Студенти на постдипломски студии по уставно право и по политички науки од Правниот Факултет „Јустинијан I” во Скопје, го посетија Уставниот суд и се запознаа со начинот на работа и надлежностите на судиите.
Присуствуваа на 41. седница којашто се одржа на 20 декември 2022 година и ја следеа дискусијата на тековните предмети по коишто Уставниот суд расправаше и одлучуваше. Најголем интерес по седницата пројавија за поведувањето на постапка за предметот во кој е оспорена Одлука на Советот на Општина Куманово поради сомнеж дека е неуставна и спротивна на Законот за просторното и урбанистичкото планирање.
Студентите се интересираа да дознаат повеќе за надлежностите на Уставнот суд и работењето на стручната служба. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска ги запозна со уставно-судската пракса прикажувајќи практични примери, ги потенцираше разликите помеѓу судството и Уставниот суд, носењето и спроведувањето на одлуките на Судот.
Секретарот на Судот, Александар Лазов ги воведе во рангирањето и обврските на службата во Уставниот суд. За начинот на комуникација на Уставниот суд со јавноста се информираа од портпаролката на Судот, Христина Беловска.
Посетата се организираше на барање на студентите кои се на втор циклус студии на Правниот факултет со интерес да присуствуваат на седници на кои би се запознале со примената на правото и одлучувањето во пракса.