Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.17/2023 со кое Уставниот суд, на седницата одржана на 10 мај 2023 година, одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста на членовите 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15 и 16 од Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015 и 44/2015) и да ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2, 3, 4 и 5 од истиот закон, ние судиите на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и д-р Осман Кадриу, писмено го образложуваме нашето несогласување со следново
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
1. По повод иницијативата поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата Судот на седницата одржана на 10 мај 2023 година со мнозинство гласови го донесе Решението У.бр.17/2023. Според наше мислење, наводите во иницијативите беа основани, оспорениот закон може уставно-правно да се проблематизира со одредбите од Уставот на кои се повика подносителот на иницијативата, поради што гласавме против и со почит ја искажуваме нашата несогласност со аргументите од предметното решение.
2. Мнозинството судии во аргументацијата на својата одлука се повика на следните аргументи:
2.1. Во однос на членовите 1, 2, 3, 4 и 5 од Законот за трансформација во редовен работен однос:
„Уставниот суд веќе постапувал по претходно поднесена иницијатива со која се оспорувал член 2 ставови 1 и 2 од Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија“ број 20/2015 и 44/2015”), меѓутоа не се впуштил во мериторно одлучување по иницијативата бидејќи утврдил дека станува збор за одредби од темпорален карактер коишто веќе ја исцрпиле својата содржина и дејство во правниот поредок, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, донел Решение У.бр.43/2019 од 25 септември 2019 година, со кое ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на нивната уставност, поради постоење на процесни пречки.
Во конкретниот случај, Судот констатира дека со истекот на законски предвидениот рок за склучување на договорите, односно носење на решенија за трансформација согласно одредбите на погоре наведениот член 2 ставови 1 и 2 од оспорениот закон е исцрпена содржината и правното дејство и на останатите одредби од член 2 ставови 3, 4 и 5, како и на членовите 3, 4 и 5 од Законот, бидејќи се во корелација со одредбите од член 2 ставови 1 и 2 од Законот, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд поради постоење на процесна пречка за мериторно одлучување по иницијативата”.
2.2. Во однос на членовите 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15 и 16 од Законот за трансформација во редовен работен однос:
„Помеѓу останатите наводи за спротивноста на предметниот закон со Уставот се и наводите дека не е јасно од кои причини овој закон, чија цел била трансформација на договорите за ангажирање на лица во редовен работен однос на неопределено време, содржи и одредби кои регулираат ангажирање на лица во институции од јавниот сектор со договори за дело, без притоа да утврди под кои услови, критериуми и со која цел.
Прашањето, во кој закон и на кој начин треба да бидат регулирани одредени односи во правото, е прашање за кое одлучува законодавецот кој е надлежен да ги креира законите и да го уредува предметот на нивното уредување. Оттука, Судот смета дека од аспект на погоре изнесените наводи за оспорување на Законот, не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, имајќи предвид дека законодавецот согласно неговите уставни овластувања од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, има право да донесува закони за регулирање на одредени односи во правото, па и со закон да го регулира и прашањето во врска со начинот на ангажирање на лица во институциите врз основа на договор за волонтирање и договор за извршување на физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор на дело, истовремено и право истото да го ограничи.
Во Законот за облигационите односи е дефинирана целта за ангажирање на лица за вршење на волонтерски работи и лица за извршување на физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор на дело, додека со одредбите од членовите 8 и 9 од оспорениот Закон за трансформација во редовен работен однос се регулира ограничување на периодот и бројот на лица кои може да се ангажираат со наведените договори во институциите од јавниот сектор, како и обврска на институциите за обезбедување согласност од Министерството за финансии за потребата од нивно ангажирање. Според Судот, ангажирањето на лица во институциите врз основа на наведените договори, не е препуштено на дискреционо постапување од страна на институциите имајќи предвид дека за потребата од ангажирање на лица со наведените договори потребна е согласност од Министерството за финансии по претходно барање за потребата од нужноста за ангажирање на лица со придружна документација за исполнување на предвидените услови при ангажирање на лица.
Имајќи го предвид погоре изнесеното, интенцијата на законодавецот е со оспорениот Закон за трансформација во редовен работен однос, на посебен начин да се доуредат односите во правото во врска со ангажирање на лица со договор за волонтирање и за вршење на волонтерски работи и лица за извршување на физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор на дело, со тоа што законодавецот водел сметка за можните злоупотреби на начинот на ангажирање на овие лица во институциите од јавниот сектор што се согледува од пропишаните казнени одредби од членовите 11, 12, 13 и 14 од оспорениот закон.
Имајќи ги предвид казнените одредби од членовите 11, 12, 13, и 14 од оспорениот закон со кои се запретени казни затвор од шест месеци до три години за раководните лица кои ќе ангажираат лица со наведените договори, спротивно на предвидените одредби од овој закон и без обезбедена согласност од Министерството за финансии, вклучително и ништовност на склучените договори за волонтирање кои се резултат на такви дејствија, Судот оцени дека неосновани се наводите во иницијативата дека одредбите од членовите 6, 7, 8 и 9 од оспорениот закон, отвораат можност за коруптивни дејствија и судир на интереси”.
3. Како што веќе претходно и во други издвоени мислења го имаме истакнато својот став, разликата во мислењето што тука сакаме да ја потенцираме е од принципиелна и суштинска природа и се однесува на стандардот со уставна важност, односно во толкувањето на темелните вредности на Уставот. Уставниот суд како чувар на Уставот е должен да се грижи за остварување на највисоките темелни вредности, начела и гаранции на уставниот поредок. Во конкретниот случај, сметаме дека мнозинството судии имаше погрешен и неконзистентен пристап при толкувањето на оспорениот закон vis a vis темелните вредности на нашиот уставен поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, понатаму принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврден во член 9 од Уставот, како и правото на работа, слободен избор на вработување и достапност до секое работно место под еднакви услови, како основно човеково право, утврдени во член 32 ставови 1 и 2 од Уставот.
Наспроти мнозинското толкување на овие темелни вредности, нашиот став е јасен и конзистентен. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, не случајно се „прворангирана” темелна вредност на нашиот уставно правен поредок. Тие се темелот на кој се заснова Уставот, тие ја претставуваат смислата и суштината на целовитоста на пишаниот Устав, со единствена цел, преку останатите темелни вредности како што се владеењето на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, преку уставните принципи како принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, преку уставните норми како правото на достапност до секое работно место под еднакви услови, таквите слободи и права да бидат гарантирани и заштитени особено од Уставниот суд преку уставно- судска апстрактна контрола на закони или законски одредби со кои се повредуваат, како во конкретниов случај со Законот за трансформација во редовен работен однос. Позитивноста е само едната страна на уставните права, имено нивната реална или фактичка страна. Покрај тоа, тие поседуваат идеална димензија. Причината за ова е тоа што уставните права, потенцираме повторно, особено оние кои се однесуваат на човековите слободи и права, се права запишани во Уставот со намера да се позитивизираат во „најголема можна мерка”. Идеалниот карактер на човековите права не исчезнува откако ќе се трансформираат во позитивни права, таа е присутна и по нивната позитивизација. Токму потрагата по идеалната димензија, со барања за оптимизација во „најголема можна мерка“ или алтернативите, барање за „гаранција за минимална позиција” или барање за „забрана за голема диспропорција”, бара од законодавецот и особено од уставните судии сериозно да ја разберат и идеалната и реалната димензија на правото. Но, за жал, ниту законодавецот со, во конкретниот случај, донесениот и сега оспорен закон ниту мнозинството судии во конкретниот случај со својата одлука, не пристапи правилно во однос на конзистентно толкување и заштита на слободите и правата на граѓаните повредени со конкретниот оспорен закон, во смисла на барањето за обезбедување на нивна позитивизација во „најголема можна мерка”. За жал, мнозинството судии не успеа правилно да протолкува и да утврди дека со оспорениот закон во целина, законодавецот во суштина на граѓаните им ги повредил основните слободи и права признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, ги ставил во нееднаква положба, и им го ускратил правото на достапност до секое работно место под еднакви услови, како основно човеково право, наспроти одредена група на граѓани (опфатени со Законот) кои ги ставил во привилегирана положба.
Анализирајќи го оспорениот закон, како и наводите изнесени во иницијативата за причините поради кои се оспорува неговата уставност, го утврдивме следното:
Оспорениот Закон за трансформација во редовен работен однос во член 1 уредува дека со овој закон се регулира трансформирањето во работен однос на неопределено работно време на лицата ангажирани со договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор со кој лицето е ангажирано за извршување на работа (договор), кои извршуваат работа во органите на државната власт, установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од Република Македонија и единиците на локална самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите и други правни лица чиј основач е Република Македонија (во понатамошниот текст: институции), како и ограничување на периодот и бројот на лица кои може да се ангажираат со договор.
Во член 2 од оспорениот закон, се определува на кои лица и под кои услови ќе се спроведе трансформирањето. Имено, според член 2 став 1 од Законот, трансформацијата ќе се искористи исклучиво за лицата од член 1 од овој закон, кои извршуваат работи врз основа на договор во период од најмалку 3 месеци сметано до 30.11.2014 година (според автентичното толкување од законодавецот под најмалку три месеци, се подразбира три последователни месеци што непосредно претходат на 30.11.2014 година, односно периодот од 01.09.2014 година до 30.11.2014 година), а кои исто така имаат важечки договори и во моментот на трансформирањето на работниот однос, со тоа што лицата кои ги исполнуваат условите од ставот 1 на овој член можат да имаат прекин на договорите во периодот по 30.11.2014 година, но не подолго од еден месец, поточно до 30.12.2014 година. Со член 2 ставови 3, 4 и 5 од оспорениот закон се уредени условите за трансформирање на договорите на лицата кои биле ангажирани со договори, а договорот им е прекинат поради бременост и/или раѓање.
Според автентичното толкување на законодавецот, одредбата од член 1 од Законот треба да се толкува така што трансформирањето во работен однос на неопределено работно време се однесува на лица ангажирани за извршување работа во институциите утврдени во овој член, а се ангажирани со договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор под кој се подразбира договор за отстапување на привремен агенциски работник, а не се подразбираат договорите за ангажирање на лица на еднократни проекти, особено проекти финансирани од странски извори-донации и заеми.
Воспоставениот услов „лицата да имаат важечки договор и во моментот на трансформирањето на работниот однос, упатува на тоа дека лицата кои имале прекин од еден месец или повеќе поради бременост и/или раѓање, ќе може да засноваат работен однос на неопределено време, доколку по прекинот повторно бидат ангажирани со договор. Законот не содржи услови и критериуми под кои лицето со прекин, повторно се ангажира со цел да го стекне условот да има важечки договор и во моментот кога се врши трансформацијата, од што произлегува дека тоа е препуштено на дискреционо одлучување на одговорните лица во институциите, што е во спротивност со принципот на владеењето на правото.
Со членовите 3 и 4 и член 5 став 1 од Законот, е пропишана постапката за трансформација на договорите за ангажирање во работен однос, преку склучување на договори за засновање на работен однос на неопределено време, односно со донесување на решенија за вработување на неопределено време. Имено, институциите, според член 3 став 1 од Законот, се должни да склучат договори за засновање на работен однос на неопределено време, односно да донесат решенија за вработување со лицата ангажирани со договор, во рок од 90 дена од стапување на сила на овој закон. Рокот во овој став со донесувањето на Законот изнесуваше 30 дена, за потоа, законодавецот со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација во редовен работен однос („Службен весник на Република Македонија” број 44/2015), да го измени овој рок на 90 дена.
Дополнително, член 5 став 2 од оспорениот закон утврдува дека лицата кои ќе го остварат правото од член 3 од овој закон, во рок од шест месеци се должни да ги исполнат општите и посебните услови за вработување на соодветното работно место утврдени со закон и со актите за систематизација на институцијата.
Од содржината на оваа законска одредба, произлегува дека пред засновањето на работен однос на неопределено време, лицата воопшто не подлежат на соодветни проверки во однос на исполнетоста на општите и посебните услови за вработување на соодветното работно место утврдени со закон и со актите за систематизација на институцијата. Поточно, оваа одредба јасно укажува на тоа дека на лицата на кои се однесува трансформацијата во редовен работен однос на неопределено време, овој закон им дава право на вработување и на работно место на кое може и да не ги исполнуваат условите утврдени со материјалниот закон и актот за систематизација и утврден е рок од шест месеци за обезбедување на тие услови.
На овој начин, оспорениот закон овозможува заобиколување на условите и постапката за вработување пропишани со посебните материјални закони со што овие лица се ставени во повластена или поповолна положба над сите останати граѓани што, според нас, води кон повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеење на правото, како темелни вредности на уставниот поредок, повреда на правото на еднаквост на граѓаните во слободите и правата и правото на еднаквост пред Уставот и законите, како и повреда на правото на работа, слободен избор на вработување и достапност до секое работно место под еднакви услови, како основно човеково право.
При аргументацијата на нашите ставови, ние го имавме предвид фактот дека трансформирањето во работен однос на неопределено време, според одредбите од член 2 ставови 1 и 2 од Законот, се однесува за точно одреден период и за точно одредени лица кои во тој период биле ангажирани, како и фактот дека роковите за склучување на договорите, односно за донесување на решенијата за засновање на работен однос на неопределено време со лицата од член 2 од оспорениот закон, е изминат и од сегашен аспект одредбите се исцрпени во примената односно неприменливи, меѓутоа, го имавме предвид и фактот дека со донесениот закон рокот за склучување на договорите, односно за донесување на решенијата за засновање на работен однос на неопределено време, изнесуваше 30 дена, а по неговото истекување, со цел да продолжи трансформацијата во работен однос на неопределено време на лица ангажирани со договор, законодавецот направи измени и дополнувања на Законот и го продолжи овој рок на 90 дена.
Оттука, според нас, иако дел од одредбите се од времен карактер, сепак сметаме дека опстојувањето на оспорениот закон во правниот поредок, остава можност со идна негова измена и дополнување (измена/дополнување на роковите и периодите во кои се ангажирани лица) да се создадат услови за нивна повторна примена во иднина, а како што претходно, законодавецот согласно уставното овластување да донесува закони, истите да ги менува и дополнува, изразил нормативна волја, и тоа го сторил со новите услови и рокови коишто ги уреди со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација во редовен работен однос, и го продолжи рокот за примена на Законот.
Круцијален аргумент во овој контекст, според нас, беше фактот дека со укинување на овој закон, со силата на уставните аргументи во нашата уставно-судска анализа и оценка кои преточени во одлука за укинување на оспорениот закон, Уставниот суд ќе поставеше уставни граници за законодавецот, за материја (уредена со оспорениот закон) која со тежината на повредите на Уставот кои се евидентни, никогаш повеќе да не смее со законски измени и дополнувања повторно да го „оживее” и да го врати во примена или пак да донесе нов идентичен или сличен закон. Уставниот суд со своите толкувања и аргументи ќе ги исцрташе линиите на уставно допуштеното во поглед на оваа или слична материја која ќе преставува обврска за законодавецот која не може и не смее да ја игнорира.
Понатаму, анализирајќи го Законот во целина, исто така утврдивме дека начинот на кој се врши трансформацијата во работен однос на неопределно време, неспорно имплицира повреда на Уставот.
Имено, јасно е дека овој закон е донесен со цел, лица ангажирани со договор за волонтирање и со договор за дело, да добијат статус на вработени лица на неопределено време. При ова се употребува терминот трансформација во работен однос на неопределено работно време, што би значело дека се поаѓа од тоа дека се врши трансформација на веќе настанат работен однос (на определено време), во друг вид работен однос, во случајов работен однос на неопределено време. Меѓутоа, според нас, не може да се прифати дека лице работно ангажирано со договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор коишто се облигациони договори, е со статус на вработено лице во институцијата, односно во работен однос на определено време којшто може да се трансформира во работен однос на неопределено време, бидејќи лице времено ангажирано со договор за волонтирање, со договор за дело и друг договор, не претставува работен однос којшто децидно е уреден со Законот за работните односи, туку договорен однос за работно ангажирање и тие договори по својата природа и форма се целосно облигациони договори. Договорот за дело е врзан со делото, а со извршувањето на делото, тој се смета за исполнет. Договорот за дело не може да се смета како договор за вработување ниту како алтернатива на договорот за вработување. Одредбата во член 1 „или друг договор” со својата нејасност и непрецизност, исто така не го задоволува есенцијалниот принцип на правна сигурност, кој е суштински елемент или поточно претставува битие на темелната вредност владеење на правото.
Понатаму, според одредбите од член 6 ставови 1 и 2 од Законот, институциите не смеат да ангажираат лица со договор за волонтирање на период подолг од 6 месеци, а лицето кое било ангажирано со волонтерски договор шест месеци во институција, не може повторно да биде ангажирано со договор за волонтирање во наредните три години во истата или во друга институција.
Од ова произлегува дека Законот на лицата волонтери опфатени во периодот утврден во член 2, им ги трансформира договорите за волонтирање во работен однос на неопределено време, додека на други им го ограничува волонтирањето до 6 месеци, дополнително и три години забрана за волонтирање на истото лице во истата институција, но не само во истата институција, туку и во сите други институции во наредните три години.
Според нас, нејасен е ваквиот нормативен потег во оспорениот закон, дотолку повеќе што законодавецот донел Закон за волонтерство, каде со член 2 се уредува дека волонтерството претставува активност од интерес за Република Северна Македонија која придонесува за подобрување на квалитетот на животот со активно вклучување на луѓето во општествениот живот, како и за развој на хумано и рамноправно демократско општество, а со член 3 став 1 од Законот, дека под волонтерство се подразбира доброволно давање на лични услуги, знаења и вештини и/или вршење на други активности во корист на други лица, органи, организации и други институции, без надомест. Но јасно е дека со ваквото законско решение, волонтерите опфатени со оспорениот закон, се ставаат во привилегирана положба во однос на сите волонтери пред стапувањето во сила на законското решение, како и по неговато исрпување во примената, со што се повредува принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Понатаму, во член 8 од Законот за трансформација во редовен работен однос е утврдено ограничување за институциите од јавниот сектор за ангажирање лица врз основа на договор на дело, не повеќе од 1% од вкупниот број на вработени на крајот од претходната година, односно не повеќе од три лица во институциите во кои вкупниот број на вработени е помал од 300 лица и за период не подолг од 24 месеци. Во член 9 се утврдува исклучок од член 8, согласно кој институциите може да ангажираат лица над утврдениот процент и со поголемо времетраење од предвиденото, по претходно обезбедена согласност од Министерството за финансии.
Имајќи го предвид погоре наведеното, а поаѓајќи од тоа дека позитивната законска регулатива за вработување во јавниот сектор содржи критериуми/услови кои треба да ги исполнува секој кој е заинтересиран да конкурира на одредено работно место под еднакви услови, нејасно е од кои причини овој закон, чија цел била трансформација на договорите за ангажирање на лица во редовен работен однос на неопределено време, содржи и одредби кои регулираат ангажирање на лица во институции од јавниот сектор со договори за дело, без притоа да утврди под кои услови, критериуми и со која цел, што според нас, особено со исклучокот предвиден во член 9, остава можност за дискреционо и арбитрарно постапување на одговорните лица во институциите при ангажирање на поголем број на лица, токму со примена на одредбите од членовите 8 и 9 од Законот, коишто не обезбедуваат еднаков пристап на граѓаните до можноста да бидат ангажирани во институциите од јавниот сектор, а со дискреционите права кои може да водат до арбитрарност се повредува темелната вредност на нашиот уставен поредок владеењето на правото.
Законот за работните односи го предвидува договорот за вработување како единствен начин на засновање на работен однос.
Имено, според член 14 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, … и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/2019, … и 288/2021): (1) Договор за вработување се склучува за време чие траење однапред не е определено (работен однос на неопределено време). (2) Договор за вработување може да се склучи и за време чие траење однапред е определено (работен однос на определено време). (3) Договор за вработување, во кој не е утврдено времето за кое е склучен договорот, се смета за договор за вработување на неопределено време.
При ова, институтот „трансформација во работен однос на неопределено време” е регулиран со член 46 од Законот за работните односи, според кој: (1) Договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. (2) Договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник. (3) Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од став (1) на овој член, под услови и на начин утврдени со закон. (4) По исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од став (1) на овој член, ако работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.
Од погоре цитираните законски одредби јасно произлегува дека работниот однос може да се заснова на определено време и на неопределено време. И во двата случаи, се зборува за заснован работен однос, во првиот случај од времен карактер, а во вториот случај од траен карактер.
Од цитираните законски одредби, исто така произлегува дека трансформацијата на еден работен однос во друг, мора за претпоствка да има претходно заснован работен однос (на определено време), којшто потоа се трансформира во работен однос на неопределено време.
Од одредбите од Законот за трансформација во редовен работен однос, не произлегува дека се трансформира еден работен однос во друг, туку дека договор склучен според друг закон се трансформира во работен договор во согласност со Законот за работните односи, поточно дека договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор, се трансформираат во редовен работен однос на неопределено време. Меѓутоа, наведените договори, не се договори за заснован работен однос, а ако нема заснован работен однос, не може да постои трансформација во друг работен однос.
Ангажирањето лица во процесот на работа од страна на работодавачот, може да се врши на различни начини, со различни видови на договори, но неспорно е дека постои значителна разлика помеѓу договор за вработување на определено време и договор за волонтирање, договор на дело и/или авторски договор или друг договор. Суштинската разлика се состои во тоа што работата на определено време е предмет на регулирање со Законот за работните односи, што неспорно не е исто со договор за дело којшто е предмет на регулирање со Законот за облигационите односи и со договорот за волонтирање, регулиран со Законот за волонтерството.
Според тоа, сметаме дека оспорениот закон со кој се регулира трансформирање во работен однос на неопределено време на лицата ангажирани во јавниот сектор, чиј правен основ не е договорот за вработување на определено време и кои не потпаѓаат под режимот на Законот за работните односи, значи заобиколување на предвидениот начин за засновање на работен однос на неопределено време, и заобиколување на целата правна процедура согласно која може да се заснова работен однос на неопределено време, и не е во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните. Воедно, самиот факт дека овој закон води до засновање на работен однос на неопределено време, без објавување на оглас на кој можат да се јават сите граѓани, зборува за воспоставување на правни механизми преку кои се стеснува пристапот до пазарот на трудот, што според нас, не е во согласност со член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, според кои секој има право на работа, слободен избор на вработување и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
4. Во контекст на изнесеното, цениме дека Судот требаше да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот закон и суштински да ја испита неговата уставна оправданост и согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9 од Уставот, како и член 32 ставови 1 и 2 од Уставот.
Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски и
д-р Осман Кадриу