У.бр.18/2023

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3, а во врска со член 68 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 март 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Сандра Рилкова од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална и политичка припадност.

2. Сандра Рилкова од Скопје, поднесе барање за заштита на слободите и правата за кои смета дека се повредени со известувањето од 25.11.2022 година, доставено од Националниот совет за медијација, како и со дејствие на Националниот совет за медијација со непостапување по барање за издавање на лиценца за медијатор.

Од страна на подносителката на барањето на 12.01.2023 година, доставен е допис насловен како иницијатива за поведување постапка пред Уставниот суд заради заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Во дописот се наведува дека со известување добиено од страна на Националниот совет за медијација, по претходно поднесено барање за издавање на лиценца за медијатор ѝ е повредено правото на работа утврдено во член 32 од Уставот, а исто така, повредено е и начелото на владеење на правото на начин што органот на управата постапил спротивно на член 118 од Уставот и не го применил уставното начело според кое меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон.

На 08.02.2023 година, на барање на Судот, доставено е прецизирање со кое се потврдува дека истото претставува барање за заштита на слободи и права, и се наведува дека на подносителката како примател на социјална помош и фактот што не била член на владејачката политичка партија, ѝ е сторена повреда на правото на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална и политичка припадност, утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Според наводите во барањето, од страна на подносителката до Националниот совет за медијација поднесено е барање за издавање на лиценца за медијација, притоа Националниот совет за медијација наместо да донесе формален правен акт – решение, преку координаторот на Националниот совет за медијација со известување од 25.11.2022 година, ја известува именуваната дека Советот е сẻ уште во фаза на донесување на актите согласно Законот за медијација, поради што не може да одлучува по поднесеното барање за издавање на лиценца за медијатор.

Согласно наведеното, подносителката на барањето смета дека повредата е сторена со акт – известување од Националниот совет за медијација, како и со дејствие на непостапување по поднесеното барање од надлежниот Национален совет за медијација, што произлегува од содржината на известувањето. Подносителката наведува дека по две поднесени барања за издавање на лиценца (на 16.05.2022 година и на 07.10.2022 година), како и по поднесената ургенција на 18.11.2022 година, поминати се сите законски рокови за постапување по барањето и за истото сẻ уште не е решено.

3. Судот на седницата утврди дека подносителката на барањето Сандра Рилкова од Скопје, на 16.05.2022 година, а потоа и на 07.10.2022 година до Националниот совет за медијација, поднела барање за издавање на лиценца за медијатор приложувајќи ги кон истото сите потребни документи/докази за издавање на лиценцата за медијатор. На 18.11.2022 година од страна на именуваната поднесена е ургенција до Националниот совет за медијација со која повторно бара да се одлучи по барањето за издавање на лиценца за медијатор.

На 25.11.2022 година од страна на Националниот совет за медијација, преку електронска пошта, до повеќе лица баратели за издавање на лиценци за медијатор, меѓу кои и подносителката Сандра Рилкова, доставено е известување по однос на поднесените барања со кое ги известува дека Советот е сẻ уште во фаза на донесување на актите согласно Законот за медијација, поради што не може да одлучува по поднесените барања.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

5. Имајќи ја предвид содржината на горенаведените уставни и деловнички одредби, според Судот, еден од предвидените услови да се бара заштита на слободите и правата во постапка пред Уставниот суд е актите со кои се смета дека е сторена повредата да имаат карактер на конечни или правосилни поединечни акти. Исто така, предуслов за мериторно разгледување на барањето, е претходна оцена дали дејствијата наведени од страна на подносителот на барањето, може да се сметаат за дејствија во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд.

Во конкретниот случај, според Судот, актот за кој подносителката тврди дека ги повредува правата на кои се повикува не претставува конечен или правосилен поединечен акт. Конкретното известување претставува информирање од страна на Националниот совет за медијација.

Оттука, имајќи го предвид карактерот на актот за кој се тврди дека е извор на повредата, Судот утврди дека не се исполнети процесните услови за мериторно одлучување по барањето.

Во однос на наводите во барањето дека повредата е сторена и со дејствие на Националниот совет за медијација како надлежен орган на начин што со непреземање дејствија по барањето за издавање на лиценца за медијатор е сторена повредата на која се повикува подносителот на барањето, Судот утврди дека и во овој дел не се исполнети процесните услови утврдени за мериторно одлучување од страна на Судот.

Уставниот суд во предметот У.бр.141/2019 од 02.02.2022 година, има изградено став за природата и карактерот на дејствие за кое е надлежен да врши уставно-судска оценка во барање за заштита на слободи и права. Имено, според Судот, под поимот „дејствие“ во смисла на одредбата од член 51 од Деловникот, се однесува на оние дејствија на државните органи или друг носител на јавно овластување, кои се насочени кон остварувањето на одредена слобода или право предвидени со член 110 алинеја 3 од Уставот. Конкретноста и директноста се нивни основни обележја, односно станува збор за ситуација во која точно може да се идентификува сторителот на повредата, какво дејствие е преземено (или пак, станува збор за непреземање на дејство кога имало правна обврска да се преземе), но и кон кого конкретно било насочено самото дејствие. Во таквата ситуација, има непосредна поврзаност помеѓу дејствието и повредата и таа секогаш може да се индивидуализира.

За едно дејствие за кое се тврди дека може да биде извор на повреда, за да биде подобно и да подлежи на уставно-судска оцена неопходно е да има каузална врска меѓу дејствието и повредата, односно самото дејствие да биде одлучувачко за исполнувањето или неисполнувањето на некое право, и притоа самото дејствие да не излегува од рамките на правата и слободите кои Уставниот суд ги штити согласно член 110 алинеја 3 од Уставот.

Во конкретниот случај, непреземањето дејствија, односно непостапувањето на Националниот совет за медијација по барањето за издавање на лиценца за медијатор, според Судот нема карактер на решавање на барањето во смисла на позитивно или негативно одлучување по истото, туку од образложението на известувањето произлегува дека станува збор за информирање за правната состојба со која се соочува Националниот совет за медијација и се однесува на укажување за неопходноста од донесување на подзаконски акти за мериторно постапување по конкретно барање за издавање на лиценца за медијатор.

Согласно наведеното, Судот смета дека непостапувањето на Националниот совет за медијација по однос на барањето за издавање на лиценца не претставува дејствие во смисла на член 51 од Деловникот, со кое се врши повреда на правата на кои се повикува подносителката на барањето.

6. Што се однесува до наводите во барањето и во дописот пред неговото прецизирање, со кои подносителката укажува дека ѝ е повредено правото на работа утврдено во член 32 од Уставот, како и темелната вредност, владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од причина што органот на управата постапил спротивно на член 118 од Уставот, претставуваат наводи за кои Судот согласно надлежностите утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот и членовите 51 и 52 од Деловникот на Судот, не е надлежен да постапува, односно да пристапи кон уставно-судска оцена на истите.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека оспореното известување не претставува поединечен акт во смисла на член 51 од Деловникот, и истото не може да претставува акт со кој се врши повреда на некое право или слобода, како што и дејствието на кое се повикува подносителката, не може да претставува дејствие во смисла на член 51 од Деловникот на Судот, со кое се врши дискриминација по основ на социјална и политичка припадност. Оттука, според Судот, во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од член 51 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3, а во врска со член 68 од Деловникот за отфрлање на барањето.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.18/2023
23 март 2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска