У.бр.319/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија, како и член 70 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 2 мај 2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Дејан Владев, поднесено преку адвокатот Гоце Тасков, двајцата од Свети Николе, за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. До Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дејан Владев преку адвокатот Гоце Тасков, двајцата од Свети Николе, поднесе барање за заштита на слободите и правата во кое наведува дека на 02.07.2019 година на прес-конференција на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, во својство на претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со дојава на случај со вирусот коксаки во детската градинка „Рахилка Гонева“ од Свети Николе, ја дал следната изјава:

„Почитувани,
Децата се наше најголемо богатство, тие се нашата иднина. Во последните 2 недели во градинката Рахилка Гонева во Свети Николе било забележано присуство на КОКСАКИ вирус-многу опасен вирус кој може да биде кобен по животот и здравјето на нашите најмили, децата.
Да им појасниме на нашите сограѓани-овој КОКСАКИ вирус- најчесто се појавува во услови на не хигиена…Ве молам…во градинка во која се згрижени деца од различна возраст. Овој вирус прво се појавил во јаслите кај најмалите за да многу бргу да се прошири и во другите оддели во градинката. Она што фрапира е што иако биле запознаени со присуството на овој вирус…надлежните власти на чело со градоначалникот недели не преземале ништо со што би го спречиле истиот, односно случајот го криеле од јавноста и од надлежните здравствени институции. Со овој КОКСАКИ вирус биле заразени 60-тина деца од различна возраст за кои нивните родители побарале лекарска помош од нивните матични лекари кои покажале професионалност и доблест и ги известиле надлежните здравствени и инспекциски органи за да се преземат неопходните мерки.
Дали одговорните лица и градоначалникот требало да чекаат 2 недели и реакција од матичните лекари за да конечно на 28 јуни го известат и побараат од надлежното министерство да се спроведат соодветните инспекции?
Дали требало да се чека да се случи нешто фатално и трагично по детското здравје за да го превземат неопходното?
Да појасниме, овде не станува збор за остварување на дневно/политички поени, овде се работи за здравјето на нашите деца.
Апелираме до сите одговорни лица и градоначалникот малку повеќе време да посветат на она што е приоритет на градинката односно здравјето, среќата и воспитувањето на децата а помалку на вработување на партиски кадри со несоодветно образование и искуство кои не се кадарни да одговорат на оваа должност односно да работат со децата.
Децата не се предмет, тие препознаваат, чувствуваат и најискрено-исконски ги изразуваат своите чувства.
Вие сте должни да им ги обезбедите најдобрите услови, најдобрата храна, најдобрите кадри кои ќе се грижат за нивното воспитување и физичко и психичко здравје.
Според досега прикажаното Вие не сте СПОСОБНИ ова да им го испорачате на децата.
Проблемите не треба да се кријат….Проблемите треба да се решаваат.
Ви благодарам.“

На 01.10.2019 година градоначалникот Сашо Велковски поднел тужба против Дејан Владев за утврдување на одговорност за навреда и клевета сторени со цитираната изјава и за надомест на штета сторена со навредата и клеветата.

Основниот суд Свети Николе со пресудата П-5-2/19 од 16.03. 2020 година го усвоил тужбеното барање и утврдил граѓанска одговорност на тужениот за изречената клевета и навреда, па го задолжил тужениот да му плати на тужителот износ од 30.000 денари поради повреда на личното право на психичко здравје и претрпена душевна болка и износ од 30.000 денари поради повреда на честа и угледот со законска казнена камата, како и да ги надомести трошоците во постапката во износ од 47.403, 00 денари. Барањето за исплата на разликата од бараниот до досудениот износ за претрпената душевна болка и повреда на честа и угледот, како и за разликата по однос на трошоците во постапката било одбиено како неосновано.

Во натамошниот текст на барањето се елаборираат причините од кои се раководел првостепениот суд при носење на одлуката, се изнесуваат делови од жалбените наводи и причините за изјавување на жалба па се наведува дека Апелациониот суд Штип со пресудата ГЖ.бр.474/20 од 25.09.2020 година ја потврдил првостепената пресуда при што „буквално го препишал“ образложението на првостепениот суд. По ова тужениот, сега подносител на барањето, му го исплатил на тужителот досудениот износ од 63.014,00 денари на име нематеријална штета и го платил износот од 54.339,00 денари на име трошоци во постапката.

Според подносителот на барањето со наведените пресуди била сторена повреда на правото на мисла и јавно изразување на мисла загарантирано со член 16 став 1 од Уставот. Ова од причина што пресудите претставувале несразмерно мешање на власта во слободата на изразување што може да има ефект на одвраќање од остварувањето на оваа слобода и да претставуваат мерка која има ефект на одвраќање од политичко дебатирање за важни работи, што е суштинско за правилно функционирање на демократијата. Со тоа што двата суда сметале дека ваквата политичка изјава претставува навреда и клевета, несомнено е дека на подносителот му било повредено правото на мисла и јавно изразување на мисла гарантирано со Уставот.

Со наведените пресуди една класична политичка критика, изречена при вршење на политичка функција, била санкционирана како изречена клевета и навреда, со што било повредено уставно загарантираното право на мислата и јавното изразување на мисла од наведената уставна одредба.

Доколку пресудите останат во сила и се прифатат како судска практика дефинитивно ќе претставуваат фактор на одвраќање од политичка критика спрема дејствувањето на власта што е спротивно на основните демократски начела.

Причините дадени во пресудите биле во директна спротивност со општите принципи на Европскиот суд за човекови права изразени во неговите пресуди, како што била на пример пресудата Макрадули против Република Македонија, каде било изразено мислење дека ваквите осуди претставуваат мешање во правото на слобода на изразувањето. Притоа централно прашање било дали ваквото мешање е неопходно во едно демократско општество. Во врска со критериумите за неопходноста и дозволеноста на ваквото мешање Судот во точката 61 од Одлуката навел дека има малку простор, според член 10 став 2 од Конвенцијата, за ограничување на политички говор или дебата за прашања од јавен интерес. Следствено на тоа, вообичаено ќе се дава високо ниво на заштита на слободата на изразување кога забелешките се однесуваат на прашања од јавен интерес, па тогаш властите ќе имаат особено тесен простор за проценка. Извесен степен на непријателство и потенцијална сериозност на забелешките не го отстранува правото на високо ниво на заштита, со оглед на постоењето на работа од јавен интерес…

Во точката 69 од Пресудата се вели „Судот повторно укажува дека, според неговата утврдена практика, границите на прифатлива критика се пошироки за државните службеници отколку за приватни лица. Во демократско општество дејствијата или пропустите на власта мора да бидат подложени на внимателно испитување, не само од легислативните органи, туку и од јавното мислење“.

Во точката 70 од Пресудата се потенцира дека според практиката на Судот кога станува збор за високо рангирани функционери границите на прифатлива критика мора да бидат пошироки отколку во предмет на обичен државен службеник. Неспорно е дека тужителот во овој предмет е највисоко рангиран функционер во локалната самоуправа.

Исто така, Судот во точката 71 наведува дека политичар неизбежно и свесно се отвора себеси за внимателно испитување на секој негов збор и дело од страна на новинари и широката јавност, а тој мора да покаже поголемо ниво на толеранција.

Во таа смисла, Судот уште навел дека кога станува збор за комбинирани политички и јавно-службени елементи во едно лице, тоа лице освен што треба да покаже повисок степен на толеранција кон јавна критика треба да покаже и воздржаност при одлучувањето дали да прибегне кон кривична постапка (или друга постапка за утврдување на одговорност за изречено мислење и критика, сеедно), особено ако на располагање има други средства за одговарање на неоправдани напади и критики од неговите противници.

Во конкретниот предмет, ова значи дека градоначалникот требало да покаже воздржаност при одлучувањето дали да прибегне кон поведување постапка за утврдување на одговорност или пак да одговори со други средства, конкретно со јавен настап или информации преку средствата за јавно информирање. Тој воопшто не се ни обидел преку јавен настап или јавно информирање да одговори на критиките од тужениот доколку сметал дека се неосновани.

Со санкционирањето на изјавата на Дејан Владев дадена како конкретна политичка критика на дејствување на локалните власти во градинката и градоначалникот се повредува правото на слободно изразување на мислата кога таа се однесува на дејствувањето на власта.

Аргументацијата во пресудите наликува на размислување за „едно друго време“, особено кога санкционираната изјава нема никаква негативна конотација и кога истата е заснована на фактичка основа што произлегува од објективни докази за појавата на вирусот и кога појавата на тој вирус во градинката била ноторен факт.

Ако претседателот на најголемата опозициона партија во општината се санкционира за изречена критика кон власта што останува за обичните граѓани.

Санкционирањето на различното мислење на ваков начин не смее да биде замена за јавна дебата за важни прашања од јавен интерес и алтернатива на демократски одговор на критиките за работа на власта преку средствата за јавно информирање од највисоките политички функционери на локално ниво.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да утврди повреда на слободата од член 16 став 1 од Уставот сторена со наведените пресуди, па истите да ги поништи и да ги отстрани последиците од нивната примена на начин што ќе одлучи на барателот да му се надомести материјална штета во износ од 117.353,00 денари и трошоци на постапката во износ од 54.390,00 денари. Воедно, се бара и досудување на нематеријална штета во висина од 60.000,00 денари заради повреда на честа и угледот со наведените пресуди на подносителот на барањето.

4. Судот на седницата врз основа на извршениот увид и анализа на приложените и прибавени докази ја утврди следната фактичка состојба:

Дејан Владев од Свети Николе, во оваа постапка лице кое бара заштита на слободите и правата, на 02.07.2019 година на прес-конференција на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, во својство на претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со дојава на случај со вирусот коксаки во детската градинка „Рахилка Гонева“ од Свети Николе, ја дал изјавата целосно пренесена во наводите од барањето.

На 15.07.2019 година градоначалникот Сашо Велковски од Свети Николе преку својот полномошник Саша Стаменковска, адвокат од Свети Николе, побарал писмено извинување за дадената изјава, но Дејан Владев не се извинил.

Градоначалникот поднел тужба до Основниот суд Свети Николе, кој по спроведената постапа и изведените докази со пресуда П5-2/19 од 16.03.2020 година делумно го уважил тужбеното барање на тужителот и утврдил граѓанска одговорност на тужениот Дејан Владев за изречената клевета и навреда, сторени на начин што тужениот на определената прес-конференција во определеното својство изрекол клевета со зборовите „Во последните две недели во градинката Рахилка Гонева во Свети Николе било забележано присуство на КОКСАКИ… Овој вирус прво се појавил во јаслите кај најмалите за да многу бргу да се прошири и во другите оддели во градинката…иако биле запознаени со присуството на овој вирус…надлежните власти на чело со градоначалникот недели не преземале ништо“, а навредата била изречена со зборовите „…според досега прикажаното ВИЕ НЕ СТЕ СПОСОБНИ…“ и без никаков повод и причина му ги упатил клеветничките и навредливи зборови на тужителот со што му било наштетено на честа и угледот на тужителот.

Во ставот два од пресудата тужениот е задолжен да му плати на тужителот справедлив паричен надомест од по 30.000,00 денари за двете основи на нематеријална штета со бараната камата сметано од 16.03.2020 година до конечната исплата во рок од 15 дена од приемот на пресудата. Тужениот е задолжен да плати и сума од 47.403,00 денари на име трошоци на постапката.

За разликата од бараните до досудените износи на име нематеријална штета и разликата од бараните и досудени трошоци во постапката тужбеното барање е одбиено како неосновано.

Судот на главната расправа дозволил и извел поголем број на докази како што се: медицински вештачења по однос на претрпената душевна болка на тужителот, барањето за извинување, решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат подрачно одделение Штип бр.09-79 од 28.06.2019 година, поголем број на извештаи и стручни мислења од направени тестирања од Центар за јавно здравје Велес на различни површини и лица во градинката на ЈЗУ, записник за извршен инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат подрачно одделение Штип ИП-1 бр.09-79 од 17.07.2019 година, извршил увид во предметот на Основното јавно обвинтелство Свети Николе РО.бр.37/19, направил аудио и видеопрезентација на цеде од седница на Собранието на Република Северна Македонија и изјавата на министерот Мила Царовска, прибавил мислење од специјалист епидемиолог, сослушал повеќе сведоци, ги сослушал странките во постапката и извел други докази. Судот ценејќи го секој доказ посебно и сите заедно во склоп на една целина, согласно член 8 од Законот за парничната постапка ја утврдил следната фактичка состојба:

Државниот санитарен и здравствен инспекторат подрачно одделение Штип врз основа на Решението бр.09-79 од 28.06.2019 година направил вонреден инспекциски надзор во ЈОУДГ „Рахилка Гонева“ Свети Николе, клон „Кочо Рацин“ Свети Николе и наредил на директорот на градинката Билјана Василова да преземе санитарно-хигиенски и против епидемиски мерки како: да изврши вонредна дезинфекција, да преземе засилени хигиенски мерки, болни и сомнително болни деца да не ги прима во градинката, да се земат контролни брисови од површините, играчките и вработените лица во рок за извршување од еден ден. На 01.07.2019 година Јавно здравствената установа центар за јавно здравје Велес од различни површини и лица во градинката земал брисови и дал наод и мислење дека микробиолошки не биле најдени предизвикувачи на ИХИ и нема епидемиолошки ризик од негова појава, како и дека аеробни патогени бактерии не пораснале. Во записник за извршен инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат подрачно одделение Штип ИП-1 бр.09-79 од 17.07.2019 година е констатирано дека од страна на одговорните лица во градинката биле преземени потребните мерки, на влезната врата било означено дека болни деца не се примаат, а хигиената била на задоволително ниво. Веднаш по дознавањето дека има болни деца, директорката на градинката се јавила кај лекарот д-р Стево Арсов во Свети Николе и тој информирал дека постои вирусот коксаки на територијата на Свети Николе, но не и во градинката, односно дека изворот не е од неа. На 28.06.2019 година на седница на Собранието на Република Северна Македонија, одговарајќи на пратеничко прашање, министерот Мила Царовска изјавила дека управата на градинката го известила санитарниот инспекторат и тој постапувал согласно известувањето, како и тоа дека инспекцијата била известена на денешниот ден од страна на градинката и постапувала по однос на укажаното од директорката. Според неа, било важно да не се шири паника кај граѓаните, а како вирусот се пренесувал требало да постапуваат двете инспекции за да се спречи натамошно ширење. На 02.07.2019 година тужениот како претседател на Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција, меѓу другото, изјавил дека во последните две недели во градинката „Рахилка Гонева“ било забележено присуство на коксаки вирус, кој прво се појавил во јаслите, кај најмалите, за да многу бргу се прошири и во другите оддели на градинката. Надлежните локални власти во градинката на чело со градоначалникот, иако биле запознати со појавата на вирусот, не презеле ама баш ништо, а според дотогаш прикажаното вие не сте способни. Од изречените клеветнички и навредливи зборови на тужителот му било наштетено на честа и угледот поради што трпел душевна болка во средината во која живее и работи како градоначалник каде сите го познавале. Душевната болка се манифестирала во форма на загриженост, чувство на лутина, страв, вознемиреност, пониженост и посраменост, очајување, преокупираност со можни последици врз стекнатиот рејтинг во местото на живеење и пошироко. Душевната болка била во причинско-последична врска со искажаните клевети и навреди и била со јак интензитет во период од десет дена, со среден во период од еден месец и слаб интензитет кој во моментот на испитувањето сẻ уште траел. На 15.07.2019 година тужителот, преку својот полномошник, побарал тужениот писмено да му се извини, но извинување не добил. Основното јавно обвинителство во Одлуката РО.бр.37/2019 од 04.10.2019 година констатира дека нема место за јавнообвинителска интервенција за кривичното дело „Пренесување заразна болест“ од член 205 став 1 од Кривичниот законик. Одлуката била донесена врз основа на информација бр.09368/19 од 15.07.2019 година со пропратни докази во која било наведено дека стапиле во контакт со педијатарот д-р Стево Арсов, кој изјавил дека првото заболено дете од 17.06.2019 година не одело во градинка, второто дете кое се јавило на преглед тој ден добило терапија за алергија, а во наредните десет дена се јавиле вкупно 29 деца со сличен осип, биле воспоставени различни дијагнози, биле на различна возраст, но не оделе во градинка. Кај д-р Оливер Трајчев, матичен лекар, биле прегледани неколку деца со слични симптоми, биле без компликации и биле лечени со симптоматска терапија, а хигиенско-епидемиолошката состојба во градинката била уредна, односно немало заболени деца од присутните.

На така утврдената фактичка состојба, првостепениот суд ги применил член 16 од Уставот, член 19 од Универзалната декларација за човековите права, член 19 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, член 10 од Европската конвенција за човековите права, член 8 и 9 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и оценил дека спорната изјава е дадена со намера да се наштети на честа и угледот на Сашо Велковски, градоначалник на Општина Свети Николе. Според првостепениот суд искажаното на прес-конференцијата било надвор од прифатлива критика. Притоа тужителот Сашо Велковски, согласно член 9 став 2 од наведениот закон, сметал дека тужениот Дејан Владев требало да го докаже тврдењето дека надлежните власти во градинката на чело со градоначалникот две недели не преземале ништо за сузбивање на опасниот вирус. Ова и од причина што од изведените докази во постапката не произлегло дека во градинката имало таков вирус, а градоначалникот знаел за вирусот и ништо не презел, што според Судот било немање на доволна фактичка основа да се поверува во вистинитоста на тврдењето за присуство на вирусот, особено што тужениот не доставил материјални докази во поткрепа на вистинитоста на неговата изјава. Од изјавата на надлежниот министер произлегува дека случајот бил пријавен кај надлежните институции. Тужениот немал основа да поверува во вистини-тоста на своето тврдење од каде Судот нашол дека нема место за исклучување на одговорност за клевета на тужениот. Напротив изнесените тврдења биле штетни за честа и угледот на тужителот, изјавата била невистинита, не постоеле сериозни извори на сознание за дадената изјава, од каде тужениот не постапувал со потребната мера на должно внимание.

Во постапката, Судот раководејќи се од препораките на Европскиот суд за човековите права и слободи, со анализа на повеќе пресуди донесени од наведениот суд по однос на заштитата на слободата на изразување го направил трослојниот тест и тоа: 1) дали интервенцијата е пропишана со закон? 2) Дали интервенцијата има легитимна цел? и 3) Дали интервенцијата е нужно неопходна во едно демократско општество? По однос на првиот услов Судот се повикал на одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и утврдил дека постои граѓанска одговорност за клевета и навреда. Легитимната цел, според судот, е заштитата на угледот и правата на другите, а интервенцијата била нужна од причини што тужениот ја надминал рамката на слободно изразување. Ова и од причина што тужителот како политички опонент на тужениот не можел да биде изложен на критика, а како тужителот, како градоначалник на Општината немал никаква поврзаност со работата на детската градинка, освен што според одредбите од Законот за заштита на децата, на предлог на Управниот одбор на градинката, врши избор и разрешување на директор на градинка. Според тоа, тужителот не може да биде изложен на критика за нешто што не било во негова надлежност, односно било во надлежност на други органи.

Судот сметал дека слободата на изразување претставува една од суштинските основи на едно демократско општество, дека во тој случај нема место за исклучување на одговорноста, а како тужениот ги пречекорил границите на загарантираното право на слободно изразување и со својата изјава го загрозил достинството и личноста на тужителот.

Надоместоците за претрпената нематеријална штета се досудени врз основа на вешт наод и мислење во кој е направена анализа на интензитетот и времетрањето на душевната болка.

Судот при одлучувањето ја имал предвид пресудата Макрадули против Република Македонија и оценил дека е ирелевантна и неприменлива во дадениот случај а како во таа пресуда постоеле други факти и околности и во тој предмет апликантот имал доволна фактичка основа да поверува во своите тврдења, што било различно од предметот по кој постапува.

Апелациониот суд во Штип со Пресуда ГЖ-474/20 од 25.09.2020 година во целост ја потврдил првостепената пресуда, а како не нашол суштествени повреди на постапката, нашол дека фактичката состојба е правилно и целосно утврдена и материјалното право е правилно применето.

6. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 11 став 1 од Уставот, е определено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Член 25 од Уставот на секој граѓанин му гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Со член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Во член 110 алинеја 3 од Уставот, е определено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека уставно-судската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив, односно само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд според член 110 алинеја 3 од Уставот. За слободите и правата кои не подлежат на уставно-судска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, граѓаните може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Уставот ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, на начин кој е генерален за сите поединци, но ова не значи дека не постои никакво ограничување при манифестирањето на оваа слобода. Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во законски санкционираните дејствија, при што во уставно-правен спор се утврдува дали постои повреда на загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација само ако се утврди случај на повреда на други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Слободата на изразувањето е заштитена и со меѓународните документи, во кои документи се содржани и одредени ограничувања.

Имено, според член 17 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, никој не може да биде предмет на самоволни или незаконити мешања во неговиот приватен живот, во неговото семејство, во неговиот стан или неговата преписка, ниту на незаконити повреди на неговата чест или на неговиот углед. Секое лице има право на законска заштита против ваквите мешања или повреди.

Според член 19 став 1 од од истиот акт никој не може да биде вознемируван поради своето мислење. Според ставот 2 секој има право на слобода на изразување; тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират информации и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма или со кое било друго средство во свој избор. Според ставот 3 вршењето на слободата предвидена во став 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица; б) за заштита на националната безбедност или јавниот поредок или јавното здравје или моралот.

Според член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Согласно ставот 2, јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.

Во член 10 од истата конвенција е определено дека секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислењето и слободата на примањето и пренесувањето информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите…2) Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Член 12 став 1 од Универзалната декларација за човекови права предвидува дека никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот, домот или преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади, според ставот 2.

Во Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета („Службен весник на Република Македонија“ бр.143/2012) е уредена граѓанската одговорност за штета нанесена на честа и угледот на физичко или правно лице со навреда и клевета.

Според член 2 став 1 од овој закон, се гарантира слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество. Согласно ставот 2 на овој член ограничувањата на слободата на изразување и информирање законски се уредуваат со определување на стриктни услови за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (член 10) и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Согласно член 6 став 1 од Законот, за навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Согласно член 8 став 1 од Законот за клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити.

Во член 7 став 1 од истиот закон е определено дека нема одговорност за навреда, ако:

1) изјавата е дадена во работата на Собранието на Република Македонија, во работата на советите на општините и Градот Скопје, во управна или судска постапка или пред Народниот правобранител, освен ако тужителот докаже дека е дадена злонамерно;
2) е пренесено мислење содржано во службен документ на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, органите на управата, судовите или други државни органи, соопштение или други документи на меѓународни организации или конференции, соопштение или друг документ за информирање на јавноста издадени од надлежни државни органи, установи или други правни лица, соопштение или друг службен документ од истраги за сторени кривични дела или прекршоци и
3) во изјавата се пренесени мислења изнесени на јавен собир, во судска постапка или друга јавна манифестација на активноста на државни органи, установи, здруженија или правни лица или се известува за изјава што е јавно соопштена од друг.

Според ставот 3 од членот 7 од истиот закон, не е одговорен за навреда тој што ќе изнесе понижувачко мислење за носител на јавна функција во јавен интерес, ако докаже дека тоа е засновано врз вистинити факти, или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти, или ако изјавата содржи оправдана критика или поттикнува расправа од јавен интерес или е дадена во согласност со професионалните стандарди и етика на новинарската професија.

Од анализата на цитираните одредби произлегува дека слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност, а со гарантирањето на оваа слобода во Уставот се овозможува нејзино директно остварување и директна заштита врз основа на Уставот. Од друга страна, во Уставот на Република Северна Македонија не е содржана каква било граница за остварувањето на оваа слобода, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот, заштитени слободи и права, како и уреденоста на овие права во меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ваквото високо ниво на гарантирање на слободата на мислата и нејзиното јавно изразување во Уставот на Република Македонија, интерпретирани во меѓународното право не може да важи неограничено. Заради обезбедување на заедничкиот живот, правниот поредок понекогаш мора да ја ограничи слободата на поединецот за да ја заштити слободата на другите, односно содржински да го ограничи нивното важење.

Оттаму, во ваков вид на постапки Уставниот суд цени дали вака загарантираното уставно право било повредено со актите на редовните судови и дали во неговото практикување биле повредени други заштитени со Устав права, односно ќе цени дали е постигната рамнотежа, баланс по однос на сите заштитени уставни права или пак ова право нема да добие уставно-судска заштита.

Врз основа на анализата на приложената и прибавена документација, анализата на доставените пресуди за кои се тврди дека се акти со кои е сторена повредата на слободата на изразување на мислата, како и анализата на цитираните уставни и други одредби Судот оцени дека во постапката за заштита на слободата на изразувањето на мислата заштитена со член 16 од Уставот судовите не нашле основи за исклучување на одговорност за клевета и навреда и постигнале правична рамнотежа со член 25 од Уставот каде е гарантирана заштитата на достоинството и угледот на другите.

При состојба кога од изјавата на министерот Мила Царовска дадена на собраниската седница на 28.06.2019 година не произлегло дека има присуство на коксаки вирус во градинката „Рахилка Гонева“ од Свети Николе, туку дека надлежните органи од градинката преземаат мерки (во моментот на давање на изјавата) за утврдување на можно присуство на овој вирус, подносителот на барањето немал доволна основа за неговото подоцнежно, категорично тврдење од 02.07.2019 година (четири дена подоцна) дека вирусот е присутен во градинката, и тоа кај најмалите дечиња, кое нешто се криело од јавноста и надлежните не преземале соодветни мерки.

Напротив, според редовниот суд, во изјавата на министерот се потенцира дека на денот на давање на изјавата од страна на директорот на градинката во текот на тој ден (28.06.2019 год.) се преземаат сите мерки за утврдување на можно присуство на вирусот. Според обемната документација на 01.07.2019 година, од страна на надлежните органи во градинката се преземени санитарни и здравствени мерки за утврдување на можно присуство на вирусот (ден пред одржување на прес-конференцијата). Во градинката, на денот на давање на спорната изјава и одржана прес-конференција, немало вирус. Тој факт се потврдил во постапката пред првостепениот суд од обемна материјална документација за преземен вонреден санитарен надзор, земање на контролни брисови, преземање на дополнителни мерки од страна на градинката, како и резултати со датум 10.07.2019 година. Тоа, впрочем, произлегло и од исказите на двата матични лекари сослушани во постапката во својство на сведоци кои јасно изјавиле дека нема заразени деца од оваа возраст, туку имало појава кај децата од школска возраст. Значи директорот на градинката преземал потребни мерки за утврдување на можно присуство од овој вирус, како и мерки за заштита од можна појава, од каде изјавата дека надлежните не преземаат потребни мерки била сосема невистинита. Што се однесува, пак до градоначалникот, тој врши само именување и разрешување на директор на градинка, на предлог на управниот одбор на градинката, но не врши надзор и контрола над неговото работење што произлегува од поставеноста на неговите надлежности согласно цитираните одредби од Законот за детската заштита. Оттаму, изјавите дека има присуство на вирус во градинката, а надлежните не преземаат никакви дејствија за спречување на ширење на вирусот немале никаква реална основа која би можела да го зацврсти и поткрепи она што било изнесено на прес-конференцијата.

Според тоа, редовните судови правилно сметале дека слободата на изразување претставува една од суштинските основи на едно демократско општество, дека во тој случај немало место за исклучување на одговорноста, а како тужениот ги пречекорил границите на загарантираното право на слободно изразување и со својата изјава ги загрозил достоинството и угледот на личноста на тужителот кои се заштитени, согласно член 25 од Уставот.

За донесување на правилна одлука Судот имаше предвид дека слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност, а гарантирањето на оваа слобода во Уставот овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот не содржи каква било резерва која би ги определила границите на остварувањето на оваа слобода, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги притоа предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

При формирањето на правното мислење по овој предмет се имаше предвид дека надлежноста на Уставниот суд во вакви случаи не е да прави инстанциона контрола над работењето и донесената одлука на редовните судови, туку да утврди дали нивните донесени одлуки се во согласност со дозволеното мешање и ограничување во слободата на изразување, како и тоа дали причините од кои се раководеле редовните судови се реални и доволни за утврдување на одговорност за навреда и клевета.

Исто така, Судот имаше предвид дека спорната изјава била дадена на прес-конференција од страна на опозициски општински функционер кој има поширока слобода на изразување (по однос на останатите граѓани кои не се политички ангажирани), со цел да ја следи и критикува власта и нејзините функционери кои треба да трпат поголемо ниво на критика, но тоа во исто време не значи дека дадените изјави можат да бидат произволни и непоткрепени со факти и докази.

Според тоа, неаргументираната критика и невистинитата изјава го засегнале градоначалникот на Општината, неговата чест и углед од каде мешањето на судовите било сразмерно на легитимната цел и било неопходно во едно демократско општество кое се стреми да се постигне рамнотежа помеѓу уставните и меѓународни вредности како што се слободата на изразување од член 16 од Уставот од една страна и заштитата на достоинството и угледот на личноста од членовите 11 и 25 од Уставот.

Оттаму, неосновани се тврдењата дека изјавата на Дејан Владев за присуство на коксаки вирус во градинката и непреземање на дејствија од страна на надлежните биле засновани на ноторен факт, поради тоа што во овој случај ноторен факт за присуство на вирусот во конкретната градинка не постоел. Според тоа, не може да се прифати како основано тврдењето за ограничување на слободата на изразување на мислата и јавно изразување на мислата и предизвикување на „одвраќачки ефект“. Напротив, со донесените пресуди се праќа порака до политичките критичари своите изјави секогаш да ги засноваат барем на минимална реална основа, што овде не е случај.

Не е спорно дека прашањето на слободата на изразување и нејзиното ограничување или злоупотреба е мошне чувствително. Ова доаѓа до израз особено кога таа слобода треба да се балансира со правото на приватноста, честа и угледот, поради што постоењето на баланс треба да се утврди во секој конкретен случај.

Пресудата Макрадули против Република Македонија е неприменлива во дадениот случај, поради тоа што во таа пресуда постоела доволна фактичка основа за да апликантот поверува во своите тврдења, што не е случај во овој предмет, бидејќи според приложената и прибавена документација, подносителот на барањето немал никаква фактичка основа за неговите тврдења.

При формирањето на ова правно мислење се имаше предвид дека во постапките пред Уставниот суд во кои се бара заштита на слободата на изразување од примарно значење е дали при носење на судските одлуки со кои е утврдена повреда на слободата на изразување и во спроведената постапка тужениот имал можност да расправа пред судовите и да ги изнесе сите аргументи во своја одбрана на вистинитоста на своите тврдења. Околноста, пак, што постои осуда за повреда на слободата на изразување со правосилна пресуда и незадоволството на странката од така донесената пресуда не значат сами по себе и повреда на слободата на изразување, доколку судовите ги извеле сите предложени докази, странките можеле да ги побиваат потребните докази, имале можност да расправаат пред судовите и дале свои релевантни искази. Незадоволството од исходот на постапката е само мотив за покренување на механизмот на уставна заштита на слободите и правата, но не значи по автоматизам повреда на самата слобода на изразување, бидејќи Уставниот суд врши оцена дали редовните судови одлуката ја донеле во согласност со нивното овластување за проценка.

За формирањето на ова правно мислење беше од значење и тоа што непроверените информации во однос на присуство на коксаки вирусот во градинката и нивното пласирање во јавноста несомнено предизвикале вознемирувачки емоции и паника кај родителите кои носат свои деца во градинката. Исто така, по пат на вештачење се утврдени времетраењето и интензитетот на предизвиканата душевна болка кај тогашниот градоначалник, па врз основа на овој доказ произлегува дека конечното задолжување со паричен износ кој треба да го плати подносителот на барањето досуден од првостепениот суд е соодветен и сразмерен на предизвиканите штетни ефекти. Оттаму, правилно сметале редовните судови дека слободата на изразување претставува една од суштинските основи на едно демократско општество, па во тој случај немало место за исклучување на одговорноста, а како тужениот ги пречекорил границите на загарантираното право на слободно изразување и со својата изјава го загрозил достоинството и личноста на тужителот.

По однос на делот од изјавата за „неспособност“ на тогашниот градоначалник да обезбеди најдобри услови за децата во градинката Судот оцени дека е вредносен суд на подносителот на барањето, како опозиционен функционер упатен кон лице од власта. Но, при состојба кога не постоела доволна фактичка основа за дадената изјава, овој вредносен суд станал прекумерен, од каде по однос на целината на дадената изјава се јавила потреба од вмешување на државата бидејќи во тој случај јавното здравје, а пред сẻ здравјето на најмладите е прашање од јавен интерес кое ги вознемирило жителите на Свети Николе.

Оттаму, утврдената граѓанска одговорност на тужениот Дејан Владев за изречената клевета и навреда се јавува како неопходна мерка во нашето демократско општество.

Тргнувајќи од вака изнесената анализа, Судот одлучи да го одбие барањето на Дејан Владев од Свети Николе за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.319/2020
2 мај 2023 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.319/2020