У.бр.314/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 март 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 во делот „прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите“ од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2020).

2. Политичката партија „Левица“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените делови на одредбите се спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2, член 88, член 89 ставови 1 и 6, член 95 став 1, член 96 и член 129 од Уставот, чија содржина ја цитира во иницијативата, како и на членовите 5, 16 и 17 од Законот за Владата на Република Северна Македонија.

Подносителот на иницијативата наведува дека Уставот на Република Северна Македонија, со императивна и безрезервна правна норма, предвидува дека организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон, а таков посебен закон е Законот за Владата на Република Северна Македонија кој, според наводите во иницијативата, како lex specialis дозволува премиерот, т.е. претседателот на Владата на Република Северна Македонија од редот на министрите да именува свои заменици, но не дозволува рангирање на „вицепремиерите“ од типот „прв“, „втор“, „трет“ и слично.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека за да се воведе новата државна функција потребно е тоа да се стори со измена на Уставот, за што важат сосема други правни процедури за донесување уставни амандмани кои се во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија, а не на Владата на Република Северна Македонија. Функцијата заменик-премиер во Уставот воопшто не е предвидена, па оттука невозможно е за нешто што е непостоечка функција и Уставот не го утврдува, дополнително да се воведува и негова хиерархизација, т.е. рангирање по чинови, односно скалила. Подносителот во иницијативата наведува дека дури ни со Законот за Владата не е допуштено да се воведуваат нови државни позиции, а камоли тоа да се прави со подзаконски пропис, како што е случајот со оспорениот деловник.

Според подносителот на иницијативата, правно невозможно е со деловнички акт да се промени императивниот карактер на уставните одредби за состав на Владата, бидејќи воведувањето на новата функција „прв заменик на претседателот на Владата“ е востановување на нова висока државна, т.е. јавна, а не приватна функција.

Во иницијативата подносителот упатува на Решението У.бр.131/2000-0-1 од 28 декември 2000 година со кое Уставниот суд поведе постапка на парцијално оценување на уставноста на дел од актуелниот Закон за Владата и врз чија основа подоцна е донесена конечната Одлука У.бр.131/2000 од 21 март 2001 година со која се укинати членовите 37 и 38 од Законот за Влада на Република Македонија кои се однесуваат на извршување на одлуките на Уставниот суд. Подносителот на иницијативата наведува дека Уставниот суд во цитираното решение на Уставниот суд У.бр.131/2000 од 28 декември 2000 година зазел став дека овластувањето на Владата да донесе деловник за својата работа не е во несогласност со Уставот, а доколку со неговите одредби се утврдуваат нови надлежности за Владата или се утврдува организација и начин на работа спротивен на Уставот и на закон, тие ќе подлежат на посебна оценка на нивната уставност и законитост. Оттука, според наводите во иницијативата, токму ваква посебна оценка се бара со поднесената иницијатива, односно се проблематизира прашањето дека со оспорените одредби од Деловникот неоправдано се воведува хиерархизација на замениците премиери на еден поважен и друг помалку важен заменик.

Со оспорениот деловник, според наводите во иницијативата, не се врши операционализација на уставните и законските норми, туку станува збор за нивно прееластично екстензивирање до непрепознатливост и излегување надвор од уставните и законските рамки. На овој начин, подносителот на иницијативата смета дека се нарушува конзистентноста на уставниот концепт на статусна уставност vis-à-vis принципите на поделба на државната власт и владеењето на правото.

Дополнително, подносителот упатува и на Одлуката У.бр.87/2017 од 21 февруари 2018 година со која Уставниот суд го укина член 14 во делот „потпретседател на Владата“ од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, од која, меѓу другото го издвојува следното „Од одредбите на Уставот и Законот за Владата, произлегува дека Владата ја сочинуваат претседател на Владата и министри и дека не постои функција потпретседател на Влада.“

Поради наведеното се бара од Уставниот суд по своја проценка да изврши поништување (со ретроактивно дејство ex tunc) или укинување (ex nunc) на побиваниот правен акт во наведените делови, односно оспорените делови од членовите 1, 2 и 3 од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, со конечна и мериторна одлука, од причини што подносителот на иницијативата смета дека постојат неотстранливи материјално-правни причини за негова ништовност кои се во директна спротивност со Уставот на Република Северна Македонија и со Законот за Владата.

3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од оспорениот деловник се предвидува дека во Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/01, 98/02, 9/03, 47/03, 64/03, 67/03, 51/06, 5/07, 15/07, 26/07, 30/07, 58/07, 105/07, 116/07, 129/07, 157/07, 29/08, 51/08, 86/08, 114/08, 42/09, 62/09, 141/09, 162/09, 40/10, 83/10, 166/10, 172/10, 95/11, 151/11, 170/11, 67/13, 145/14, 62/15, 41/16, 153/16 и 113/17 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.228/19, 72/20, 215/20, 309/20, 41/21, 56/21 и 70/22), во глава II, во насловот, по зборот „претседател“ се додаваат зборовите „прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите“.

Согласно член 2 од оспорениот деловник, член 5 се менува и истиот предвидува дека претседателот на Владата го заменува првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите, а во случај на негово отсуство или спреченост тогаш претседателот на Владата го заменува еден од неговите заменици што тој ќе го определи.

Според член 3 од оспорениот деловник член 6 се менува и предвидува дека на претседателот на Владата во вршењето на неговите права и должности му помагаат првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на претседателот на Владата. Првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на претседателот на Владата се грижат за извршување на работите од надлежност на Владата по одделни прашања за кои ќе ги овласти претседателот на Владата. Првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на претседателот на Владата го известуваат претседателот на Владата за извршување (спроведување) на работите согласно став (2) на овој член.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Поаѓајќи од уставно-судската практика и анализата на наводите во конкретната иницијатива со која се бара оцена на уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија во делот „прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите“, Судот оцени дека веќе постапувал и зазел став за покренатото правно прашање.

Имено, Уставниот суд донесе Решение У.бр.266/2020 од 01.12.2022 година, со кое не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот „Прв заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите“ во насловот на главата II и членовите 5 и 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/01, 98/02, 9/03, 47/03, 64/03, 67/03, 51/06, 5/07, 15/07, 26/07, 30/07, 58/07, 105/07, 116/07, 129/07, 157/07, 29/08, 51/08, 86/08, 114/08, 42/09, 62/09, 141/09, 162/09, 40/10, 83/10, 166/10, 172/10, 95/11, 151/11, 170/11, 67/13, 145/14, 62/15, 41/16, 153/16 и 113/17 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.228/19, 72/20, 215/20, 309/20, 41/21, 56/21 и 70/22).

Во Решението У.бр.266/2020 од 01.12.2022 година, Судот наведува дека од наведената анализа на уставните одредби кои се однесуваат на Владата како носител на извршната власт и Законот за Владата во кој е определено дека претседателот на Владата од редот на министрите определува заменици и дека претседателот на Владата го заменува неговиот заменик и дека претседателот на Владата може да им довери на замениците вршење на одделни работи, сметаме дека овластувањето на Владата да донесе Деловник за работа со кој поблиску ќе се утврди внатрешната организација, начинот на работа и други прашања од значење за работата на Владата е во функција на поблиску уредување на прашања од организационен и процедурален карактер во функција на подобро организирање на работата на Владата, а со тоа и зголемување на ефикасноста на работењето на Владата на кој начин не се доведуваат во прашање уставната и законска поставеност на Владата во правниот поредок.

Членовите 5 и 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија со нова содржина на одредбите се внесени со донесувањето на Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2020) и сега оспорените членови 1, 2 и 3. Оттука, Решението на Уставниот суд У.бр.266/2020 од 01.12.2022 година и иницијативата У.бр.314/2020 се однесуваат на исти одредби кои регулираат исто правно прашање.

Оттука, со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста и законитоста на делот „прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите“ од членовите 5 и 6 на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, членови кои со изменета содржина се внесени во Деловникот со сега оспорените членови 1, 2 и 3 од Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија за кои Судот веќе се произнел и зазел став со цитираното Решение У.бр.266/2020 од 01.12.2022 година, Судот смета дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата поради пресудена работа, односно res judicata, а во услови кога нема основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.314/2020
01.03.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска