Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 01.03.2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 49 став 4 точка 2 во делот „став (5)“ од Законот за задолжителни нафтени резерви („Службен весник на Република Македонија“ бр.144/2014, 178/2014, 199/2015, 197/2017, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 150/2021 и 236/2022).
2. Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот не е во согласност со начелото на владеење на правото.
Во иницијативата се наведува дека согласно член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2021), изменет е член 10 од Законот за задолжителни нафтени резерви, кој содржеше 5 става. Со изменетиот член, ставот 2 се брише со што ставот 5 станува став 4.
Подносителот наведува дека согласно член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, во член 49 став 4 точка 2 е уредено дека „Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, по предлог на Агенцијата за задолжителни резерви, најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе донесе: правилник за подготовка и роковите за поднесување на статистички резимеа до Европската комисија, за содржината, формата и начинот на водење на Регистрите за задолжителните и за посебните резерви, како и правилата за подготовка и роковите за поднесување на резимеа од Регистрите за задолжителните и за посебните резерви до Европската комисија, согласно членот 10 став (5), членот 13 ставови (2) и (4) и членот 35 ставови (6) и (7) од овој закон.“
Подносителот смета дека со оглед на тоа што Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2021), произвел правно дејство во правниот промет на ден 13.07.2021 година, со кој закон член 10 не содржи повеќе 5 става туку само 4, оспорениот дел „став (5)“ од член 49 став 4 точка 2 од Законот за задолжителни нафтени резерви може да доведе до заблуда во примена на одредбата, а кое нешто не е во согласност со начелото на владеење на правото што подразбира дека во правниот промет мора да постојат јасни, прецизни и концизни норми и доколку тие упатуваат на примена на друга норма, меѓу нормата што упатува и нормата кон која се упатува, потребно е да постои хармонија како двете би се надополнувале една со друга, а заради формирање на правно логична функционална целина.
Во иницијативата се предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел „став (5)“ од член 49 став 4 точка 2 од Законот за задолжителни нафтени резерви и истиот да го укине како спротивен на Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека во член 49 од Законот, е предвидено дека:
(1) Владата на Република Македонија најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе донесе:
1) акциски план за формирање на задолжителни резерви од член 12 став (2) од овој закон;
2) одлука за количината и структурата на задолжителните резерви за тековната година, согласно членот 12 став (3) од овој закон;
3) уредба со која ги пропишува начинот на утврдување, пресметување, висината и надоместувањето на трошоците за чување на задолжителните резерви согласно членот 15 став (3) од овој закон;
4) уредба со која ги пропишува начинот за утврдување, пресметување и висината на надоместокот за нафтени резерви, како и содржината, начинот и роковите за достава на податоци за пласманот на нафтени деривати на домашниот пазар, согласно член 31 став (3) од овој закон;
5) план за интервенција во случај на вонредно пореметување на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати согласно член 37 став (1) од овој закон.
(2) Владата на Република Македонија најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе ги именува членовите на Управниот одбор и Директорот на Агенцијата за задолжителни резерви согласно членовите 23 и 25 од овој закон.
(3) Владата на Република Македонија најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе ја формира и ќе ги именува членовите на Советодавната комисија од членот 38 ставови (1) и (2) од овој закон.
(4) Министерот надлежен за работите од областа на енергетиката, на предлог на Агенцијата за задолжителни резерви, најдоцна до денот на отпочнување со примена на овој закон ќе донесе:
1) правилник за методите и процедурите за пресметка на просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка, од членот 5 став (3) од овој закон;
2) правилник за подготовка и роковите за поднесување на статистички резимеа до Европската комисија, за содржината, формата и начинот на водење на Регистрите за задолжителните и за посебните резерви, како и правилата за подготовка и роковите за поднесување на резимеа од Регистрите за задолжителните и за посебните резерви до Европската комисија, согласно членот 10 став (5), членот 13 ставови (2) и (4) и членот 35 ставови (6) и (7) од овој закон;
3) правилник за методите и процедурите за пресметка на нивоата на задолжителните резерви од членот 11 став (2) од овој закон.
4. Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во член 49 став (4) точка 2 од Законот за задолжителни нафтени резерви се пропишува дека министерот од областа на енергетиката, на предлог на Агенцијата за задолжителни резерви, ќе донесе правилник за методите и процедурите за пресметка на просечните дневни нето увози и просечната дневна домашна потрошувачка, правилник за подготовка и роковите за поднесување на статистички резимеа до Европската комисија, за содржината, формата и начинот на водење на Регистрите за задолжителните и за посебните резерви, како и правилата за подготовка и роковите за поднесување на резимеа од Регистрите за задолжителните и за посебните резерви до Европската комисија. Одредбата понатаму упатува на член 10 кој се однесува на статистички резимеа, член 13 кој се однесува на регистар на задолжителни резерви како и на член 35 со кој се уредува управување на посебните резерви.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2021), извршени се измени во член 10 од Законот, така што ставот (2) се брише, а ставовите (3), (4) и (5), стануваат ставови (2), (3) и (4). Согласно извршените измени, членот 10 содржи четири става.
Со истиот закон, со член 27 направена е измена и во член 49 во ставот (4) со која е избришана точката 2. Со оглед дека член 49 став 4 содржел 4 точки, со измените содржи три точки.
Од анализата на содржината на член 49 од Законот за задолжителни нафтени резерви, а посебно содржината на став 4 точка 2 во оспорениот дел „став (5)“, произлезе дека при усогласувањето на законските одредби со направените измени, во член 49 став (4) точка 2 од Законот за задолжителни нафтени резерви, законодавецот направил превид, при што наместо да се изврши соодветна измена и да стои член 10 „став (4)“, останало да стои член 10 „став (5)“. Судот смета дека очигледен и јасен е пропустот, место упатувањето на „став (5)“ законодавецот треба да упати на „став (4)“.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот цени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.122/2022
01.03.2023 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска