Уставниот суд ќе ја одржи 21. седница на 31 мај (среда) во 9:30 часот со дневен ред за кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност и предлог за одлучување по еден предмет.
I РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
- Реферат У.бр.16/2023
Оспорен: член 99 став 5 од Законот за судовите во делот „правосилни”
Подносител на иницијативата: Александра Илиева Милчова, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителката смета дека е недозволиво со оспорената додавка да бидат објавени само правосилните одлуки, додека неправосилните да останат тајни и да не биде дозволено на јавноста да биде запознаена со нив. Во иницијативата се наведува дека јавноста на сите судски постапки е гарантирана со членот 16 од Уставот.
- Реферат У.бр.95/2022 и 99/2022
Подносители на иницијативи: Ванчо Иванов и Мите Димоски
Оспорен: Член 19 став 1 и 3 точка 4 од Правилникот за технички преглед на возила на Министерството за внатрешни работи
Од наводите во иницијативите:
Се наведува дека Правилникот за технички преглед донесен од МВР не е усогласен со Законот за изменување и дополнување на Законот за возила во членот 66 став 1 точка 3 бидејќи при контрола од страна на службените лица на МВР различно се толкува законот и правилникот. Наведено е дека службените лица на МВР донесуваат решенија за забрана на работа на станици за технички преглед ако не се придржуваат до правилник од 2010 година. Подносителот на едната иницијатива наведува дека своеволно се толкува кој ќе врши контрола дали раководител со работно искуство од 3 години или некој со искуство од 6 и 12 месеци и не се признаваат повисоките звања како магистри или доктори на науки.
- Реферат У.бр.6/2023
Оспорен: Oдлука за определување зони за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот бр.08-653/5 од 31.01.2022 година на Советот на Општина Охрид
Подносител на иницијативата: Коста Антовски
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорената Одлука се зголемува данокот на имот за три пати, само за граѓани кои имаат стан во Охрид, а не се жители на оваа општина. Подносителот наведува дека со оспорената одлука е повреден членот 9 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани уживаат еднакви права.
- Реферат У.бр.61/2023
Оспоренa: Oдлука на Совет на Општина Македонска Каменица бр.08-398/1;
Подносител на иницијативата: Градоначалник на Општина Македонска Каменица Димчо Атанасовски
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека одлуката е незаконски донесена бидејќи во Буџетот на општината не се предвидени финансиски средства за конкретната намена, односно одобрување на средства на граѓанин од Македонска Каменица за издавање на песна.