Уставниот суд оформи 13 нови предмети во март 2023 година

Почитувани, 

Во периодот од 1 до 31 март во Уставниот суд беа оформени 14 нови предмети по претходно поднесени иницијативи и барања од граѓаните. Сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница. 

  1. У.бр.33/2023

Оспорен: член 46 став 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/16, 142/16, 233/18, 14/20) и член 4 став 3 од Тарифта за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите бр.21-648/7 од 07.02.2019г. („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/19).

Подносител на иницијативата: Владо Мицковски

Од наводите: 

Подносителот наведува дека со оспорените членови се овозможува бесплатна работа на извршителите при извршување врз евидентирани носители на социјална помош, како и уредување на бесплатна изработка на одредени заклучоци. Подносителот смета дека во овие случаи извршителите се ограничени од ползување на сопственоста и од остварување на егзистенција со право на заработувачка. 

  1. У.бр.34/2023

Оспорен: Одлука за определување на заштитни зони за заштита на водите на водозафатниот објект извор „Студенчица“, мерки за заштита, услови, начини на воспоставување на заштитните зони и картографскиот приказ бр.41-410/2 од 10.01.2023 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.7/23).

Подносител на иницијативата: Политичка партија “Левица”

Од наводите: Подносителот наведува дека со оспорените одредби се овозможува изградба на комплексни и габаритни градби од типот на електроцентрали и придружна мрежна и патна инфраструктура и во никој случај не се обезбедува унапредување на животната средина и на природата, туку дехуманизирање на просторот. Се наведува дека со оспорената одредба на Владата забраната за градење на ветерници, фотонапонски централи и патишта во заштитната зона на Студенчица се отстранува и ефективна заштита на изворот повеќе не постои. Подносителот ги наведува оспорените одредби како спротивни со членовите 8, 39, 43, 51, 55 од Уставот, како и спротивни на членови од Законот за водите. 

  1. У.бр.35/2023

Оспорен: Одлука за поставување на спомен обележје-плоча, бр.08-4322 донесено од Советот на Општина Струга на  27.10.2022 година.

Подносител на иницијативата: Ален Деребан и други граѓани

Од наводите: 

Подносителите наведуваат дека Советот на Општина Струга донел Одлука за поставување на спомен-обележје, бетонски споменик со димензии од скоро 3 метри висина и 2 метрa ширина на шеталиштето на кејот од реката Црн Дрим, чиј инвеститор е конзулатот на Косово во Република Северна Македонија. Се наведува дека одлуката е донесена без ревидиран основен проект и техничка документација и не е предвиден ниту во ДУП-от ниту во ГУП на Општина Струга. Исто така е наведено дека Општината нема донесено програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен обележја. Подносителите сметаат дека е во спротивност со неколку одредби од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја. 

  1. У.бр.36/2023

Оспорен:Член 5-а од Законот за платите на судиите.

Подносител на иницијативата:  Адвокат Владимир Николоски

Од наводите: 

Подносителот наведува дека во оспорениот член основицата е фиксно утврдена и изнесува 25 726 денари со примена од декември 2011 година. Наведувањето на фиксниот износ е спротивен на членот 5 од истиот Закон, како и членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица, смета подносителот. Во иницијативата се наведува дека фиксниот износ е понизок и од минималната плата во бруто износ од март 2022 до февруари 2023 година и поради тоа е во спротивност со економските права кои според Уставот треба да ги има секој граѓанин. 

  1. У.бр.37/2023

Оспорен: Одлука за давање согласност на одлуката за утврдување на цени на комуналните услуги во делот на собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад донесена од страна на Советот на Општина Свети Николе на 27.10.2022 година.

Подносител на иницијативата: Владимир Гилев

Од наводите: 

Подносителот наведува дека со оспорената Одлука за над 100 проценти се зголемува цената на услугата во услови кога е намален бројот на станари во куќите и становите. Притоа се наведува дека не се исклучуваат семејствата што рециклирааат и не се дава можност за селектирање и штедење. Подносителот смета дека Одлуката е во спротивност со членот 9 од Уставот според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата, како и спротивна на член 24 од Законот за комунални услуги бидејќи нема цена на услугата по m2 по член на домаќинството. 

  1. У.бр.38/2023

Оспорен: Одлука за условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје

Подносител на иницијативата: Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје

Од наводите: 

Се наведува дека Одлуката е во спротивност со член 8, 51 и член 117 од Уставот, односно владеењето на правото, правна заштита на сопственоста и локалната самоуправа. Исто така е наведено дека Одлуката е во спротивност со Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, како и со Законот за локалната самоуправа. Според подносителката спорно е што просторот во сопственост на Град Скопје се дава под закуп по предлог на директорот и со одлука на установата, а бидејќи станува збор за недвижен имот сопственост на Град Скопје, одлука треба да донесе само сопственикот, односно советот на Градот Скопје, се наведува во инцијативата. Подносителката оспорува и член кој предвидува средствата по основ на закупнина да се уплатуваат на сметка на установата, бидејќи наведува дека тие средства остварени од закупот на стварите во општинска сопственост се приход на буџетот на Град Скопје, а не на установите и поради тоа е наведено дека овој член од Одлуката е во директна спротивност со член 7 од Законот за локална самоуправа. 

  1. У.бр.39/2023

Оспорена: Одлука бр.25-2146/12 од 12.06.2020 година со која е донесен ДУП за дел од УБ 32 во УЕ IV и дел од УБ 47 во УЕ IX, Ко Велес.

Подносител на иницијативата: Адриана Хаџи Наумов и други граѓани

Од наводите: Подносителите наведуваат дека е повреден јавниот интерес во процесот на носење на оспорената Одлука за ДУП во Велес, бидејќи според нив не е испочитуван Законот за урбанистичко планирање и не се направени геодезиски испитувања. Наведено е и дека не се земени во предвид забелешките на граѓаните кои се со место на живеење во непосредна близина на спорните парцели, при јавното излагање на ДУП. Се наведува дека оспорената одлука е во спротивност со владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, предвидени во Уставот. 

  1. У.бр.40/2023

Оспорен: Правилник за наградата и надоместокот на реално потребните трошоци на стечајниот управник и начинот на утврдување на нивната висина („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/14).

Подносител на иницијативата:Александра Илиева Милчова, адвокатка

Од наводите: 

Подносителката наведува дека целиот Правилник има тенденција да се утврди процентуална исплата од имотот на стечајната маса на стечајниот управник, спротивно на членот 30 од Уставот кој гарантира право на сопственост на секој граѓанин, како и спротивен на членот 449 од Законот за облигациони односи. Се наведува дека за управувањето со стечајната маса стечајниот управник поднесува трошовник за реално сторени трошоци согласно тарифа, но исплатата на реални трошоци заедно со процентуален износ на награда и е противуставно затоа што тоа според подносителката е неосновано задирање во сопственоста на доверителите и стечајната маса. 

  1. У.бр. 41/2023

Оспорен: Член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/14).

Подносител на иницијативата: Александра Илиева Милчова

Од наводите: 

Подносителката наведува дека со оспорената одредба се воспоставува монопол на Бирото за судско вештачење наспроти другите вешти лица кога се работи за предмети на барање од државни органи и се овозможува влијание кај истите лица кои се вработени во рамки на Министерството за правда аналогно на начинот на кој се исплаќани за трудот. 

  1. У.бр.42/2023

Оспорен: Член 2 точка 1 и член 36 став 1 од Законот за катастар на недвижности.

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Од наводите: 

Се наведува дека оспорените одредби се спротивни на членовите 8, 33, 51, 114, 115 од Уставот, како и се во спротивност со Законот за општата управна постапка, Законот за даночна постапка, Законот за Управата за приходи, Законот за буџетите, Законот за локалната самоуправа.  Подносителот смета дека се спорни одредбите затоа што на даночното тело на централно ниво му даваат податоци без надоместок, додека на локално ниво се бара надоместок иако се работи за исти податоци и иста цел-собирање на јавни приходи. 

  1. У.бр.43/2023

Оспорен: Член 218 став 2 од Законот за извршување.

Подносител на иницијативата:  Адвокат Марјан Максимоски

Од наводите: 

Се наведува дека оспорената одредба е нејасна, непрецизна и двосмислена со носење на поединечни решенија во пракса со што се ограничува извршувањето на граѓанинот кој во конкретна постапка е работник. Подносителот смета дека работникот не може да го оствари правото согласно Закон за работни односи во постапка на извршување затоа што претседателите на судовите паричните средства ги подведуваат под предмети и права  и може во пракса да се направи забрана на парични средства, нешто што му овозможува апсолутна контрола на претседателот на судот. 

  1. У.бр.44/2023

Оспорен: Член 166-б од Законот за изменување на Законот за заштита на деца („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/22).

Подносител на иницијативата: СОНК (Самостоен синдикат за образование, наука и култура на Република македонија)

Од наводите: 

Оспорениот член кој опфаќа методологија на пресметка на плата доведува до намалување на платата на вработените во одредени градинки кои работат на работно место воспитувач, со завршено вишо образование VI/1 степен односно платата на оваа категорија на вработени е пониска од платата на вработените со повисок степен на образование за исто работно место. Подносителот смета дека ваквиот начин на пресметка на платата создава можност, за иста работа, на исто работно место, да се остварува различна основа на плата, која не е резултат на сработеното, туку резултат на различен степен на образование. 

  1. У.бр.45/2023

Оспорен: Одлука за ДУП бр.07-8027/6 од 12.09.2007 година донесен од Општина Куманово

Подносител: Марјан Симовски

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената Одлука е противуставна бидејќи како оспственик на катастарска парцела дознава за промената која е направена со ДУП-от дури откако се врши промена на намената на градежната парцела која од намена „индивидуално домување”, се променува во „сообраќајница и паркинг”. 

  1. У.бр.46/2023

Оспорен: Член 72 од Законот за судски совет на РСМ („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/19).

Подносител: Петар Баришиќ

Содржина на оспорената одредба:

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорената одредба е противуставна затоа што Судскиот совет не е суд кој одлучува по жалби на разрешени судии. Се наведува дека не смее со закон донесен од страна на ⅔ мнозинство во Собранието да се уредува постапка во Судски совет, наместо да се одлучува во судска постапка.