Издвоено мислење по предметот У.бр.319/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Одлуката У.бр.319/2020 со која Уставниот суд, на седницата одржана на 2 мај 2023 година, одлучи да го одбие барањето на лицето Дејан Владев од Свети Николе за заштита на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија повредено со Пресудата П-5-2/19 од 16.03.2020 година на Основен суд Свети Николе и Пресудата ГЖ.бр.474/20 од 25.09.2020 година на Апелационен суд Штип, писмено го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. По повод барањето од Дејан Владев од Свети Николе, преку Гоце Тасков, адвокат од Свети Николе на седницата одржана на 02.05.2023 година, Уставниот суд со Одлуката У.бр.319/2020 одлучи да го одбие барањето за заштита на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија. Несогласен со мнозинството судии, сметав дека наводите во барањето беа основани и дека Судот треба да утврди повреда на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата на подносителот на барањето и да ги поништи актите со кои е сторена повредата, поради што гласав против и со почит ја искажувам мојата несогласност со аргументите од предметната одлука.

2. Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата наведува дека на 02.07.2019 година на прес-конференција на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, во својство на претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со дојава на случај со вирусот „Коксаки“ во Детската градинка „Рахилка Гонева“ од Свети Николе, ја дал следната изјава:
„Почитувани, Децата се наше најголемо богатство, тие се нашата иднина. Во последните 2 недели во градинката Рахилка Гонева во Свети Николе било забележано присуство на „Коксаки“ вирус, многу опасен вирус кој може да биде кобен по животот и здравјето на нашите најмили, децата. Да им појасниме на нашите сограѓани, овој „Коксаки“ вирус најчесто се појавува во услови на не хигиена…Ве молам….во градинка во која се згрижени деца од различна возраст. Овој вирус прво се појавил во јаслите кај најмалите за да многу бргу да се прошири и во другите оддели во градинката. Она што фрапира е што иако биле запознаени со присуството на овој вирус…надлежните власти на чело со градоначалникот недели не преземале ништо со што би го спречиле истиот, односно случајот го криеле од јавноста и од надлежните здравствени институции. Со овој „Коксаки“ вирус биле заразени 60-тина деца од различни возраст за кои нивните родители побарале лекарска помош од нивните матични лекари кои покажале професионалност и доблест и ги известиле надлежните здравствени и инспекциски органи за да се преземат неопходните мерки. Дали одговорните лица и градоначалникот требало да чекаат 2 недели и реакција од матичните лекари за да конечно на 28 јуни го известат и побараат од надлежното министерство да се спроведат соодветните инспекции? Дали требало да се чека да се случи нешто фатално и трагично по детското здравје за да го превземат неопходното? Да појасниме…овде не станува збор за остварување на дневно/политички поени….овде се работи за здравјето на нашите деца. Апелираме до сите одговорни лица и градоначалникот малку повеќе време да посветат на она што е приоритет на градинката односно здравјето, среќата и воспитувањето на децата, а помалку на вработување на партиски кадри со несоодветно образование и искуство кои не се кадарни да одговорат на оваа должност односно да работат со децата. Децата не се предмет, тие препознаваат, чувствуваат и најискрено, исконски ги изразуваат своите чувства. Вие сте должни да им ги обезбедите најдобрите услови, најдобрата храна, најдобрите кадри кои ќе се грижат за нивното воспитување и физичко и психичко здравје. Според досега прикажаното, Вие не сте СПОСОБНИ ова да им го испорачате на децата. Проблемите не треба да се кријат….Проблемите треба да се решаваат. Ви благодарам“.

На 01.10.2019 година градоначалникот Сашо Велковски поднел тужба против Дејан Владев за утврдување на одговорност за навреда и клевета сторено со цитираната изјава и за надомест на штета сторени со навредата и клеветата. Основниот суд Свети Николе со пресудата П-5-2/19 од 16.03.2020 година го усвоил тужбеното барање и утврдил граѓанска одговорност на тужениот за изречената клевета и навреда, па го задолжил тужениот да му плати на тужителот износ од 30.000,00 денари поради повреда на личното право на психичко здравје и претрпена душевна болка и износ од 30.000,00 денари поради повреда на честа и угледот со законска казнена камата, како и да ги надомести трошоците во постапката во износ од 47.403,00 денари. Апелациониот суд Штип со пресудата ГЖ.бр.474/20 од 25.09.2020 година ја потврдил првостепената пресуда при што „буквално го препишал“ образложението на првостепениот суд. По ова тужениот, сега подносител на барањето, му го исплатил на тужителот досудениот износ од 63.014,00 денари на име нематеријална штета, и го платил износот од 54.339,00 денари на име трошоци во постапката.

Според подносителот на барањето со наведените пресуди била сторена повреда на правото на мислата и јавното изразување на мислата загарантирано со член 16 став 1 од Уставот. Ова од причина што пресудите претставувале несразмерно мешање на власта во слободата на изразување што може да има ефект на одвраќање од остварувањето на оваа слобода и да претставуваат мерка која би имала ефект на одвраќање од политичко дебатирање за важни работи што е суштинско за правилно функционирање на демократијата. Со тоа што двата суда сметале дека ваквата политичка изјава претставува навреда и клевета, несомнено е дека на подносителот му било повредено правото на мислата и јавното изразување на мислата гарантирано со Уставот. Со наведените пресуди една класична политичка критика, изречена при вршење на политичка функција, била санкционирана како изречена клевета и навреда, со што било повредено уставно загарантираното право на мисла и јавно изразување на мисла од наведената уставна одредба. Доколку пресудите останат во сила и се прифатат како судска практика дефинитивно ќе претставуваат фактор на одвраќање од политичка критика спрема дејствувањето на власта што било спротивно на основните демократски начела.

Причините дадени во пресудите се во директна спротивност со општите принципи на Европскиот суд за човекови права изразени во неговите пресуди, како што била на пример пресудата Макрадули против Република Северна Македонија, каде било изразено мислење дека ваквите осуди претставуваат мешање во правото на слобода на изразувањето.

Санкционирањето на различното мислење на ваков начин не смее да биде замена за јавна дебата за важни прашања од јавен интерес и алтернатива на демократски одговор на критиките за работа на власта преку средствата за јавно информирање од највисоките политички функционери на локално ниво.

3. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Член 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот. Во член 110 алинеја 3 од Уставот, е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Слободата на изразувањето е заштитена и со меѓународните документи, во кои се содржани и одредени ограничувања. Имено, според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права „Никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.” Согласно член 19 став 1 од од истиот акт, никој не може да биде вознемируван поради своето мислење. Во ставот 2 од истиот член е утврдено дека секој има право на слобода на изразување; тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират информации и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма или со кое било друго средство во свој избор. Додека според ставот 3 од истиот член, вршењето на слободата предвидена во став 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица и б) за заштита на националната безбедност или јавниот поредок или јавното здравје или моралот.

Според член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Согласно ставот 2 од истиот член јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.

Во член 10 од истата Конвенција е утврдено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислењето и слободата на примањето и пренесувањето информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Во член 12 став 1 од Универзалната декларација за човекови права е предвидено дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Според ставот 2 од истиот член, секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади.

Од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека уставно-судската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд според член 110 алинеја 3 од Уставот. Поаѓајќи од фактот дека уставната функција на Уставниот суд е да ги штити правата на човекот и граѓанинот, дека Уставот утврдува и дефинира во член 110 алинеја 3 непосредно и директно остварување на таа функција, произлегува дека на тој начин уставотворецот воспоставил уставно-судска заштита според начелото дека апсолутно сите акти и дејствија на државната власт, (поточно од носителите и органите на трите власти – законодавната, извршната и судската) на ист начин подлежат на оцена на нивната уставност, како и на уставно-судска заштита кога се во прашање правата и слободите на човекот и граѓанинот. Oвластувањето на Уставниот суд како орган надлежен за обезбедување на уставно-судска заштита во сите негови надлежности утврдени со Устав, вклучително и надлежноста за одлучување по барања за заштита на слободите и правата, е во функција на остварување на темелната вредност владеење на правото чија функција е во суштина да ги обезбеди и афирмира сите останати темелни вредности, а особено „прворангираната” – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени во Уставот.

Уставното значење и целта на институтот барање за заштита на слободите и правата не се постигнува со декларативно утврдување на постоење на повреда на правата, туку се постигнува со отстранување на последиците што произлегле од констатираната повреда, без разлика кој државен орган е донесувач на оспорениот акт како што во конкретниов случај станува збор за пресудите на Основниот суд Свети Николе и Апелациониот суд Штип. Во таа смисла, „не постои однос на конкуренција или меѓусебно исклучување меѓу уставно утврдената надлежност на Уставниот суд за постапување по барање за заштита на слободи и права и законски утврдената надлежност на судовите од општа и посебна надлежност, ниту пак подложувањето на судските одлуки на уставно-судска контрола во постапката по уставна жалба имаат значење на уставно забранета вонсудска контрола на судски одлуки, бидејќи секако не се работи за одлучување „за иста работа“. Двата вида правна заштита се остваруваат во посебни и независни постапки, од независни тела, со цел под покровителство на Уставот во правниот поредок да се обезбеди целосна заштита на правата и слободите загарантирани со устав, зашто целта на самиот Устав, регулирајќи го системот на редовна судска и посебна уставно-судска заштита, утврдил посебно средство за правна заштита во вид на барање за заштита на, со Устав, утврдените слободи и права, дозволено против поединечни акти и дејствија на сите државни органи, што неспорно ги опфаќа актите и дејствијата на судските органи. Самиот уставно уреден однос кој се карактеризира со експлицитно уставно воспоставување непосредна уставно-судска заштита на човековите права и слободи, со истовремено уставно определување дека судските одлуки се засноваат на Уставот, подразбира дека судските одлуки мора да ги почитуваат, пред сè, човековите права и слободи, како нивно вредносно јадро. При уставно-судска заштита на слободи и права во случај кога се тврди дека повредата на истите настанала со пресуди на редовните судови, од двете независни постапки во случај како што е конкретниов, каде по мое длабоко уверување постои повреда на слободата и правото на кое се повикува барателот, требаше да произлезе одлука на Уставниот суд, со која не се врши „позитивна“ корекција на судската одлука. Судските одлуки, не се „недопирливи“ за оценка и нивно уставно санкционирање во случаи кога ги прекршиле основните човекови права загарантирани со Уставот како што во постапката на нормативна контрола Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и законитоста на прописите на извршната власт, така и во постапката на барање за заштита на слободите и правата Уставниот суд ја оценува согласноста на судските одлуки со уставно загарантираните човекови права и слободи. Основата на двата вида постапки е намерата на уставотворецот сите акти на јавна власт да бидат подредени на Уставот, односно на правата загарантирани со Уставот.

Како што е „природно“ од констатацијата на Уставниот суд при апстрактна нормативна контрола дека правната норма не е во согласност со Уставот, произлегува и разбирливата и единствена можна последица дека општата норма го губи својството на важечко право. Идентично, по констатацијата дека судска одлука со која е повредено „конкретно уставно право“ мора неминовно да следи невалидност (ништовност) на поединечен акт на судската власт којшто е во спротивност со Уставот. Само на тој начин, овој институт (барање за заштита на слободи и права утврдени во Уставот во член 110 алинеја 3) може да претставува ефективен механизам за отстранување на последиците од утврдената повреда на правата, што упатува на одлука на Уставниот суд со таков ефект што во најголема можна мера ќе обезбеди ефикасен начин за отстранување на последици од утврдената повреда на уставните права и слободи.

Доколку на ваков начин се толкуваат уставните вредности и норми vis a vis аргументите на подносителот на барањето и утврдената фактичка состојба, сметам дека во конкретниот случај Уставниот суд требаше да утврди повреда на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и да ги поништи актите со кои истата е сторена, Пресудата П-5-2/19 од 16.03.2020 година на Основен суд Свети Николе и Пресудата ГЖ.бр.474/20 од 25.09.2020 година на Апелационен суд Штип.

4. Како судија известител по конкретниот предмет моите аргументи беа следните:

Уставот ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е генерален за сите поединци, но ова не значи дека не постои никакво ограничување при манифестирањето на оваа слобода. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во законски санкционираните дејствија, при што во уставно-правен спор се утврдува дали постои повреда на загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација само ако се утврди случај на повредa на други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси. Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност, а гарантирањето на оваа слобода во Уставот овозможува нејзино директно остварување и директна заштита врз основа на Уставот. Од друга страна, во Уставот на Република Северна Македонија не е содржана каква било граница за остварувањето на оваа слобода, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот, другите заштитени слободи и права, како и уреденоста на овие права во меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење. Оттаму, во ваков вид на постапки Уставниот суд цени дали вака загарантираното уставно право било повредено со актите на редовните судови или пак ова право нема да добие уставно-судска заштита бидејќи со неговото практикување биле повредени други заштитени со Устав права, односно ќе цени дали е постигната рамнотежа, баланс по однос на сите заштитени уставни права.

Како судија, согласен сум со општопознатата максима според која „најголем непријател на слободата е неограничената слобода”, но во конкретниот случај по мое уверување редовните судови погрешно толкувајќи ја суштината на темелните вредности, посебната уставна заштита на слободата на мислата и јавно изразување на мислата, без да ги имаат предвид спецификите на случајот, односно статусот на подносителот на барањето и статусот на лицето кон кое биле упатени критиките, како и добро познатата судска пракса на Европскиот суд за човекови права кој има изградено генерални ставови во повеќе свои пресуди за прагот на толеранција на критиките кон политичари со што во суштина има изградено стандарди и граници на толеранција на критика, како и методи за проверка на исполнувањето на тие стандарди, пропуштил да го заштити уставно загарантираното право и слобода на мисла и јавно искажување на мисла на подносителот на барањето.

За подобро да се разберат моите аргументи кои пресликани во конкретниот случај несомнено требаше да резултираат со утврдување на повреда на подносителот на барањето ќе упатам на следните ставови на Европскиот суд за човекови права:

– Во случајот Muller and Others v. Switzerland, Апликација бр.10737/84, Пресуда од 24.05.1984 година, пар.27, Судот утврдил дека без плурализам на идеи, толеранција и широкоумност не постои демократско општество. Слободата на изразување е предуслов за секое демократско општество и затоа појдовна основа во расправата во врска со правото на слободата на изразување треба да биде обврската на државата да се воздржува од какво било арбитрарно вмешување во ова право. Од друга страна, мора да се потенцира дека државата е должна да ја практикува позитивната обврска да го овозможи почитувањето на правото на слобода на изразување, а онаму каде тоа е загрозено да најде форма да го заштити и промовира.

– Со пресудата во случајот Handyside v. the United Kingdom (Апликација бр.5493/72) Судот утврдил дека заштитата на слободата на изразување се однесува и на исказите на лица или мали групи дури и тогаш кога тие содржат идеи кои можат да бидат шокантни или вознемирувачки за мнозинството луѓе, но водат кон широка дебата од општ јавен интерес. Презумцијата на слободата на изразување, за судиите наметнува задолжително појдовен став дека слободата на изразување е правило, а секое ограничување е исклучок. Тоа налага темелно познавање на принципите вградени во практикувањето на конвенциското право, па затоа на овој дел од текстот е посветено посебно внимание.

– Во случајот Lombardo and Others v.Maltа, Апликација бр.7333/06, Пресуда од 24.03.2007 година), Судот во својата пресуда утврдил дека здравата демократија налага властите да бидат „изложени на критика не само од страна на законодавните и судските органи туку и од општата јавност и медиумите“. Поради својата доминантна позиција, националните и локалните власти треба да бидат толерантни кон поголема доза на критика кон нив и да избегнуваат каков било „оладувачки ефект“ кон слободата на изразување во политиката. Слободата на изразување практикувана од избраните политичари или новинарите има „привилегиран статус“ поради влијанието на јавните дебати за работи од општествен интерес. Судот развива различни доктрини како „оладувачкиот ефект“ или „помалку рестриктивни алтернативи„ за да ја засили слободата на политичкото изразување. Правилото е слобода на изразувањето, а секое ограничување на слободата на изразување мора да биде исклучок“. Ограничување на слободата на изразување може да се оправда само со „императивна неопходност“ во едно демократско општество, а тоа наметнува постоење на „итна општествена потреба“.

– Во случајот Dabrowski v. Poland (Апликација бр 18235/02, Пресуда од 19.12.2006 година), новинарот бил обвинет за клевета по објавувањето на напис во кој известувал за кривична постапка против локален политичар. Тој го опишува градоначалникот како „градоначалник провалник“ но написот бил објавен откако националните судови утврдиле дека градоначалникот е виновен за провала. Утврдувајќи повреда на слободата на изразување, Судот укажал дека градоначалникот како јавна фигура, требало да покаже поголем степен на толеранција кон критиката која во конкретниот случај содржела и вредносна оцена заснована на фактичка состојба поткрепена со судска пресуда.

– Европскиот суд за човекови права во случајот Макрадули против Република Северна Македонија со пресуда бр. 64659/11 и бр. 24133/13 од 19.07.2018 година, во двата случаи (апликациите се споени), нашол повреда на член 10 од Конвенцијата, направена со пресудите на првостепените судови, апелационите судови и Уставниот суд. Судот во конкретниот случај утврдил дека „Стандардите применети во спорната постапка не биле компатибилни со принципите содржани во членот 10 и дека домашните судови пропуштиле да постигнат правична рамнотежа меѓу спротивставените засегнати интереси. Затоа, мора да се заклучи дека мешањето било несразмерно во однос на легитимната цел чие остварување се настојувало да се постигне и „не било неопходно во демократско општество“ во смисла на член 10 став 2 oд Конвенцијата. Во секој случај и со оглед на околностите на предметот, обете изјави на апликантот биле, според мислење на Судот, правичен коментар за прашања од легитимен јавен интерес, како што е придржување кон законското барање за изнесување податоци за имотот и конфликтот на интереси кај г. С.М., кој бил добро познат носител на висока државна функција, како и доста значаен политичар. Транспарентност и спречување злоупотреба на власт од страна на државни функционери се работи кои се од интерес за јавноста во демократско општество, чија цел е да се зајакне јавниот интегритет и да се задржи јавната доверба во јавните институции. Фактот дека таква личност е во ситуација во која се преклопуваат неговите деловни, политички и службени активности може да предизвика јавна дискусија, дури и кога, стриктно говорејќи, според домашното право не се јавува проблем на неспоивост на вршење на функцијата со други активности. Конечно, Судот смета дека апликантовото кривично осудување, без оглед на фактот што изречените парични казни повеќе не можеле да бидат извршени, може да се согледа како мерка која има ефект на одвраќање од политичко дебатирање за важни работи, кое е суштинско за правилно функционирање на демократијата”.

За жал, мнозинството судии ја игнорираше ваквата практика на Европскиот суд за човекови права и одби да ја примени на конкретниот случај и покрај неспорниот факт што од таа практика произлегуваат стандарди кои се лесно воочливи и се, и мораше да бидат апликативни на конкретното барање. Мнозинството судии не ги прифати за релевантни при нивното расудување и одлучување фактите утврдени во претходно наведените пресуди на Европскиот суд за човекови права дека:

– „без плурализам на идеи, толеранција и широкоумност не постои демократско општество. Слободата на изразување е предуслов за секое демократско општество и затоа појдовна основа во расправата во врска со правото на слободата на изразување треба да биде обврската на државата да се воздржува од какво било арбитрарно вмешување во ова право. Од друга страна, мора да се потенцира дека државата е должна да ја практикува позитивната обврска да го овозможи почитувањето на правото на слобода на изразување, а онаму каде тоа е загрозено да најде форма да го заштити и промовира”.
– „заштитата на слободата на изразување се однесува и на исказите на лица или мали групи дури и тогаш кога тие содржат идеи кои можат да бидат шокантни или вознемирувачки за мнозинството луѓе, но водат кон широка дебата од општ јавен интерес. Презумцијата на слободата на изразување, за судиите наметнува задолжително појдовен став дека слободата на изразување е правило, а секое ограничување е исклучок”.
– „здравата демократија налага властите да бидат „изложени на критика не само од страна на законодавните и судските органи туку и од општата јавност и медиумите“. Поради својата доминантна позиција, националните и локалните власти треба да бидат толерантни кон поголема доза на критика кон нив и да избегнуваат каков било „оладувачки ефект“ кон слободата на изразување во политиката. Слободата на изразување практикувана од избраните политичари или новинарите има „привилегиран статус“ поради влијанието на јавните дебати за работи од општествен интерес. Судот развива различни доктрини како „оладувачкиот ефект“ или „помалку рестриктивни алтернативи„ за да ја засили слободата на политичкото изразување. Правилото е слобода на изразувањето, а секое ограничување на слободата на изразување мора да биде исклучок“. Ограничување на слободата на изразување може да се оправда само со „императивна неопходност“ во едно демократско општество, а тоа наметнува постоење на „итна општествена потреба“.
– „градоначалникот како јавна фигура, требало да покаже поголем степен на толеранција кон критиката која во конкретниот случај содржела и вредносна оцена заснована на фактичка состојба поткрепена со судска пресуда”.
– „стандардите применети во спорната постапка не биле компатибилни со принципите содржани во членот 10 и дека домашните судови пропуштиле да постигнат правична рамнотежа меѓу спротивставените засегнати интереси. 85. Затоа, мора да се заклучи дека мешањето било несразмерно во однос на легитимната цел чие остварување се настојувало да се постигне и „не било неопходно во демократско општество“.

Во конкретниот случај, неспорно е дека анализата на предмет поврзан со клевета или навредa, налага да се утврди дали се работи за изјава заснована на факти или, пак, се работи за изјава која преточува вредносно оценување. Изјавата заснована на факти налага и докажување додека, од друга страна, изјавите во врска со вредносното оценување не налагаат поткрепеност со доказ но, сепак, мора да постои некаков видлив концепт на основаност кој ќе се темели на добра волја да се покрене широка јавна дебата. Дури и вредносните оцени мора да почиваат на одредена фактичка основа, а поврзаноста меѓу фактичката основаност и вредносната оцена ќе варира во зависност од околностите на случајот. Низ оваа призма за мене неприфатлив е аргументот на мнозинството судии „По однос на делот од изјавата за „неспособност“ на тогашниот градоначалник да обезбеди најдобри услови за децата во градинката Судот оцени дека е вредносен суд на подносителот на барањето, како опозиционен функционер упатен кон лице од власта. Но, при состојба кога не постоела доволна фактичка основа за дадената изјава, овој вредносен суд станал прекумерен, од каде по однос на целината на дадената изјава се јавила потреба од вмешување на државата бидејќи во тој случај јавното здравје, а пред се здравјето на најмладите е прашање од јавен интерес кое ги вознемирило жителите на Свети Николе”.

Изјавата на подносителот на барањето без никаква дилема е прашање од јавен интерес, бидејќи станува збор за заштита на здравјето на децата. Изјавата на подносителот на барањето се заснована на факти кои се темелат на сомнеж за прашање од јавен интерес. Доколку не постоел сомнеж се поставува прашањето зошто „надлежните органи од градинката преземаат мерки (во моментот на давање на изјавата) за утврдување на можно присуство на овој вирус (според редовниот суд, во изјавата на министерот се потенцира дека на денот на давање на изјавата од страна на директорот на Градинката во текот на тој ден (28.06.2019 год.) се преземаат сите мерки за утврдување на можно присуство на вирусот. Според обемната документација на 01.07.2019 година, од страна на надлежните органи во Градинката се преземени санитарни и здравствени мерки за утврдување на можно присуство на вирусот ден пред одржување на прес-конференцијата”. Тврдењето на редовните судови, прифатено од мнозинството судии на Уставниот суд, дека вредносниот суд „градоначалникот е неспособен” станал прекумерен, од каде по однос на целината на дадената изјава се јавила потреба од вмешување на државата бидејќи во тој случај јавното здравје, а пред сẻ здравјето на најмладите е прашање од јавен интерес кое ги вознемирило жителите на Свети Николе, е апсолутно некомпатибилно со практиката на Европскиот суд за човекови права. Изјавите во врска со вредносното оценување не налагаат поткрепеност со доказ но, сепак, мора да постои некаков видлив концепт на основаност кој ќе се темели на добра волја да се покрене широка јавна дебата за прашање од јавен интерес, како што впрочем е и во конкретниот случај.

Не спорам дека дури и вредносните оцени мора да почиваат на одредена фактичка основа, а поврзаноста меѓу фактичката основаност и вредносната оцена ќе варира во зависност од околностите на случајот. Она што е проблематично е што редовните судови, исто како и мнозинството уставни судии не го земаа предвид фактот „околностите на случајот”, статусот и својството во кое подносителот на барањето ја дал изјавата, своството и статусот на лицето кон кое се упатени зборовите за кои пресудиле дека се клевета и навреда. Поради својата доминантна позиција, националните и локалните власти треба да бидат толерантни кон поголема доза на критика кон нив и да избегнуваат каков било „оладувачки ефект“ кон слободата на изразување во политиката. Слободата на изразување практикувана од политичари (и новинарите) има „привилегиран статус“ поради влијанието на јавните дебати за работи од општествен интерес. Правилото е слобода на изразувањето, а секое ограничување на слободата на изразување мора да биде исклучок. Ограничување на слободата на изразување може да се оправда само со „императивна неопходност“ во едно демократско општество, а тоа наметнува постоење на „итна општествена потреба“, што во конкретниот случај не може да стане збор. Утврден стандард на Европскиот суд за човекови права е во случаи на клевета и навреда од политичар упатени кон политичар, или градоначалник, обвинетиот за клевета, не е должен да ја докаже вистината во сите аспекти, ако вистинитоста на изјавеното е веројатна и води кон важен јавен интерес. Кога ја утврдува вистинитоста на изјавата која националните судови ја оцениле како клевета, Европскиот суд за човекови права пристапува со широка и либерална интерпретација на поимот на вредносна оцена, ја цени целовитоста на оспорената изјава, посебно прави разлика меѓу изјава заснована на факти и вредносна оцена во однос на политичкото изразување, странично го опфаќа прашањето дали или не спорната изјава е клеветничка и дали се фокусира наместо на непропорционалните елементи на преземените мерки за нивно санкционирање.

По мое длабоко уверување, имајќи ја предвид и нашата општествена реалност, како и нивото на политичка култура на моменталниот стадиум на развој на нашиот демократски поредок, изјавата за неспособност за која редовните судови одлучиле дека претставува напад врз угледот на одредена личност, ниту е пропорционална одлука, ниту ги има предвид стандардите на Европскиот суд за човекови права, ниту го пречекорува прагот на дозволена критика, ниту го достигнува нивото на сериозност за да биде пресудена на начин што предизвикува загрозување на личното уживање на правото на почитување на приватниот живот. Ама, ова не е случај тука, напротив, мешањето на органите на државната власт било несразмерно во однос на легитимната цел чие остварување се настојувало да се постигне и „не било неопходно во демократско општество“.

Балансирањето на слободата на изразување во однос на правото на почитување на приватниот живот, претпочита познавање и применување на повеќе релевантни критериуми утврдени низ судската практика како прашањата: 1. Дали објавената информација придонесува за дебата од општ интерес? 2. Колку е јавно познато лицето и што е предмет на информирање? 3. Претходното однесување на засегнатото лице; 4. Околностите на кои се однесува изјавата, информацијата; 5. Околностите во кои е дадена изјавата и 6. Содржината, формата и последиците на изјавата.

Прво се поставува прашање дали конкретната информација придонела кон отворање на јавна дебата од општ јавен интерес? Одговорот е да, недвосмислено. Не помалку е важно дали поединецот на кој се однесува информацијата е препознатлив или е непознат за јавноста може да побара определена заштита на неговото или нејзиното право на приватен живот, но тоа не е секогаш прифатливо кога се работи и за јавните личности во иста ситуација или во врска со иста информација. Слободата на изразување ги опфаќа „слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи“. Покрај тоа, мора да се има на ум дека слободата на мислење ужива речиси апсолутна заштита и претставува предуслов за другите слободи.

Слободата на изразување има посебно привилегиран третман во заштитата кој налага и голема одговорност во нејзиното уживање. Вредносните оцени се процени и гледишта за некакви состојби или настани и тие не секогаш подлежат на докажување на нивната точност или погрешност. За вредносни оцени изразени во врска со политиката, за прашања од јавен интерес, за критики искажани кон власта, за мислење искажано во политичка кампања или во однос на критики насочени кон јавни органи, Судот има широк степен на толеранција и во овој однос, принципот на маргина на уважување има низок степен на прифатливост.

Судската практика на судот во Стразбур утврдува дека дозволената критика во однос на политичарите е поширока во споредба со приватните лица. Кога политичарот ќе се повлече од политичкиот живот тој повторно го стекнува правото на поширока заштита, како и другите граѓани. Политичарите мора да бидат отворени за поголема критика кон новинарите и кон јавноста. Судската практика на Европскиот суд за човекови права, покажува дека и парична казна може да претставува основа за непропорционален пристап од страна на властите, ако таквата казна изгледа како пречка за остварувањето на слободата на изразување, што овде е случај. Слободата на изразување низ политичкиот живот, преточена во политичка дебата е една од највидливите форми на ова право во демократско општество. Европскот суд за човекови права „придава највисоко значење на слободата на изразување во контекст на политичката дебата и смета дека политичкиот дискурс не треба да биде ограничен без цврсти причини“ сѐ со цел да не дојде до гаснење на критичката мисла. Појдовна точка е дека правото на слобода на изразување е „скапоцено за сите“ и дека е „особено важно за политичките партии и нивните активни членови…“ бидејќи тие ги претставуваат избирачите и нивните интереси.

5. Во контекст на изнесеното, ценам дека Судот требаше да утврди повреда на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и да ги поништи актите со кои истата е сторена, Пресудата П-5-2/19 од 16.03.2020 година на Основен суд Свети Николе и Пресудата ГЖ.бр.474/20 од 25.09.2020 година на Апелационен суд Штип.

Судија на Уставниот суд,
д-р Дарко Костадиновски

Одлука У.бр.319/2020