Почитувани, граѓани,
Оставаме зад нас една година полна со неизвесност и oтежнато функционирање на Уставниот суд во вршењето на неговите надлежности но и година на посветеност, макотрпна работа и домаќинско менаџирање на Судот, како резултат на несебичниот ангажман на судиите и сите вработени.
Темата со неизбирањето на судиите сẻ уште е сериозен проблем за Уставниот суд, но и дамка за угледот на државата, само затоа што пратениците се неодговорни спрема уставните обврски.
Беа избрани двајца нови судии кон крајот на октомври, еден се пензионираше во декември, што значи во овој момент недостасува една третина од вкупно предвидениот број на судии во Уставниот суд и како последица на ова се повторува непосакуваниот исход, се соочуваме со состојба да остануваат предмети кои не добиваат мнозинство гласови, а следствено на тоа Уставниот суд не може во целост да ја оствари својата улога. Имено, во моментот не е одлучено по 24 предмети токму поради недобиеното мнозинство гласови, но има и суштински важни предмети за граѓаните и за државата за кои е есенцијална дискусијата од сите девет судии, со што ќе се придонесе кон поквалитетна одлука.
Иако цели девет месеци Судот беше оставен на раб на функционирање, ние петмина судии, заедно со советничките тимови на свои плеќи го понесовме товарот како да тука работат девет судии. И во вакви специфични услови Уставниот суд одржа вкупно 42 седници, што во изминатите 13 години не било случај. Толкав број на седници последен пат имало во 2009 година, но ќе потенцирам дека тогаш Судот работел во полн состав од 9 судии.
Овој состав, за разлика од многу претходни состави кои функционирале без недостаток на судии, успеа за прв пат од основањето на Уставниот суд да донесе два многу важни стратешки документа. Првиот суштествен документ е Програмата за работа, за која имаше забелешка во последниот извештај на државниот ревизор дека не е донесена и вториот документ е Стратешкиот план кој ќе се реализира во следните три години и кој ги содржи основните насоки коишто ќе ги следи Уставниот суд. Во овој стратешки план се претставени контурите за внатрешната реформа на Судот, но ќе повторам реформите се условени од комплетниот состав на Уставниот суд.
Изминатата година, исто така, беше посветена на кадровско доекипирање на службата со оглед на тоа дека поголем број на советници на Судот со долгогодишно искуство заминаа во пензија. Подобрена е сликата и со вработените претставници на заедниците кои не се мнозинство. За прв пат е назначен офицер за безбедност на класифицирани информации во Уставниот суд.
Уставниот суд годинава оформи 133 предмети заклучно со денеска, од кои седум се барања за заштита на слободи и права, а со останатите 126 во најголем дел се бара преиспитување на уставноста и законитоста на акти и во два случаја се бара оценување на уставноста на програми и статут на здруженија на граѓани.
И покрај постоењето на објективни потешкотии врз кои Судот нема никакво влијание, успеавме да го одржиме бројот на решени предмети во вообичаениот просек, односно изминатава година имаме 130 решени предмети, од кои речиси половина се примени оваа година. Ќе потенцирам дека е даден приоритет на решавање на постари предмети со цел да се намали бројот на нерешени предмети од минатите години.
Во текот на 2022 година Уставниот суд укина одредби од два закона кои се однесуваат на важни уставни права како што се работничките права и еднаквоста на граѓаните. Тука ќе го спомнам укинувањето на одредбата со која неуставно, а на товар на правото на дневен и неделен одмор на работниците беше предвидено да работат на изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10 во просек најмалку 60 часа неделно и тоа да важи во текот на целата година.
Втората дискриминациска одредба која ја укина Уставниот суд е член 44 од Законот за социјална заштита во делот со кој на лицата постари од 65 години не им беше дозволено да добиваат надоместок само поради нивната возрасна граница, иако имаат инвалидитет.
Оваа година Уставниот суд укина и 8 други прописи, Одлуките со кои незаконски се донесени Детални урбанистички планови во Општина Карпош, решение на Општина Дојран со кое се предвидуваше изградба на хотелски комплекс на крајбрежјето на езерото, дел од одлука на Општина Ѓорче Петров која ги ограничуваше граѓаните да добијат надоместок за новороденче, доколку не приложат венчаница.
Поради сомнеж во уставноста и законитоста во некои закони, прописи или акти, во 2022 година се поведени постапки за седум предмети. Меѓу нив, ќе ги споменам Одлуката за ДУП Градска четврт донесен од општина Центар во 2014 година, воедно за овој предмет Уставниот суд одлучи да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката.
Поведовме постапка за надоместоците или т.н. „апанажи” за функционерите кои биле разрешени или поднеле оставка, за одлука на Општина Куманово која опфаќа градење на станбени згради надвор од централното градско подрачје.
Почитувани граѓани,
Имајќи ги предвид економските околности за кои сведочиме, Уставниот суд спроведе сериозни мерки на штедење, особено во делот на потрошувачката на електричната енергија и службените патувања коишто беа сведени на минимум. Наместо патување со физичко присуство во Индонезија-Бали, Индија, Дакар, Летонија, настаните ги следевме онлајн.
Истовремено, од заштедените средства е направена пренамена на инвестициите во инфраструктурата на Судот, нешто што било обврска да се спроведе изминатите години.
После петнаесетина години од постоењето на законската обврска, за прв пат во Уставниот суд е оформена канцеларија за класифицирани информации, комплетно опремена со метален сеф за чување на класифицирани информации, блиндор врата, алармни системи, систем за дојава на пожар и камери. Соодветно е обезбедена сервер-салата која беше под опасност од пожар, бидејќи досега не била набавена опрема за вентилација и противпожарен систем таму.
Ќе заклучам дека Уставниот суд имаше совесен и економичен пристап кон енергетската криза. Во однос на сметките за електрична енергија Уставниот суд оваа година има платено средства во износ кој е за 41% помалку од она што е платено лани за септември, октомври и ноември. Ако минатата година за тие три месеци се платени околу 436 илјади денари за електрична енергија, годинава тој износ изнесува околу 253 илјади денари.
Kога веќе зборуваме за работни услови, но и за инфраструктурни работи воопшто, не можам да го изоставам проблемот кој во последно време добива и застрашувачки димензии и е сериозна закана за здравјето на вработените во Уставниот суд. Што поради неквалитетна изведба или лошо проектирање за што јас не можам да коментирам затоа што не сум експерт, но очигледно се работи за протекување на вода од кровот во две канцеларии на петтиот и четвртиот кат, во коишто е сместен Судот, во зграда од вкупно седум ката. Очекуваме поддршка од Владата бидејќи првите индиции и увидот на стручни лица укажуваат на потреба од сериозен зафат за којшто прво треба да се изработи проект за реконструкција, а потоа и да се ангажира изведувач за кровната конструкција.
Почитувани,
Би сакала да споделам и позитивно искуство и покрај сите предизвици, суштински и финансиски. Уставниот суд во делот на меѓународните активности се истакна со заедничка иницијатива за формирање на Балкански форум на уставни судови кој верувам ќе прерасне во успешна приказна за меѓусебна соработка и споделување на важни искуства. Оваа идеја ја реализиравме заедно со бугарскиот Уставен суд со кој склучивме Меморандум за соработка, потпишан на македонски јазик, англиски и бугарски. Особено е значајно што Меморандумот е резултат на заедничката поддршка и разбирање меѓу двата суда и беше позитивно оценет во последниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија, опфатен во делот на добрососедските односи и регионалната соработка.
На крајот, моето обраќање има иста завршница како и минатата година и за жал ќе ја испратам истата порака, но и ќе ја повторувам и понатаму сẻе додека пратениците не ја разберат нејзината смисла. Јас, како претседател на Уставниот суд имам таква обврска не само кон институцијата којашто ја раководам туку и кон граѓаните бидејќи тие заслужуваат функционален систем во кој Судот во целост, навремено, квалитетно и во полн состав ќе ги врши своите надлежности и со тоа ќе обезбеди владеење на правото и почитување на слободите и правата на граѓаните.