Уставниот суд ќе ја одржи 14. Седница на 12 април 2023 година во 9:30 часот со дневен ред на кој се закажани пет иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и предлог за одлучување по нацрт-одлука.
I- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ НА:
1. Реферат У.бр.9/2021 и 25/2021
Оспорен акт: Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Сверна Македонија и Макпетрол АД Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.317/2020).
Подносители на инцијативите: Светски Македонски Конгрес преку претседателот Тодор Петров и Политичка партија „Левица“ преку претседателот проф. д-р Димитар Апасиев.
Од наводите во иницијативите:
Во иницијативата поднесена од Светскиот македонски конгрес се наведува дека оспорениот закон не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 51 став 1, член 55 став 2 и член 98 став 3 од Уставот на Република Македонија. Со донесување на оспорениот закон според подносителот Собранието врши повреда на начелото на уставност и законитост, начелото на владеењето на правото и начелото на поделба на власта бидејќи презело во своја надлежност прашање што спаѓа во облигационо-правните односи и што требало да се реши со судска или вонсудска спогодба или со пресуда.
Спогодбата за решавање на спорот нема карактер на меѓународен договор и како приватна вонсудска спогодба таа не може да биде ратификувана од страна на Собранието, ниту пак да биде вметната како составен дел на законот. Оспорениот закон е во спротивност со Уставот кој гарантира еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот со антимонополската клаузула од член 55 од Уставот.
Се наведува и дека оспорениот закон е спротивен на јавниот интерес, бидејќи во него не било наведено кој го плаќа данокот на капитална добивка, ниту пак дали на државата би ѝ следувала дивиденда од добивката. Подносителот смета дека Спогодбата за решавање на спорот нема карактер на меѓународен договор и како приватна вонсудска спогодба таа не може да биде ратификувана од страна на Собранието, ниту пак да биде вметната како составен дел на законот. Наведено е дека оспорениот закон е во спротивност со Уставот кој гарантира еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот со антимонополската клаузула од член 55 од Уставот. Се наведува и дека оспорениот закон е спротивен на јавниот интерес, бидејќи во него не било наведено кој го плаќа данокот на капитална добивка, ниту пак дали на државата би ѝ следувала дивиденда од добивката.
Реферат У.бр.86/2021
Оспорена одредба: член 6 став 3 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ број 114/2009, 148/2011, 106/2013, 166/2014 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 257/2020).
Подносител на иницијативата: Бобан Богдановски, адвокат од Скопје
Содржина на одредбата:
„Во стечајната постапка странката која поднесува жалба против решение донесено од стечајниот управник е должна таксата да ја плати пред поднесување на жалбата и доказот за платената такса да го приложи со поднесување на жалбата.“
Од наводите во иницијативата:
Pодносителот наведува дека стечајниот управник не е тој кој ги носи решенијата во стечајната постапка, туку решенијата во судската постапка ги носи судот, односно стечајниот судија како орган на стечајната постапка, поради што, оспорената одредба којашто е донесена. е во колизија со одредбите на Законот за стечај. Колизијата со одредбите на Законот за стечај е причината поради која подносителот наведува дека основано се поставува прашањето на уставноста и законитоста на оспорената одредба, и тврди дека на тој начин се врши директна повреда на уставниот принцип на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
3.Реферат У.бр.46/2022
Оспорен акт: член 30 во делот „министерот за стопанство и министерот за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија“ од Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 15/1976, 51/1988 и 19/1990), „Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1993, 66/2007, 130/2008 и 148/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.294/21).
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев од Кочани
Содржина на оспорената одредба:
„Со изменување на Законот за складирање и заштита од запаливи течности и гасови објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 12 од 4 март 1993 година, е направена измена во член 30 зборовите „републичкиот секретар за внатрешни работи“, „републичкиот секретар за индустрија и трговија“, „републичкиот секретар за урбанизам, станбени и комунални прашања“ се заменуваат со зборовите „министерот за внатрешни работи“, „министерот за стопанство“ и „министерот за урбанизам градежништво сообраќај и екологија“.
Oд наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата со оспорените одредби се пропишани надлежности за непостоечко министерство, односно непостоечки министер, кое смета дека може да доведе до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, како и органите кои го применуваат законот.
4. Реферат У.бр.109/2022
Оспорена одредба :член 152 став 1 точка 2) во делот „став (4)” од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија”, број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015 (две измени), 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016, 132/2016, 35/2018, 64/2018 и 168/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 244/2019, 18/2020, 279/2020 и 227/2022).
Содржина на оспорена одредба: (1) Глоба во износ од 5.000 до 7.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице за проектирање на градби, ако 2) вработи како проектант странско физичко лице без потврдено овластување од Комората (член 42 став (4)).
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се цитира член 42 ставови 1, 2, 3, 4 и 7, како и член 152 став 1 точка 2) во кој е содржан оспорениот дел „став (4)” од Законот за градење, по што подносителот наведува дека упатувањето на оспорениот дел „став (4)” во членот од Законот, не е соодветно, бидејќи став (4) којшто е содржина на член 42 од Законот, не уредува потреба од потврдено овластување од Комората за да може странско физичко лице да врши работи како проектант, туку став (7) на наведениот член.
Според подносителот, несоодветното упатување на одредбата од Законот, може да ги доведе во заблуда оние кои би ја применувале нормата.
5.Реферат У.бр.32/2022
Оспорена одредба: Член 9 став 6 од Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-5774/1 од 21.11.2014 година („Службен весник на Република Македонија” бр.172/2014), изменет и дополнет со Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување заведен под број 01-3336/1 од 08.05.2015 година („Службен весник на Република Македонија” број 76/2015).
Подносител на инцијативата: Трговско радиодифузно друштво „Радио Канал 77” од Скопје
Содржина на оспорената одредба:
„Како вработени лица, се сметаат лицата во редовен работен однос со полно работно време кај радиодифузерот и лицата ангажирани врз основа на договор за дело и/или авторски договор”.
Oд наводите во иницијативата:
Се наведува дека таквото определување што се подразбира под поимот „вработени лица” е противзаконско од причини што оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 62 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како законска одредба, така што во член 3 од истиот Закон се дадени дефинициите на одредени изрази во смисла на овој закон и значењето кое го имаат, при што во Законот не е определено значењето на изразот „вработени лица”, туку тоа е направено со оспорената одредба од Правилникот. Подносителот ги цитира членовите 4, 5 став 1 точка 3 и 13 од Законот за работни односи, како и членовите 1 и 2 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и наведува дека од цитираните законски одредби произлегува дека под вработено лице се смета физичкото лице кое склучил договор за вработување, на што упатува и законската терминологија согласно Законот за работни односи, односно сето останато се смета за невработено лице
II- БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:
- Реферат У.бр.144/2019
Предмет на барањето: Заштита на слободите и правата што се однесуваат на дискриминација по основ на социјална припадност, поради невакцинираност, кршење на правото на слобода на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините.
Подносител на барањето: Малолетниот Н.M. и Зоран Мијалков застапувани од Трајче Торов, адвокат
Од наводите во барањето:
Подносителот во барањето наведува дека со континуирано трајно дејство на непостапување по однос на барањето за упис на малолетниот Н.М во ООУ во Штип од страна на Комиисијата за упис во основното училиште се врши дискриминација по основ на социјална припадност поради невакцинираност. Се наведува дека повредата се однесува на континуираното лишување на правото за образование, со сторена дискриминација по основ на социјална припадност, како и кршење на правото на слобода на совеста и уверувањето во штетноста на вакцините.