По повод смртта на Ѓорѓи (Гога) Николовски, поранешен судија и претседател на Уставниот суд, Судот изразува длабоко сочувство до неговото семејство и блиски пријатели и роднини. Николовски беше претседател на Уставниот суд во периодот од 1979 до 1986 година и остави пример на професионалец кој дал значаен придонес во градењето на традицијата на уставното судство во Македонија уште во периодот на СФРЈ.
Николовски е роден на 18 март 1927 година во Битола, кадешто го завршува своето основно и средно образование. Дипломира на Правниот факултет во Скопје како студент на првата генерација во 1955 година.
За време на студиите работи во „Радио Битола” и по дипломирањето се вработува како секретар на Собранието на битолската околија.
Помеѓу бројните функции коишто Николовски ги извршувал значајно е да се спомене дека бил републички пратеник и еден од првите претседатели на Универзитетскиот совет на Универзитетот во Скопје. Бил член и потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ и потпретседател на Собранието на СРМ, а потоа и претседател на општествено-политичкиот Собор на Собранието.
Во два мандата е пратеник во Сојузното Собрание на СФРЈ и претседател на Соборот на Републиките и Покраините на Сојузното Собрание.
По завршувањето на мандатот како судија во Уставниот суд Николовски како претседател ја раководи Републичката конференција на ССРН на Македонија.
Ѓорги (Гога) Николовски важи за долгогодишен промотор и почесен претседател на манифестацијата за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.
За својата општествена и граѓанска дејност, носител е на повеќе одликувања и признанија.
Николовски почина на 96 годишна возраст во својот дом во Скопје, на 16 декември 2022 година.