Уставниот суд ќе ја одржи 15. Седница на 20 април 2023 година во 9:30 часот со дневен ред на кој се закажани шест иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и предлог за одлучување по нацрт-одлука.
I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ НА:
1.Реферат У.бр.91/22
Подносител на иницијативата: Славко Лазевски
Оспорен: Член 4 став 3, член 54 точка 3 и член 112 став 2 од Законот за работни односи.
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби не се во согласност со Уставот бидејќи не содржат одредби за остварување на правото на платен неделен одмор, како што е уставно загарантирано преку членот 32 став 4 од Уставот.
2.Реферат У.бр.9/2021 и 25/2021
Оспорен акт: Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Сверна Македонија и Макпетрол АД Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.317/2020).
Подносители на инцијативите: Светски Македонски Конгрес преку претседателот Тодор Петров и Политичка партија „Левица“ преку претседателот проф. д-р Димитар Апасиев.
Од наводите во иницијативите:
Во иницијативата поднесена од Светскиот македонски конгрес се наведува дека оспорениот закон не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 51 став 1, член 55 став 2 и член 98 став 3 од Уставот на Република Македонија. Со донесување на оспорениот закон според подносителот Собранието врши повреда на начелото на уставност и законитост, начелото на владеењето на правото и начелото на поделба на власта бидејќи презело во своја надлежност прашање што спаѓа во облигационо-правните односи и што требало да се реши со судска или вонсудска спогодба или со пресуда.
Спогодбата за решавање на спорот нема карактер на меѓународен договор и како приватна вонсудска спогодба таа не може да биде ратификувана од страна на Собранието, ниту пак да биде вметната како составен дел на законот. Оспорениот закон е во спротивност со Уставот кој гарантира еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот со антимонополската клаузула од член 55 од Уставот.
*Предметот е во фаза на гласање и е ставен повторно на седница бидејќи претходно не го доби потребното мнозинство.
3.Реферат У.бр.86/2021
Оспорена одредба: член 6 став 3 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 257/2020).
Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје
Содржина на одредбата:
„Во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.“
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека стечајниот управник не е тој кој ги носи решенијата во стечајната постапка, туку решенијата во судската постапка ги носи судот, односно стечајниот судија како орган на стечајната постапка, поради што, оспорената одредба којашто е донесена е во колизија со одредбите на Законот за стечај. Подносителот тврди дека на тој начин се врши директна повреда на уставниот принцип на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
*Предметот е во фаза на гласање и е ставен повторно на седница бидејќи претходно не го доби потребното мнозинство.
4.Реферат У.бр.32/2022
Оспорена одредба: Член 9 став 6 од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-5774/1 од 21.11.2014 година („Службен весник на Република Македонија” бр.172/2014), изменет и дополнет со Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-3336/1 од 08.05.2015 година („Службен весник на Република Македонија” број 76/2015).
Подносител на инцијативата: Трговско радиодифузно друштво „Радио Канал 77” од Скопје
Содржина на оспорената одредба:
„Како вработени лица, се сметаат лицата во редовен работен однос со полно работно време кај радиодифузерот и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор”.
Oд наводите во иницијативата:
Се наведува дека таквото определување што се подразбира под поимот „вработени лица” е противзаконско од причини што оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 62 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како законска одредба, така што во член 3 од истиот Закон се дадени дефинициите на одредени изрази во смисла на овој закон и значењето кое го имаат, при што во Законот не е определено значењето на изразот „вработени лица”, туку тоа е направено со оспорената одредба од Правилникот. Подносителот ги цитира членовите 4, 5 став 1 точка 3 и 13 од Законот за работни односи, како и членовите 1 и 2 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и наведува дека од цитираните законски одредби произлегува дека под вработено лице се смета физичкото лице кое склучил договор за вработување, на што упатува и законската терминологија согласно Законот за работни односи, односно сето останато се смета за невработено лице.
5. Реферат У.бр.95/2022 и У.бр.99/2022
Подносители на иницијативи: Ванчо Иванов и Мите Димоски
Оспорен: Член 19 став 1 и 3 точка 4 од Правилникот за технички преглед на возила на Министерството за внатрешни работи
Од наводите во иницијативите:
Се наведува дека Правилникот за технички преглед донесен од МВР не е усогласен со Законот за изменување и дополнување на Законот за возила во членот 66 став 1 точка 3 бидејќи при контрола од страна на службените лица на МВР различно се толкува законот и правилникот. Наведено е дека службените лица на МВР донесуваат решенија за забрана на работа на станици за технички преглед ако не се придржуваат до правилник од 2010 година. Подносителот на едната иницијатива наведува дека своеволно се толкува кој ќе врши контрола дали раководител со работно искуство од 3 години или некој со искуство од 6 и 12 месеци и не се признаваат повисоките звања како магистри или доктори на науки.
6.Реферат У.бр.7/2023
Оспорено: Решение на Совет на Општина Македонска Каменица бр.08-2337/1 од 12.12.2022 година.
Подносител на иницијативата: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата тврди дека со донесеното Решение неосновано се разрешени 4 члена на Управен одбор на КИЦ „Романса” Македонска Каменица, а се именувани нови 4 члена. Се наведува дека се прекршени одредби од Законот за култура бидејќи е спротивно на членот 35 од законот. Подносителот наведува дека не е утврдено неизвршување на функцијата на членовите на Управниот одбор и дека не сториле повреда со која би ја загрозиле нивната надлежност.
II- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
Реферат У.бр. 144/2019
Предмет на барањето: Заштита на слободите и правата што се однесуваат на дискриминација по основ на социјална припадност, поради невакцинираност, кршење на правото на слобода на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините.
Подносител на барањето: Малолетниот Н.M. и Зоран Мијалков застапувани од Трајче Торов, адвокат
Од наводите во барањето:
Подносителот во барањето наведува дека со континуирано трајно дејство на непостапување по однос на барањето за упис на малолетниот Никола Мијалков во ООУ „Ванчо Прќе“-во Штип од страна на Комиисијата за упис во основното училиште се врши дискриминација по основ на социјална припадност поради невакцинираност. Се наведува дека повредата се однесува на континуираното лишување на правото за образование, со сторена дискриминација по основ на социјална припадност, како и кршење на правото на слобода на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините.
* Предметот е во фаза на гласање
III- Предлог за одлучување:
У.бр.114/2022
Подносител: Игорчо Точев
Уставниот суд ќе одлучува по предлогот за укинување на член 56 став 1 точка 3 од Законот за трговија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2004, 128/2006, 63/2007, 88/2008, 159/2008, 20/2009, 99/2009, 105/2009, 115/2010, 158/2010, 36/2011, 53/2011, 148/2013, 164/2013, 97/2015, 129/2015, 53/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 77/2021, 215/2021, 295/2021 и 150/2022).