Дневен ред за 9. седница на Уставниот суд закажана за 7 март 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 9. седница на 7 март, вторник во 9:15 часот, со дневен ред на кој е предвидено да се расправа по четири иницијативи за оценување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободи и права и два предлога за одлучување.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

  1. Реферат У.бр.66/2022

Подносител на иницијативата: Јашар Касами од Тетово

Оспорен: Член 109 став 3, во делот „Предност имаат кандидати со звање ментор и советник“ од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“, број 161/2019 и 229/2020).

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот во иницијативата наведува дека во оспорениот член се пропишани условите кои треба да ги исполнува наставникот за да може да биде избран односно, именуван за директор на училиште и според него предноста која се дава на наставниците со звање Наставник-ментор или Наставник-советник како кандидати за директор на училиште, ги обесправува сите други наставници кои ги исполнуваат сите останати услови пропишани со член 109 став 3 од Законот, но не биле во можност да се стекнат со звање. Според подносителот, оспорената одредба создавала можност за рушење на владеењето на правото и за можна дискриминација во основното образование, откако ќе била применета во корелација со членот 32 став 4 од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средни училишта, односно со оспорената одредба сите наставници кои конкурирале за директор на училиште, а немале стекнато звање биле обесправени и ставени во понеповолна положба. Во наводите на инцијативата, меѓудругото, се наведува дека оспорената одредба била во спротивност со членот 9 од Уставот, бидејќи со истата била нарушена еднаквоста на граѓаните-наставниците кои ги исполнуваат сите пропишани услови за избор на директор на основното училиште.

         2. Реферат У.бр.93/2022

Подносител на иницијативата: Славко Лазевски

Оспорен: Член 2 точка 29 од Законот за катастар на недвижности

Од наводите во иницијативата: 

Оспорената одредба која гласи: „заинтересирано лице е лице кое за докажување на својот правен интерес за поднесување на пријава за запишување, покрај правен основ за запишување и геодетски елаборат приложува и изјава заверена кај нотар во која се содржани основите за правниот интерес”, подносителот ја цени како спротивна на владеењето на правото. Според наводите во иницијативата со одредбата се изразува недоверба кон државниот службеник кој има оригинерни јавни овластувања и дадената изјава пред него е поверодостоен доказ од изјавата пред лицето со пренесени јавни овластувања од министерот за правда, како што е нотарот во предметниот случај. 

3. Реферат У.бр.131/2022

Оспорен: Член 6 став 2 од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза.

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Содржината на оспорениот член:

„Корисникот кој не е на списокот од член 5 став 3 од овој закон, а кој смета дека ги исполнува условите како корисник на правото од член 2 од овој закон, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиска поддршка од член 5 став 3 од овој закон”.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека пропишаниот рок за приговор е претерано краток и го попречува остварувањето на целта на Законот, затоа што според него роковите во правната материја немаат за цел да оневозможат остварување на некое законско право.

4.Реферат У.бр.2/2023

Оспорени: Членовите 12 став 1 алинеја 3, став 2 во делот „претставници на Собранието на АКРСМ”, член 14 ставови 2, 3, 4, 5 и 6, член 15 став 2 во делот „повеќе од ⅓ од претставниците на Собранието”, член 17, член 36 во делот „од вкупниот број претставници” од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија(„Службен весник на Република Северна Македонија” број 128/2019).

Подносител на иницијативата: Александар Ристески, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Oспорените одредби го регулираат начинот на конституирање на Собранието на АКРСМ кои предвидуваат делегатски систем на избор, односно конституирање на Собранието на АКРСМ кои според подносителот се посредни и недемократски, бидејќи Адвокатската комора согласно Законот за адвокатурата претставува своевиден специфичен облик на еснафско здружение и како такво мора да функционира. Подносителот наведува дека иако со Устав, во членот 53 адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања, тоа не значи можност за регулирање на внатрешните односи во комората, вклучувајќи ги и статутарните одредби. Се наведува дека во сите облици на здружување на граѓаните или сите членови на здружението треба да бидат членови на Собранието или членовите/пратениците во Собранието на здружението треба да се бираат непосредно на демократски избори со тајно гласање и во гласачки кутии и секој друг начин на конституирање на претставничките органи е недемократски и неуставен бидејќи гласањето не е тајно. 

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА: 

Реферат У.бр.137/2021

Оспорен: Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година  на Основниот Куманово и  Решение ГЖ-1.бр.1627/21 од 19 мај 2021 година на Апелациониот суд од Скопје,

Подносители: Живко Јаќимовски и Радица Јаќимовски застапувани од Бенита Белешкова, адвокатка од Скопје

Од наводите во барањето:

Во барањето е наведено дека Живко Јаќимовски е единствен сопственик на недвижен имот со имотен лист број 40 XXX за КО Куманово со кој се стекнал  на 26 септември 2018 година. Со споменатото Решение број IV П1 65/20 од 19 февруари 2021 година  на Основниот граѓански суд Скопје било усвоено тужбеното барање на негов сосед од Куманово, кој бил татко и близок роднина на членови на политичка партија на Србите и затоа бил со подобра социјална и општествена политичка позиција. Според наводите во барањето Живко Јаќимовски од Скопје му го нарушил последното мирно, фактичко и непосредно совладение над опишаниот наведен имот од имотен лист број 20 XXX за КО Куманово кој бил во сосопственост на повеќе сосопственици, помеѓу кој бил и подносителот на барањето.

III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ: 

1. Предлог за одлучување по предметот У.бр.82/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија по повод иницијативата на Друштвото за производство, трговија и услуги УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово и Трговското друштво за внатрешен и надворешен промет, производство и услуги ХРОМАК Емил ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, застапувани од Борче Ивановски и Виктор Божиновски, адвокати од Куманово, со Решението У.бр.82/2022 од 20 декември 2022 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот, со одредбите од Законот за урбанистичко планирање и од Законот за градење. Воедно, Судот го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените акти (т.н. времена мерка).

2. Предлог за одлучување по предметот У.бр.233/2020

По повод иницијатива поднесена од Панче Докузов, Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решение У.бр.233/2020 од 28 април 2021 година поведе постапка за оценка на уставноста на член 8 став 3 во делот: „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија“ од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), поради тоа што основано се постави прашањето за несогласност на наведената законска одредба со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од аспект на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.