Поради интерес на повеќе медиуми за предметот У.бр.316/2020 кој е оформен по барање на подносителот Антонијо Милошоски ве известуваме дека на денешната седница Уставниот суд го отфрли барањето.
Имено, во конкретниот случај подносителот истакнува барање за заштита на слободи и права a како акти со кои му биле повредени слободите и правата приложи обвинителен акт и решение со кое обвинителниот акт бил одобрен во целост, меѓутоа Уставниот суд оцени дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање на одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење на кривична постапка.
Имајќи го предвид погоре изнесеното и според означената одредба од членот 51 од Деловникот, Судот одлучува за заштита на слободи и права повредени со конечен или правосилен поединечен акт, како и имајќи ја предвид одредбата од членот 52 од Деловникот, според кој во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд, а во конкретниот случај обвинителниот акт што со овој предмет не е случај. Судот утврди дека не се исполнети процесните претпоставки од наведените одредби од Деловникот на Уставниот суд, за мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата.
Подносител на барањето: Антонијо Милошоски од Кичево, застапуван од Петро Јанурa, адвокат
Оспорени акти: Обвинителен акт КО.бр. 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје поднесен до Основниот кривичен суд Скопје и Решение 11 К-ООА бр.96/2020 од 7 октомври 2020 година на судија за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје- Кривичен оддел.
Од наводите во барањето:
Подносителот наведува дека му е повредено правото на недискриминација односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување на обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје. Во барањето е наведено дека содржините на претходно наведените докази јасно укажувале дека обвинителниот акт КО.број 3998/19 од 24 август 2020 година на Основното јавно обвинителство Скопје, кој бил поднесен до Основниот Кривичен суд Скопје и Решението 11-К.ООА. број 96/2020 од 7 октомври 2020 година на судијата за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд Скопје – Кривичен одел, со кое биле одбиени приговорите како неосновани, биле донесени од неетички и малициозни причини и тоа било исклучиво со цел да се врши притисок и политичка дискредитација врз подносителот на барањето лицето Антонијо Милошоски, кој бил пратеник од редовите на најголемата опзициона партија ВМРО ДПМНЕ.