Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 февруари 2023 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Антонијо Милошоски од Скопје, поднесено преку полномошникот Петро Јанура, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
2. Антонијо Милошоски од Скопје, застапуван од Петро Јанура, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот определени во член 110 алинеја 3 од Уставот повредени со обвинителниот акт КО.бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје поднесен до Основниот кривичен суд Скопје и со Решението 11 К-ООА бр.96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен оддел.
Според наводите во барањето подносителот Антонијо Милошоски од Кичево, во својство на обвинет се терети дека сторил едно кривично дело „Измама“ од член 247 став 4 в.в. со став 1 в.в. со член 22 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија и едно кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластувањето“ од член 353 став 2 в.в. со став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот законик. Подносителот на барањето против овој обвинителен акт вложил приговор преку бранителот Александар Огненовски, адвокат од Скопје и приговор преку бранителот Димитар Дангов, адвокат од Адвокатското друштво „Интер партес“ од Скопје. Со Решение 11 К-ООА бр. 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен оддел, наведените приговори биле одбиени како неосновани.
Подносителот на барањето незадоволен од наведените акти го поднeсува ова барање поради повреда на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата која се гарантира со член 16 став 1 од Уставот, слободата на политичкото дејствување како поединечно право заштитено во член 110 став 3 од Уставот и заедно со правото на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции заштитено со член 23 од Уставот и правото на дискриминација, односно забрана на дискриминацијата по основ на политичка припадност и политичко уверување загарантирано со член 9 од Уставот.
Во барањето е наведено дека правосилното Решение 11. К-ООА. заведено под број 96/2020 на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен оддел е донесено на ден 7 октомври 2020 година, а барањето е поднесено на 12 декември 2020 година. Според подносителот на барањето, истото е основано бидејќи е аргументирано со тоа дека предлагачот Антонијо Милошоски бил пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од пратеничката група на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ и тој факт е општо познат во јавноста.
Со наредба за спроведување на истражна постапка под КО. број 3988/19 од 20 март 2018 година од страна на јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите започната е истражна постапка заведена под број КО. 3988/19 од 20 март 2020 година против предлагачот Антонијо Милошоски и случајот е насловен како „Моќник“ коешто било општо познато во јавноста. Според наводите во барањето во периодот додека трае истражната постапка јавната обвинителка Фетаи Фатиме на 27 ноември 2019 година го изјави за медиумите следното: „место да си подготвува одбрана за во судница, доколку се разбира, ни беа поделени предметите, тој излегува по медиумите и дели правни совети дека хонорарите на Специјалното јавно обвинителство требало да се иследуваат како злоупотреба и проневера“, ова е објавено на телевизијата „Сител“ на 27 ноември 2019 година. Во барањето е наведено дека за време на парламентарните избори одржани на 3 јули 2020 година премиерот Зоран Заев јавно изјави: „Николоски бил бандит невиден, само Милошоски бил поголем“, а истото беше објавено на порталот „Денес“ од 3 јули 2020 година.
Понатаму, во барањето е наведено дека со известувањето за завршување на истражната постапка заведена под број КО. број 3988/19 од 2 март 2020 година, предлагачот е информиран дека истражната постапка е завршена и му е укажано дека во рок од 15 дена согласно член 302 став 4 од Законот за кривичната постапка има право да поднесе исправи или други докази или списи од дејствијата на одбрана или да побара од јавниот обвинител да собере определени докази, односно да се донесе јавнообвинителска одлука со одговор дали ќе продолжи со кривичното гонење со поднесување на обвинение.
Во барањето е наведено дека содржината на претходно наведените докази јасно укажува дека обвинителниот акт КО.број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето, лицето Антонијо Милошоски, кој бил пратеник од редовите на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ. Донесувањето на наведените акти, претставува конструкција со интенција да се оневозможи непречено функционирањето на лицето Антонијо Милошоски како пратеник, односно политичар од опозицијата и неистомисленик со актуелната власт. Понатаму, во барањето се истакнува дека со оглед на фактот што со обвинителниот акт и правосилната судска одлука се врши повреда на член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд има исклучива надлежност и обврска, согласно со Уставот и со Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија да спроведе постапка и да одлучува по барањето за заштита на правата.
Предметната кривична пријава била единствена во која подносителот на барањето бил инволвиран, а сегашниот премиер јавно го нарекол Антонијо Милошоски „бандит“ на 3 јули 2020 година и на тој начин сериозно го загрозил неговото право на презумпција на невиност. Наведените акти зрачеле со политички притисок, политичка дискредитација и политичка дискриминација, со што директно се повредени правата од член 110 алинеја 3 од Уставот. Понатаму, во барањето се цитираат делови од обвинителниот акт, член 62 од Уставот и се дава констатација дека е апсурдно кривично да се терети Антонијо Милошоски дека како пратеник вршел континуирано притисок на органите на државната управа, Државното правобранителство на Република Северна Македонија и судовите и дека тие наводно постапуваат „под притисок“. Исто така, во барањето се наведува дека сите наводи во обвинителниот акт се паушални, неповрзани и непоткрепени со докази што наликува на „политичко препукување“ што е недозволиво за едно обвинение и може да се создаде опасна пракса на пратениците да се врши притисок со поднесување на паушални обвиненија.
Со писмо заведено под број 03.СУ.бр.48/21-II Основниот Кривичен суд Скопје на ден 16 август 2022 година го извести Уставниот суд на Република Северна Македонија дека кривичната постапка по предметот К.бр.2616/ 20 сẻ уште е во тек и предметот е насрочен за ден 26 август 2022 година во 11:00 часот.
3. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Имено, во член 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.
Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела.
Обвинителниот акт претставува едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривичната постапка. Тој е писмен поднесок кој има ист третман како и приватната тужба во кривичната постапка.
Според тоа, со обвинителниот акт не се одлучува за поединечни слободи и права, односно со него не се одлучува за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот.
Со оглед на тоа што според означената одредба од Деловникот Судот одлучува за заштита на слободи и права повредени со конечен или правосилен поединечен акт, а обвинителниот акт не претставува конечен или правосилен поединечен акт со кој се одлучува за слободи и права, односно со кој се одземаат или ограничуваат одредени слободи и права, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето.
Во конкретниот случај, лицето Антонијо Милошоски од Кичево бара заштита на слободи и права кои се однесуваат на: правото на слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата во смисла на член 110 алинеја 3 и член 16 став 1 од Уставот, правото на слобода на политичко дејствување како поединечно право заштитено со член 110 алинеја 3 од Уставот, како и правото на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции во смисла на член 110 алинеја 3 и член 23 од Уставот на Република Северна Македонија и правото на недискриминација односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот кои слободи и права смета дека му биле повредени со акти, односно преземени дејствија на надлежни судови.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија е предвидено дека Уставниот суд ќе го отфрли барањето ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата и оваа одредба, пак, определува дека барањата каде постои процесна пречка Уставниот суд да одлучува, се отфрлаат.
Поради тоа, Судот утврди дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од член 51 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер.
У.бр.316/2020
01.02.2022 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска