Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 в.в. со член 68, член 56, член 70 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 7 декември 2022 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ОДБИВА барањето на Авдула Меметај од Скопје, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на заштита од дискриминација на граѓаните врз основа на пол.
2. СЕ ОТФРЛА барањето во делот на заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија кои се однесуваат на заштита на правото на еднаквост, гарантирано со член 9 од Уставот, а во врска со остварувањето на правото гарантирано со член 13 и член 40 од Уставот, член 6 став 2 и член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
4. Авдула Меметај од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на заштита од дискриминација на граѓаните врз основа на пол, повредени со пресуди донесени во постапка пред редовните судови, и тоа: Решение број П2. 512/20 од 15 декември 2020 година на Основниот граѓански суд Скопје и Решение ГЖ.бр.886/21 од 13 март 2021 година на Апелациониот суд од Скопје,
Во барањето доставено до Уставниот суд, подносителот бара да се уважи барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓанинот по основ на пол и да се утврди дека на барателот Авдула Меметај од Скопје му било повредено правото на презумпција на невиност гарантирано со член 13 од Уставот и член 6 став 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и правото на семеeн живот како составен дел од правото на почитување на приватниот и семејниот живот гарантирано со член 40 од Уставот и член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и да се поништат наведените решенија на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје.
Понатаму, во барањето се наведува дека во подолг временски период, од 3 јануари 2020 година се одвивале дејствија пред различни државни органи за заштита на А.М. од Скопје, заедно со нејзините две ќерки од семејно насилство. Во барањето до Уставниот суд, е наведено дека на ден 3 јануари 2020 година околу 2:00 часот од страна на А.М. бил извршен обид за задушување со помош на перница на подносителот на барањето Авдула Меметај, во ситуација каде двете раце и нозе му биле врзани со јаже за креветот, сẻ со цел истиот да не може да дава отпор. Во моментот на борба за живот, подносителот на барањето успеал да ја ослободи левата рака, по што почнал да се брани и успеал да ја оттурне од себе А.М. Откако, подносителот на барањето успеал да се ослободи од гушењето и да стане од креветот за кој бил врзан, при излегувањето од спалната соба, од зад грб бил нападнат со удари во пределот на главата нанесени од чекан. Подносителот на барањето Авдула Меметај, ги повикал ќерките на помош и побарал од неговата ќерка Е. М. да повика брза помош и полиција. Настанот бил пријавен и во полиција и во доцните часови со брза помош и полициска придружба бил пренесен во Ургентниот центар „Мајка Тереза“.
Во прилог на барањето поднесено до Уставниот суд, како доказ се приложува – Извештајот издаден од ЈЗУ УК за ТОАРИЛУЦ од 3 јануари 2020 година од кој според полномошникот на предлагачот, може неспорно да се утврди дека подносителот на барањето, бил примен во Ургентниот центар поради физички напад. За настанатите повреди, како и за направените клинички испитувања било издадено лекарско уверение од ЈЗУ Клиника за неврохирургија, од д-р спец. Никола Барзанов од 13 јануари 2020 година од кое уверение се потврдува дека подносителот на барањето се здобил со телесни повреди од физички напад на ден 3 јануари 2020 година.
Откако му се подобрила состојбата и во ситуација на немање релевантни информации од Министерството за внатрешни работи Скопје за тоа до каде е постапката во врска со нападот врз него, подносителот на барањето, на ден 15 јануари 2020 година, поднел соодветна пријава во Министерството за внатрешни работи Скопје, кое по службена должност водело постапка.
Подносителот на барањето, Авдула Меметај на ден 29 јануари 2020 година поднел и кривична пријава пред надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, за сторено кривично дело, против А.М. по која пријава е заведен предмет пред Основното јавно обвинителство Скопје под број КО.бр.270/20.
За разлика од подносителот на барањето Авдула Меметај, неговата поранешна сопруга А.М. по случувањата во домот се упатила во непознат правец, истата не пријавила во полициска станица во истиот момент и дури утрото околу 8.00 часот отишла во здравствена установа. Ваквата фактичка состојба се потврдува од исказот на А.М. од Скопје даден во постапката по предметот П2-512/20 и од медицинската документација која ја доставила А.М. Во својство на предлагач во судската постапка, односно наведената повела постапка пред Основен граѓански суд Скопје со наводи дека истата со нејзините две ќерки се жртви на семејно насилство.
Во барањето кое е поднесено до Уставниот суд е наведено дека по поднесен предлог за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство на ден 28 јануари 2020 година било донесено Решението број П2-88/20 од Основниот граѓански суд Скопје со кое бил усвоен предлогот и се изречени мерки за заштита. Решението П2-88/20 од 28 јануари 2020 година било донесено без одржување на рочиште, спротивно на одредбите на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Фактот дека Решението П2-88/20 од 28 јануари 2020 година било донесено спротивно на одредбите на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, односно без одржување на рочиште било потврдено со Решението ГЖ-1204/20 од 8 јуни 2020 година на Апелациониот суд во Скопје со кое било укинато Решението П2-88/20 и предметот бил вратен на повторно разгледување и одлучување.
Понатаму, во барањето е наведено дека при повторното разгледување и одлучување Основниот суд Скопје му дал можност на подносителот да се произнесе по предлогот, како и да достави докази. Подносителот на барањето доставил докази од кои произлегува дека истиот бил жртва на семејно насилство, односно дека истиот претрпел напад и се здобил со телесни повреди и дека подносителот бил во својот дом кога пристигнала полицијата и брзата помош, за разлика од А.М. која избегала во непознат правец. Исто така, се наведува дека има докази за дадена медицинска помош веднаш по настанот и дека пријавата во полиција била доставена на барање на подносителот, додека неговата поранешна сопруга А.М. не пријавила каков било настан критичната ноќ.
Во повторената постапка биле сослушани сведоци, предлагачите и подносителот на барањето. Од сослушувањето на предлагачите судот утврдил дека децата Е.М. и Р.М. не биле очевидци на настанот, ниту пак биле присутни на истиот. Исто така, од нивните искази било утврдено дека тие никогаш претходно не биле физички нападнати од подносителот на барањето односно нивниот татко, дека во заедничкиот живот имало моменти на напнатост помеѓу таткото и мајката, но никогаш немало физичко насилство. Подносителот на барањето наведува дека од исказот на А. М. може да се утврди дека истата никогаш не била жртва на насилство, дека никогаш не пријавила какво било насилство во полиција и за настанот за кое поднела предлог за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство, не го пријавила во полиција.
Во наводите на барањето се укажува дека видно од Решението П2-512/20 од 15 декември 2020 година на Основниот граѓански суд Скопје, судот воопшто не ги зел предвид доказите доставени од страна на подносителот на барањето, ниту пак доказот изведен со сослушување на странките, напротив судот навел дека подносителот на барањето имал законска можност да поведе постапка со предлог за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство, каде ќе се ценеле неговите докази. Основниот суд во своето Решение навел дека на исказот даден од страна на подносителот на барањето не му поклонил верба бидејќи не соодветствувал со материјалните и претходно изведените вербални докази, односно дека судот сметал дека се неосновани и фингирани, сẻ со цел да се прикаже поинаква фактичка состојба. Според наводите во барањето, судот не се обидел да ја утврди вистинската фактичка состојба, туку постапувал дискриминирачки водејќи се од фактот дека мажот е секогаш сторител на насилство, па поради тоа поклонил целосна верба на предлагачите на постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство.
Во барањето е наведено дека на ист начин и Апелациониот суд во Скопје со Решението ГЖ-886/21 од 3 март 2021 година, при одлучувањето по поднесената жалба од страна на подносителот на барањето воопшто не ги ценел наводите за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и во иста линија, како и првостепениот суд утврдил дека за доказите и наводите од подносителот на барањето, истиот имал законска можност да поведе постапка со предлог за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство. Апелациониот суд Скопје навел дека исказот на подносителот на барањето не соодветствувал со материјалните и претходно изведените вербални докази, односно дека таквиот исказ бил неоснован и фингиран, со цел да биде прикажана поинаква фактичка состојба. Според подносителот на барањето тоа било дискриминирачки кон него, бидејќи истиот е маж и затоа судовите не ги зеле предвид неговите докази и исказ, односно судовите воопшто не направиле обид да ги ценат доказите, туку без оцена зазеле став дека подносителот на барањето ги фингирал доказите и се обидувал да претстави различна фактичка состојба, односно бидејќи е маж, сигурно бил сторител на семејно насилство.
Подносителот на барањето наведува дека од страна на првостепениот суд и на второстепениот суд е утврдено дека се поведени неколку постапки за семејно насилство и постапки за нанесување на тешки телесни повреди, пред Министерството за внатрешни работи и пред Основното јавно обвинителство. Сепак, покрај ваквата констатација првостепениот суд без исходот од овие претходни постапки донел одлука со која одлучил дека подносителот на ова барање е сторител на семејно насилство иако за тоа судовите немаат надлежност да одлучуваат. Исто така, Апелациониот суд во Скопје и покрај тоа што бил запознаен со фактичката состојба и утврдил дека се воделе постапки пред надлежните органи со цел да се докаже дали било сторено семејно насилство и кој бил сторителот на тоа семејно насилство, како и тоа дали биле нанесени телесни повреди или не, сепак одлучил и ја потврдил одлуката на првостепениот суд. Оттука, подносителот на барањето смета дека судовите воопшто не го зеле предвид фактот дека и против А.М. биле поведени постапки за сторено семејно насилство и за нанесување на телесни повреди пред Основното јавно обвинителство, кои постапки биле претходно прашање на постапките по кои донеле одлука и дека во тие постапки требало да се утврди вина за критичниот настан од 3 јануари 2020 година кај сега подносителот на барањето, или пак кај А.М. од Скопје.
Според наводите во барањето со постапувањето на првостепениот и второстепениот суд подносителот на барањето бил огласен за сторител на семејно насилство во постапка која е спротивна на позитивните законски одредби, односно на подносителот на барањето вина може да му се утврди единствено во постапка пред кривичен суд. Со вака донесените решенија од Основниот граѓански суд и Апелациониот суд во Скопје на подносителот на барањето му е повредено и уставното право гарантирано со член 13 од Уставот.
Покрај повредата на уставно гарантираното право од член 13 на Уставот на подносителот на барањето со вака донесените решенија му е повредено и уставното право од член 40 од Уставот.
Според наводите во барањето од страна на судовите била утврдена фактичка состојба во однос на тоа дека децата Е.М. и Р.М, не биле ниту очевидци на настанот од 3 јануари 2020 година, како и тоа дека истите никогаш претходно не биле жртви на семејно насилство, ниту пак, дека од страна на нивниот татко, подносителот на барањето воопшто биле малтретирани, дека за време на водењето на постапките пред Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје нема закани, ниту пак, контакти, неспорно, произлегува дека не постоела оправдана причина за изрекување на предметните времени мерки за заштита од семејно насилство, но сепак судот ги дозволил мерките бидејќи подносителот е маж.
Подносителoт на барањето, Авдула Меметај, наведува дека редовните судови имале дискриминирачки однос кон него бидејќи е маж и судовите не ги зеле предвид неговите докази и искази, односно судовите воопшто не направиле обид да ги ценат доказите, туку без оценка, застанале на ставот дека тој ги фингирал доказите и се обидувал да претстави различна фактичка состојба, односно бидејќи е маж, истиот сигурно бил сторител на семејно насилство. Со така донесените решенија првостепениот и второстепениот суд сториле повреда на уставните права и правата гарантирани со меѓународни конвенции на подносителот.
4. Уставниот суд на Република Северна Македонија, на XXVI-тата седница, одржана на 13 октомври 2021 година, расправајќи по поднесеното барање за заштита на слободи и права, согласно член 55 од Деловникот, заклучи по овој предмет да одржи јавна расправа со цел да се одговори на спорните правни прашања. Јавната расправа по овој предмет се одржа на 16 декември 2021 година.
Од наводите изнесени во барањето за заштита на слободите и правата, како и од наводите изнесени од полномошникот на подносителот на барањето на јавната расправа, произлегува дека се проблематизираат пресудите на првостепениот и второстепениот суд од причина што поради погрешната примена на материјалното право и погрешно утврдената фактичка состојба, судовите пропуштиле да утврдат дека подносителот на барањето бил жртва на семејно насилство.
5. Во текот на постапката пред овој суд се утврдени следните факти: Основниот граѓански суд Скопје со Решението број П2.512/20 од 15 декември 2020 година го усвоил предлогот за поставување привремена мерка за заштита од семејно насилство на предлагачите А. М. од Скопје, малолетната Р. М. од Скопје преку законскиот застапник мајката А. М. и Е. М. од Скопје. Противникот Авдула Меметај од Скопје и предлагачот А. М. од Скопје склучиле брак на ден 31 август 2000 година, кој бил заведен во Извод од матичната книга на венчани на Град Скопје, под тековен број 1470/2000 година. Во бракот им се родиле две заеднички деца Е. М. родена на 4 октомври 2001 година, сега полнолетна и Р. М. родена на 8 декември 2003 година, сега малолетна. Во барањето е наведено дека бракот бил разведен со Пресудата П2-72/20 од 16 декември 2020 година на Основниот граѓански суд.
Подносителот на барањето, Авдула Меметај е државјанин на Република Северна Македонија, жител на градот Скопје, по етничка припадност Албанец на возраст од 66 години, со завршено високо образование.
На подносителот на барањето, Авдула Меметај од Скопје, како сторител на семејно насилство му била изречена привремена мерка за заштита во однос на забрана да ги малтретира и вознемирува или на друг начин да комуницира со нив, нивен член од семејството, директно или индиректно да им се приближува на растојание помало од 100 метри од нивното живеалиште и работното место или кое било друго место на кое жртвите би се нашле и забрана да поседува огнено или друго оружје или истото да му биде одземено. Овие привремени мерки биле во траење од една година.
Со Решението ГЖ.бр.886/21 од 3 март 2021 година на Апелациониот суд Скопје, жалбата на противникот Авдула Меметај од Скопје, изјавена преку полномошникот Стојан Михајловски од Скопје била одбиена како неоснована и Решението П2-512/20 од 19 декември 2020 година на Основниот граѓански суд Скопје било потврдено, односно неспорно произлегува дека на ден 3 јануари 2020 година предлагачот Арлинда и двете деца Е.М. и Р.М. биле жртви на сериозно семејно насилство од страна на противникот Авдула Меметај. Оттука, предлогот за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство бил усвоен од страна на судот, односно изречените мерки биле правични и во согласност со одредбите од член 3, член 35 и член 47 од Законот за превенција, спречување и заштита на семејно насилство и дека биле неопходни за да им се обезбеди сигурност и добросостојба на предлагачите.
Според наводите во барањето за заштита од дискриминација, повредата била сторена од следните причини: Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје, со донесувањето на наведените пресуди, погрешно го примениле материјалното право од член 7 и член 38 од стариот Закон за спречување и заштита од дискриминација, односно член 10 став 1 и член 37 став 1 од новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и дека судовите воопшто не ги зеле предвид и не ги образложиле поднесените докази од страна на подносителот на барањето.
6. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот, темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Со член 9 од Уставот, се предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 50 став 1 од Уставот е определено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Во член 110 алинеја 3 од Уставот, предвидено e дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, меѓу другото, ги штити слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Еднаквоста во уживањето на правата и слободите е заштитена и со меѓународни документи.
Во овој контекст, Универзалната декларација за човекови права на Организацијата на Обединетите нации, со член 2 ја нормира универзалната еднаквост во користењето и уживањето на човековите права, без разлика на раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или општествено потекло, сопственост, раѓање или друг статус, додека со член 7 се гарантира еднаквост на сите луѓе пред законот и еднаква заштита. Ова се предвидува без да постои каква било дискриминација. Покрај ова, Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права е уште еден меѓународен документ кој има за цел унапредување на граѓанските и политичките права на меѓународно ниво и притоа со посебни одредби го гарантира начелото на еднаквост.
Значаен документ за заштита од дискриминација во системот на Советот на Европа е и Европската конвенција за човекови права и основни слободи, која со член 14 предвидува дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Со член 1 од Протоколот 12 кон Европската конвенција за човекови права и основни слободи се предвидува општа забрана на дискриминацијата, притоа со ставот 1 е предвидено дека уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус, а со ставот 2 се предвидува дека никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во ставот 1.
7. Со член 1 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 44/2014, 150/2015, 31/2016 и 21/2018), кој бил во сила кога било сторено дејствието – 15 септември 2016 година и кога била водена постапката пред првостепениот суд, се предвидува дека со овој закон се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот, закон и ратификувани меѓународни договори.
Согласно член 5 став 1 точка 3 на Законот, „дискриминација“ е секое неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување, односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи кое се заснова на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа, додека со точката 4 пропишано е дека под „дискриминаторско однесување и постапување“ се подразбира секое активно или пасивно однесување на секое лице од страна на јавните власти, како и од страна на правни и физички лица од приватниот и јавниот сектор во јавниот живот, кое создава основи за привилегирање или депривилегирање на некое лице на неоправдан начин, или кое го изложува на неправеден и деградирачки однос во споредба со други лица во слична ситуација, базирано на која било од дискриминаторските основи.
Од наведените одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација, произлегува дека изразот „дискриминација“ означува изложување на одредено лице на нееднаков, различен или понеповолен третман или положба во споредба со други лица кои се наоѓаат во иста ситуација, односно неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи на лица, кое се заснова на некоја нивна карактеристика (дискриминаторска основа).
Во врска со конкретниот случај, треба да се има предвид фактот дека во член 110 алинеја 3 од Уставот се утврдени слободите и правата на човекот и граѓанинот коишто ги штити Уставниот суд, Деловникот на Уставниот суд со член 51 предвидува дека уставно-судската заштита на слободите и правата може да се бара во определен рок преку конечен или правосилен поединечен акт или преземено дејствие, додека, Законот за спречување и заштита од дискриминација, покрај заштитата пред Комисијата за заштита од дискриминација како самостоен и независен орган за спречување и заштита од дискриминација и афирмација и промоција на принципот на еднаквост, ја предвидува и граѓанско-правната заштита, како еден од важните аспекти на заштитата на правата на лицата кои сметаат дека се дискриминирани.
Притоа, кога станува збор за граѓанско-правната заштита, од одредбите на член 34 од Законот произлегува дека судската постапка се иницира преку поднесување тужба пред надлежен суд и истата се води со применување на одредбите од Законот за парничната постапка. Односно, суштествено кај случаите на дискриминација е лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување со дискриминација, треба да ги изнесе сите факти и докази во поткрепа на своето тврдење, односно да докаже дека со дејствието што го оспорува тој бил дискриминиран по една или повеќе дискриминаторски основи.
8. Во конкретниот случај, имајќи ги предвид утврдените факти, наводите во барањето на подносителот и одредбите од наведените закони, Судот утврди дека со оспорените пресуди на Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје не е сторена повреда на забраната на дискриминација на граѓаните врз основа на пол гарантирана со член 110 алинеја 3 од Уставот. Судот оцени дека од изнесените факти и докази во поткрепа на своето тврдење, не може да се докаже дека со судските акти што ги оспорува подносителот на барањето бил дискриминиран по основ на пол.
Имено, неспорен факт кој произлегува од утврдената фактичка состојба е дека од постапувањето на Основниот и Апелациониот суд биле донесени решенија за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство од А.М., Е.М. и Р.М. и на ден 28 јануари 2020 година било донесено Решението број П2-88/20 од Основен граѓански суд Скопје со кое бил усвоен предлогот и се изречени мерки за заштита.
Меѓутоа, во барањето за заштита на слободите и правата како наводи за причините поради кои се бара заштита се наведуваат околностите според кои подносителот смета дека решенијата на судовите се засновани на погрешно утврдена фактичка состојба и погрешно е применето материјалното право, а исто така, судовите не ги имале предвид доставените докази од страна на подносителот на барањето, а кои се состоеле во тоа да се докаже дека подносителот на барањето бил исто така, жртва на семејно насилство. Оттука, всушност произлегува дека предмет на барањето е овој суд да се впушти во преиспитување на одлуките на судовите во поглед на фактичката состојба и примената на материјалното право.
Во насока на одговор на ваквите наводи, Судот утврди дека најпрвин треба да се има предвид дека постапувањето на редовните судови во постапка за заштита од дискриминација и во тој контекст како истите ја утврдиле фактичката состојба и како го примениле материјалното право, не е во надлежност на Уставниот суд, односно е прашање кое навлегува во повисока инстанциона контрола во работата на редовните судови.
Притоа, неспорно е дека со член 50 од Уставот е утврдено правото на граѓанинот да се повикува на своите слободи и права пред редовните судови и пред Уставниот суд, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Понатаму, во член 110 алинеја 3 од Уставот се утврдени слободите и правата на човекот и граѓанинот коишто ги штити Уставниот суд. Тоа се слободите и правата што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Под уставно-судска заштита во смисла на наведените уставни одредби, кога станува збор за заштита на забраната на дискриминација на граѓаните по основ, меѓу другото, и на пол, која претставува директна или непосредна заштита не значи Уставниот суд да настапи како инстанционен суд, односно да испитува како е утврдена фактичката состојба од страна на редовните судови и како е применето материјалното право. Всушност, од аспект на надлежноста за заштита на забраната на дискриминација, Судот уставно е должен, преку актите со кои се смета дека е сторена повредата (пресуди на првостепениот и второстепениот суд во конкретниот случај) да утврди дали истите се резултат на правно засновани релевантни факти и докази во постапувањето и одлучувањето, како резултат од правна завршница од законито спроведена постапка или пак, одлуката евентуално била резултат од нееднаков и различен третман на судовите.
При ваков неспорен факт, Судот утврди дека ова прашање не може да го разгледува од аспект на наводите во барањето за погрешна примена на материјалното право, туку дали ваквото пропуштање од страна на судовите во образложението на своите решенија да образложат како се осврнале на поднесените докази од страна на подносителот на барањето со цел да ги заштити своите права, може да се смета за повреда на забраната на дискриминација гарантирана со член 110 алинеја 3 од Уставот. Од уставно-правен аспект, Уставниот суд има задача да оценува конкретни наводи, факти и докази и врз основа на уставно-правна оценка да утврди дали постои дискриминација. Всушност, повикувањето на забраната на дискриминација, потребно е да биде поткрепено со правно издржани претпоставки, односно со правно издржани релевантни факти и докази. Во вакви околности, оценувајќи ги сите факти кои произлегуваат од утврдената фактичка состојба, а и наводите во барањето при што од јавната расправа не произлегоа уверливи и решителни факти и докази во поткрепа на наводите на подносителот на барањето, Судот оцени дека оспорените решенија не можат да бидат извор на повредата на забраната на дискриминација на подносителот на барањето по основ на пол.
Подносителот на барањето, Авдула Меметај, кој себеси се смета за жртва затоа што принципот на еднаквост не бил применет за него, пред суд или друг надлежен орган да презентира факти од кои може да се претпостави дека се случила дискриминација во конкретниот случај било потребно да презентира факти со кои ќе направи веројатно дека дискриминацијата би можела да биде извршена, односно не бил претставен prima facie случај на дискриминација на начин што ќе се согледа дека токму заштитната карактеристика е таа околност што довела до неповолно постапување.
Врз основа на наведеното, при состојба во која не постојат основи поради кои би се утврдила повреда на забраната на дискриминација од член 110 алинеја 3 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај се отфрла барањето во однос на утврдување на повреда на еднаквоста гарантирана со член 9 од Уставот, а во врска со остварувањето на правото гарантирано со член 13 и член 40 од Уставот и член 6 став 2 и член 8 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и ниту пак, е сторена дискриминација по основ на пол на подносителот на барањето.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од Одлуката.
10. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.66/2021
07.12.2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска