У.бр.8/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 7 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оцена на уставноста на член 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр. 36/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014 и 233/2018).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите: 19, 20, 21, 23, 24 и 25 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата по однос на барањето за оцена на меѓусебната согласност на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение со членовите: 105, 106 и 113 од Законот за работните односи.

4. Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 19-25 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 19 од Законот е во колизија со членовите 105 и 106 од Законот за работните односи, бидејќи согласно овие одредби работникот има право на заработувачка или плата, при што плаќањето за работа воспоставува двонасочна правна врска помеѓу платата, како заработувачка и извршената работа врз основа на која се стекнува право на плата. Притоа основната плата се определува во зависност од барањата на работното место, според член 106 став 1 од Законот за работните односи.

Во конкретниот случај, Законот за работните односи е генерален закон од областа на работните односи во однос на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица во Република Македонија. Деталната анализа на посочените одредби покажува дека се предвидува исплата на плата, но како вид на заработувачка за претходно извршена работа, а со оспорените одредби се предвидува исплата на плата по завршување на работниот однос на функционерот што создава директна колизија со цитираните одредби од Законот за работните односи.

Посебно оспорениот член 19 од Законот е спротивен и на член 113 од Законот за работните односи, а како во него нумерички е определен надоместокот за трошоците поврзани со работата кој не предвидува исплата на спорниот надоместок.

Во продолжение на иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, па се наведува дека владеењето на правото се остварува и со еднаквиот однос на државата кон граѓаните независно, меѓу другото, и од нивната општествена положба.

Според подносителот на иницијативата носителите на законодавната и извршната функција имаат различен општествен статус, споредбено со останатите работници во државата што е спротивно на член 9 од Уставот, а како со одредбата се предвидува исплата на плата по завршување на работниот однос во органот во кој се именувани.

Оттаму, принципот на еднаквост пред законите е целосно занемарен, а како во ист поредок едни (носители на законодавна и извршна власт) имаат право на исплата на плата по завршување на работниот однос, а други (обичните работници) такво право немаат. Нееднаквоста во слободите и правата помеѓу граѓаните негативно влијае и на правната сигурност како принцип на владеењето на правото.

Покрај оспорениот член 19 од Законот, со иницијативата се оспоруваат и членовите 19-25 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а како овие одредби дополнително го доуредуваат оспорениот член 19.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа истите да ги поништи или укине.

5. Судот на седницата утврди дека според член 19 став 1 од Законот, пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа:

– три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци,
– шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци,
– девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и
– 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Во член 19 став 2 од Законот е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник има право да остварува плата според одредбите на овој закон за време подолго од една година од денот на престанувањето на функцијата, а најмногу уште шест месеци ако во тоа време стекнува право на пензија.

Пратеник, функционер и раководен работник не може да го стекне правото од ставовите 1 и 2 на овој член ако ги исполнил условите за стекнување право на старосна пензија, согласно со закон, според ставот 3 од истиот член од Законот.

Во член 20 став 1 од Законот е предвидено дека правото од член 19 на овој закон се стекнува врз основа на лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата.

Надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото од член 19 на овој закон и престанувањето на правото според одредбите на овој закон, според став 2 од член 20 од Законот.

На пратеник, функционер и раководен работник му престанува правото од член 19 на овој закон, според член 21 од Законот кога ќе ги исполни условите за стекнување право на старосна пензија, согласно со закон.

Во член 22 став 1 од Законот е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има сите права од член 19 на овој закон.

Лицата од став 1 на овој член, додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од член 22 од Законот.

На пратеник, функционер и раководен работник, според член 23 став 1 од Законот, му престанува правото пред истекот на времето утврдено во член 19 на овој закон кога тој тоа ќе го побара, кога ќе се вработи или ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата.

Лицата од став 1 на овој член го немаат правото од член 19 на овој закон, односно тоа право им престанува ако се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие, како што определил став 2 од член 23 од Законот.

Во член 24 од Законот е определено дека платата на пратеник, функционер и раководен работник остварена според одредбите од член 19 на овој закон се исплатува од средствата за работа на органот, односно на организацијата во која ја вршел функцијата.

Според член 25 од Законот, одредбите од членовите 19-24 на овој закон се применуваат и на претседателот на Република Македонија, на функционер и раководен работник што го именува или назначува претседателот на Република Македонија или телото што тој ќе го овласти и на функционер и раководен работник кој го именува или назначува Владата.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во член 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Собранието на Република Северна Македонија, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, меѓу другото, донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од анализата на оспорените членови 19-25 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија произлегува дека со овие одредби се уредува едно посебно право на пратениците и другите, поименично определени, избрани и именувани лица да остваруваат плата по престанок на функцијата доколку тоа самите го побараат. Правото е со ограничено времетраење (три, шест, девет или дванаесет месеци) во зависност од должината на извршување на функцијата, односно најмногу 18 месеци, ако за овој период лицето стекнува право на пензија. Вакво право не е предвидено за лицата кои ги исполниле условите за стекнување на право за старосна пензија. Правото престанува, односно вакво право немаат и лицата правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие. Одредбите предвидуваат во случај на лично барање, вработување или избирање и именување на лицето на нова функција врз основа на која се остварува плата, правото од член 19 ова право да престане.

Оттаму, во прашање е специфично право предвидено за лица носители и вршители на значајни и неопходни општествени функции, чиј мандат е ограничен и често неизвесен по однос на времетраењето, па Собранието врз основа на уставното овластување од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот се определило да ја обезбеди материјалната положба на овие лица за лимитиран временски период сẻ додека истите не најдат ново вработување или пак не стекнат услови за старосна пензија. На овој начин се охрабруваат граѓаните да прифатат да вршат значајни државнички и општествени функции, а воедно се уредува статусот и дигнитетот во извршувањето на конкретната функција. Треба да се има предвид и тоа што Собранието има уставно овластување да го уреди прашањето по однос на платите и другите надоместоци за пратениците и другите избрани и именувани лица како за време, така и по престанок на вршење на функцијата.

Впрочем, ваков став имал Судот и во постапката по предметите У.бр.193/1991 и У.бр.282/1994 година кога предмет на оцена, меѓу другото, бил и член 19 од Законот за личните доходи и другите надоместоци на пратениците во Собранието на СР Македонија и другите избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на СРМ” бр.36/1990, 44/1990, 11/1991 и 38/1991). Овој закон со измените и дополну-вањата што следуваат го променил името во Закон за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а настапиле и извесни содржински измени по однос на сега оспорениот член 19 и останатите оспорени членови 20-25. Заради вака настанатите промени во регулативата, Судот оцени дека има услови за повторно впуштање во мериторна оцена на уставноста на членовите: 19, 20, 21, 23, 24 и 25 од Законот.

Судот, исто така, имаше предвид дека во постапката по предметот У.бр.247/2008 изразил став дека непостоење право на плата- апанажа на судии по престанокот на функцијата, во ситуација кога тоа право го имаат носители на законодавната и извршната функција, не е неуставно со оглед дека судиската функција се разликува од другите функции (траен мандат; престанок на функцијата во точно утврдени ситуации).

За градење на правното мислење од значење е и тоа што во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1997; 25/2000; 101/2000; 50/2001; 25/2003; 37/2004; 4/2005; 50/2006; 29/2007; 102/2008; 161/2008; 50/2010; 88/2010; 51/2011; 11/2012; 80/2012; 114/2012; 39/2014; 44/2014; 113/2014; 56/2015; 129/2015; 147/2015; 154/2015; 27/2016 и 119/2016), посебно е уредено и разработено правото на паричен надоместок на невработените лица, условите за стекнување и неговата висина. Притоа како невработено лице се сметаат лицата кои трпат загуба на плата или приход што се обезбедува врз основа на осигурување во случај на невработеност определени со наведениот закон.

Имајќи ја предвид ваквата уреденост произлегува дека се неосновани тврдењата во иницијативата за различен општествен статус на пратениците, избраните и именувани лица по однос на останатите вработени во државата, односно дека работниците не уживале исто право како пратениците, избраните и именувани лица од каде оспорените членови: 19, 20, 21, 23, 24 и 25 од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Меѓутоа, за Судот постои основано сомнение по однос на согласноста на член 22 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Имено, поаѓајќи од анализата на оваа одредба произлегува дека предвидениот надоместок е определен и за лицата кои ќе поднесат оставка или пак ќе бидат разрешени од должност пред истекот на мандатот. Ваквото законско решение, според Судот, нема своја уставна оправданост ако се има предвид дека до оставка или пак до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршење на доверената функција. Според Судот оставката и разрешувањето и добивањето на паричен надоместок за вакви случаи се неспојливи со определбата на законодавецот да го уредува статусот на вршителите на јавните функции од каде одредбата се става под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Наводите од иницијативата за несогласност на оспорените одредби од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија со членовите 105, 106 и 113 од Законот за работните односи претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закони што не е надлежност на Уставниот суд, согласно член 110 алинеја 2 од Уставот. Оттаму, по однос на овие наводи нема основа за мериторна оцена, туку се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бојаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер. Решението од точката 2 беше донесено со мнозинство гласови.

У.бр.8/2022
7 декември 2022 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Издвоено мислење по предметот У.бр.8/2022