Уставниот суд денеска ја одржа 19. Седница со дневен ред на кој беа дискутирани две иницијативи за оценување на уставност, едно барање за заштита на слободите и правата, и предмет за решавање на судир на надлежност и одлучи:
1. Реферат У.бр.64/2021
Се поведува постапка за оценување на Член 205 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009). Во оваа фаза од постапката Уставниот суд изрази сомнеж во уставноста на оспорената одредба и смета дека основано е поставено прашањето за владеењето на правото предвидено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Подносител на иницијативата: Осигурување Македонија а.д.Скопје- Виена Иншуренс Груп, од Скопје, застапувано од адвокат Игор Спировски од Скопје
- Реферат У.бр.6/2023
Предметот беше повлечен од гласање поради дополнителна доработка на рефератот и ќе биде ставен на некоја од наредните седници.
Оспорена: Одлуката за зголемување на данокот на имот за три пати, само за граѓаните кои имаат стан во Општина Охрид, а не се жители на општината.
Подносител на иницијативата: Коста Антовски
- Реферат У.бр.117/2019
Уставниот суд утврди повреда на правата и слободите на подносителот Фатмир Мемедов кој со барање се жалеше дека е дискриминиран врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност. Подносителот напоменува дека бил физички нападнат од страна на полициски службеници бидејќи е Ром, без никакво објаснување. Оспорува две пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје и тврди дека Основното јавно обвинителство Скопје му го повредило достоинството со дискриминаторско однесување поради неговата етничка припадност, бидејќи не спровело истрага ниту презело дејствија по поднесената кривична пријава во периодот од 2014 до 2016 година со истакнато имотно правно побарување од 130 илјади денари на име надоместок на нематеријална штета за душевна болка и повреда на лични права и камата. Што се однесува до втората точка од предлогот која предвидува поништување на оспорените пресуди, Уставниот суд не донесе одлука бидејќи тој предлог не го доби потребното мнозинство, поради што овој предмет се уште не е завршен.
- Реферат У.бр.53/2023
За Судот не се основани наводите на подносителот на предлогот дека постои судир на надлежности. Судот го отфрли предлогот за решавање на судир на надлежност помеѓу Општина Куманово и Министерството за труд и социјална политика бидејќи не се исполнети претпоставките дека постои таков судир. Имено, предлог за решавање на судир на надлежноста може да се поднесе само откако два органи сметаат дека се надлежни или двата органи сметаат дека не се надлежни по одредено прашање, за што не станува збор во конкретниот случај.
Предлагачот во барањето укажува дека Министерството за труд и социјална политика незаконски ги одземало надлженостите на градоначалникот на Општина Куманово во врска со донесување на одлука управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор на Јавната општинска установа-Детска градинка „Ангел Шајче”.