварувањето на правата и слободите на граѓаните. Со „грубо кршење на Деловникот и со насилие врз Уставот“ се настојувало по секоја цена овој закон да се донесе. Тоа бил закон кој требало да се донесе со консензус, а не во скратена постапка, а згора на сẻ на Законот му било неосновано „ставено“ европско знаменце со ограничена расправа во работното тело до три дена.
Во натамошниот текст на иницијативата се дава приказ на неколкуте продолженија на 135-тата седница на Собранието, со посебен осврт на третото продолжение на кое се извршило одлучувањето и гласањето, уредено со членовите од 95 до 103 од Деловникот на Собранието. Според подносителот, овие одредби се сосема јасни и не допуштаат никаква манипулација доколку се обезбеди нивно доследно спроведување, по што се цитираат член 95, член 96, член 97 и член 103 од Деловникот.
Четвртото продолжение се одржало на 16 февруари 2020 година (по грешка означено – јануари), па претседателот на Собранието откако констатирал дека општиот претрес по Законот е завршен не побарал да се утврди вкупниот број на присутни пратеници пред да се премине на гласање, а соопштил дека овој закон се носи со двотретинско мнозинство и предложил да се гласа. Гласањето завршило со 74 гласа „за“ и 32 гласа „против“ или вкупно гласале 106 пратеници. Откако се виделе резултатите од гласањето преседателот на Собранието, без деловничко право и со грубо кршење на Деловникот изјавил: „Го поништувам гласањето“, а Деловникот не познавал поништување на гласањето, туку според член 103 од Деловникот по завршување на гласањето требало да ги соопшти резултатите од гласањето и врз основа на нив да констатира дали предлогот за кој се гласало бил усвоен или одбиен. На овој начин била сторена груба повреда на одредбите од Деловникот на Собранието.
Претседателот на Собранието, кој и самиот гласал, откако ги видел резултатите го поништил гласањето, а како не можел да го примени член 97 од Деловникот (поединечно изјаснување). По поништувањето процедурално се јавила пратеничката Лилјана Поповска, но обраќањето не било процедурално, туку бил проштален говор. По ова претседателот на Собранието побарал од службите: „на пратениците присутни во салата дека не е евидентирано нивното гласање, службите да донесат листинг“, по што му дал збор на пратеникот Ферид Мухиќ.
Претседателот на Собранието немал право да поништува гласање поради тоа што некои пратеници кои биле во салата не биле евидентирани. Подносителот на иницијативата прашува како тоа биле евидентирани гласовите на 106 пратеници, а не биле евидентирани гласовите на 6 пратеници? Со ваквата постапка бил повреден Деловникот, бил „понижен“ законодавниот дом и била злоупотребена положбата.
По однос на материјално-правните одредби од Законот најнапред се укажува на содржината на член 11 од Законот за комитетот за односи меѓу заедниците, кој уредил кои закони се носат со таканареченото Бадинтерово мнозинство, меѓу кои не спаѓале Законот за јавното обвинителство и Законот за советот на јавните обвинители.
Во продолжение следува поединечно оспорување на одделни одредби од Законот за јавното обвинителство.
Подносителот на иницијативата го цитира Амандманот X на Уставот, па член 4 став 2 од Законот кој предвидува дека јавниот обвинител во вршењето на своите функции соодветно ги применува и одредбите од Законот за употреба на јазиците што било спротивно на Уставот, бидејќи значело примена на целиот Закон за употреба на јазиците. Но, за употреба на јазиците Собранието одлучувало со посебно Бадинтерово мнозинство, согласно наведениот амандман, што значело донесување на оспорениот закон за јавно обвинителство со Бадинтерово мнозинство.
Исто така, според член 10 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител во извршувањето на функциите соодветно ги применувал одредбите на Законот за кривичната постапка што се однесува на употребата на јазиците. Притоа сите процесни закони со кои се уредува постапка пред судовите содржеле одредби за употреба на јазикот на кој се води постапката, а тие закони биле системски и биле донесени со двотретинско мнозинство. Со Законот за употреба на јазиците се предвидува двојазичност во водењето на судските постапки и со тие одредби во целост се прекршувале одредбите за уставното уредување на судскиот систем и водењето на судските постапки во Македонија. Тоа што се предвидува во овој закон немало никаква уставна основа.
Законот за јавното обвинителство не бил донесен со Бадинтерово мнозинство иако содржел сосема нови одредби за употреба на јазикот во работата на јавното обвинителство (нема посебно означување кои се тие одредби), наспроти упатната одредба за соодветна примена на одредбите од Законот за кривичната постапка што се однесува до употребата на јазиците кои изречно биле наведени во овој закон. Со тоа била сторена повреда на Амандманот Х на Уставот. Се поставувало прашањето што значи соодветната примена на Законот за употреба на јазиците?
Во наведената смисла се цитира член 9 ставови 1, 2 и 3 од Законот за употреба на јазиците, па се влече заклучок дека соодветната примена во Законот за јавното обвинителство значи комплетна двојазичност во постапката пред јавното обвинителство, доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Тоа значи водење на постапките и издавање на судските одлуки на двата јазици и примена според етничката припадност на судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија. Во таа смисла се дава приказ како тоа би изгледало практично во една постапка со поголем број на обвинети и сведоци (водење на два записници, два записничари, два преведувачи и така натаму). Од друга страна никому во постаката не му било скратено правото да го зборува својот јазик според одредбите од Законот за кривичната постапка, па во таа смисла се цитираат член 8 и член 10 од Законот за кривичната постапка.
– Според подносителот на иницијативата била сторена и повреда на правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите со член 110 од оспорениот закон. Имено, во ставот 1 од член 110 од Законот начелно се определува дека Јавното обвинителство не може да го заснова своето обвинение врз основа на незаконски прислушувани материјали по што се правеле два исклучоци.
Првиот исклучок содржан во ставот 2 од член 110 од Законот, според кој „Исклучок од ставот 1 на овој член се предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“.
Вториот исклучок бил содржан во ставот 3 од член 110 од Законот според кој „Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.“
Оттаму, член 110 од Законот ги доведувал до нееднаква положба граѓаните пред Уставот и законите и бил спротивен на член 9 од Уставот, а како по 30 јуни 2017 материјалите од незаконитото снимање можеле да се користат само како индиции и на нив не можел да се заснова обвинителен акт или предлог. Каква била таа еднаквост пред законите? Што значело разграничувањето на овие докази од доказите во кривичната постапка во нивното користење само како индиции, според подносителот на иницијативата тоа сигурно не било право, туку политика. Имајќи предвид дека Законот за јавното обвинителство бил организационен, а не процесен закон со кој се уредувала вредноста на доказите и доказните средства тоа прашање се уредувало со Законот за кривичната постапка.
Потоа се цитираат член 12 (докази прибавени на незаконит начин) и член 16 (слободна оцена на доказите) од Законот за кривичната постапка и се констатира дека во член 110 ставови 2 и 3 од Законот за јавното обвинителство се правеле исклучоци спротивно на член 12 став 2 од Законот за кривичната постапка.
Според подносителот на иницијативата предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до 30 јуни 2017 година не можеле да имаат посебен третман по однос на тоа исто обвинителство поднесени по 30 јуни 2017 година и да добијат сосем поинаков третман. Законот морал да важи еднакво за сите граѓани.
– Подносителот на иницијативата го цитира член 106 од Уставот и наведува дека јавното обвинителство се организира според принципот на хиерархија и субординација, а на врвот на пирамидата на хиерархијата бил Јавниот обвинител на Македонија. Според член 27 од Законот за јавното обвинителство (се мисли на став 1, не на целината), Јавниот обвинител на Република Северна Македонија е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство и за својата работа и за работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Северна Македонија од што било сосема јасно дека вишите обвинители, основните обвинители и обвинителите за гонење на организиран криминал и корупција одговарале пред Јавниот обвинител на Македонија, а како што било предвидено во член 27 ставови 2 и 3 од Законот.
Притоа принципот на хиерархија и субординација бил прекршен со член 29 од Законот, бидејќи според неговиот став 1 Јавниот обвинител на Македонија можел да го преземе кривичното гонење и вршењето одделни работи за кои е надлежен виш јавен обвинител, или основен јавен обвинител или да ги овласти да водат постапка по одделни предмети или да вршат одделни работи од надлежност на друг јавен обвинител.
Според ставот 2 од член 29 од Законот, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија без согласност на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција или да овласти друго јавно обвинителство да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, освен ако при надзорот од член 28 став 3 од овој закон се утврди дека јавнообвинителската функција не се врши согласно со роковите утврдени во Законот за кривична постапка.
Во член 29 став 3 од Законот се прави исклучок во смисла што Јавниот обвинител може без согласност да преземе кривично гонење од понизок обвинител само ако се утврди дека јавно-обвинителската функција не се врши согласно роковите утврдени во Законот за кривичната постапка. Во ставот 4 од член 29 од Законот било предвидено дека дејствијата од ставовите 1 и 3 на овој член може да се преземат само во случај кога јавниот обвинител непрофесионално и нестручно постапува, не ги презема потребните дејствија за покренување и водење на кривична постапка, поради незаконско, ненавремено или немарно вршење на функцијата јавен обвинител, како и поради закани по животот и здравјето на јавниот обвинител и неговото семејство.
Врз основа на цитираните одредби се поставува прашање што значи ова? Јавниот обвинител е одговорен за општите состојби во врска со организирање и извршување на функциите на јавното обвинителство, но без согласност не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно тоа јавно обвинителство.
Ова претставувало директно ограничување на овласту-вањата на Јавниот обвинител, бидејќи од одредбите произлегува дека од сите јавни обвинителства може да се преземе гонењето заради непрофесионалност, нестручност, незаконско и ненавремено вршење на работите и слично, а од обвинителот за оранизиран криминал и корупција, без негова согласност, само ако се утврди дека јавно-обвинителската функција не се врши согласно роковите утврдени во Законот за кривичната постапка. Тоа значи дека на јавниот обвинител за организиран криминал и корупција треба да му се верува дека ќе постапува професионално и стручно, законски, навремено и совесно и дека тој не може да има закани по животот и здравјето. За тоа немало никаква гаранција.
– Подносителот на иницијативата наведува дека во Предлог-законот за јавното обвинителство од 09.02.2020 во член 113 било предвидено Законот да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а неговата примена да отпочне од 30 јуни 2020 година. За разлика од ова во член 113 од новиот текст на Законот било определено дека Законот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а влегува во сила и ќе отпочне да се применува од 30 јуни 2020 година. По однос на вака цитираните одредби се констатира дека текстовите не се истоветни и не се елаборира што се повредува со вака воочената разлика во текстовите.
Врз основа на сето наведено се предлага Судот по спроведената постапка да го поништи оспорениот закон и да донесе решение согласно член 27 од Деловникот, бидејќи со спроведување на Законот можеле да настанат тешко отстранливи последици.
3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претсе- дателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО
Се прогласува Законот за јавното обвинителство, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 16 февруари 2020 година.
Бр. 08-1411/1 Претседател на Република
16 февруари 2020 година Северна Македонија,
Скопје Стево Пендаровски, с.р.
Претседател
на Собранието на Република Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
Законот за јавното обвинителство е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020 од 16 февруари 2020 година и е систематизиран во 113 одредби.
Во посебно оспорениот член 4 став 2 од Законот е предвидено дека Jавното обвинителство во вршењето на своите функции соодветно ги применува и одредбите од Законот за употреба на јазиците.
Во член 10 од Законот е определено дека Јавното обвинителство е организирано како Jавно обвинителство на Република Северна Македонија, виши јавни обвинителства, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и основни јавни обвинителства.
Според член 29 став 1 од Законот, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија може да го преземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен виш јавен обвинител или основен јавен обвинител или да ги овласти да водат постапка по одделни предмети или да вршат определени работи од надлежност на друг јавен обвинител.
Во став 2 од истиот член од Законот е предвидено дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија без согласност на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не може да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за кои е надлежно Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција или да овласти друго јавно обвинителство да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, освен ако при надзорот од член 28 став 3 од овој закон се утврди дека јавнообвинителската функција не се врши согласно со роковите утврдени во Законот за кривична постапка.
Според ставот 3 од член 29 од Законот, Виш јавен обвинител може да го преземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен јавен обвинител во основно јавно обвинителство од подрачјето на тоа вишо јавно обвинителство или да овласти јавен обвинител во основно јавно обвинителство од подрачјето на тоа вишо јавно обвинителство да води постапка по одделни предмети или да врши определени работи од надлежност на друг основен јавен обвинител од подрачјето на тоа вишо јавно обвинителство.
Во ставот 4 од истиот член од Законот е определено дека дејствијата од ставовите 1 и 3 на овој член може да се преземат само во случај кога јавниот обвинител непрофесионално и нестручно постапува, не ги презема потребните дејствија за покренување и водење на кривична постапка, поради незаконско, ненавремено или немарно вршење на функцијата јавен обвинител, како и поради закани по животот и здравјето на јавниот обвинител и неговото семејство.
Според ставот 5 од член 29 од Законот, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, односно вишиот јавен обвинител за дејствијата од ставовите 1, 2 и 3 на овој член донесуваат писмена одлука која содржи образложение за преземените дејствија.
Во член 110 став 1 од Законот е предвидено дека јавно обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали.
Исклучок од ставот 1 на овој член се предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, според ставот 2 од член 11 од Законот.
Во ставот 3 од член 110 од Законот е определено дека материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.
Ставот 4 од член 110 од Законот предвидува дека материјалите од ставот 3 на овој член ќе се уништат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот 3 на овој член согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Членот 110 став 5 од Законот предвидува дека сите останати материјали и транскриптите од незаконско прислушуваните материјали кои не се предадени како докази во судовите и кои не се дел од предметите кои се во фаза на истрага согласно со ставот 3 на овој член, не можат повторно да се преслушаат и да се употребат во која било постапка и се уништуваат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот 2 на овој член, согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Според член 113 од Законот, овој закон се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а влегува во сила и ќе започне да се применува од 30 јуни 2020 година.
4. Согласно член 1 од Уставот, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Северна Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.
Согласно член 2 од Уставот, во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Северна Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се предвидува дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото.
Во член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Ставот 3 предвидува дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Според ставот 4, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според член 61 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функциони-рањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.
Според член 67 став 1 од Уставот, Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпрет-седатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примената на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието, според ставот 2 од истата одредба.
Со Амандманот X од Уставот, со кој се заменува член 69, е предвидено дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
Според ставот 2 на истиот амандман, за законите коишто директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образова-нието, личните документи и употребата на симболите, Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Спорот во врска со примената на оваа одредба го решава Комитетот за односи меѓу заедниците.
Во член 75 од Уставот е определено дека законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 91 од Уставот и Амандманот XXIV со кој се заменува алинејата 12 на член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија:
– ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување;
– предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието;
– предлага просторен план на Републиката;
– предлага одлука за резервите на Републиката и се грижи за нивно извршување;
– донесува уредби и други прописи за извршување на законите;
-утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа;
-дава мислење за предлозите на закони и други прописи кои на Собранието му ги поднесуваат други овластени предлагачи;
– одлучува за признавање на држави и влади;
– воспоставува дипломатски и конзуларни односи со други држави;
-донесува одлуки за отворање на дипломатско-конзуларни претставништва во странство;
-предлага именување амбасадори и пратеници на Република Македонија во странство и именува шефови на конзуларни претставништва;
-предлага Јавен обвинител на Република Македонија по претходно мислење од Советот на јавни обвинители;
– врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон и
– врши други работи утврдени со Уставот и со закон.
Во член 106 став 1 од Уставот е определено дека јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
Со Амандманот ХХХ на Уставот се заменуваат ставовите 2 и 3 од член 106 од Уставот, па така во ставот 1 од овој амандман е предвидено дека јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратифику-вани во согласност со Уставот. Во ставот 3 на Амандманот е предвидено дека функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавни обвинители, а според ставот 4, надлежноста, основањето, укинува-њето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во член 110 алинеја 1 од Уставот е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Членот 95 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 91/2008, 119/2010 и 23/2013 определува дека:
(1) Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници.
(2) Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.
(3) Претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале „за”, „против” или „воздржано”, како и бројот на пратениците што се присутни.
(4) Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење.
(5) Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сẻ додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници.
Според член 96 од Деловникот:
(1) Јавното гласање се врши со употреба на технички средства или со кревање рака.
(2) Начинот за употреба на техничките средства се уредува со акт што го донесува генералниот секретар на Собранието.
Во член 97 од Деловникот е предвидено дека:
(1) Гласањето може да се врши и со поименично изјаснување на пратениците.
(2) Поименично изјаснување може да се врши заради точно утврдување на резултатот од гласањето, по барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, само ако предлогот за кој се гласа добил до пет гласа повеќе или помалку од потребниот број гласови за негово донесување.
(3) Поименичното гласање се врши со изјаснување на секој прозван пратеник со „за” или „против” предлогот или со воздржување од гласањето.
(4) Доколку пратеникот кога е повикан да гласа не е присутен во салата, не може дополнително да гласа.
(5) За време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците сẻ додека трае поименичното изјаснување.
(6) Прозивањето на пратениците го врши генералниот секретар на Собранието.
(7) Претседателот на Собранието го објавува резултатот од гласањето по изјаснувањето на пратениците.
Претседателот на Собранието по завршувањето на гласањето ги соопштува резултатите од гласањето и врз основа на резултатот констатира дали предлогот за кој се гласало е усвоен или одбиен, според член 103 од Деловникот.
Во член 104 од Деловникот е предвидено дека:
(1) За работата на седницата на Собранието се води записник.
(2) Записникот ги содржи основните податоци за работата на седницата, предлозите што се поднесени и заклучоците што се усвоени во врска со прашањата од дневниот ред.
Право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи (овластен предлагач на закон) како што определува член 132 од Деловникот.
Согласно член 136 од Деловникот, ако предлогот на закон не е подготвен во согласност со одредбите на овој деловник, претседателот на Собранието, пред да го достави на пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите на овој деловник. Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието се смета дека предлогот на законот не е поднесен.
Во член 170 од Деловникот е определено дека:
Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога:
– не е во прашање сложен и обемен закон,
– престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или
– не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската Унија.
Членот 173 од Деловникот уредува дека:
(1) Претседателот на Собранието, веднаш по донесувањето, законот го доставува до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот.
(2) Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот.
(3) По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.
Членот 174 од Деловникот предвидел:
(1) Законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија”.
(2) Заклучоците на Собранието се објавуваат во гласилото на Собранието, а ако Собранието одлучи и во „Службен весник на Република Македонија”.
(3) Заклучоците на работните тела, ако тие одлучат, се објавуваат во гласилото на Собранието.
Член 65 став 1 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/01, 98/02, 9/03, 47/03, 64/03, 67/03, 51/06, 5/07, 15/07, 26/07, 30/07, 58/07, 105/07, 116/07, 129/07, 157/07, 29/08, 51/08, 86/08, 114/08, 42/09, 62/09, 141/09, 162/09, 40/10, 83/10, 166/10, 172/10, 95/11, 151/11, 170/11, 67/13, 145/14, 62/15, 41/16 и 153/16) предвидел, материјалите за разгледување на седниците на Владата ги подготвуваат предлагачите и ги доставуваат до Владата јазично редактирани (лекторирани) во облик на: предлог за донесување закон, нацрт-закон, предлог-закон, на друг пропис или акт, анализа, извештај, осврт, информација или друг материјал, односно предлог.
– Тргнувајќи од поширока анализата на Уставот на Република Северна Македонија произлегува дека негов предмет на посебно уредување се донесувањето на одделни закони со посебно двотретинско мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците како што е определено во: член 5 став 2 од Уставот, Амандманот ХVI, Амандманот ХIХ, Амандманот ХХV и Амандманот ХХХ на Уставот. Во член 61 од Уставот, меѓу другото е определено дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот. Членот 75 од Уставот го уредува прашањето за потребното мнозинство на гласови со кои еден закон треба да биде донесен за да истиот се прогласи со указот потпишан од претседателот на Републиката.
Уставните одредби не ја регулираат постапката која им претходи на донесувањето на законите и прашањата како што се: од кого е потпишан предлог-законот, колку пати бил разгледуван и од кои матични тела на Собранието, дали се носи во скратена или редовна постапка, колку читања на законот имало, дали е во прашање закон со таканаречено европско знаменце или не и така натаму. Овие прашања ги надминуваат ингеренциите на Уставниот суд за уставно-судска анализа, бидејќи тоа би значело да се врши оцена на согласноста на конкретниот закон по однос на неговата согласност со Деловникот на Собранието, кој во главата IX. ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНИ И ДРУГИ АКТИ (членови 132-162) ја разработува постапката за носење на законите, што не спаѓа во надлежност на Судот.
Оттаму, од уставен аспект предмет на уставно-судска анализа при оценката на уставноста на секој конкретен закон може да биде само прашањето дали тој закон во фазата на гласање го добил потребното, со Устав предвидено, посебно мнозинство или не. Уставниот суд нема надлежност да цени дали постапката за донесување на оспорениот закон е во согласност со Деловникот на Собранието, нема надлежност да ја преоценува работата на надлежните органи во процедурата што претходела на донесувањето на законот што е впрочем и став на Судот изразен во постапката по предметите У.бр.161/2011, У.бр.20/2013, У.бр.53/2013 и други.
Сепак, заради целосен увид во фактичката состојба и спорниот момент поврзан со чинот на гласањето, Судот оцени дека е неопходно да се даде приказ по однос на преземените дејствија и примената на деловничките одредби поврзани со носење на конкретниот закон, без да се навлегува во оцена на уставностa на преземените дејствија.
Во конкретниот случај, подносителите во иницијативите посочуваат на стенограмските белешки и видеозаписот од одржаната 135-та седница на Собранието со цел да покажат дека оспорениот закон не е донесен затоа што не го добил потребното мнозинство гласови, а претседателот на Собранието не можел да го поништи гласањето и да пристапи кон ново гласање.
Видно од наведените материјали е дека претседателот на Собранието редоследно: го ставил Предлог на законот во целина на гласање, повикал на гласање и го поништил гласањето, дал збор на пратеничката Лилјана Поповска, по што изјавил: „на пратениците присутни во салата дека не е евидентирано нивното гласање, службите да поднесат листинг“, му дал збор на пратеникот Ферид Мухиќ, по што изјавил дека го повторува гласањето, повикал на гласање и констатирал дека гласале 86 пратеници, од кои 80 „за“, „воздржани“ нема, „против“ гласале 6 пратеници. Пратеникот Никола Мицевски барал да дискутира процедурално, но претседателот на Собранието констатирал дека Собранието го донело Законот за јавното обвинителство.
Од член 95 став 3 и член 103 од Деловникот на Собранието произлегува дека претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале „за”, „против” или „воздржано”, како и бројот на пратениците што се присутни, а по завршувањето на гласањето ги соопштува резултатите од гласањето и врз основа на резултатот констатира дали предлогот за кој се гласало е усвоен или одбиен.
Според тоа, да се тврди дека Предлогот за донесување на законот бил одбиен поради немање на потребно мнозинство, како и тоа дека претседателот на Собранието не можел да поништи гласање, односно дека за тоа нема законско овластување требало да се исполнат неколку предуслови и тоа: претседателот на Собранието да го соопшти бројот на пратеници што гласале „за“, „против“ или „воздржано“ што при првото гласање не е случај, да ги соопшти резултатите од гласањето и да констатира дека предлогот за кој се гласа е усвоен или одбиен што, исто така, не е случај. При состојба кога член 95 став 3 и член 103 од Деловникот не биле целосно спроведени при обидот за прво гласање и кога одделни пратеници реагирале дека нивното гласање не е евидентирано претседателот на Собранието пристапил кон поништување на гласањето од причина што за дел од пратениците не биле евидентирано нивното гласање, односно процесот на гласање не бил завршен. Точно е тврдењето дека Деловникот не содржи изречна одредба која му дава на претседателот на Собранието овластување да поништи гласање, но, исто така, не содржи и одредба која му забранува да поништи гласање, особено кога тоа и не било спроведено во сите предвидени фази. Впрочем, гласот на секој пратеник во Собранието е поддеднакво важен и од значење за крајниот резултат од спроведеното гласање заради што е пристапено кон повторување на гласањето, повикување на гласање и констатирање дека гласале 86 пратеници, од кои 80 „за“, „воздржани“ нема, „против“ гласале 6 пратеници, по што претседателот на Собранието констатира дека Собранието го донело Законот за јавното обвинителство.
Од направената анализа произлегува дека Законот за јавното обвинителство бил донесен во предвидената процедура онака како што бара Амандманот XXX на Уставот, односно со потребното двотретинско мнозинство од кој аспект Уставниот суд има исклучива надлежност да врши уставно-судска оцена.
Поаѓајќи од содржината на член 75 став 3 од Уставот, а имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна состојба претседателот на Република Северна Македонија ја испочитувал наведената уставна норма и својата уставна должност да го потпише указот за Законот донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници како што предвидел Уставот.
Што се однесува до Указот за прогласување на Законот, кој е посебно оспорен овој суд смета дека нема карактер на пропис подобен за уставно-судска анализа, бидејќи истиот е поединечен, придружен акт кон донесен закон. Со овој акт не се уредуваат односи на неопределен круг на субјекти во правниот поредок, туку е акт со којшто претседателот на Собранието и претседателот на Републиката прогласуваат дека конкретен закон е донесен по спроведена собраниска процедура и дека истиот може да се објави.
Оттаму, по однос на оспорениот указ Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, бидејќи нема надлежност за оцена на акти кои немаат карактер на пропис во уставно-судска смисла.
Според наведеното оспорениот Закон за јавното обвинителство е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативите. Согласноста на оспорениот закон и оспорениот указ со посочените одредби од Деловникот на Собранието и одредби од Деловникот на Владата не спаѓа во надлежност на Уставниот суд согласно член 110 од Уставот. Ова се однесува и на наводите кои укажуваат на можна злоупотреба на положбата и кршење на деловничките одредби.
– Во иницијативата на Михајло Маневски посебно се оспорува согласноста на член 4 став 2 од Законот кој предвидел дека Jавното обвинителство во вршењето на своите функции соодветно ги применува и одредбите од Законот за употреба на јазиците.
Поаѓајќи од анализата на оспорената одредба произлегува дека истата не го уредува прашањето на употреба на јазиците, туку упатува на соодветна примена на одредбите од Законот за употреба на јазиците од каде оваа оспорена одредба нема уредувачка, туку упатувачка содржина. Прашањата, пак, дали со одредбите на Законот за употреба на јазиците се излегува надвор од уставната рамка, какви проблеми предизвикува во примената и слично се прашања кои можат да бидат предмет на разгледување при оспорување на овој закон, а не на Законот за јавното обвинителство. Впрочем, упатувачките норми се доста чест начин на поврзување на одредена правна проблематика, особено кога е комплексна и сложена, како што е впрочем и член 10 од Законот за јавното обвинителство кој, исто така, упатува на соодветна примена на Законот за кривичната постапка, посочен од подносителот на иницијативата.
Со оглед на тоа што станува збор за упатна норма, а не за норма која уредува односи во правото укажувањето на повреда на таканареченото Бадинтерово мнозинство е неосновано.
Оттаму, посебно оспорениот член 4 став 2 од Уставот не може да се доведе во корелација со Амандманот Х на Уставот.
– По однос на оспорениот член 29 ставови 2 и 3 од Законот, во иницијативата на Михајло Маневски се наведува дека го прекршува принципот на хиерархија и субординација, бидејќи со оспорените одредби Јавниот обвинител не можел без согласност од обвинителот за организиран криминал и корупција да преземе кривично гонење или вршење на одделни работи за разлика од овластувањата за преземање во однос на основното јавно обвинителство или пак вишото јавно обвинителство. Во поткрепа на наводите се цитира член 106 од Уставот, како и член 27 од Законот за јавното обвинителство и се тврди дека со ваков начин на уредување Јавниот обвинител на Република Северна Македонија не може да ја оствари својата одговорност за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство.
Во Уставот на Република Северна Македонија уставната поставеност на јавното обвинителство е уредена во член 106 став 1 од Уставот и во Амандаманот ХХХ на Уставот. Според член 106 став 1 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Во наведениот амандман е предвидено дека јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавни обвинители. Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функцио-нирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во член 3 став 1 од Законот за јавното обвинителство е предвидено дека јавното обвинителство се организира според принципите на хиерархија и субординација, а според ставот 3 од истиот член од Законот, почитувањето на принципите од ставот 1 на овој член не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата.
Во член 27 од Законот е уредено пред кој орган одговараат: Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Вишиот јавен обвинител, основниот јавен обвинител и основниот јавен обвинител за организиран криминал и корупција.
Поаѓајќи од анализата на уставните и законски норми произлегува дека принципот на хиерархија и субординација не е уставен, туку е законски принцип, па евентуалното нарушување на овој принцип поради евентуалната меѓусебна неусогласеност на одредбите од Законот за јавното обвинителство не го покренува механизмот на уставно-судска оцена, бидејќи за неусогласеноста на одредбите од еден ист закон Уставниот суд не е надлежен да постапува согласно член 110 од Уставот.
Од друга страна, јавното обвинителство, според содржината на членот 10 од Законот е организирано како Jавно обвинителство на Република Северна Македонија, виши јавни обвинителства, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и основни јавни обвинителства. Од ваквата организациска поставеност, а и од целината на одредбите од Законот произлегува дека наведените обвинителства се разликуваат според поставеноста, овластувањата и слично. Оттаму, ако се има предвид посебната поставеност и поголема автономија на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по однос на поставеноста и автономијата на вишите јавни обвинителства и основните јавни обвинителства во јавнообви-нителската мрежа, произлегува дека законодавецот во член 29 од Законот предвидел различни ситуации за преземање на кривично гонење или вршење на одделни работи за секој од наведените обвинителства. Впрочем, Амандманот ХХХ став 4 на Уставот определува дека надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што е направено во овој случај.
Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот член 29 ставови 2 и 3 од Законот е во согласност со член 106 став 1 од Уставот и Амандманот ХХХ на Уставот.
– За посебно оспорениот член 110 ставови 1, 2 и 3 од Законот во иницијативата се наведува дека правел повреда на правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, затоа што предвидувал по 30 јуни 2017 година материјалите од незаконитото снимање да може да се користат само како индиции и на нив да не може да се заснова обвинителен акт или предлог. Исто така, треба да се има предвид дека Законот за јавното обвинителство е организационен, а не процесен закон со кој се уредува вредноста на доказите и доказните средства, а тоа прашање се уредува со Законот за кривичната постапка.
По однос на оваа оспорена одредба Судот имаше предвид дека со Решението У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020 од 10.05.2023 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 110 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020) во целина.
Во оваа постапка предмет на оспорување се првите три става на одредбата, но не и одредбата како целина.
Во постапката по предметот У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020 Судот направил анализа на член 110 став 1 од Законот и утврдил дека од него произлегува дека Јавно обвинителство во принцип не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали. Во функција на појаснување на оваа одредба е ставот 3 од член 110 од Законот во кој е определено дека материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог. Поточно, овие материјали и транскрипти за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции, односно не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог.
Судот во означениот предмет имал предвид дека ваквата законска определба кореспондира со Начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија од 30.01.2019 година според кое Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка.
Во наведената смисла, Судот сметал дека од значење е датумот 30 јуни 2017 година, присутен во ставовите 2 и 3 од член 110 од Законот, кој датум всушност е поврзан со престанокот на законското овластување на поранешното Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите да заснова обвиненија врз основа на материјали од неовластено следење на комуникациите. Имено, согласно член 22 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015) Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвини-телство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.
Судот, имајќи ја предвид временската ограниченост за користење на наведените материјали како докази во постапката врз основа на кои можеше да се заснова обвинение, како и изнесеното Начелно правно мислење на Врховниот суд, законското уредување во оспорениот член 110 ставови 1, 2 и 3 од Законот оценил дека одредбата има своја правна издржаност и поврзаност со конкретната правна проблематика.
Според ставот на Судот не може да стане збор за нееднаков третман пред Уставот и законите, бидејќи во одреден историски период користењето на наведените материјали како доказ беше утврдено со закон кој повеќе не е во сила, а што само се потврдува со оспорените одредби. Оспорениот член 110 од Законот, не е на штета на граѓаните кои биле опфатени со обвиненија поднесени до 30 јуни 2017 година и не ги става во нееднаква положба пред законот кога определува дека неовластено прислушкуваните материјали после 30 јуни 2017 година, може да се користат само како индиција, но не и како доказ во постапка пред суд.
Различниот третман на така прибавените материјали пред и по наведениот датум, како докази, а потоа како инидиции според Судот не предизвикува повреда на член 9 од Уставот и не доведува до различен третман, а како третманот на овие материјали како доказ изворно потекнува од Законот за СЈО кој повеќе не е во сила и примена, а не од оспорениот член 110 кој на овие материјали им дава карактер на индиции што е поповолно за засегнатите лица.
По однос на наводот од предметната иницијатива дека со организационен закон (оспорениот), а не со процесен (Законот за кривичната постапка) се уредува вредноста на доказите и на доказните средства од причина, како и тоа што двата закони се носат со двотретинско мнозинство, судовите судат врз основа на Устав, закон и меѓународни договори Судот оцени дека е неоснован и не го покренува механизмот на уставно-судска оцена. Имено, од уставен аспект без значење е за каков закон станува збор: системски, процесен, организационен, материјален и слично, под услов тој закон да го издржува тестот на уставност.
Врз основа на наведеното произлегува дека Судот за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување од каде се исполнети условите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата по однос на оспорениот член 110 ставови 1, 2 и 3 од Законот.
– За оспорениот член 113 од Законот се наведува дека се разликувал содржински и не бил истоветен со текстот на оваа иста одредба содржана во Предлог-законот. Во иницијативата не се содржани наводи по однос на тоа кои уставни одредби би биле повредени со ваквата констатација на подносителот на иницијативата што согласно член 15 од Деловникот на Судот претставува процесна пречка за натамошно постапување во овој дел од иницијативата.
Имено, согласно член 15 од Деловникот во иницијативата меѓу другото, треба да се означени одредбите од Уставот што се повредуваат со оспорениот акт. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Како по однос на оспорениот член 113 од Законот не се означуваат уставните одредби кои евентуално би биле повредени сматаме дека по однос на оваа одредба од иницијативата се исполнети условите за нејзино отфрлање согласно цитираната деловничка одредба.
За наводите од иницијативите кои одат во насока на оценка на меѓусебната согласност на одредбите од еден ист закон, оцена на согласноста на оспорениот закон или негови одредби со одредби од други закони, оцена на согласноста на оспорениот закон или негови одредби со одредбите од Деловникот на Собранието, односно со одредбите од Деловникот на Владата, овој суд согласно член 110 од Уставот нема надлежност да постапува.
Од сето наведено произлегува дека не се исполнети условите за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземале согласно оспорените акти во смисла на член 27 од Деловникот на Судот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.14/2020
У.бр.36/2020
У.бр.192/2020
23.05.2023 год.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска