Дневен ред за 17. седница на Уставниот суд закажана за 2 мај 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 17. Седница на 2 мај (вторник) во 10 часот со дневен ред за кој се предвидени три иницијативи за оценување на уставност и две барања за заштита на слободи и права.

I РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. Реферат У.бр.71/2022

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Оспорен: Член 10 став 12 од Законот за домување(„Службен весник на Република Македонија” број 99/2009, 57/10, 36/11, 54/11, 13/12, 55/13, 163/13, 42/14, 199/14, 146/15, 31/16 и 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 302/20 и 150/2022)

Содржина на оспорената одредба: 

Лицето чија лиценца е одземена поради неправилности наведени во ставот 7 на овој член не може да добие лиценца согласно со одредбите од овој закон во рок од две години од денот на правосилноста на решението за одземање на лиценцата, а одговорното лице во правното лице не може да основа друго правно лице за вршење на истата дејност која ја вршело правното лице, односно физичкото лице на кое му е одземена лиценцата согласно со овој закон, во рок од две години од денот на правосилноста на решението за одземање на лиценцата. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба упатува на примена на ставот 7 од членот 10 од Законот за домување која пак нема предмет на уредување кој се однесува на одземање на лиценцата. 

2.Реферат У.бр.130/2022

Оспорен: Делот „закони” од член 2 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел во рамки на законот не е доволно прецизен и јасен, бидејќи во делот „закони” се подразбираат и сите други закони без оглед на правната материја или областа која ја уредуваат

3.Реферат У.бр.48/2023

Оспорен: член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96 од 17.05.2019).

Подносител на иницијативата: Александра Илиева Милчова

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека оспорените одредби го ускратуваат уставно загарантираното право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Се наведува дека Законот создава правна несигурност и се злоупотребува во пракса затоа што против таквите одлуки кои Управниот суд ги донесува без расправа не е дозволена жалба од страна на граѓаните до Вишиот управен суд. 

II- БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1.У.бр.319/2020

Подносител на барањето: Дејан Владев преку Гоце Тасков, адвокат од Свети Николе.

Oспорени: Пресуда од 16.03.2020 година на Основен суд Свети Николе и пресуда од 25.09.2020 година на Апелационен суд Штип.

Од наводите во барањето:

Подносителот на барањето за заштита на слободите и правата наведува дека на 02.07.2019 година на прес-конференција во Свети Николе, во својство на претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ, објавил за присуство на случај со вирусот „коксаки“ во детската градинка „Рахилка Гонева“ од Свети Николе и дал изјава во која посочил дека раководството на градинката и градоначалникот на Свети Николе криеле за присуство на вирусот. Бил тужен за клевета и тужителите ги добиле споровите против него. Подносителот на барањето смета дека со наведените пресуди била сторена повреда на правото на слободната мисла и јавно изразување на мислата загарантирано со членот 16 став 1 од Уставот и дека е дискриминиран по основ на припадност на политичка партија. 

2.У.бр.74/2021

Подносител на барањето: Илир Рушани од с.Зајас, Кичево

Според подносителот на барањето на 25 декември 2019 година Собранието на Република Северна Македонија бил избран кандидат кој не ги исполнувал законските услови и условите наведени во огласот и ова тврдење според подносителот го утврдила и Државната комисија за спречување на корупција(Одлука бр.12-88/10). Подносителот во иницијативата наведува дека бил дискриминиран по основ на политичка припадност.