Уставниот суд ќе ја одржи 2. седница на 25 јануари во 9:30 часот, со дневен ред на кој се предвидени пет иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права. Предвиден е и еден предлог за одлучување по иницијатива по која е поведена постапка.
- РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:
1.У.бр.22/2022
Oспорен: Член 14 став 2 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Северна Македонија” број 42/2020).
Подносител на иницијативата: Грански независен синдикат на полицијата од Скопје.
Содржина на оспорената одредба (Член 14):
(2) Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се формира специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Специјализираното одделение има стручна служба и јавнообвинителски истражители од истражниот центар согласно со овој закон. Јавните обвинители и раководителот на специјализираното одделение ги распоредува јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од редот на јавните обвинители од тоа обвинителство, по претходно добиена согласност од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот со оспорениот член 14 став 2 од Законот за јавното обвинителство, со формирањето на специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција се дискриминираат вработените во овие две работни сфери, кога постојат и многу други области и професии кои извршуваат слични вакви задачи и не се опфатени со ваквата одредба.
Во иницијативата се наведува дека и вработените во други професии, се подложни на дејствување во организиран криминал и корупција, а со постоење на посебен член само за овие две професии истите се дискриминирани како „високоризични“ и „подложни“ на организиран криминал и корупција. Подносителот наведува дека сите овие аргументи водат кон рушење на угледот и довербата во полицијата бидејќи слични работни задачи извршуваат и Царинската управа, финансиската полиција, судската полиција, припадниците на АРМ (воената полиција), Агенцијата за национална безбедност, Оперативно техничката агенција, Агенцијата за разузнавање и разни инспекторати и други во однос на кои лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција се дискриминирани.
У.бр.88/2022
Оспорен: Член 153-а, став 3 од Изборниот законик
Подносител на иницијативата: Самка Ибраимовски
Содржина на оспорената одредба (став 3):
„Ако наредниот кандидат жена од листата од ставот 2 од овој член не ја извести Државната изборна комисија во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат жена од листата”.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот бара да се укине и утврди како противуставен зборот „жена” повикувајќи се на членот 9 став 1 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот итн и се еднакви пред Уставот и законите.
У.бр.113/2022
Оспорен: Член 4 и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Репубчика Македонија“ бр.97/10).
Подносител: Бојан Стојевски, адвокат
Содржина на оспорената одредба (член 4): „Основицата утврдена согласно со членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката во износ од 23.153 денари се применува заклучно со исплатата на платите за декември 2011 година а од јануари 2012 година се применува основицата во износ од 25.726 денари”.
-член 1: „Платите на избраните и именуваните лица во Републиката во 2014 година може да се зголемат за 4% започнувајќи со исплатата на платите за октомври 2014 година”.
Од наводите во иницијативата:
Подносителот во иницијативата наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото и обезбедувањето на правната сигурност затоа што според него платите на именуваните и избраните лица се замрзнати на некој начин со основица од 25.726 денари, зголемена за 4% во 2014 година. Се наведува дека оспорените членови се во спротивност со Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица во кој е предвидено дека основица за пресметување на платата е просечната месечна плата по вработен во Републиката за претходната година. Вo иницијативата се наведува дека се создаваат услови за различно толкување на оспорените одредби и дека на оваа категорија избрани и именувани лица им се повредува правото на соодветна заработувачка којашто произлегува од нивниот статус.
У.бр.107/2022
Оспорен: Член 54, 68, 69 став 1 алинеја 1, член 98 став 1, член 99 став 4, член 100, 101 од Колективен договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст и во дејноста одмор и рекреација на децата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.220/22).
Подносител на иницијативата: Кирил Михајлоски, адвокат
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека оспорената одредба е спротивна на Уставот кој обезбедува еднаквост на сите граѓани во слободите и правата, како и дека не е во согласност со Законот за работните односи. Се наведува дека оспорената одредба ги става во понеповолна положба граѓаните кои не се членови на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура- СОНК, бидејќи оние работници кои не се членови на СОНК според подносителот не може да остваруваат права на отсуство од работа со надоместок на плата, право на регрес на годишен одмор, право на јубилејна награда, право на надоместок за вонредно ангажирање и придонес во предучилишното воспитание и образование итн.
У.бр.13/2021
Оспорена: Одлука бр.08-566/1 од 05.03.2020 година за усвојување на конечниот Предлог ДУП-Урбана Единица „В“ – Блок 23, за плански период 2016-2021 донесена од Советот на Општина Гостивар на 23-та седница одржана на 05.03.2020 година.
Подносител на иницијативата: Дијана Мијовиќ, адвокат од Скопје како полномошник на Бесник и Агрон Синани
Oд наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека одлуката има за цел да овозможи на одделни лица да формираат нова градежна парцела (по однос на стариот ДУП од 2010 година) за да изградат објект со намена А2 и висина П+4+ПК наместо објект со намена А1 и висина П+2+ПК како што предвидувал стариот план со што се нанесува непроценлива штета на други, а и на нивните објекти изградени со уредна документација. Поточно, подносителите наведуваат дека изградиле објект уште во 2012 година врз основа на одобрение од истата година и уште две од 2016 и 2018 година, но со оспорената одлука се предвидува нивниот пристап во подземното ниво и гаражите и дел од објектот (во должина од 50 см) да се поништат и поради тоа сметаат дека директно се задира во нивната сопственост и нејасно е како Општината ќе одземе постојан објект за изградба на пристапна улица.
II- БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
У.бр.74/2021
Оспорен: Toчка 1 алинеја 2 од Одлуката за избор на заменици на Народниот правобранител, бр.08-7050/1, донесена од Собвранието на Република Северна Македонија на 25 декември 2019 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.271/2019) и Предлог на народен правобранител, доставен до Собранието на Република Северна Македонија, за избор на Илбер Руфати за заменик на Народниот правобранител за подрачната организациона единица во Кичево.
Подносител на барањето: Илир Рушани од с.Зајас, Кичево
Според подносителот на барањето на 25 декември 2019 година Собранието на Република Северна Македонија е избран кандидат кој не ги исполнува законските услови и условите наведени во огласот и ова тврдење според подносителот го утврдила и Државната комисија за спречување на корупција(Одлука бр.12-88/10). Подносителот во иницијативата наведува дека е дискриминиран по основ на политичка припадност.
Предлог за одлучување по предметот У.бр.80/2021
Уставниот суд на седницата закажана за 25 јануари 2023 година ќе одлучува за донесување на конечна одлука по предметот во кој е оспорена Одлуката за Детален урбанистички план донесена од Советот на општина Центар од 2014-та година, којашто се однесува на Градска четврт Ј 07(локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара број 07-4414/4 од 18.07.2014 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје број 9/2014, во делот за КП 490/2, КП490, КП493, КП 496/3, КП 498, КП 502, сите на КО Центар 2, кои се наоѓаат на ул.Козара-Капиштец).
На седницата која се одржа на 16 ноември 2022 година Уставниот суд поведе постапка и во меѓувреме го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука(односно воведе т.н. времена мерка).
Уставниот суд поведе постапка за Одлуката со која е донесен ДУП-от, изрази сомнеж во уставноста и законитоста на постапката, односно донесувањето на Одлука со 11 гласа „за”.
Подносител на иницијативата: Томе Симоновски