Уставниот суд оформи седум нови предмети по иницијативи поднесени во периодот од 24 до 28 ноември 2022 година

Во периодот од 24 до 28 ноември 2022 година оформени се нови предмети во Уставниот суд, по претходно поднесени иницијативи. Предметите се во фаза на претходна постапка, што значи Уставниот суд допрва ќе ја испитува основаноста на нивните наводи, а по оформувањето на реферат со конкретен предлог за осопорените одредби ќе се одлучува на седница. Тим од советници и судии работат на следните новоформирани предмети:

1.У.бр.118/2022

Оспорен: Член 32 од Законот за даночна постапка

Подносител: Јордан Апостолски, адвокат од Скопје

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одредба се однесува на гаранција при ликвидација со којашто се определува: „Ако правното лице нема доволно парични средства да го исполни даночниот долг во целост, вклучувајќи ги и приходите од продажбата на имотот, преостанатиот долг ќе го платат основачите, управителот или членовите на управата, ако согласно со законот, статутот или актот за основање на правното лице, се солидарно или според удел одговорни за обврските на правното лице. Во случај на одговорност според подносителот гаранцијата се ограничува на соодветниот дел. Во иницијативата се наведува дека оваа одредба е спротивна на уставно- загарантираната правна заштита на сопственоста, спротивна на Законот за трговски друштва во кој е предвидено дека содружниците на друштвото одговараат неограничено и солидарно за штетата настаната со заедничката одлука.

2.У.бр. 119/2022

Оспорен: Член 29 став 2 од Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати во делот: ”Во втор степен, формирана од страна на министерот за економија, при што претседателот на комисијата задолжително ќе биде од редот на раководните државни службеници во инспекциската служба кој нема да биде вклучен во вршењето на инспекцискиот надзор”.

Подносител: Игорчо Точев

Oд наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека оспорениот дел може да доведе во заблуда при примената  бидејќи е нејасно која е Комисијата, колку членови брои  и воопшто нема информации за неа. 

3.У.бр. 120/2022

Оспорен: Делот „ставот 3 на “ од член 44 став 3 од Законот за даночна постапка.

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорената одредба не е во согласност со начелото на владеење на правото како една од темелните вредности опфатени во Уставот, бидејќи содржински членот има седум ставови, а не осум како што е наведено во оспорениот дел дека „ставот 6 станува став 8”.

4.У.бр. 121/2022

Оспорен: Делот „3 и 4“ од член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавно здравје („Сл.весник на РМ“ бр.136/2011).

Подносител: Игорчо Точев

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби се нејасни, неразбирливи и дека може да ги доведат до заблуда оние кои ги применуваат. 

5.У.бр. 122/2022

Оспорен: Делот: „став 5“ од членот 49 став 4 точка 2 од Законот за задолжителни нафтени резерви.

Подносител: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорениот Закон произвел правно дејство, а во него не се содржани 5 става, туку само 4 и може да доведе до забуна при негова примена. 

6.У.бр.123/2022

Оспорен: Член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште.

Подносител:  Дуња Туртурова, aдвокатка

Содржина на одредбата: 

„На постапките за приватизација на градежно земјиште започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба ќе се применува висината на надоместот определена со Прегледот кој е составен дел на оваа Уредба”. 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека оспорената Уредба има ретроактивна примена којашто е на штета на граѓаните и создава правна несигурност. Конкретно се наведува дека за веќе почнатите постапки за приватизација на градежно земјиште секое физичко лице ќе мора да плати повисока цена од онаа која важела во моментот кога решило да почне постапка. Подносителката наведува дека оспорената одредба е спротивна на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок. 

7.У.бр. 124/2022

Оспорена: Одлуката за превземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија („Сл.весник на РСМ“ бр.232/22).

Подносител: Борче Јовчески, градоначалник на Општина Прилеп

Од наводите во иницијативата: 

 Подносителот наведува дека оспорените одредби на одлуката се непрецизни и двосмислени и оставаат можност за различна примена на Законот за јавни претпријатија, Законот за трговски друштва итн. Во иницијативата е наведено дека од една страна пропишуваат исклучување односно забрана на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување, а од друга страна претходно цитираните одредби  на законите предвидуваат дека општините, Градот Скопје и општините на Градот Скопје може да основаат јавни претпријатија во согласност со закон како и да бидат дел од регулираниот пазар на електрична енергија, со цел да вршат дејности од јавен интерес на територијата на целата држава.