На седницата која се одржа денеска судијата-известител по предметот 146/2021 побара дополнување на дневниот ред и предложи по овој предмет да се отвори дискусија. Имено, се работи за предметот во кој подносител е новинарот на Фокус, Влатко Стојановски кој бара да се утврдат повреди на уставно загарантираните слободи и права, кои според него се направени со пресуди на Основниот граѓански суд и Апелациониот суд Скопје.
Денешното дополнување на судијата-известител содржеше нов предлог, а тоа е Уставниот суд да утврди повреда на слободите и правата на новинарот со конкретните пресуди, бидејќи не ги зеле предвид директните напади кон него во Собранието на 27.04.2017 година иако како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство) и притоа бил спречен да известува, односно да го оствари своето право на слободно изразување како новинар.
Во текот на советувањето и гласањето судиите го усогласија ставот дека со пресудите е направена повреда на неговите права, но Уставниот суд немаше мнозинство гласови за сите точки кои го сочинуваат конечниот предлог, а се однесуваат на правната судбина на двете пресуди, што значи дека овој предмет не е завршен. Предметот ќе биде повторно ставен на дневен ред на некоја од наредните седници.
Подносител на барањето за заштита на слободи и права е Влатко Стојановски преку адвокат Филип Медарски од Скопје.