Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателката на Судот, Добрила Кацарска, оствари официјална посета на Република Бугарија во периодот од 7 до 10 јуни 2023 година.
Во рамки на посетата се реализираа работни средби со фокус на дискусија на тема „Пристапот на граѓаните до уставната правда”. Судиите од двата суда разменија искуства преку практични примери на оваа тема, со цел приближување на уставното судство до граѓаните како концепт на унапредување на граѓанските слободи и права и заштитата на владеењето на правото.
На средбата се утврдуваа насоките за подготовка на Балканскиот уставен форум, кој се планира да биде основан како асоцијација на уставни судови од земјите од Југоисточна Европа. Овој форум произлезе од соработката помеѓу двата уставни суда, на идеја на актуелните претседателки Добрила Кацарска и Павлина Панова и кон крајот на октомври 2023 година, во Софија се планира да се одржи првиот основачки состанок.
Четиридневната посета се реализираше во Евксиноград и Велико Трново, на покана на Уставниот суд на Република Бугарија, како продолжение на циклусот билатерални средби предвидени во Меморандумот за соработка помеѓу двата суда,потпишан во мај 2022 година.
За време на посетата во Бугарија, делегациите од двата суда остварија протоколарна средба со градоначалникот на Велико Трново, Даниел Панов. На средбата присуствуваше и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеза Руси Поповска.
Македонската делегација беше во состав од претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, судиите Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер, секретарот на Судот Александар Лазов, шефот на кабинет- советник на Судот, Мирјана Лесевска и советникот на Судот за односи со јавност и портпарол, Христина Беловска.