У.бр.170/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 февруари 2023 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021).

2. Билјана Јорданоска од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во поднесената иницијатива, оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 и став 2, член 9, член 10, член 11, член 29 став 1, член 34, член 35, член 39 став 1, член 50 став 1 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, членовите 1 – 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, бидејќи оспорената законска содржина ја ограничува можноста лицето да го оствари своето право на надоместок заради попреченост поради возраста.

Со иницијативата се предлага поведување постапка за оценување на уставноста на член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита од причина што подносителот смета дека истата е ограничувачка и дискриминаторска одредба, поради тоа што право на надоместок заради попреченост може да оствари лице до навршување на 65-годишна возраст, а како што е наведено во предметната иницијатива истото е во спротивност со одредбите од членовите од Уставот, спротивно на членовите од Законот за заштита од дискриминација и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Како аргументи во иницијативата, подносителот ги наведува прописите кои биле во сила до денот на влегувањето во сила на овој закон, а со кои правото на мобилност не било ограничено со горната граница на возраст на корисникот.

Според наводите од иницијативата одредбата од член 44 став 2 во делот „најдоцна до 26 годишна возраст” од Законот за социјалната заштита, создава разлики помеѓу граѓаните по основ на возраста, која предизвикува нееднакви можности и пристап до правата од сферата на социјалната заштита, конкретно правото на паричен надоместок заради попреченост, а со тоа и нееднакви можности во поглед на користењето на самиот надоместок, независно од тоа што и едните и другите се наоѓаат во иста ситуација на попреченост согласно со член 44 став 1 од Законот, поради која тој надоместок и се обезбедува, било таа попреченост да настапи пред 65-годишна возраст или по навршувањето на 65-годишна возраст.

Оттука, во иницијативата е наведено дека таквата законска одредба доведува до состојба, ниту едно лице со попреченост да не може да поднесе барање за остварување на право на надоместок за попреченост по навршени 65 години, во споредба со лицата со попреченост кои се помлади од 65 години и кои можат да остварат таков надоместок, следствено на тоа и да го користат до крајот на животот. Во Законот за социјалната заштита, надоместокот заради попреченост е суштински врзан за постоењето на определен вид попреченост, со што паричниот надоместок има смисла само како помош на лицата (сите) во таква ситуација, независно од нивните други лични особености. Таа суштинска поврзаност лесно се препознава во низа законски одредби, почнувајќи од одредбата од член 4 точка 5 од Законот во кој се дефинира поимот „лице со попреченост“.

Меѓутоа, во иницијативата се наведува дека во конкретниот случај независно од состојбата на попреченост и независно од функциите и целите поради кои е предвиден надоместокот, но и независно од темелното начело за недискриминација од член 16 од Законот, со кое изречно се забранува дискриминација во остварувањето на парична помош од социјалната заштита по основ на возраст, во Законот, а преку оспореното законско решение, сепак се уредува различен третман на лицата со попреченост, токму по основ на нивната возраст, нешто што самиот закон со член 16, го забранува. За разлика од пропишувањето на оспорениот дел „најдоцна до 65 годишна возраст”, во однос на кое не може да се согледа објаснувањето и оправдувањето, за делот од став 2 на член 44 од Законот, во кој е пропишано дека „правото на надоместок може да го оствари лице што има навршено 26 години“, постои објаснување и овој дел не е спорен бидејќи претставува различен услов од оспорената одредба и е конзистентно поставен во контекст на целината на прописите што се однесуваат на заштитата на децата, односно лицата до 26 години, бидејќи неможноста лица под 26 години да го остварат паричниот надоместок е последица од околноста што во членовите од 33 до 35 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ број 23/13, … 275/2019) е предвиден во суштина ист надоместок со иста цел (кој порано бил дел од Законот за социјална заштита), којшто им се исплатувал на родителите, односно старателите на деца со попреченост до 26 години, што е разумно, според наводите во иницијативата. Меѓутоа, наспроти тоа, лицата со попреченост што имаат над 65 години, а не го оствариле правото претходно, немаат ваква алтернативна можност да остварат социјално примање заради нивната попреченост според ниеден друг закон, па ни според Законот за социјална сигурност на стари лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2019).

Исто така, во иницијативата е наведено дека ако се земат предвид суштинските законски одредби во однос на природата, целите и функциите на надоместокот за попреченост, како и член 16 од оспорениот закон со којшто изречно се забранува дискриминацијата и по основ на возраста на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера, се согледува противречност и неусогласеност на оспорената одредба со останатите одредби во Законот, со што се доведува во прашање квалитетот на Законот од гледиште на неговата јасност и предвидливост во однос на одредбите што го регулираат надоместокот и положбата на лицата со попреченост во чиј интерес е предвиден, а се доведува во прашање и правната сигурност на граѓаните, што претставува основа за оцена на согласноста на оспорената одредба со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во тој контекст.

Врз основа на изнесеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел „најдоцна до 65 годишна возраст” од член 44 став 2 од Законот за социјална заштита, а потоа и да го поништи, како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека член 44 став 1 од Законот за социјалната заштита предвидува дека надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјалнo вклучување и еднакви можности на лице кое е со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице. Во став 2 на член 44 од Законот се предвидува дека надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65-годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот. Став 3 од наведениот член од Законот предвидува дека лице од ставот 1 на овој член не може да оствари право на надоместок заради попреченост, ако користи цивилна или воена инвалиднина согласно со закон. Според став 4 на член 44 од истиот закон лице од ставот 1 на овој член не може да користи право на надоместок заради попреченост, ако со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вонсемејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето.

4. Според член 110 ставови 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлуката У.бр.27/2020 од 1 декември 2022 година веќе одлучувал по однос на член 44 став 2 од Законот за социјалната заштита и истиот го укинал само во делот „најдоцна до 65 години возраст“ од причина што утврдил дека оспорениот член во тој дел не е во согласност со уставните норми и утврдените темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија поради што и го отстранил од правниот поредок.

Имено, во наведената одлука Судот утврди дека „во конкретниот случај со оспорената одредба законодавецот не ги следел принципите на еднаков и рамноправен третман на граѓаните, условувајќи го правото на паричниот надоместок заради попреченост со возраста на граѓанинот во член 44 став 2 од Законот, кој е исклучиво наменет за лица кои се нашле во состојба на попреченост и која суштински ги квалификува за остварување на надоместокот, токму поради самата попреченост, и има смисла само како парична помош на лицата (сите) во таква ситуација, независно од нивните други лични особености. Уставниот принцип на еднакво постапување спрема еднаквите, независно од личните својства и карактеристики на граѓаните, нивната припадност или убедување или било која друга, состојба или статус, во конкретниот случај, според ставот на Судот изразен во наведената одлука, е повреден со пропишувањето на оспорениот дел на членот од Законот, со кој во суштина, по основ на возраст, се врши неоснована категоризација на единствената категорија на лица со попреченост од став 1 на член 44 од Законот, а со тоа и нелегитимно спречување на едните да можат исто како и другите да ги уживаат подеднакво правата од социјалната сфера, уредени со Законот, поради што Судот оценил дека со оспореното законско решение се повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот“.

По однос на останатиот дел од содржината на оспорениот став 2 на член 44 од Законот за социјалната заштита, кој со иницијативата се оспорува во целина, Судот оцени дека иницијативата не содржи доволно аргументи и образложени причини за да Судот мериторно се впушти во уставно-судска анализа на овој дел од оспорениот член.

Од овие причини Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки Судот да се впушти во уставно-судска анализа на целината на оспорениот став 2 на член 44 од Законот за социјалната заштита, со што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.170/2020
15.02.2023 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска