У.бр.47/2017

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и  3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за избор на Претседател на Собранието на Република Македонија, број 08-1108/1 од   2 мај 2017 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2017), донесена од Собранието на Република Македонија.

2. Тодор Петров од Скопје, претседател на Светскиот македонски конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Иницијативите се поднесени пред влегувањето во сила на амандманите на Уставот („Службен весник на Република Македонија, број 6/2019) со кои во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборот „Северна Македонија“.

Според наводите во иницијативата поднесена од Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, оспорената одлука не е во согласност со: член 2, член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 63 став 1 од Уставот; член 17 став 4, член 18, член 32 став 1, член 37, член 39, член 40 и член 43 став 4 од Законот за Собранието на Република Македонија и глава II. Конституирање на Собранието, член 9, член 10, член 19, член 20, член 22, член 23, член 24, член 25, член 26, член 30, член 32, член 68 став 4, член 71, член 79, член 80, член 81 став 5, член 84, член 85, член 91, член 95, член 96, член 97, член 104, член 105, член 106, член 107, член 172, член 174, член 235 и член 236 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Во иницијативата е наведено дека оспорената одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не е во согласност со член 63 став 1 од Уставот поради тоа што не е донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот на Собранието од претходниот состав кој ја свикува конститутивната седница на Собранието не подоцна од 20 дена по одржаните избори на 11 и 25 декември 2016 година.

Имено, фактичката состојба била таква што претседателот на Собранието од претходниот состав, Трајко Вељаноски, во определениот рок согласно Уставот, веќе ја имал свикано конститутивната седница на Собранието и биле донесени Одлука за избор на претседател и членови на верификационата комисија на Собранието на Република Македонија и Одлука за верификација на мандатот на пратениците во Собранието на Република Македонија, двете донесени на седница одржана на 30 декември 2016 година и објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.225/16, кои биле и потпишани од него како претседавач на конститутивната седница на Собранието што значи не било спорно кое лице било претседавач.

Меѓутоа, оспорената одлука ниту е донесена на седница на Собранието ниту е потпишана од овластено лице. Имено, оспорената одлука е донесена откако завршило продолжението на седницата на Собранието на 27 април 2017 година после 18 часот, откако претседавачот Трајко Вељаноски прогласил затворање и ги известил пратениците и јавноста дека следното нејзино продолжение ќе се одржи на 28 април 2017 година.

Оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, фактички е донесена по затворање на седницата на Собранието на 27 април 2017 година, од страна на неопределен број пратеници, и со тоа се сторени повеќе кривични дела согласно Кривичниот законик.

Оспорената одлука е потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија и како таква Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2017 на 8 мај 2017 година што е во спротивност со Уставот, Законот за Собранието на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Во продолжението на иницијативата се цитираат членовите: 9, 10, 20, 22 и 24 од Деловникот на Собранието, и се наведува дека со  Деловникот на Собранието на Република Македонија, јасно е уредена постапката за конституирање на Собранието и за избор на претседател на Собранието, меѓутоа во случајов оспорената одлука не е донесена во постапка согласно со одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија, а со тоа и не е во согласност со погоре наведените одредби од Уставот и Законот за Собрание на Република Македонија.

Имено, од видеоснимките во Собранието, од 27 април 2017 година, се гледа дека дел од неопределен број на пратеници прокламирале избор на претседател на Собранието со самоволно претставување на пратеникот Ферид Мухиќ за претседавач кој претседавањето му го предал на свој заменик Горан Мисовски, кој потоа го прокламирал пратеникот Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата сето наведено се случувало под следните околности: без присуство на претседателот на Собранието од претходниот состав и суспензија на неговите овластувања утврдени во член 63 став 1 од Уставот и членовите 9 и 10 од Деловникот на Собранието; без крај на расправата по третата точка од дневниот ред за избор на Комисија за прашањата на избори и именувања која е овластен предлагач на кандидат за претседател на Собранието покрај најмалку 20 пратеници, што е спротивно на членовите 22, 23, 24, 25 и 26 од Деловникот на Собранието; без право на друг предлагач; без утврдување на присутни и отсутни пратеници, спротивно на членовите 30 и 32 од Деловникот на Собранието; по 18 часот, спротивно на член 68 од Деловникот на Собранието; без претседавање на претседавачот на конститутивната седница, спротивно на член 71 од Деловникот на Собранието; без расправа и без исцрпување на листата на пријавени говорници по третата точка од дневниот ред, спротивно на член 80 од Деловникот на Собранието; без почитување на редоследот на пријавените говорници спротивно на член 85 од Деловникот на Собранието; без објава на резултатите од гласањето, колку вкупно гласале, колку се „за“, „против“ и „воздржани“ пратеници, спротивно на член 95 од Деловникот на Собранието; без електронско гласање, спротивно на член 96 од Деловникот на Собранието; без право на пратениците да побараат поименично гласање, спротивно на член 97 од Деловникот на Собранието; без записник и стенографски белешки од продолжението на седницата, спротивно на членовите 104, 105, 106 и 107 од Деловникот на Собранието; без потпишана одлука од овластениот предлагач-претседателот на Собранието од претходниот состав, спротивно на членовите 172 и 174 од Деловникот на Собранието; без асистенција на стручната служба, спротивно на член 235 од Деловникот на Собранието;  без пренос од собранискиот канал, спротивно на член 32 од Законот за Собранието на Република Македонија и без превод од албански на македонски јазик бидејќи Талат Џафери се обраќал на албански јазик.

Според наводите во иницијативата и дополнувањето на иницијативата поднесена од Васко Лазески од Кичево, оспорената одлука не е во согласност со: член 52 став 1 и член 61 став 2 од Уставот; член 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“; член 5 став 1, член 19, член 37 став 2 и член 39 од Законот за Собранието на Република Македонија и член 9 став 2, член 10 став 1, член 11, член 12 став 1, член 22 став 1, член 24 став 1 и член 172 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука е донесена на 27 април 2017 година, но била заведена под бр.08-1108/1 од 2 мај 2017 година и потпишана од пратеникот Горан Мисовски во својство на заменик-претседавач со конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

Со оглед на тоа што постоела разлика во датумите на донесување и заведување, односно потпишување на оспорената одлука, таа влегла во сила со денот на донесувањето, а тоа е 27 април 2017 година уште пред нејзиното потпишување и заверка на 2 мај 2017 година, па оттука затоа што не била објавена на 27 април 2017 година во „Службен весник на Република Македонија“, таа влегла во сила пред објавувањето. Тоа е во спротивност со член 6 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ и не е во согласност со член 52 став 1 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Во иницијативата, исто така е наведено дека претседавач на конститутивната седница на новото Собрание бил пратеникот Трајко Вељаноски, кој бил претседател од претходното Собрание и во својство на претседавач на конститутивната седница, ги вршел деловничките надлежности, со замениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани. Во тоа својство, претседавачот ниту ја потпишал Одлуката ниту на конститувната седница била спроведена постапка за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија.  Оттука, оспорената одлука која била потпишана од пратеникот Горан Мисовски како неовластен заменик-претседавач на Собранието  не е донесена во соодветна постапка уредена во Деловникот на Собранието, поради што истата е спротивна на погоре наведените уставни и законски одредби.

Во дополнувањето на иницијативата се наведува дека оспорената одлука е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Притоа се укажува дека во член 68 став 2 од Уставот е утврдено дека Собранието во вршењето на работите од својата надлежност донесува одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци. Нивната природа со Уставот не е концизно одредена, но јасно е дека одлуките, декларациите, резолуциите и препораките претставуваат општи акти, што не е случај со заклучоците. Имено, според член 172 став 2 од Деловникот на Собранието, другите прописи и општи акти што ги донесува Собранието ги потпишува претседателот на Собранието, а според член 174 став 1 од Деловникот, законите, другите прописи и општи акти пред да влезат во сила се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, а заклучоците на Собранието се објавуваат во гласилото на Собранието, а ако Собранието одлучи и во „Службен весник на Република Македонија“.

Во насока на тоа дека оспорената одлука е во категорија на општи акти, е фактот што во член 184 став 1 од Деловникот на Собранието било уредено дека во постапката за донесување на декларации, резолуции, одлуки, препораки и други општи акти, соодветно се применуваат одредбите на овој деловник што се однесуваат на предлог-закон во второ читање, со тоа што е задолжително одржување на општа расправа.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е општ акт, Уставниот суд е надлежен да одлучува за нејзината уставност и законитост и согласно член 112 став 2 од Уставот, Уставниот суд можел да укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а до конечното одлучување Судот да донесе времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката.

Во дополнувањето на иницијативата се посочува на повеќе одлуки на Уставниот суд на Хрватска, од кои произлегува следново: одлуките за избор (во  наведените одлуки се работи за избор на уставен судија, правобранител) на Хрватскиот сабор припаѓаат на т.н. „акти на владеење“ и според својата природа припаѓаат на акти кои се правно-политички и подлежат на уставно-судска оценка од аспект на уставноста и законитоста на постапката и начинот на донесување, но политички изразената волја во текот на гласањето не може да биде предмет на оценка.

Според Уставниот суд на Хрватска, актите за избор на Хрватскиот сабор (акти од правно-политичка природа) подлежат на уставно-судска контрола само од гледна точка на уставноста и законитоста на постапката и начинот на нивното донесување, кога тие не претпоставуваат претходно исполнување на законски пропишани услови за стручни и други квалификации за вршење на државни функции. Но, оние кои претпоставуваат претходно исполнување на услови за стручни и други квалификации, тие акти за избор имаат уставно-судска контрола не само од аспект на постапката за донесување, туку и од аспект на исполнување или неисполнување на пропишаните услови за функцијата.

Исто така, во дополнувањето на иницијативата, се посочува и на конкретна одлука на Уставниот суд на Косово, од која се гледа дека Уставниот суд на Косово има надлежност и мериторно одлучува за парламентарна одлука.

Според наводите во иницијативата поднесена од Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје, оспорената одлука е донесена спротивно на: член 7 ставови 1, 2, 3 и 5, член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 2 и член 63 став 1 од Уставот. Оспорената одлука е спротивна и на член 2, член 3, член 9 став 1, член 22, член 24, член 26, член 30, член 32, член 80 ставови 1, 2 и 5, член 83, член 95, член 96, член 116 и член 174 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, како и на член 32 ставови 1 и 5, член 23, член 37 и член 39 од Законот за Собранието на Република Македонија.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена со повреда на наведените одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија кои ја уредуваат постапката за конституирање на Собранието и одредбите кои се однесуваат на седница на Собранието, свикување на седница и предлагање на дневен ред и тек на седницата, во иницијативата се наведува дека со тоа оспорената одлука е донесена во спротивност на уставниот принцип на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, наведен во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Владеењето на правото го содржи принципот на легалитет, односно почитување на начелото на уставност и законитост. Начелото на уставност значи дека секој правен акт, како и секое преземено дејствие од надлежен државен орган мора да бидат во согласност со Уставот, а законитоста, од друга страна, значи дека сите правни акти, прописи и дејствија мора да бидат подготвени од орган утврден со Уставот и законите, во постапка и на начин дефинирани во правните акти или прописи.

Уставноста и законитоста како клучни начела на владеењето на правото се почитуваат тогаш кога државните органи и институции во своето работење и постапување стриктно ги применувале одредбите од Уставот, законите и подзаконските акти во секој конкретен случај. Работата и постапувањето на државните органи во согласност со прописите не е само право туку и должност, а со тоа се заштитува владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Во иницијативата е наведена хронологија на конкретни настани во Собранието, поврзани со донесувањето на оспорената одлука и се потенцира повреда на поголем број одредби од Деловникот на Собранието, со кои е уредено функционирањето и постапката на работењето и одлучувањето на пратениците во Собранието. Притоа, се укажува дека претседавачот на конститутивната седница на Собранието на 27 април 2017 година во 18:00 часот го затворил 20-тото продолжение на седницата и за тоа ги известил пратениците, медиумите и јавноста дека следното продолжение ќе се одржи утредента, во петок, на 28 април 2017 година со почеток во 11:00 часот. Оттука, обидот за ново продолжение на конститу-тивната седница на 27 април 2017 година било нелегитимно и претставува кршење на одредбите од Деловникот и повреда на правилниците за работа на Собранието кои се однесуваат за свикување и организирање на ново продолжение на седница. Имено, по затворање на продолжението на конститутивната седница на 27 април 2017 година се случила импрови-зирана седница, со нелегален и нелегитимен обид за избор на претседател на Собранието, кој не е пренесуван на телевизиски собраниски канал, спротивно на Законот за Собранието. Седницата е фактички снимана со мобилни телефони од страна на неколку пратеници во салата, се реализирала импровизирана седница самоволно од група пратеници и тоа во делот од салата каде се водат пленарни седници на Собранието и каде вообичаено седат пратеници од политичката партија на СДСМ, со што противуставно се водело паралелно продолжение на конститутивната седница во Собранието со цел избор на нов претседател на Собранието. Импровизираната седница од група пратеници најнапред започнала со назначувањето на пратеникот Ферид Мухиќ од СДСМ за нов претседавач на продолжението на конститутивната седница која не е свикана од официјалниот претседавач, и со тоа е нелегална и спротивна на член 63 став 1 од Уставот, според која одредба конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Одлуката  е спротивна на член 9 став 1 од Деловникот на Собранието, според кој доколку седницата не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник, и ако тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник сẻ до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница.

Во Собранието, всушност конститутивната седница веќе била свикана од претседател на Собранието од претходниот состав и нејзиното продолжение се одвивало сẻ до денот кога се случила импровизираната седница и се избрал нов претседател на Собранието, во услови кога тој избор покрај другото бил без констатирање на бројот на присутни пратеници кои учествувале и ја прифатиле импровизираната седница, во потполно неделовничка процедура, без записник, без стенограми, без точен број на пратеници кои гласале „за“ предлогот за избор, без можност за предлагање на кандидати од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници, согласно член 22 од Деловникот. Во такви услови во Собранието пратеникот Горан Мисовски бил избран како заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието и тој во такво својство ја потпишал оспорената одлука за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија.

Постапката уредена со Деловникот на Собранието е прекршена, меѓу другото, и поради фактот што немало минимум 61 пратеник кои гласале „за“ изборот на Талат Џафери, со оглед на тоа што отсуствувале пратеници во салата за време на траењето на изборот на импровизираната седница, а во отсуство на служба која раководи со техничките средства, немало евидентирано ниту кои гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на присутни пратеници.

Поради ова, во иницијативата се наведува дека изборот на претседател на Собранието е направен со грубо кршење на одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија и со повреда на утврдената постапката за водење (тек) на собраниската седница. Со самоволно преминување на точката 4 од дневниот ред на конститутивната седница им е суспендирано правото на сите останати пратеници да предложат свој кандидат за претседател на Собранието, како и правото утврдено со Деловникот, Комисијата за прашањата за изборите и именувањата да даде предлог.

Со непочитување на деловничката процедура директно е повреден Уставот на Република Македонија, како и уставноста и законитоста во работењето на претставничкиот орган на граѓаните во Република Македонија.

Изнесената хронологија на настани во делувањето на пратеници во Собранието поврзани со донесувањето на оспорената одлука за избор, укажува на правен хаос, со повреда на Уставот, Деловникот на Собранието и Законот за Собранието на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата поднесена од Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе, оспорената одлука е во спротивност со членовите 1, 2, 8, 51, 63 и 66 од Уставот; членовите 17, 37 и 43 од Законот за Собранието на Република Македонија и голем број набројани членови од Деловникот на Собранието.

Имено, во член 17 од Законот за Собранието на Република Македонија е предвидено дека постапката за избор на претседател и потпретседатели на Собранието е уредена со Деловникот на Собранието. Имајќи ја предвид фактичката состојба на кој начин е извршен изборот за претседател на Собранието и врз основа на што е донесена оспорената одлука, наспроти одредбите од Деловникот кои ја уредуваат постапката за избор, неспорно е дека се случила нелегална постапка неприфатлива за парламентарната демократија.

Во иницијативата се наведуваат идентични причини како во останатите иницијативи од овој предмет и се става акцент на прекршување на постапката за водење на седници и за избор, со што оспорената одлука според подносителот на иницијативата е неуставна и незаконита.

Во сите иницијативи се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста за оспорената одлука и истата да ја поништи, а до донесување на конечната одлука да донесе времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

3.Судот на седницата утврди дека оспорената одлука ја има следната содржина:

Врз основа на член 67 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 21 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 27 април 2017 година, донесе:

О Д Л У К А
за избор на Претседател на Собранието на Република Македонија

1. За претседател на Собранието на Република Македонија се избира Талат Џафери, пратеник во Собранието на Република Македонија.

2. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Бр.08-1108/1                                                                                                                                                                                                                          Заменик претседавач на Конститутивната
2 мај 2017 година                                                                                                                                                                                                                       седница на Собранието на Република
Македонија                                                                                                                                                                                                                                                   Горан Мисовски, с.р.

4. Согласно член  2 став 1 од  Уставот,  во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Граѓаните на Република Северна Македонија, според ставот 2 од истата уставна одредба власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, е утврдено дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во III дел од нормите на Уставот, кои се однесуваат на „Организацијата на државната власт“, е уреден статусот и уставната положба на органите на законодавната, извршната и судската власт, согласно принципот на поделбата на власта според кој, посебно секој од нив, не може да создава и опфаќа нови или поголеми права, надвор од уставната определба на институционалните надлежности и овластувања и надвор од уставните основи во категоризацијата на системот на власта.

Врз тие основи со одредбите од членовите 61-78 од Уставот, е уреден статусот и уставната положба на Собранието на Република Северна Македонија.

Во IV дел од Уставот, со одредбите од членовите 108-113 од Уставот, посебно е утврден статусот и надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Надлежностите на Уставниот суд се утврдени во Уставот.   Во член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, е определено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот. Согласно оваа уставна норма, Судот во вршењето на своите уставни надлежности работи врз основа на Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Уставниот суд ја обезбедува својата функција на заштита на уставноста и законитоста исклучиво во рамки на непосредна примена на Уставот во постапка уредена со Деловникот на Уставниот суд. Како орган кој обезбедува заштита на уставноста и законитоста, Уставниот суд не задира надвор од своите уставно-судски надлежности кои се дефинирани со Уставот, во однос на уставните надлежности и уставно утврдените права на органите на државната власт.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот, според ставот 2 од истата уставна одредба.

Во член 63 став 1 од Уставот е утврдено дека пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите, според ставот 2 од член 63 од Уставот.

Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена на мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието, како што определува член 63 став 3 од Уставот, а според ставот 4 од истата одредба, мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Во член 63 став 5 е определено дека со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии, а според ставот 6 Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Согласно член 66 став 4 од Уставот, Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со член 67 став 1 од Уставот е утврдено дека Собранието од редот на пратениците избира претседател и еден или повеќе потпретседатели, со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието, според член 67 став 2 од Уставот, а функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија, според ставот 3 од истата уставна одредба.

Член 67 став 4 од Уставот предвидува дека претседателот на Собранието распишува избори за пратеници и избор на претседател на Републиката.

Во членот 68 од Уставот се утврдени надлежностите на Собранието.

Со Амандманот X се заменува член 69 од Уставот, и со точката 1 од Амандманот е предвидено дека Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Согласно член 70 став 1 од Уставот, седниците на Собранието се јавни.

Врз основа на член 61 став 2 од Уставот, каде е определено дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот и врз основа на член 66 став 4 од Уставот според кој Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, Собранието на Република Северна Македонија го донело Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2008, 119/2010 и 23/2013). Во член 1 став 1 од овој деловник е определено дека со овој деловник се уредуваат организацијата и функционирањето на Собранието и на работните тела на Собранието (работни тела). Работните тела, во согласност со одредбите на овој деловник можат да донесуваат деловник за својата работа, според член 1 став 2.

Од погоре изнесеното неспорно е дека статусот и уставната положба на Собранието на Република Северна Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката се детерминирани со Уставот. Но, во однос на организацијата и функционирањето на работата, Уставот упатил Собранието со свој акт да ги уреди овие прашања согласно Уставот. Врз овој уставен основ, Собранието го донело погоре наведениот Деловник. Со тоа што Уставот децидно упатил на донесување на посебен собраниски акт, а не исклучиво на закон, во однос на уредување на прашањата за организација и функционирање на Собранието, уставотворецот го издигнал правото на Собранието како суштински орган на власта во парламентарната демократија да си ги креира нормите со свој акт, во однос на операционализација на своето работење, и со тоа да ја практикува самостојно парламентарната демократија внатре во односите на пратениците и во начинот на работењето.

Во овој контекст член 1 став 1 од Законот за Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2009) утврдил дека со овој закон се уредуваат само одделни прашања за функционирањето на Собранието на Република Македонија.

Прашањата поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието и на работните тела, собраниските постапки, како и други прашања кои не се уредени со овој закон, се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија според член 1 став 2 од истиот закон.

Аспектите на оспорување во иницијативите се однесуваат за конкретен период во Собранието во кој е донесен оспорениот акт, кој би требало уставно-правно да се проблематизира поради тоа што тој бил донесен во Собранието спротивно на деловничката собраниска процедура за работа. Имено, како аргументи за оспорување на актот за избор на претседател на Собранието се наведува делувањето на пратениците во Собранието поврзано со донесувањето на тој акт, начинот на кој Собранието функционирало, отсуство на примена на деловничките одредби за водење на седница, хронологија на настани за фактичко постапување на пратениците во Собранието пред, за време и по донесувањето на оспорениот акт, непрактикување на парламентарна демократија конкретно на ден 27 април 2017 година од страна на дел од пратениците на Собранието и како резултат на тоа со непочитување на одредбите од Деловникот, оспорената одлука била донесена во постапка спротивна на Деловникот, а со тоа била во спротивност на Уставот и закони.

Имајќи ги предвид надлежносите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, произлегува дека Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото.

Одлуката за избор на претседател на Собранието на Републиката  која е оспорена со иницијативите нема карактер на пропис во смисла на уставната одредба и не може да биде предмет на уставно-судска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши конкретен избор на претседател на Собранието, што претставува Одлука која по својот карактер и содржина е конкретен- поединечен акт,  таа не е пропис и нема основа за  уставно-судска оцена на нејзината уставност и законитост.

Оттука, Уставниот суд не може да се впушти  во анализа на постапката која претходела на донесувањето на оспорената одлука, а со тоа и во оценка на основаноста на наводите истакнати во иницијативите и мериторно да одлучува.

Според погоре наведената уставна норма, неспорно е дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува ниту за примената на прописите, а со тоа и на оние кои се однесуваат на организацијата и функционирањето на Собранието на Република Северна Македонија и да ги оценува активностите и делувањето на субјектите во правото односно во случај  на пратениците, за начинот на извршување и примена на прописите.

Имено, од наводите во иницијативите произлегува дека се бара Уставниот суд да се впушти во утврдување на фактичката состојба на настаните во постапката на донесување на оспорената одлука со која е избран претседател во означениот период на Собранието на Република Македонија и преку оценка на активностите и дејствијата кои се поврзани со донесувањето на оспорената одлука, Судот да утврди дека се повредени одредби од Деловникот на Собранието, а со тоа и одредби од Уставот, Законот за Собранието на Република Македонија, како и Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Уставниот суд во рамки на своите уставно утврдени надлежности не може да се впушти во оценка на конкретни акти, ниту во оценка на постапката за донесување на тие акти и примената на прописите, што всушност претставуваат фактичко прашање. Ова особено имајќи предвид дека практикувањето на парламентарната демократија на пратениците во овој претставнички и законодавен орган на власта не е во опфатот на уставно-судска оценка и не е во надлежностите на Уставниот суд на Република Северна Македонија утврдени со Уставот, чија постапка на работење е деловнички уредена, согласно Уставот. Ова неспорно имплицира на јасна уставотворна позиција дека кога е во прашање активирање на механизмот на Уставниот суд за уставно-судска оценка на уставноста и законитоста, нема уставен основ Уставниот суд да се постави со своја контрола над степенот на практикувањето на парламентарната демократија во Собранието и нема надлежност мериторно да одлучува за конкретните акти на Собранието на Република Северна Македонија.

Судот, во рамки на постапувањето по иницијативите, во врска со предметното прашање, утврди и дека Собранието на Република Северна Македонија на седница одржана на 21 август 2020 година донело Одлука за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија број 08-2519/1  („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 205/2020), со која м-р Талат Џафери е избран за претседател на Собранието, со што престанало правното дејство на оспорената одлука, предмет на уставно-судска анализа во оваа постапка. Од ова произлегува дека оспорената одредба повеќе не е дел од правниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако се настапени процесни пречки за одлучување по иницијативите.

Поаѓајќи од оценката дека оспорената одлука нема карактер на пропис, Судот не е надлежен да ја преиспитува примената на прописите од страна на Собранието, како и тоа дека оспорената одлука не е во правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативите согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот.

Во смисла на наведеното произлегува дека нема услови за донесување на решение, согласно член 27 од Деловникот на Судот, за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите:  Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бојаџиева, д-р Осман Кадриу,  д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

У.бр.47/2017
1  декември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска