Уставниот суд денеска ја одржа 15. седница на која беа разгледани шест иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и еден предлог за одлучување, при што беше одлучено следното:
1. Реферат У.бр.91/22
Ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 4 став 3, член 54 точка 3 и член 112 став 2 од Законот за работни односи поради постоење процесни пречки за одлучување согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Имено одредбите од овој Закон се оспорeни од аспект на она што според подносителот смета дека треба да го содржат, а во случајот тоа е поради што со нив не било предвидено правото на платен неделен одмор.
Ставот на Судот е дека во рамките на постапката за оценување на уставност и законитост, нормата се разгледува само од аспект на она што содржи и единствено тоа се оценува во однос на повисоката норма, а не она што не е предвидено, односно што требало да биде предвидено. Во таков случај, постојат процесни пречки за одлучување и согласно ова се одлучи да се отфрли иницијативата.
Подносител на иницијативата: Славко Лазовски од Скопје
2.Реферат У.бр.9/2021 и 25/2021
Jа отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Сверна Македонија и Макпетрол АД Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.317/2020), поради постоење процесни пречки за одлучување, а со оглед дека оспорениот закон е исцрпен во својата примена.
Подносители на иницијативите: Светски Македонски Конгрес преку претседателот Тодор Петров и Политичка партија „Левица“ преку претседателот проф. д-р Димитар Апасиев.
3.Реферат У.бр.86/2021
Се поведува постапка за оценување на уставноста на член 6 став 3 во делот: „донесено од стечајниот управник“ од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 257/2020) и се отфрла иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 6 став 3 во делот: „Во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение“ и во делот: „е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје
4.Реферат У.бр.32/2022
Се поведува постапка за член 9 став 6 во делот „ и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор”од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-5774/1 од 21.11.2014 година, изменет и дополнет со Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-3336/1 од 08.05.2015 година.
Уставниот суд изразува сомнеж и смета дека Советот на агенцијата преку донесување на оваа одредба ги надминал своите надлежности и предвидел нова категорија „вработени лица” која не егзистира во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту во Законот за работните односи со што се повредува владеењето на правото и одредби од Законот за работните односи.
Подносител на иницијативата: Трговско радиодифузно друштво „Радио Канал 77” од Скопје
5.Реферат У.бр.95/2022 и У.бр.99/2022
По излагањето на судијата-известител и по расправата што се водеше по предметот, судијата-известител го повлече рефератот по предметот и Судот го одложи разгледувањето и одлучувањето по предметот за една од наредните седници.
Подносители на иницијативи: Ванчо Иванов и Мите Димоски
6.Реферат У.бр.7/2023
Се отфрла иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Решението за разрешување и именување на членови на Управниот одбор на КИЦ”Романса“ Македонска Каменица бр.08-2337/1 од 12.12.2022 година, донесено од Советот на Општина Македонска Каменица на 14-та седница, одржана на 12.12.2022 година („Службен гласник на Општина Македонска Каменица бр.15/2022“).
Подносител на иницијативата: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица
7. Реферат У.бр. 144/2019
Го отфрли барањето за заштита на слободите и правата што се однесуваат на дискриминација по основ на социјална припадност, поради невакцинираност, кршење на правото на слобода на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините.
Подносител на барањето: Малолетниот Н.M. и Зоран Мијалков застапувани од Трајче Торов, адвокат