Издвоено мислење по предметот У.бр.9/2021 и У.бр.25/2021

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.9/2021 и У.бр.25/2021 со кое Уставниот суд, на седницата одржана на 20 април 2023 година, одлучи да ги отфрли иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Сeверна Македонија и Макпетрол АД Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.317/2020), ние судиите на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски и д-р Осман Кадриу, писмено го образложуваме нашето несогласување со следново

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. По повод иницијативите поднесени од Светскиот Македонски Конгрес, преку претседателот Тодор Петров и политичката партија „Левица“, преку претседателот проф. д-р Димитар Апасиев, Судот на седницата одржана на 20 април 2023 година одлучи да ги отфрли иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Сeверна Македонија и Макпетрол АД Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.317/2020). Според наше мислење, наводите во иницијативите беа основани затоа што оспорениот закон може уставно-правно да се проблематизира со одредбите од Уставот на кои се повикаа подносителите, поради што гласавме против и со почит ја искажуваме нашата несогласност со аргументите од предметното решение.

2. Мнозинството судии во аргументацијата на својата одлука се повика на следните аргументи „При одлучувањето Уставниот суд ги имаше предвид целите поради кои бил донесен оспорениот закон и обврските што произлегуваат од членството на Република Северна Македонија во Енергетската заедница. Имено, од образложението на Предлог-законот произлегува дека целта на овој закон, е целосна имплементација на одредбите од Законот за енергетика со кој се обезбедува заштита на имотот и имотните права и интереси на Република Северна Македонија и се елиминираат пречките кои го попречуваат или оневозможуваат развојот на Република Северна Македонија во делот на изградбата на гасоводната мрежа.

Со Законот се уредува решавањето на спорот, се овозможува по пат на спогодба да се решат несогласувањата помеѓу страните, да се окончаат постапките кои произлегле од ваквиот спор и што е од особено значење се овозможува државата да ја задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас со што ќе се овозможи натамошен развој на гасификацијата на Република Северна Македонија, а на граѓаните ќе им се овозможи користење на овој природен ресурс.

Од фактичката состојба прикажана погоре во рефератот, произлегува дека веднаш по донесувањето на Законот, поточно на 13.01.2021 Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје ја склучиле споменатата Спогодба. Во наредните месеци (март, април и мај 2021 година), врз основа на Спогодбата, ги окончале трите граѓанско-правни спорови што се воделе пред надлежниот суд во Скопје. Со склучувањето на Спогодбата, Владата ја извршила својата обврска од член 3 oд оспорениот закон, бидејќи со тоа и со подоцнежното правосилно окончување на судските спорови практично била остварена и целта на Законот. Оттука, имајќи предвид дека Законот бил донесен за точно определена цел што била остварена набргу по неговото донесување, произлегува дека оспорениот закон се исцрпел во својата примена, поради што Уставниот суд оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата”.

3. Како што веќе претходно и во други издвоени мислења го имаме истакнато својот став, разликата во мислењето што тука сакаме да ја потенцираме е од принципиелна и суштинска природа и се однесува на стандардот со уставна важност, односно во толкувањето на темелните вредности на Уставот. Уставниот суд како чувар на Уставот е должен да се грижи за остварување на највисоките темелни вредности, начела и гаранции на уставниот поредок. Во конкретниот случај, сметаме дека мнозинството судии имаше погрешен и неконзистентен пристап при толкувањето на оспорениот закон vis a vis темелните вредности на нашиот уставен поредок – владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Наспроти мнозинското толкување на овие темелни вредности, нашиот став е јасен и конзистентен.

Владеењето на правото претставува таква темелна вредност од која произлегуваат бројни начела и принципи коишто го формираат нејзиното битие, особено правната сигурност којашто подразбира законите да бидат во согласност со устав, а сите други прописи со устав и закон со што се обезбедува хармонија, усогласеност и конзистентност во уставно-правниот поредок. Таа во суштина претставува вредност којашто има императив да ги гарантира, обезбедува и афирмира сите останати темелни вредности, уставни принципи, начела и норми. Односот помеѓу владеењето на правото и темелната вредност поделба на власта е суштински каузална, меѓусебно зависна и условена. Поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, јасните со Устав утврдени овластувања, надлежности за нивно разграничување, но и за меѓусебна контрола согласно принципот „кочници и рамнотежа”, претставува предуслов за владеењето на правото, и обратно, владеењето на правото е темелната вредност со која се обезбедува ограничувањето, односно поделбата на власта. Придржувањето до исцртаните уставни граници на секоја од властите, нивната меѓусебна контрола, која треба да води кон баланс, е предуслов за ограничување на властите и предуслов за функционална правна држава во која ќе владее правото. Ниедна од трите власти не смее да ги пречекори своите уставни и законски овластувања и да навлезе во надлежноста на друга власт, бидејќи тоа го нарушува принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Односот помеѓу владеењето на правото и темелната вредност слободата на пазарот и претприемништвото е во таква положба да преку владеењето на правото и сите негови принципи и начела се гарантира еднаквата положба на сите субјекти на пазарот. Тоа подразбира преку усогласеноста на сите пониски прописи со Уставот, кои мора да бидат во согласност со него, да се обезбеди и заштити еднаквата положба на сите субјекти на пазарот. Во тој контекст и во таа функција е и одредбата од член 55 од Уставот согласно која Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

4. Ваквите наши аргументи ставени во корелација со оспорениот закон беа игнорирани од мнозинството судии. Од анализата на оспорениот закон произлегува дека истиот се состои од два дела и тоа: првиот дел кој се состои од пет члена (членови од 1 до 5) и вториот дел во кој е дадена Спогодбата за регулирање на меѓусебните односи која, согласно член 4, е составен дел на Законот. Во член 1 е утврден предметот на уредување на Законот, во член 2 е содржана неговата цел, а во член 3 се утврдува обврска за Владата на Република Северна Македонија да ја склучи Спогодбата за регулирање на меѓусебните односи помеѓу Владата и Макпетрол за што тие постигнале согласност пред Центарот за решавање на спорови и преговори при Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена на 5 ноември 2019 година.

Од насловот и од првиот член на овој оспорен закон, произлегува дека тој е донесен за да го уреди начинот на решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и АД Макпетрол во врска со изградбата на гасоводниот систем. Меѓутоа, очигледно е дека вака определениот предмет на Законот е проблематичен. Имено, една од основните карактеристики на законот како правен акт oд нормативен карактер е неговата општост, изразена преку општи норми на однесување што се однесуваат на неопределен број субјекти во правото, односно што уредуваат права, обврски и односи на субјектите во правото на општ начин, што не е случај со конкретно оспорениот акт. Кај оспорениот закон ова својство на законите недостасува, бидејќи од самиот назив и од содржината на Законот може да се заклучи дека тој е донесен заради регулирање на спор помеѓу конкретно определени субјекти – Владата на Република Северна Македонија и АД Макпетрол. Законот утврдува конкретна обврска за Владата да ја склучи Спогодбата за регулирање на меѓусебните односи за која Владата и Макпетрол постигнале согласност пред Центарот за решавање на спорови и преговори при Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена. И уште повеќе, во Законот како негов составен дел според член 4, е вметната и Спогодбата за регулирање на меѓусебните односи за чија правна природа во самата спогодба е утврдено дека претставува вонсудска спогодба со која договорните страни го решаваат повеќегодишниот имотен спор кој се води пред редовните судови. Вонсудска спогодба како акт со кој се окончува конкретен спор помеѓу конкретни субјекти на правото не може во никој случај да биде составен дел на законски текст бидејќи тоа е директно во спротивност со генералниот карактер на законот како општ правен акт кој има дејство erga omnes.

Според тоа, оспорениот закон е донесен за точно определена, еднократна намена, заради решавање на имотен спор помеѓу две странки, спротивно на општо прифатениот став во правната теорија и практика дека со законите се регулираат определени општествени односи на општ начин за релативно потраен временски период и кои треба да важат и да се применуваат еднакво за сите. Eднаквата примена на законите и нивното важење erga omnes е составен дел на принципот на еднаквост и недискриминација како елементи на владеењето на правото. Поради отсуството на општост и нормативност на оспорениот закон, поради отсуството на уставен основ и надлежност на Собранието и според природата на материјата и според субјектите кои се опфатени во законското уредување, истиот може основано да се доведе под сомнение на уставното начело на владееење на правото што претставува темелна вредност на уставниот поредок согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Понатаму, според нашето длабоко уверување со донесувањето на оспорениот закон, Собранието излегло надвор од неговата уставно определена надлежност за донесување закони бидејќи донело закон што не смее да се донесе, за предмет и субјекти кои се опфатени во уредувањето за кое нема уставно овластување и надлежност, односно донесен е закон со кој не се уредуваат општествени односи на општ начин, туку е озаконета спогодба склучена помеѓу два субјекти коишто се странки во судска постапка. Поради наведеното сметаме дека Собранието, спротивно на член 8 став 1 алинеја 4 и спротивно на Амандманот XXV од Уставот, ги надминало своите уставни ингеренции, без уставен основ, односно противуставно ги пречекорило своите овластувања и со тоа е повредено уставното начело на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Според нашето уверување, спротивно на темелната вредност слободата на пазарот и претприемништвото и член 55 од Уставот со кој Републиката е должна да ја гарантира и обезбеди еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, Собранието со оспорениот закон ставило во привилегирана положба едно македонско акционерско друштво кое се става во нееднаква, повластена и фаворизирачка позиција над сите останати трговски друштва кои водат спор со државата.

При градењето на правното мислење ги имавме предвид аргументите на Собранието и на Владата изнесени во образложението на Предлог-законот, односно во мислењето што го достави Владата за значењето на проектот за гасификација на земјата. Неспорно е дека овој проект е од стратешко значење и интерес за Република Северна Македонија и дека истиот повеќе од една деценија бил закочен поради имотно-правниот спор на Владата и АД Макпетрол како акционери во АД ГА-МА. Исто така, неспорно е дека заради деблокада на процесот неопходно било да се разреши судскиот спор за сопственоста врз АД ГА-МА, но сепак, ниту во образложението на Предлог-законот, ниту во мислењето на Владата не се утврдени правно издржани аргументи за тоа кои биле причините за донесување на оспорениот закон. Имено, зошто било потребно вмешувањето на Собранието со донесување на Законот кога веќе странките во спорот се договориле да склучат спогодба? И зошто било неопходно таквата спогодба да се озакони со донесување на оспорениот закон? Според наше мислење и поради претходно изнесените аргументи таквото нешто претставува апсурд и преседан непознат ниту на правната наука ниту на правната практика.

На апсурдноста упатува и следниот ноторен факт. Имено, законодавецот со оспорениот закон уредува и решава еден конкретен граѓанско-правен однос од имотна природа, однос којшто настанува помеѓу конкретни субјекти. Односите коишто се уредени со оспорениот закон не може да бидат законска материја – materia legis.

При определбата да го издвоиме нашето мислење, и за нас судиите беше познат фактот дека односот којшто се уредува со оспорениот закон е окончан, е решен. Меѓутоа, окончаниот однос со оспорениот закон, за кој сметаме дека е противуставен, не го прави Законот да биде уставен.

5. Во контекст на изнесеното, цениме дека Судот требаше да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот закон и суштински да ја испита неговата уставна оправданост и согласност со темелните вредности на Уставот – владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, односно со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 51, член 55 и Амандман XXV од Уставот.

Судии на Уставниот суд,
д-р Дарко Костадиновски и

д-р Осман Кадриу

Решение У.бр.9/2021 и 25/2021