Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска заедно со сите судии остварија средба со Рајнер Вилант, потпретседател на Европскиот Парламент и член на Комитетот за уставни прашања на Европскиот Парламент.
На средбата се дискутираше за актуелните предизвици, како што е неизбирањето на уште двајца уставни судии од страна на Собранието, начинот на работа во Уставниот суд од почетната фаза на поднесување на иницијативи и барања, до изнесување на предметите на седници за дискусија и гласање.
Меѓу другото, беше споделена и информацијата дека е намалено просечното времетраење на постапките пред Судот од девет на четири месеци.
Исто така, претседателката Кацарска преку примери ги посочи недостатоците кои се појавија поради непотполнувањето на составот на Судот, кој во моментов изнесува 7, наместо 9 судии како што предвидува Уставот.
На средбата, беше истакната и потребата од воведување на уставна тужба која ќе ги зголеми можностите на граѓаните за секое право предвидено со Уставот, да побараат заштита од Уставниот суд.
-Што се однесува до потребата од воведување на уставната тужба, пожелно е граѓаните овде да ја исцрпат последната можност, пред да се изложат на трошоци пред Судот во Стразбур каде што се обраќаат незадоволни од домашните судови, рече претседателката Кацарска.
Европратеникот Вилант се интересираше за причините зошто Уставниот суд не е во целосен состав и за последиците од овој проблем како што се ситуациите во кои остануваат нерешени предмети поради недобиеното мнозинство на гласови, како и за видот на иницијативи кои се поднесуваат до Судот.
Средбата се одржа на 17 мај, во просториите на Уставниот суд.