У.бр.91/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 април 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 4 став 3, член 54 точка 3 и член 112 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/05, 106/08, 161/2008, 11420/09, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018) и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019, 267/2020 и 151/2021 и 288/2021).

2. Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека член 4 став 3, член 54 точка 3 и член 112 став 2 од Законот за работните односи, не се во согласност со член 32 од Уставот, бидејќи не содржат одредби за платен неделен одмор и не се остварува уставната определба која одредува дека секој има право на заштита при работењето. Исто така, не е испочитувана одредбата на член 51 став 1 од Уставот која предвидува дека законите мора да бидат во согласност со Уставот. Во иницијативата е наведено дека согласно уставните одредби не се остварува темелната вредност на уставниот поредок и поради тоа што нема одредба во Законот за работните односи со која се остварува правото на платен неделен одмор. Односно, според наводите во иницијативата, нашиот правен систем и уставниот поредок не предвидуваат со закон да се исклучи, намали или поништи некое право кое е прокламирано со највисокиот наш правен акт, а тоа е Уставот, па поради тоа се бара поведување постапка за оценување на уставноста на наведените оспорени одредби поради неусогласеноста со член 8 алинеја 3, член 32 и член 51 од Уставот.

3. На седицата, Судот утврди дека според член 4 став 3 од Законот за работните односи е определено дека за работниците кои, работодавач и од територијата на земја членка на Европската Унија и работодавач од територијата на земја која не е членка на Европската Унија, ќе ги упати на привремена работа во Република Северна Македонија врз основа на договор за вработување според странското право, се применуваат одредбите на овој и друг закон, кои го уредуваат работното време, дневниот и годишните одмори, ноќната работа, минималниот годишен одмор, минималната плата, заштитата при работа и посебната заштита на работниците.

Согласно член 54 точка 3 од истиот закон е уредено дека договорите за вработување кои ги склучуваат деловните лица (менаџери) и предвидува дека во договорот за вработување страните можат поинаку да ги уредат правата, обврските и одговорностите од работниот однос особено, а во точката 3) предвидува дека поинаку може да се уреди и обезбедувањето на дневниот и годишниот одмор.

Во член 112 став 2 е уредено дека работодавачот е должен да му исплати надоместок на платата на работникот во случаите на отсутност од работа поради користење на годишниот одмор, платениот вонреден одмор, дообразување, со закон определени празници и од работа слободните денови и во случаите кога работникот не работи од причини на страна на работодавачот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во случајот, уставноста на одредбите од Законот за работните односи се оспорува единствено од аспект на тоа што тие не содржат, односно што би требало да содржат според подносителот на иницијативата.

Од друга страна, одлучувањето за уставноста, односно уставноста и законитоста, значи разгледување на пониската норма по форма и содржина каква што е донесена во однос на повисоката норма, а во врска со наводите во иницијативата.

Имајќи предвид дека иницијативата не содржи такви наводи, постојат процесни пречки за одлучување по истата и се исполнети и условите за нејзино отфрлање согласно претходно цитираната деловничка одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.91/2022
20.04.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска