У.бр.37/2022

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Ново Село бр.08-288/1 од 03.02.2022 година.

2. Градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата ја оспорува уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Ново Село бр.08-288/1 од 03.02.2022 година како спротивна на членовите 8 и 51 од Уставот и членовите 17 и 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор.

Во наводите на инцијативата се наведуваат и се цитираат членовите 8 и 51 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, во делот на оспорувањето на законитоста, е повреден член 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор во кој член е регулирана постапката за донесување на Годишниот план за вработување во јавниот сектор кој важи и за општините.

Понатаму, подносителот на иницијативата смета дека Општината се придржува кон овој член од Законот, Советот на Општината дал позитивно мислење на Предлог-планот, градоначалникот го донел и како таков му било дадено позитивно мислење во законскиот рок и Годишниот план за вработување во Општина Ново Село кое за 2022 година е во сила.

Имено, според подносителот на иницијативата, Законот за вработените во јавниот сектор не познава термин стопирање или запирање, како и наложување на градоначалникот на Општина Ново Село повторно да достави план за вработување на веќе постоечки план за вработување со сите согласности, а предлогот да произлегува од друг орган, освен од градоначалникот. Ваквите незаконити одлуки се противуставни затоа што ја рушат основната темелна вредност владеењето на правото, која произлегува од Уставот.

Поради сето горенаведено, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Ново Село бр.08-288/1 од 03.02.2022 година, како спротивна на членовите 8 и 51 од Уставот и на членовите 17 и 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката бр.08-288/1 од 03.02.2022 година на Советот на Општина Ново Село е донесена врз основа на член 36 од Законот за локална самоуправа („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 5/2002 година), член 14 од Статутот на Општина Ново Село („Сл. гласник на Општина Ново Село“ бр.16/2006 година).

Според член 1 од Одлуката, се донесува Одлука за стопирање на реализација на Годишниот план за вработување за 2022 година (привремено и постојано) додека градоначалникот не достави план и програма за вработување по одделенија според функционалната анализа.

Согласно член 2, оваа одлука влегува во сила осум дена од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ново Село“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Ре­публика Север­на Македонија, Устав­ниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за стопирање на реализација на Годишниот план за вработување за 2022 година, донесена од Советот на Општина Ново Село број бр.08-288/1 од 03.02.2022 година, со образложение дека донесената одлука е спротивна на членовите 8 и 51 од Уставот и членовите 17 и 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и содржината на оспорената одлука, произлегува дека оваа одлука е поединечен, односно конкретен акт затоа што со неа Советот на Општината Ново Село решава кадровски прашања, а не уредува определени односи на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристика и елемент за секој пропис.

Со оглед на тоа што оспорената одлука нема општ нормативен карактер и не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, туку е интерен акт, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност на Судот да ја оценува уставноста и законитоста на Одлуката бр.08-288/1 од 03.02.2022 година, донесенa од страна на Советот на Општина Ново Село, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.37/2022
1 декември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска