Уставниот суд ќе ја одржи 19. седница на 16 мај (вторник) во 9:30 часот со дневен ред за кој се предвидени две иницијативи за оценување на уставност и едно барање за заштита на слободи и права и предлог за решавање на судир на надлежност:
I РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
1.Реферат У.бр.64/2021
Оспорен: Член 205 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009).
Подносител на иницијативата: Осигурување Македонија а.д.Скопје- Виена Иншуренс Груп, од Скопје, застапувано од адвокат Игор Спировски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека одредбата од Законот не е јасна и предвидлива и го исклучува правното дејство на пресуди на Врховниот суд донесени во постапка на ревизија со кои се укинати или преиначени пресуди на пониските судови врз основа на кои била извршена присилна наплата на надоместокот на штета означен во таа одредба и ја сведува ревизијата на неефикасно правно средство (повреда на правна заштита на сопственоста).
Се наведува дека е нужно оспорената одредба од Законот да се согледува во контекст на одредбите што се однесуваат на правилата за враќање кај „стекнување без основа“ и во однос на надоместокот на штета односно справедлив надоместок во случаи на повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт од тој закон.
2.Реферат У.бр.6/2023
Оспорена: Одлуката за зголемување на данокот на имот за три пати, само за граѓаните кои имаат стан во Општина Охрид, а не се жители на општината.
Подносител на иницијативата: Коста Антовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одлука е повреден членот 9 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани уживаат еднакви права.
II- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:
Подносител: Фатмир Мемедов
Подносителот на барањето се жали до Уставниот суд дека е дискриминиран врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност. Оспорува две пресуди од Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје за кои тврди дека Основното јавно обвинителство Скопје му го повредил достоинството со дискриминаторско однесување поради неговата етничка припадност бидејќи не спровел истрага ниту презеле дејствија по поднесената кривична пријава во периодот од 2014 до 2016 година со истакнато имотно правно побарување од 130 илјади денари на име надоместок на нематеријална штета за душтевна болка и повреда на лични права и камата. Подносителот напоменува дека е бил физички нападнат од страна на полициски службеници бидејќи е Ром, без никакво објаснување.
III- РЕШАВАЊЕ НА СУДИР НА НАДЛЕЖНОСТ:
Предлог за решавање на судир на надлежности: Помеѓу Општина Куманово и Министерството за труд и социјална политика
Подносител: Општина Куманово
Од наводите во иницијативата:
Предлагачот укажува дека Министерството за труд и социјална политика незаконски ги одземало надлженостите на градоначалникот на Општина Куманово во врска со донесување на одлука управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор на Јавната општинска установа-Детска градинка „Ангел Шајче”.