Издвоено мислење по предметот У.бр.128/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), а во врска со Решението на Уставниот суд У.бр.128/2019, со кое не се поведува постапка за оценување на уставноста на член 174, ставови 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.178/2021), гласајќи против, ние судиите на Уставниот суд, д-р Осман Кадриу и д-р Дарко Костадиновски, на ден 23.12.2022 година писмено го образложуваме следното издвоено мислење

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното решение, Уставниот суд на седницата одржана на 1 декември 2022 година со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 174 ставови 8 и 9 и член 176 став 3 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.178/2021). Станува збор за Решението на Уставниот суд кое е донесено во врска со иницијативата поднесена од лицето Ѓорѓи Илиевски од Скопје, со која иницијатива ги оспорува наведените членови од Законот за високото образование.

Од содржината на оспорените одредби содржани во член 174 ставови 8 и 9 и член 176 став 3 произлегува, како што следува: Во членот 174 став 8 се нормира прашањето дека при мирување на работниот однос, лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничко звање, има право да врши високообразовна дејност на прв циклус на студии без финансиски надоместок.Содржината од член 174 став 9 го регулира и прашањето дека лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно или наставно звање, на кој му мирува работниот однос има право да држи предавање и да биде ментор во втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високо образовната дејност.Со одредбите на член 176 став 3 од истиот закон се уредува прашањето на конкурсот. Се уредува прашањето дека времето за распишување на конкурс од ставот 1 на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од три месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон. На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи.

На наводите наведени во иницијативата и во врска со оспорувањето на наведените одредби, Уставниот суд, со мнозинство гласови, донесе Решение да не се поведе постапка бидејќи оспорените одредби се во согласност со Уставот. По однос на конкретни наводи наведени во иницијативата, во образложението на решението Судот зазеде стојалиште дека изборот на кандидатите во цитираните звања се врши согласно Законот за високо образование и предвидената постапка уредена со законот, и дека при изборот се цени рефератот составен во писмена форма од соодветната рецензиона комисија. Исто така, се подвлекува дека не постои објективна неможност за квалитетно извршување на државната функција, а едновремено и професија. Лицата кои се избрани во тие звања се најквалитетни поединци во соодветните области и од нив се очекува најголем придонес во вршењето на високообразовна дејност.

Во правното мислење на Уставниот суд се цитира и уставната одредба содржана во член 32 став 5, дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.

Гласајќи против наведеното решение, најавивме издвоено мислење и во писмена форма го даваме нашето образложение.

Две околности се правно релевантни поради кои го издвојуваме мислењето:

Првата се однесува на квалитетното вршење на функцијата на која е избрано, односно именувано лицето кое врши професура во образовниот процес. Во иста насока основно се поставува прашањето на квалитетот на образвниот процес во времето кога се врши државна или јавна функција.

Втората околност, според нашето мислење, исто така, правно релевантна, се однесува на правата и обврските при мирувањето на работниот однос.

По однос на првата околност, ние сме на мислење дека функционерот избран на јавна или државна функција нема време и објективна можност квалитетно да ја изведува наставно-образовната дејност, ниту пак квалитетно и професионално да постигне очекувани резултати во вршењето на јавната односно државната функција.

Во однос на квалитетот во образовниот процес состојбите се познати и загрижувачки во прашање на квалитетното образование на младите кадри.Фактите во однос на квалитетот односно неквалитетот во образвниот процес се ноторни и општопознати.

Посебно ја подвлекуваме втората правна релевантна околност, станува збор за мирување на работниот однос. Мирување на работниот однос е важна трудово-правна институција. Притоа се прави разлика помеѓу работата на работниот процес, односно за работата на работно место со вршење на работите и работните задачи,од една, и мирување на работниот однос, од друга страна.Овие две трудово-правни категории, поточно институции се различни и постои дистинкција помеѓу нив. Прво, што е битно, овие две трудово-правни категории не можат да се остваруваат едновремено. Напратоив, едната институција ја исклучува другата.

Наведената разлика се објаснува и се образлага како што следува:

Со мирувањето на работниот однос, во случаите кога работникот се именува на државна или јавна функција, чие вршење бара отсуство на работникот во работниот процес, за работникот мируваат сите обврски кои се поврзани со неговите работи и работни задачи кај работодавачот. Со мирувањето на обврските, се рабира, мируваат и сите права од работниот однос. Тоа важи и за mutandis и за кадрите ангажирани во образовниот процес. Апсурдно е да се смета и размислува дека при мирувањето на работниот однос и во времето кога работникот фактички и физички работи кај работодавачот, тој да остварува конкретни права. Во тие права влегува и правото на работна кариера, односно унапредувањето додека мирува работниот однос, вклучувајќи ги и правата кои се однесуваат на стекнување на универитетски наставни звања.

Во наведената конотација јасни се определбите од член 151 од Законот за работните односи од 2005 година (пречистен текст од 2018 година, „Службен весник на Република Македонија“. број 74/2018).

Имено, со одредбите содржани во член 151 од ЗРО јасно и мошне прецизно е уредено прашањето на мирување на работниот однос на работник именуван или избран на државна или јавна функција.

Се подвлекува дека за време на вршење на државна или јавна функција, чие вршење бара работникот привремено да престане да работи кај работодавачот, нему му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата. По престанокот на функцијата работникот има право во рок од 15 дена да се врати на работа кај работодавачот и да биде распореден на работа која одговора на неговиот степен на стручна подготовка.

Секое поинакво толкување на оваа одредба со нагласка дека работникот додека му мирува работниот однос има право да остварува конкретни права од работниот однос, сметаме дека таквото толкување е спротивно на законот – interpretatio contra legem.

Во иста конотација заслужува да биде подвлечено дека примената на оспорените одредби по однос на правата на наставниот кадар, а во времето кога му мирува работниот однос, претставува и повреда на еднаквоста пред законот и дискриминација спрема вработените лица кај истиот работодавач кои со работа и постигнатите резултати од работа треба да се докажат за евентуално унапредување во работниот процес.

Поради изложеното следуваше да се образложи издвоеното мислење на горенаведениот начин.

Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Осман Кадриу
д-р Дарко Костадиновски

Решение У.бр.128/2019