У.бр.8/2022-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 март 2023 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 36/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014 и 233/2018).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија по повод иницијативата на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга, со Решението У.бр.8/2022 од 7 декември 2022 година, меѓу другото, поведе постапка за оценување на уставноста на член 22 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 22 став 1 од Законот се предвидува пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, да ги има сите права од член 19 на овој закон.

Лицата од ставот 1 на овој член, додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од член 22 од Законот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Судот, анализирајќи ги одредбите од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија утврди дека со член 19 став 1 од овој закон е предвидено право на избраните и именуваните лица определени во истиот став, да остваруваат плата по престанување на функцијата.

Со истиот став ова право е условено со остварување на плата за време на вршењето на функцијата, при што ова право може да се остварува најмногу до една година. Во рамките на овој максимум е предвидена законска градација на времето на остварување на правото, во зависност од периодот на вршење на функцијата и тоа: три месеци, ако функцијата била вршена до шест месеци; шест месеци, ако функцијата била вршена од шест месеци и еден ден до дванаесет месеци; девет месеци, ако фунцијата била вршена дванаесет месеци и еден ден до 24 месеци и дванаесет месеци, ако функцијата била вршена дваесет и четири месеци и еден ден повеќе.

Понатаму, во ставот 2 од член 19 од Законот се содржани два исклучоци од претходно утврденото. Лицата од ставот 1 може да остваруваат плата според одредбите од овој закон за време подолго од една година од денот на престанокот на фунцијата, а најмногу уште шест месеци ако во тоа време стекнат право на пензија. Овие лица не можат да го стекнат правото од ставовите 1 и 2 од член 19 од Законот, ако ги исполниле условите за стекнување на старосна пензија, согласно закон.

Со член 20 од Законот е нормиран начинот и рокот за иницирање постапка во рамките на која се остварува правото на плата по престанокот на функцијата и е утврдена надлежност на телото кое треба да одлучува по однос на ова право. Така, согласно член 1 од овој член, ова право се стекнува врз основа на лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена сметано од престанувањето на функцијата, додека според ставот 2 од истиот член, надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото од член 19 на овој закон како и престанувањето на правото според одредбите на овој закон.

Во член 21 од Законот е определено кога престанува правото од член 19 на овој закон, односно дека ова право престанува кога ќе се исполнат условите за стекнување на право на старосна пензија, согласно закон.

Оспорениот член 22 од Законот посебно предвидува за наведените избрани, именувани и назначени функционери кои поднеле оставка или пак ќе бидат разрешени пред истекот на времето за кое се избрани, именувани или назначени, да ги имаат сите права од член 19 од овој закон. Дополнително, со ставот 2 од истиот член за овие лица е утврдено уште едно право – правото на надоместок за користење на годишен одмор додека го остваруваат правото на плата по престанок на функцијата од член 19 од Законот.

Исто така, во член 23 став 1 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, се предвидува престанок на правото пред истекот на законски утврдените рокови, и тоа: кога тој тоа ќе го побара и кога ќе се вработи или ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата. Според ставот 2 на член 23 од Законот, лицата од ставот 1 на овој член го немаат правото од член 19 од овој закон, односно тоа право им престанува ако се правосилно осудени за кривични дела сторени од користољубие.

При градењето на својот став во овој предмет, за Уставниот суд беше појдовно тоа што законодавецот неспорно има овластување да го уреди прашањето за материјалниот статус на избраните, именуваните и назначени вршители на јавни функции, вклучително и прашањата за материјалните права по престанок на мандатот.

Меѓутоа, ова право не е апсолутно и неограничено, туку со пропишувањето на условите за стекнување на материјалните права и нивната содржина, мора да биде остварена легитимна цел, истата да е пропорционална и да не е во корист на приватниот интерес, што не е случај со оспорената одредба.

Имено, со оспорениот член 22 од Законот е предвидена можност за стекнување на право на вршителите на јавна функција во посебна ситуација, различна од предвидените во член 19 од Законот. Станува збор за случаи кога функцијата престанува врз основа на сопствено изразена волја за престанок на вршење на функцијата или разрешување, што според нашето законодавство значи дека постои основ за престанок поради одреден вид на одговорност или незадоволително вршење на функцијата.

Според Судот, во вакви случаи не постои никакво легитимно оправдување за постоење материјални права коишто можат да се користат по престанокот на функцијата, како што е пропишано со член 22 од Законот.

Законодавецот, во оспорената одредба за вршителите на јавни функции, предвидел и дополнително материјално право коешто не е предвидено за лицата за кои се применува општата одредба од член 19 од Законот. Така, покрај правото на остварување на плата по престанокот на функцијата, вршителите на јавна функција кои поднеле оставка или се разрешени пред истекот на времето за кое се избрани, именувани или назначени, имаат и право на надоместок за користење на годишен одмор додека го остваруваат правото на плата по престанок на функцијата од член 19 од Законот.

Според Судот, ваквото целокупно нормирање во оспорената одредба не само што нема легитимна цел, туку е непропорционално и исклучиво во корист на приватниот интерес на одредена група вршители на јавни функции од каде не може да се смета дека е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ – Бозаџиева, д-р Осман Кадриу и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.8/2022
1 март 2023 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска