Дневен ред за 7. седница на Уставниот суд која ќе се одржи на 22 февруари 2023 година

Уставниот суд ќе ја одржи 7. седница на 22 февруари, среда во 9:30 часот, со дневен ред на кој е предвидено да се расправа по четири иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1. У.бр.22/2020 и У.бр.231/2020

Оспорен: Член 110 од Законот за Јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020)

Содржина на оспорената одредба:

(1) Јавно обвинителство не може да го заснова обвинението врз основа на незаконски прислушувани материјали.
(2) Исклучок од ставот (1) на овој член се предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година согласно со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
(3) Материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и истите не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.
(4) Материјалите од ставот (3) на овој член ќе се уништат во рок од три месеци по завршување на постапките по вонредни правни лекови на предметите од ставот (3) на овој член согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки утврдени со закон. Записниците за уништување се доставуваат до Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.

Подносители на иницијативите: Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје и Влатко Илиевски, адвокат од Скопје.

Од наводите во иницијативите:

Според подносителот на иницијативата, здружението „Светски македонски конгрес“, членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, вршел флагрантно кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, го нарушувал владеењето на правото и не ги почитувал општо прифатените норми на меѓународното право (член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11), ја нарушувал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2), ја повредувал неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот (член 11 став 1), со незаконито преземените јавнообвинителски и судски постапки и изречени притвори и затвори била повредена неприкосновеноста на слободата на човекот (член 12 став 1), на лицата кои биле притворени и казнети по назаконити докази им се повредувало уставното право „никој да не може да биде казнет за дело за кое пред да биде сторено не било утврдено со закон како казниво дело“ (член 14 став 1). Понатаму, се повредувало уставно загарантираното право на почитување и заштита на приватноста (член 25), се повредувала уставната гаранција за неповредливост на домот со вршењето на претрес во домовите на осомничените лица по докази прибавени на незаконит начин (член 26 став 1), се нарушувало правото на граѓаните да ја напуштаат територијата на Републиката и да се вратат во неа со јавнообвинителските и судските постапки преземени врз основа на незаконити докази (член 27 ставови 2 и 3) и се повредувала уставната определба за тоа законите да мораат да бидат во согласност со Уставот и секој да е должен да ги почитува Уставот и законите согласно член 51 од Уставот. Во однос на член 110 став 2 од Законот, кој се однесува на предметите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, подносителот на иницијативата наведува дека таквите предмети СЈО незаконски ги поднело, надвор од со закон утврдениот рок – до 30 ноември 2015 година и по нив има забрана за постапување, па оттука била и неуставноста на оспорениот член 110 став 2. Во врска со член 110 став 3 од Законот, кој се однесува на материјалите за предметите покренати по 30 јуни 2017 година, во иницијативата се наведува дека, законодавецот не смеел да пропишува забранети прислушувани материјали да бидат предмет на индиции предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог и затоа и овој став од членот 110 на Законот за Јавното обвинителство, смета дека не е во согласност со Уставот. Што се однесува до член 110 ставови 4 и 5 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека овие ставови на членот 110 биле непотребни затоа што со закон било утврдено како се постапува со материјали од посебни истражни мерки и незаконито прибавени докази. Врз основа на изнесеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да го поништи членот 110 од Законот за Јавното обвинителство, а до донесувањето на конечната одлука, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената законска одредба.
Со втората иницијатива, поднесена од Влатко Илиевски, се оспорува член 110 став 2 од Законот за Јавното обвинителство, поради повреда на владеење на правото, член 9 став 2 – еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, Амандман XIX на Уставот – неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација и член 52 став 4 – забрана на ретроактивно дејство на законите од Уставот. Според подносителот, до поднесување на иницијативата сеуште не било докажано кој го наредил прислушувањето на материјалите кои биле искористени од страна на Обвинителството како доказен материјал за обвиненијата поднесени до судот до 30 јуни 2017 година. Легализирањето на незаконски прислушуваните разговори, селективно извадени од Обвинителството од содржината на стотиците илјади незаконски прислушувани разговори во период од осум години, претставувало груба повреда на правото на приватност и било во спротивност со критериумот „Неопходност во услови на демократско општество“ на кој упатува став 2 од Амандманот XIX на Уставот, затоа што не постоела пропорционалност со легитимната цел која требало да се постигне. Исклучително долгиот период во кој незаконското следење на комуникации се одвивало, како и опфатот на лица кои биле следени, во ниту едни околности не можело да бидат протолкувани како пропорционално вмешување во правото на приватност за постигнување на било која легитимна цел.

2. У.бр.106/2022

Оспорен: Член 101 став 1 алинеја 4 во делот „на овој член“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019)

Подносител: Игорчо Точев од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот, не била во согласност со уставното начело на владеење на правото уредено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Во иницијативата се наведува дека членот 101 од Закoнот за прекршоците содржи 5 става, а само став 1 од истиот член, содржи четири алинеи. Според подносителот на иницијативата, делот „на овој член“ од алинеја 4 на став 1 од оспорената одредба, можело да доведе до заблуда во примената, поради што предлага Судот да го укине член 101 став 1 алинеја 4 во делот „на овој член“ од Законот за прекршоците.

3. У.бр.121/2022

Оспорен: Член 1 став 1 во делот: „(3) и (4)“ од Законот за дополнување на Законот за јавно здравје („Службен весник на Република Македонија” бр. 136/2011)

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била во спротивност со начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, со образложение дека во правниот промет мора да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел (3) и (4) од член 1 став 1 од Законот можел да доведе до забуна, несигурност и нејасности во примената на самата одредба како од оние кои ја применуваат така и од оние на кои се однесува.

4. У.бр.1/2023

Оспорени акти: Решение на Основниот граѓански суд Скопје ПЛ1 П.бр.604/21 од 12.01.2022 година и Решение на Апелациониот суд Скопје ГЖ-930/22 од 10.11.2022 година

Подносител на иницијативата: Ивана Талевска-Трендафилова, адвокат од Скопје.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата, како причини за оспорување на првостепеното решение наведува дека и покрај тоа што доверителот во судската постапка доставил докази за живеалиштето на должникот, судот истите ги цитирал, но не ги ценел, со што не го применувал член 137 од Законот за парнична постапка, а во однос на Решението на Апелациониот суд Скопје со кое се потврдува Решението на првостепениот суд, подносителот на иницијативата наведува дека судиите на Апелациониот суд Скопје утврдиле поинаква фактичка состојба и поради тоа смета дека истото требало да го укинат, а не да го потврдат. Поради наведеното, со иницијативата се бара оспорените решенија Уставниот суд да ги укине од причина што, според подносителот, Основниот граѓански суд Скопје не го применувал член 137 од Законот за парнична постапка, додека пак, Апелациониот суд Скопје постапил спротивно на член 137 став 2 од Законот за парнична постапка.

II. БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА:

1. У.бр.43/2022

Подносител на барањето: Анита Галевски од Битола, преку адвокат Кирил Михајловски

Оспорено: Решение РО број 0904-19 од 17.02.2022 година од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Подносителката на барањето наведува дека е дискриминирана по основ на политичка припадност согласно член 110 став 1 алинеја 3 во врска со член 32 стаав 1 и став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителката на барањето смета дека е дискриминирана бидејќи е второрангирана на конкурс за вработеување како фармацевтски техничар при ЈЗУ Клиничка болница Битола, на чијшто оглас бил избран шесторангиран кандидат.