По идентични прашања од повеќе медиуми во врска со предметот У.бр.113/2022, за кој веќе ја информиравме јавноста по одржаната седница на 21 март 2023 година, Судот ги дава следните одговори:
Во овој предмет, пред Уставниот суд не беше поставено прашање за висината на платите, ниту за одредување на пресметки и проценти, туку се бараше оцена на уставноста на конкретни одредби: член 4 од измените и дополнувањата на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија донесени во 2010 година и член 1 од од измените на истиот закон донесени во 2014 година.
Имено, Уставниот суд не е орган кој одлучува за зголемување или намалување на плата, или одредување проценти и пресметки туку единствено оценува уставност на оспорени одредби, па согласно ова погрешно е и неосновано тврдењето дека со своја одлука Судот зголемил или намалил плати на именуваните и избраните лица, за што неспорно е надлежно Собранието преку донесување закон, каков што е впрочем законот во кој беа содржани укинатите одредби.
Предметот беше формиран по претходна иницијатива на адвокат Бојан Стојевски, поднесена на 21 ноември 2022 година.
Судот утврди дека истовремено во еден ист закон постоеја две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата при што едното е уредено со член 11 од Законот според кое основицата се определува со просечната плата остварена во претходната година утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а второто правило беше укинатата одредба од член 4 во кој основицата изнесува 26.755,оо денари што е всушност основица која се применуваше до моментот на објавување на одлуката во Службен весник.
Судот оцени дека определувањето на начинот со кој се пресметува висината на платата на избраните и именуваните лица неспорно претставува законска материја и во таа смисла законодавецот, односно Собранието определува дали основицата ќе се пресметува врз основа на остварената просечна плата, или пак во самиот закон ќе ја утврди висината на основицата во фиксен износ. Но, независно за кој пристап се работи, законските норми кои се однесуваат на ова прашање мора да бидат јасни, недвосмислени и предвидливи и да не оставаат простор за различно толкување што би можело да доведе до нејаснотии и различна примена во исти ситуации. Впрочем, барањето за јасност и прецизност е едно од основите елементи на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
За подетално информирање, Одлуката на Судот е достапна на:
https://ustavensud.mk/?p=23879
Во однос на прашањето кое се однесува на Извештајот на Државниот ревизор, исто ве упатуваме на образложението на горенаведената одлука, во кој меѓу другото е наведено:
„Неоспорувајќи ја состојбата во која се издава ревизорскиот извештај, во насока на законско доделување на платите на избраните и именуваните лица, истакнуваме дека основицата согласно член 11 од законот е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, која за 2021 година изнесува 29.943 денари, при што укажуваме на потребата од доследна примена на член 11 од наведениот закон и усогласување на основицата за пресметување на платите со податоците за исплатена месечна плата на Државниот завод за статистика, по претходно донесување на измени на наведениот закон.“