Oформени 12 нови предмети во Уставниот суд во периодот од 1 до 30 декември 2022 година

Во периодот од 1 декември заклучно со 30 декември 2022 година оформени се нови дванаесет предмети во Уставниот суд, по претходно поднесени иницијативи за оценување на уставност и законитост и барање за заштита на слободи и права и еден предлог за судир на надлежност. Предметите се во фаза на претходна постапка, што значи Уставниот суд допрва ќе ја испитува основаноста на нивните наводи, а по оформувањето на реферат со конкретен предлог за осопорените одредби ќе се одлучува на седница. Тим од советници и судии работат на следните новоформирани предмети:

  1. У.бр.125/2022

Оспорен: Член 8 став 4 од Статутот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија.

Подносител: Трајчо Вучков

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорената одредба Советот му доделил одлучувачки глас на претседателот на Советот при донесување на важни одлуки во услови кога гласањето било 2:2 спротивно на членот 10 став 4. 

  1. У.бр. 126/2022

Оспорен: Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации 

Подносител: Здружение на граѓани „Македонско-бугарско пријателство”.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот закон го ограничува основањето на организации и нивниот упис во соодветниот регистар со називот, името или скратеното име на организацијата, што претставува ограничување на едно од основните уставни права. Се наведува дека законодавецот со ваквиот закон се вмешал во организации кои се дел од приватната сфера и пропишува дополнителен услов, кој не е во согласност со членот 20 од Уставот кој ја гарантира слободата на здружување. 

Според подносителот оспорениот закон е неуставен затоа што граѓаните може да основаат здруженија, да пристапуваат и од нив да истапуваат се додека програмите и дејствувањето, а не името или скратеното име не се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување на воена агресија, разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост. 

  1. У.бр.127/2022

Оспорени: Правилник за работа во странство на ГД Гранит АД Скопје од 2013 година и Одлука за организирање на работната единица и организација на работењето во Бања Лука, Република Српска ГД Гранит АД Скопје од 2013 година. 

Подносител на иницијативата: Ќирил Величковски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека со оспорените акти се влијае на основните права на граѓаните и на работниците како што се правото на плата и правото на работно време од 40 часа неделно. Во иницијативата се наведува дека правата од работен однос кои се утврдени со Устав, закон или колективен договор не може да се ограничат или одземат со акти и дејствија на работодавачот. 

  1. У.бр.128/2022

Оспорен: Делот „Советот на” од член 2 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека членот 2 став 3 од оспорениот Закон опфаќа Одлука за прогласување на година на ниска(до 3%), умерена (од над 3% до 50%) или висока инфлација(над 50%)  која ја донесува Советот на Народна банка на Република Северна Македонија.  Се наведува дека одредбата е неусогласена со членот 60 став 3 од Уставот според кој организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон, па така доколку Законот за Народна банка на Република Северна Македонија има предност пред другите закони, а според истиот закон меѓу останатите овластувања Советот врши други работи би можело да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел „Советот на” од членот 2 став 3 од конкретниот закон. 

  1. У.бр.129/2022

Оспорен: Точка 37 од став 1 на член 132 од Законот за безбедност на храна.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Оспорената одредба предвидува глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на правното лице ако не ги отстрани констатираните неправилности утврдени со решението, наведува подносителот. Се наведува дека не е пропишана состојбата на утврдени неправилности и поради тоа оваа одредба може да доведе до неконзистентно толкување при нејзина примена. 

  1. У.бр.130/2022

Оспорен: Делот „закони” од член 2 став 1 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот дел во рамки на законот не е доволно прецизен и јасен, бидејќи во делот „закони” се подразбираат и сите други закони без оглед на правната материја или областа која ја уредуваат. 

  1. У.бр.131/2022

Оспорен: Член 6 став 2 од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза.

Подносител на иницијативата: Славко Лазовски

Содржината на оспорениот член:

„Корисникот кој не е на списокот од член 5 став 3 од овој закон, а кој смета дека ги исполнува условите како корисник на правото од член 2 од овој закон, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиска поддршка од член 5 став 3 од овој закон”.

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека пропишаниот рок за приговор е претерано краток и го попречува остварувањето на целта на Законот, затоа што според него роковите во правната материја немаат за цел да оневозможат остварување на некое законско право.

  1. У.бр.132/2022

Оспорен:Тарифен систем за изменување на Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувач во краен случај донесен на 30.09.2022 година.

Подносител на иницијативата: ЕВН Хоме ДОО Скопје, Друштво за обезбедување на универзална услуга за снабдување со електрична енергија.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата го оспорува Тарифниот систем кој содржи два члена, а се однесува на утврдување на формулата за продажба, односно начинот на пресметка на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај. Се наведува дека  оспорениот Тарифен систем не се заснова на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација и со него не се обезбедува урамнотежување на интересите на вршителите на енергетските дејности и потрошувачите. Меѓу другото се наведува дека спротивно на член 34 став 4 РКЕ во постапката на донесување на оспорениот Тарифен систем не објавила на својата веб-страница ниту пак дала образложенија и проценки за последиците од донесувањето. 

 

  1. У.бр.133/2022

Подносител на барањето: Димитар Апасиев

Од наводите во барањето: 

Подносителот на барањето наведува дека претседателот на Собранието со неговото дејствие сторил повреда на правото на политичко дејствување на подносителот на начин што не бил прифатен Предлог за граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на дополнителен референдум.  Подносителот наведува дека му се повредени уставно загарантираните права бидејќи претседателот на Собранието одбил да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски работни тела за прибавување мислење за уредноста на иницијатива и ја прогласил за неуредна. Се наведува дека претседателот на Собранието го повредува и правото на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, па така подносителот бил доведен во нееднаква и понеповолна положба споредено со останатите политички субјекти. 

  1. У.бр.134/2022

Оспорен: Член 250 став 4 од Царинскиот закон

Подносител на иницијативата: Адвокат Васил Миовски

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба е оневозможено поднесување на барање за враќање на неосновано наплатени давачки и кога правниот основ подоцна отпаднал. Се наведува дека во даночна постапка роковите течат од правосилност на конечниот акт во управната постапка, а не како што предвидува оспорениот член, од денот на известувањето за долгот. 

  1. У.бр. 135/2022

Оспорен: Одлука бр.27-6567/1 од 07.06.2022 година за донесување на Регулациски план на генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 за четврт ЈИ 03 донесена на 07.06.2022 

Подносител на иницијативата: Дуња Туртурова и Бојан Милошевски, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителите во иницијативата наведуваат дека донесениот Регулациски план на ГУП кој има важност за градска четврт ЈИ 03 содржи нерегуларности, односно предвидена е намена B (јавни институции), спротивно на постоечкиот и важечки ДУП каде што за тој простор е предвидена намена Б (комерцијални и деловни намени). Се наведува дека со донесувањето на Регулацискиот план на ГУП, противзаконито и противуставно е извршена пренамена на одреден простор кој бил предвиден за постоечки и сеуште важечки ДУП како простор за градење деловни/станбени објекти и се менува во простор за изградба на јавни институции. Според подносителите  одлуката на Советот на Град Скопје ги доведува во нееднаква положба граѓаните и институциите кои имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Аеродром, да не можат да ја реализираат намената и правото загарантирано со важечкиот ДУП. 

  1. У.бр. 136/2022

Предлог за решавање на судир на надлежности: Помеѓу Општина карпош и Министерство за транспорт и врски.

Подносител на предлогот: Стојан Димовски.

Од наводите во предлогот:

Предлагачот има поднесено барање за огласување на ништовни две Решенија за трансформација донесени од Министерството за транспорт и врски  кои се наоѓаат во поранешна фабрика Алумина АД и Пластика АД со површина од 11 089 м2, а со кои решенија се трансформира правото на користење во право на сопственост на правните субјекти Алумина АД и Пластика АД. Како основ за поднесеното барање за ништовност на решенијата е право на поднесено барање за денационализација. По извршениот увид Општина Карпош го доставува предлог-барањето до Министерството за транспорт и врски, кое според наводите се прогласува за ненадлежно. Барањето е поднесено и до Владата која информира дека нема правна основа да постапува по истото, односно да го реши судирот на надлежност за постапување помеѓу Општина Карпош и Министерството за транспорт и врски. 

У.бр.137/2022

Оспорен: Одлука за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје донесена Советот на Град Скопје во 2008 година. 

Подносител: Друштво за управување со недвижен имот ЕАСТ ГАТЕ МАЛЛ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, застапувано од адвокат Зеќир Зеќири

Од наводите во иницијативата: 

Во иницијативата се наведува дека со Одлуката на Градот Скопје не е направена разлика дали обележаните простори наменети за групно паркирање се наоѓаат во рамки на земјиште или објект кои се во приватна сопственост или се во сопственост на државата, Градот Скопје или општините. Подносителот смета дека со одлуката, Градот Скопје незаконски и неосновано воспоставува надлежност врз приватната сопственост на физички и правни лица, право кое според Уставот му припаѓа единствено на сопственикот на стварта. З  а подносителот спорна е и одредбата од Одлуката во која се предвидува дека „никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон”, бидејќи Градот со неа на манипулативен начин без законски основ ја ограничува приватната сопственост на паркиралишта на приватни лица дури и кога не постои јавен интерес со закон, односно подносителот наведува дека не постои закон кој утврдува постоење на јавен интерес. Во иницијативата се поставува прашањето за сопственоста гарантирана со Уставот, односно од кој акт Советот на Град Скопје го црпи правото да утврди забрана за вршење дејност паркирање во приватно паркиралиште.

Напомена: Ова соопштение е дополнето и изменето од првичната објава во делот на нова иницијатива(137/2022) која е додадена дополнително, со оглед дека се работи за иницијатива која пристигна на крајот на работниот ден (30.12.2022-петок), во време кога првичното соопштение веќе беше објавено.