Уставниот суд оформи 21 нов предмет во февруари 2023 година

Во периодот 3 – 28 февруари во Уставниот суд беа оформени 21 нов предмет по претходно поднесени иницијативи и барања од граѓаните. Сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од судии и советници и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи поединечни реферати коишто ќе содржат предлози за гласање на седница.

Поради интерес на повеќе медиуми за предмети поврзани со 27 април 2017 година, информираме дека меѓу оформените во февруари е и барањето за заштита на слободи и права У.бр.26/2023 поднесено од Горан Трпеноски.

Во продолжение информации од предметите:

1. У.бр. 12/2023

Оспорен: член 128 став 4 од Законот за вонпарнична постапка

Подносител: Санде Пејоски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорениот акт се повредува член 15 од Уставот кој гарантира право на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

2. У.бр.13/2023

 Оспорено: Решение на Врховниот суд на Република Северна Македонија бр.120/2022

Подносител: Анета Батева

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата наведува дека со оспореното решение, Врховниот суд ги повредил нејзините права бидејќи одлучил во корист на странката со поголема општествена и имотна положба.

3. У.бр. 14/2023

 Oспорена: Адвокатска тарифа за наплата на трошоци.

 Подносител: Санде Пејоски

 Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот член е во спротивност со член 8 и член 50 од Уставот и смета дека адвокатската тарифа која ја одобрила адвокатската комора е спротивна на Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. У.бр.15/2023

Оспорен: член 107 став 2 од Законот за електронски комуникации

Подносителка: Александра Илиева Милчова, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Подносителката на иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото. Се наведува дека корисниците се во нерамноправна положба во однос на операторите бидејќи се овозможува еднострана примена на условите само за операторот, а не и за граѓанинот. Според наводите претплатникот склучува договор и плаќа, а за возврат добива услуги по наведени цени во договорот иако тие услови може да се променат во секое време без знаење на претплатникот и да му  бидат доделени нови услуги по нови цени под временски обврзувачки договор, а неговото непроизнесување по таквото известување значи и прифаќање.

 5. У.бр.16/2023

Оспорен: член 99 став 5 од Законот за судовите во делот „правосилни”

Подносител на иницијативата: Александра Илиева Милчова, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Подносителката смета дека е недозволиво со оспорената додавка да бидат објавени само правосилните одлуки, додека неправосилните да останат тајни и да не биде дозволено на јавноста да биде запознаена со нив.

6. У.бр.17/2023

Оспорен: Закон за трансформација во редовен работен однос

Подносител на иницијативата: Државната комисија за спречување на корупција

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот закон е во спротивност со владеењето на правото бидејќи содржи одредби со кои се создава висок ризик за корупција. Се наведува дека иако одредбите се од времен карактер и веќе се неприменливи, потребно е да се истакне дека со нивна примена во наведениот период (2014 година) е извршено заобиколување/суспендирање на условите и постапката за вработување пропишани со конкретни закони.

7. У.бр.18/2023

Оспорено: Известување од Националниот совет за медијација од  25.11.2022

Подносителка на барањето: Сандра Рилкова

Од наводите во барањето:

Подносителката наведува дека повредата е сторена од Националниот совет за медијација со дејствие на непостапување по нејзино барање за издавање на лиценца за медијатор.

8. У.бр. 19/2023

Оспорен: Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надоместок на штета предизвикана од бездомни кучиња од 28.10.2022 година, донесен од Советот на Општина Тетово.

Подносител на иницијативата: Дарко Котески, адвокат од Тетово

 Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека Советот на Општина Тетово нема надлежност за донесување на оспорениот правилник и го оценува како спротивен на Законот за локална самоуправа, според кој таа надлежност му припаѓа исклучиво на градоначалникот. Се наведува дека оспорениот правилник е спротивен на член 8 и член 51 од Уставот. Подносителот ги оспорува и критериумите за утврдување на висината на надоместокот на штета предизвикана од куче бездомник според кои граѓаните се поделени според возраста за добивање отштета.

9. У.бр.20/2022

Оспорена: Одлука за извршување на Буџет на Општина Македонска Каменица  бр.08-2489/1, донесена на 28.12.2022 година

Подносител на инцијативата: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека донесената одлука не може да се извршува согласно Законот за извршување на Буџет за 2023 година бидејќи Општината не може да ги користи наменски и законито средствата, ниту да го контролира користењето на средствата на единките корисници поради претходно донесениот Буџет за 2023 година, кој  го оценува како незаконски. Во иницијативата се наведува дека со Одлуката се повредени темелните вредности на уставниот поредок, опишани во член 9 став 1 точка 9 од Уставот.

 10. У.бр.21/2023

Оспорен: член 22-б и член 27-б од Законот за превоз во патниот сообраќај

Подносител на иницијативата: Сашко Стојиловски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото опфатени во членовите 8 и 55 од Уставот, како и дека се во спротивност со член 5 од Законот за јавни набавки кој го опфаќа начелото на конкуренција помеѓу економските оператори.

11. У.бр. 22/2023

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Подносител на иницијативата: м-р Зоран Стојановски, адвокат

Од наводите во иницијативата:

Подносителот во иницијативата наведува дека законодавецот ги пречекорил уставните овластувања и вовел цензура која со Уставот е забранета. Притоа напоменува дека е предвидено оспорениот закон да се примени ретроактивно, односно организациите се должни во рок од три месеци да го усогласат своето име/назив, скратено име, програма, цели и дејности да ги усогласат со одредбите од Законот пред Централниот регистар. Подносителот наведува дека со Уставот се пропишани формалните елементи на здруженијата, ги регулира програмите и дејствувањето, но не и називите или имињата на здруженијата.

Подносителот наведува дека со оспорениот закон се повредени четири члена од Уставот, односно член 8, член 51, член 52, член 20 и член 16.

12. У.бр.23/2023

Оспорен: член 31 став 6 од Закон за вршење на сметководствени работи

Подносител на иницијативата: Сашо Цветановски

Содржина на оспорениот член:

За целите на финансиското известување обврзникот за водење на сметководство може да вработи сметководител или овластен сметководител со полно работно време. Обврзниците за водење на сметководство кои согласно со Законот за трговските друштва се поврзани лица, може да вработат едно исто лице со скратено работно време.

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека правото на работа и слободен избор на вработувањето е предвидено во Законот за работни односи, а во овој случај на оспорената одредба се пропишува полното работно време како услов за вработување за целите на финансиското известување, при што се ставаат во нееднаква положба кандидатите за вработување сметководители и овластени сметководители кои поради лични околности бараат работа на пазарот на труд со неполно работно време. Подносителот наведува дека полното работно време не е доказ за нивните стручни способности и ги дискриминира лицата кои не можат да работат со полно работно време и со наведување на полното работно време како услов за вработување се воведува присилна работа која е забранета со Уставот.

13. У.бр. 24/2023

Оспорен: член 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

 Содржина на одредбата:

Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот(маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорената одредба во делот „и најмалку 15 години пензиски стаж” не се обезбедува социјална правда, економска благосостојба и напредок на поединецот, како и дека му е ускратено правото на социјална сигурност и социјално осигурување на вработено лице, од денот на вработувањето.  Смета дека оспорената одредба ги става граѓаните во нееднаква позиција и со тоа го нарушува владеењето на правото.  Се наведува дека осигуреникот кој има 14 години и 11 месеци стаж, платениот придонес за задолжително пензиско осигурување е изгубен во целината на пензискиот фонд и со тоа тој осигуреник не остварува право на пензија. До тој момент осигуреникот целосно ги исполнува обврските што му ги наметнал законот, а штом ќе наполни 64 (маж) и 62 (жена) години, старост, истиот закон го лишува од секое право на пензиско осигурување, наведува подносителот.

14. У.бр.25/2023

Оспорен: Правилник за изменување и дополнување на правилникот за распределба на авторските надоместоци донесен од собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП Скопје бр.281/22

Подносители на иницијативата: Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски

Од наводите во инцијативата:

Подносителите го оспоруваат правилникот и наведуваат дека има ретроактивна примена бидејќи предвидува пресметката и исплатата на надоместоци за емитување на авторски дела за репартициската 2022 година (од 2022 година и од заостанати претходни години, 2021, 2020, 2019) да се изврши до крајот на март 2023 година. Се наведува дека правилникот предвидува примена за пресметка и исплата на надоместоци за дела емитувани во временски период пред да биде донесен и објавен во „Службен весник“. Подносителите сметаат дека повратното дејство кое го произведува оспорениот правилник е во спротивност со уставно загарантираното право на примена на повратно дејство на законите и со тоа директно ги крши правата на авторите.  Се наведува дека примената со повратно дејство создава правна несигурност бидејќи авторите на музички дела основано очекувале распределба на авторски надоместоци согласно важечките правила во моментот на емитување.

15. У.бр.26/2023

Подносител на барањето: Горан Трпеноски

Оспорена: Пресуда од 15.03.2021 на Основниот граѓански суд и Пресуда од 22.12.2022 година на Апелациониот суд Скопје

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека до Основниот граѓански суд Скопје поднел тужба за надомест на нематеријална штета за претрпен страв и надомест на нематеријална штета за повреда на слободата на изразување затоа што на 27 април 2017 година државата покрај тоа што не го заштитила неговиот психички и физички интегритет, не ја заштитила и неговата слобода на изразување како акредитиран новинар од редакцијата на порталот „Сдк.мк“ во Собранието. Подносителот наведува дека во првостепената пресуда му се повредени правата бидејќи не бил признаен како новинар Откако тужбата, а потоа и жалбата му биле одбиени, подносителот бара Уставниот суд да утврди повреда во пресудите бидејќи му било загрозено правото на изразување и информирање.

 16. У.бр.27/2023

 Подносител: Mефаиљ Арслани, адвокат од Скопје

 Оспорен:член 112 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители

 Од наводите во иницијативата:

 Подносителот наведува дека оспорениот член е дискриминаторски бидејќи слушателите по завршување на почетната обука добиваат уверение кандидат за судија или за јавен обвинител и со тоа уверение можат да аплицирааат само доколку се определиле или за судија или за јавен обвинител. Се наведува дека доколку некој слушател веќе се определил за судија или јавен обвинител, а веќе бил избран во суд/обвинителство доколку во иднина сака да ја промени професијата од судија во јавен обвинител би требало да го полага приемниот и завршниот испит во Академијата и тој процес може да трае повеќе од 3 години. Подносителот смета дека член 112 ги става во понеповолна положба слушателите од генерациите кои полагале по последниот важечки закон за Академијата од 2015 година, во однос на слушателите кои полагале по старите закони за Академијата за судии и јавни обвинители.  Поради овие причини подносителот смета дека член 112 е во спротивност со член 32 од Уставот кој гарантира право на работа секому и слободен избор на вработување.

17. У.бр.28/2023

Оспорени: членовите 153-а и 155-а од Изборниот законик

Подносител на иницијативата: Страхил Гавритов

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорениот член 155-а е дискриминаторски во однос на мажите бидејќи според него со прекинот на мандатот на член на општинскиот совет, следниот кандидат на листата е жена по автоматизам, без оглед на која позиција се наоѓа. Подносителот на иницијативата се повикува на Уставот и член 9 во кој е опфатено дека сите се еднакви, а спротивно на тоа оспорените членови од Изборниот законик, според наводите, упатуваат на полова нееднаквост.

18.У.бр.29/2023

Опорен: член 364 од Законот за кривичната постапка

Подносители на иницијативата: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје

Содржина на оспорената одредба:

Недоаѓање на тужителот на главната расправа

(1) Ако на главната расправа што е закажана врз основа на обвинителен акт од јавниот обвинител не дојде јавниот обвинител, кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во членот 89 од овој закон, а главната расправа ќе се одложи.

(2) Ако на главната расправа не дојде приватниот тужител, иако е уредно повикан, ниту неговиот полномошник, претседателот на советот или судијата поединец ќе ја запре постапката со решение.

Од наводите во иницијативата:

Подносителите наведуваат дека оспорениот член е спротивен на членовите 8, 9, 11, 13, 98, 106 и 118 од Уставот и со него е воспоставен дуализам, се промовира диференцијација во постапувањето на кривичните судови во случај на недоаѓање на тужителот или јавниот обвинител. Се наведува дека член 364  ги доведува граѓаните во дискриминирана, нерамноправна положба во кривичната постапка, без оглед на причините за отсуство на некоја од страните.

19. У.бр.30/2023

Подносителка на барањето: Сандра Рилкова

Од наводите во барањето:

Подносителката на барањето наведува дека и е сторена дискриминација од страна на Комисијата за оцена на докторска дисертација при Филозофскиот факултет по основ на социјална и политичка припадност предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот. Се наведува дека повредата е сторена со известување од ноември 2022 година и со дејствие наведување за самостојно откажување од докторските студии со потенцирање на социјалната положба.

20. У.бр.31/2023

Опорено: Автентично толкување на општи и посебни одредби на донесени урбанистички планови и урбанистичко планска документација на Совет на Општина Кисела Вода од 26 април 2022 година.

Подносител на иницијативата: Друштво за градежништво, трговија и услуги ХОУМ ВИЗИОН ДООЕЛ Скопје

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека со оспорениот акт Советот на Општина Кисела Вода предвидува дека максимален број на станбени едници со намена А1-домување во станбени куќи е 4 кај урбанистичките планови опфатени во автентичното толкување, а во истиот не бил утврден максималниот број на станбени единици со намена А1 домување во станбени куќи. Подносителот наведува едка со оспорениот акт е направена измена на урбанистичките планови без претходно да биде спроведена постапка за нивно изменување. Подносителот смета дека Законот за локална самоуправа не предвидува право на општината при вршење на своите надлежности да врши автентично толкување на општите акти.

21. У.бр.32/2023

Опорен: член 213 став 2 од Законот за вонпарнична постапка

Подносител на иницијативата: Трајче Митевски, адвокат од Кавадарци

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорениот член се овозможува исклучиво на нотарите да составуваат договори за физичка делба во форма на нотарски акт иако според член 53 од Уставот и член 3 од Законот за адвокатурата тој смета дека правото му припаѓа на адвокатот кој е овластен да ја состави приватната исправа, додека нотарот само ја солемнизира.