У.бр.302/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 7 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018) и член 119 став 1 точка 9 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.191/2019).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на меѓусебната согласност на член 1, член 12, член 173 и член 442 од Законот за облигациони односи и член 8 ставови 1 и 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

3. Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот и Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата се цитираат оспорените делови на член 30 од Законот за енергетика со кој подетално се утврдуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот и тоа: условите, начинот и рокот на склучување на договорот за снабдување со соодветниот вид енергија; а согласно оспорената точка 9, условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор и член 119 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија; кој се однесува на исклучувањето на корисникот на дистрибутивниот систем ако имал неплатени обврски кон ОДС; член 2 и член 10 од Законот за енергетика; член 1, член 12, член 173 и член 442 од Законот за облигациони односи кои се однесуваат на основите на облигационите односи, засновањето на истите и остварувањето на правата и обврските од тие односи. Во иницијативата се цитираат и член 8 ставови 1 и 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член 8 алинеи 3, 6, 8 и 11, член 9, член 51 став 1 и член 54 став 3 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека мешањето во приватниот живот на граѓаните не е во согласност со член 25 од Уставот, член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи. Ограничувањето на сопственоста треба да подлежи на начелата на правна сигурност или законитост, а правната рамнотежа нема да се постигне доколку на граѓанинот му се наметнува и треба да трпи поединечен и поголем товар. Во таа смисла се упатува на член 1 од Протоколот број 1 од Европската конвенција за човекови права според кој лишувањето на сопственоста мора да подлежи на условите предвидени со закон.

Во иницијативата е наведено дека со член 197 од Законот за енергетика децидно е предвидено дека дистрибутерот на електрична енергија има право на надомест на штета во услови на постоење на истата, што е предвидено и со одредбите на Законот за облигационите односи како lex generalis во предметната материја, во смисла на тоа што штета настанува и во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис или договор, а тоа пак мора да се докаже во една легитимна судска постапка и тогаш товарот на докажување паѓа на тој кој тврди дека постои неисполнување на обврски, но сепак не може да му се наметнат товари утврдени со неуставни одредби и подзаконски акти коишто биле одредени согласно правилници и слично.

Според наводите во иницијативата, во конкретниот случај се применуваат законски одредби од закони и правилници или подзаконски акти кои европското законодавство не ги признава и нивната примена нема легитимна цел бидејќи се издигнати над уставните одредби и над меѓународните ратификувани норми кои експлицитно забрануваат преземање на дејствија кои би значеле наметнување на поголеми товари врз правата на човекот и граѓанинот и нивната социјална положба. Тоа значи дека исклучувањето на струјата од страна на операторот насочено кон граѓаните како потрошувачи со своите фамилии, е исклучиво цел на принуда и не постои можност за контрадикторна постапка која би понудила еднаквост во средствата за заштита од истата. Овие одредби од Законот и подзаконскиот акт се недозволени и ја штитат монополската положба на единствениот снабдувач на електрична енергија во Републиката.

Во продолжението на иницијативата се наведува дека Република Северна Македонија е последна земја во регионот во која е дозволено исклучување на домаќинствата и од системот на напојување со електрична енергија. Односно, Европскиот суд за човекови права во Стразбур веќе има заземено став дека на прагот на 21 век е недозволиво исклучување на домаќинствата од системот за снабдување со вода и оттука, по некаква аналогија и исклучувањето на струјата како неопходен елемент во живеењето и функционирањето на современиот човек, не е дозволено и сето тоа во услови кога на операторот му стојат на располагање правните средства за легитимни судски постапки за надомест на штета.

Во член 30 став 2 од Законот за енергетика, подетално се утврдени општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот и тоа: условите, начинот и рокот на склучување на договорот за снабдување со соодветниот вид енергија; 9) условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор.

Согласно член 119 став 1 точка 9 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 191/2019) ОДС има право да го исклучи корисникот на дистрибутивниот систем ако корисникот има неплатени обврски кон ОДС.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) се уредуваат: 1. целите и начинот на спроведување на енергетската политика; 2. изградбата на енергетски објекти; 3. статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија; 4. пазарите на електрична енергија, природен гас, топлинска енергија, како и пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт; 5. начинот и постапката за утврдување и исполнување на обврските за обезбедување на јавна услуга на пазарите за електрична енергија, природен гас и топлинска енергија, како и правата и обврските на потрошувачите на енергија и корисниците на енергетските системи; 6. начинот и условите за поттикнување на користењето на обновливите извори на енергија и 7. други прашања од областа на енергетиката.

Целта на овој закон е да се обезбеди сигурно, безбедно и квалитетно снабдување со енергија на потрошувачите во согласност со стратешките определби во областа на енергетиката; ефикасен, конкурентен и финансиски одржлив енергетски сектор, заснован на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, којшто обезбедува високо ниво на сигурност во снабдувањето со енергија, безбедно, сигурно и ефикасно функционирање, одржување и развој на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија и природен гас, како и системите за дистрибуција на топлинска енергија заради обезбедување на високо ниво на услуги за потребите на корисниците на овие системи.

Во однос на тоа кои се целите на енергетската политика, истите се утврдени во член 10 став 1 во кој е утврдено дека со енергетската политика на Република Северна Македонија се обезбедува сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со сите видови енергија; стабилност, конкурентност и економска функционалност на енергетскиот сектор; ефикасно обезбедување на услугите и заштита и унапредување на правата на потрошувачите и намалување на енергетската сиромаштија и заштита на ранливи потрошувачи.

Согласно член 16 став 1 од Законот, Регулаторната комисија за енергетика е самостојно, непрофитно регулаторно тело кое го регулира и контролира начинот на вршење на енергетските дејности од овој закон.

Според член 30 став 1 од Законот за енергетика е утврдено дека Регулаторната комисија за енергетика донесува посебни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Според ставот 2 на истиот член соо правилата за снабдување од ставот 1 на овој член поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот и потрошувачот на соодветен вид енергија и операторот на соодветниот систем, а особено:

1) условите, начинот и рокот на склучување на договорот за снабдување со соодветниот вид енергија; 2) начинот на мерење, пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија; 3) потрошувачите на кои не може да им се прекине испораката и начинот на обезбедување на гаранции за намирување на трошоците за потрошената енергија; 4) начинот и постапката за промена на снабдувачот од страна на потрошувачите и остварувањето на правото на потрошувач без надомест да го промени снабдувачот; 5) квалитетот на услугите обезбедени од страна на снабдувачите на енергија; 6) минималните услови и начинот за организациска поставеност и техничка опременост на снабдувачите на енергија за обезбедување на комуникација со потрошувачите заради обезбедување на пропишаниот квалитет на услугите коишто ги обезбедува снабдувачот; 7) обврски на снабдувачот кон различните категории на потрошувачи и специфичноста на секоја категорија на потрошувачи во однос на нивната финансиска и преговарачка способност; 8) начинот и постапките за комуникација и размена на информации помеѓу снабдувачот на енергија и операторот на соодветниот систем заради обезбедување на пропишаниот квалитет на енергијата и услугите што ги обезбедуваат операторите; 9) условите и постапката за исклучување на потрошувачите од системите за пренос или дистрибуција, во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор; 10) начинот, формата и рокот за поднесување на извештаи, кои снабдувачите на енергија и соодветните оператори се должни да ги достават до Регулаторната комисија за енергетика; 11) неопходните информации што снабдувачите се должни навремено да им ги обезбедат на потрошувачите во нивните сметки, како и информациите што треба да бидат јавно достапни, а се од интерес за сите потрошувачи; 12) услови и начини за снабдување на ранливи потрошувачи и 13) посебните мерки за заштита на потрошувачите. (3) Со правилата за снабдување со електрична енергија се уредуваат правата и обврските на универзалниот снабдувач, како и правата и обврските на потрошувачите што ги снабдува. (4) Со правилата за снабдување со природен гас и со правилата за снабдување со топлинска енергија се уредуваат правата и обврските на снабдувачот со природен гас и снабдувачот со топлинска енергија коишто имаат обврска за обезбедување на јавна услуга во снабдувањето, како и правата и обврските на потрошувачите што ги снабдуваат. (5) Со правилата за снабдување со електрична енергија и со правилата за снабдување со природен гас се уредуваат правата и обврските на снабдувачот со електрична енергија во краен случај и снабдувачот со природен гас во краен случај.

Од анализата на наведените и другите одредби од Законот за енергетика, произлегува дека право е на законодавецот да основа независни стручни тела и да им пренесува јавни овластувања, во случајот, да основа Регулаторна комисија за енергетика, на која и се пренесени овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика.

Врз основа на член 96 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19) и член 19 од Статутот на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, по претходно добиено одобрение од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, Решение бр.02-2924/1 од 30 август 2019 година, Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на електрична енергија, на седницата одржана на 10 септември 2019 година со Одлука бр.02-4396/1 ги донела Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 191/2019).

Предмет на уредување на Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија се: 1) условите и начинот на користење и пристап на дистрибутивниот систем од трета страна, 2) техничко-технолошките услови и начинот на приклучување на дистрибутивната мрежа на потрошувачите и на производителите на електрична енергија, 3) техничките и другите услови за сигурно и безбедно функционирање на дистрибутивниот систем и обезбедување на квалитетна услуга, 4) техничко-технолошките услови, начинот за приклучување и начинот на користење и пристап на дистрибутивниот систем од корисниците кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, како и начинот на кој произведената електрична енергија се предава во дистрибутивната мрежа, 5) техничките нормативи и стандарди во однос на опремата, уредите и материјалите што се употребуваат при изведување на приклучоци, 6) техничко-технолошките услови за работа на објектите за производство на електрична енергија во режим на работа со лиценца за пробна работа, 7) планирањето, одржувањето и развојот на електродистрибутивниот систем, 8) начинот на усогласување со корисниците на дистрибутивниот систем во случај на планирани прекини, 9) мерките, активностите и постапките во случај на нарушувања и хаварии, 10) методологијата за определување на надоместокот за приклучување на дистрибутивната мрежа, 11) доверливоста на деловните податоци на корисниците на услугите од дистрибутивниот систем, 12) функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење на електричната енергија и моќност, 13) квалитетот на електрична енергија што се испорачува преку дистрибутивниот систем, 14) квалитетот на услугите што операторот на дистрибутивниот систем ги обезбедува на корисниците, 15) содржината на плановите за развој на дистрибутивниот систем, како и начинот и постапката според која корисниците на системот ги доставуваат неопходните податоци за изработка на плановите за развој, 16) доставувањето на податоци за долгорочна прогноза на потрошувачката на електрична енергија до операторот на електропреносниот систем, 17) протоколите за комуникација за надзор, функционирање и управување со дистрибутивниот систем и 18) начинот и постапката за обезбедување на информации за корисниците на системот.

Согласно член 119 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 191/2019), е уредено дека ОДС има право да го исклучи корисникот на дистрибутивниот систем во следните случаи: 1) Во случај на неовластено преземање на електрична енергија во согласност со член 165 од овие Мрежни правила; 2) Корисникот не дозволува пристап на имотот кој е во негова сопственост или во негово владение заради спречување ОДС да врши мерење, отчитување, контрола, баждарење, замена, вградување, дислокација на мерни уреди и на опрема, да утврдат постоење на неовластено преземање на електрична енергија преку приклучокот, или одржување на мрежата; 3) Постоечкиот корисник одбие на ОДС да му ги обезбеди своите податоци за контакт во согласност со член 196 од Законот за енергетика, во рок од 60 дена од приемот на Известувањето за обезбедување на податоци; 4) Исклучувањето на корисникот е наложено од страна на надлежен суд или друг надлежен орган; 5) Користењето на електроенергетските објекти, опремата и инсталациите од корисникот на дистрибутивниот систем предизвикува непосредна опасност по животот и здравјето на луѓето и имотот; 6) Корисникот побара од ОДС да го исклучи од дистрибутивниот систем; 7) Истечен рок на важење на Решението за согласност за приклучување на дистрибутивниот систем издадено во согласност со член 25 од овие Мрежни правила; 8) Корисникот приклучи на својот објект, уред или инсталација, односно преку своите објекти, уреди или инсталации овозможува приклучување на друг корисник без согласност на ОДС; 9) Корисникот има неплатени обврски кон ОДС; 10) Исклучување на корисникот по барање на снабдувачот, во согласност со одредбите од правилата за снабдување со електрична енергија.

По престанувањето на причините за исклучување на корисникот на дистрибутивниот систем, од ставот 1 на овој член, ОДС ќе изврши повторно приклучување на корисникот на дистрибутивниот систем, кој е должен да плати надомест, во согласност со ценовник кој, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика, го донесува и го објавува ОДС.

Со Мрежните правила за снабдување се уредуваат правата и обврските на снабдувачите со енергија, односно снабдувачот со електрична енергија. Министерството за економија, според член 15 од Законот за енергетика има обврска за донесување на Програма за заштита на ранливите потрошувачи на енергија.

Програмата за заштита на ранливи потрошувачи е донесена во јануари 2020 година со која се дефинираат категориите на ранливи потрошувачи и мерките кои се преземаат, па така според член 2 став 2 ранлив потрошувач е домаќинство: 1) коешто користи гарантирана минимална помош и остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во согласност со член 42 од Законот за социјална заштита и старите лица согласно член 7 од Законот за социјална сигурност на стари лица и 2) во коешто живее лице во состојба на социјален ризик (мајчинство, болест, старост, повреда и попреченост) на коешто снабдувањето со енергија и/или правото за користење на мрежата му се дава по посебни услови и начин утврдени во правилата за снабдување со одделен вид на енергија.

Со Програмата, меѓу другото се предвидуваат мерки кои ги презема снабдувачот, односно универзалниот снабдувач кој го снабдува потрошувачот со енергија, за преземање на следните мерки: 1) неисклучување на ранлив потрошувач поради неплатени сметки за испорачана енергија во месеците декември, јануари и февруари, при што оваа мерка не се однесува на домаќинства во оддалечени подрачја запишани во евиденцијата за ранливи потрошувачи на енергија, 2) неисклучување на ранлив потрошувач на енергија поради неплатена сметка за испорачана енергија ако од рокот за доспеаност за плаќање на сметката не се поминати повеќе од 60 дена, 3) известување во писмена форма за планираното исклучување најдоцна 40 дена пред исклучувањето, 4) можност за одложено плаќање на доспеаниот долг или реструктуирање на долгот, 5) информирање на ранливите потрошувачи на енергија за нивното право да побараат користење на една или повеќе од мерките за заштита. Со тоа се овозможува најпогодените категории на потрошувачи на енергија да бидат заштитени од исклучување од дистрибутивната мрежа за користење на електрична енергија. Дополнителни ослободувања од обврската на потрошувачите за подмирување на трошоците кон снабдувачите на енергија може да ја доведат во прашање ликвидноста на самите компании ако дополнително се земе предвид природата на електричната енергија и процесот на нејзино добивање. Законот за енергетика предвидува механизам на контрола на работењето на вршителите на енергетските дејности.

Имено, согласно член 16 од овој закон Регулаторната комисија за енергетика е самостојно, непрофитно регулаторно тело кое го регулира и контролира начинот на вршење на енергетските дејности од овој закон. Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување и својата надлежност во регулирањето на енергетските дејности ја остварува во рамките утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон и во согласност со начелата на објективност, транспарентност и недискриминација, со примена на најдобрите меѓународни искуства и практики.

Согласно член 25 од Законот за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика го следи функционирањето на пазарите, меѓу другото и со цел за спроведување на мерки за заштита на потрошувачите од страна на операторите на системите за пренос и дистрибуција, како и снабдувачите особено во поглед на добивање на целосни и разбирливи информации во поглед на цените и тарифите што се во примена на цените на енергија за домаќинствата, начините на плаќање на сметките за потрошена енергија, исклучувањата на корисниците од системите, надоместоците за поправки и одржување на мрежите, постапувањата по приговорите и претставките доставени од потрошувачите, правата на потрошувачите да добијат податоци за сопствената потрошувачка и обезбедување на информации за потрошувачите што се однесуваат на нивните права.

Во член 24 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2018) се определени надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика која, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречeно функционирање на енергетските пазари, меѓу другото, донесува и правила за снабдување со електрична енергија, правила за снабдување со топлинска енергија и правила за снабдување со природен гас.

Со член 30 став 2 од Законот за енергетика точно е предвидено што треба да содржат Мрежните правила, при што е допуштено со правилата да се уредат и други прашања во врска со дистрибуција на електрична енергија, поради што оспорените членови од Мрежните правила се во согласност со уставниот принцип на владеење на правото. Со Законот за енергетика се предвидува дека освен прашањата што законодавецот децидно ги наведува во член 30 од Законот за енергетика, што особено треба да ги содржат Мрежните правила, допуштено е и дополнително уредување на прашања што се однесуваат на дистрибуцијата на електрична енергија, што значи освен наведените прашања дозволено е и уредување и на други прашања во врска со дистрибуција на електрична енергија, поради што оспорените членови од Мрежните правила се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Оттука, уредувањето на оваа материја со Мрежните правила произлегува од основната цел на Регулаторната комисија за енергетика да обезбеди сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенти поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 119 од Мрежните правила со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, Законот за облигационите односи и Законот за енергетика.

Со оглед на тоа што во Законот за енергетика постои основ за донесување на Мрежните правила кои се оспоруваат, произлегува дека истите се во функција на доразработка и операционализација на одредбите од Законот за енергетика од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Фактот што Законот бара задолжително склучување на договор за снабдување на електрична енергија помеѓу снабдувачот и потрошувачот логично произлегува од таму што се работи за користење на услуга со која непосредно се задоволува потребата на граѓаните за користење на електрична енергија којашто услуга се остварува континуирано и врз основа на надоместок, што значи се работи за облигационен, односно должничко-доверителски однос кој се остварува врз основа на договор.

Исто така, уредното и благовремено пријавување на потрошувачите, како и нивното одјавување кај снабдувачот, несомнено претставуваат обврски на потрошувачите кои се операционализирани со Мрежните правила, а врз основа на член 28 од Законот за енергетика, поради што сметаме дека истите не се во спротивност со одредбите од Уставот и од Законот за енергетика на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Од истите причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените одредби од член 119 од Мрежните правила со кои се утврдени должностите на потрошувачот, бидејќи и овие одредби претставуваат операционализација на одредбата од член 30 од Законот за енергетика според кој со истите поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со електрична енергија, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на електрична енергија и операторот на дистрибутивниот систем.

Во случај на исклучување на потрошувачите по барање на снабдувачот (поради неплаќање) неспорно е дека потрошувачите кои се исклучени од системот, потребно е истата да ја платат, пропорционално на потрошената електрична енергија, поради што не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на одредбата од член 119 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија.

Врз основа на претходно наведеното може да се заклучи дека член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019) и член 119 став 1 точка 9 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 191/2019) не се во несогласност со член 8 став 1 алинеја 3, 6, 8 и 11, член 9 и член 54 став 2 и став 3 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека при одлучувањето за уставноста на оспорените одредби од Законот, треба да се имаат предвид и членовите 2 и 10 од Законот за енергетика и членовите 1, 12, 173 и 442 од Законот за облигациони односи, претставува барање за оценување на меѓусебна согласност на закони.

Согласно уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, тој одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на законите, како што се бара со иницијативата, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во наведените делови, поради ненадлежност на Судот.

Во однос на наводите во иницијативата каде се цитираат член 8 став 1 и став 2 од Европската конвренција за заштита на човековите права и основните слободи, Уставниот суд нема надлежност да оценува дали одреден закон или негови одредби се во согласност со одредени меѓународни акти. Согласно уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, тој одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во наведените делови, поради ненадлежност на Судот.

Наводите во иницијативата дека регулативите на Европската Унија не биле применети во Законот за енергетика и Мрежните правила за дистрибуција и подзаконскиот акт, се прашање на номотехника на законодавецот, за која Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.302/2020
07.12.2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска