У.бр.120/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 23 ноември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на законитоста на член 6, член 8 и член 9 од Колективниот договор на Агенцијата за пошти склучен помеѓу Агенцијата за пошти и Синдикалната организација при Агенцијата за пошти бр.01-152/1 од 26.07.2018 година.

2. Агенцијата за пошти Скопје, застапувана од директорот Билјана Аврамоска Ѓореска, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Агенцијата за пошти претставува независно тело во областа на поштенските услуги со јавни овластувања согласно Законот за поштенските услуги.

Согласно член 21 став 1 од Законот за поштенските услуги, вработените во Агенцијата кои вршат административни работи во стручната служба на Агенцијата, чија внатрешна организација, делокруг на работа и услови за вработување поблиску се уредуваат со актите за внатрешна организација и систематизација на работите и задачите, имаат статус на административни службеници.

За прашањата, коишто се однесуваат на работниот однос на вработените од ставот 1 на член 21 од Законот за поштенските услуги кои не се уредени со овој закон и со колективен договор, се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и општите прописи за работните односи.

Причината поради која подносителката ги оспорува одредбите од Колективниот договор, е што со нив не е предвидена мобилноста преку преземање како еден од начините за пополнување на работни места која е регулирана во член 44 од Законот за вработените во јавниот сектор и со член 30 став 1 алинеја 3 и став 4 од Законот за административни службеници. Оттука, нејасно е дали одредбите од член 44 од Законот за вработени во јавниот сектор и одредбите од член 30 од Законот за административните службеници се применливи за Агенцијата за пошти, тргнувајќи од член 21 од Законот за поштенските услуги во кој се наведува дека за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на вработените, а не се регулирани со овој закон и колективен договор, се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и општите прописи за работните односи.

Согласно член 6 од Колективниот договор на Агенцијата за пошти пополнувањето на работните места се врши преку спроведување на постапка за вработување, мобилност преку распоредување и унапредување. Притоа согласно член 8, мобилноста преку распоредување е хоризонтално движење на вработените во Агенцијата од едно на друго работно место во рамките на исто ниво само во Агенцијата. Прашањето за распоредување подетално е разработено во член 9 од Колективниот договор на Агенцијата за пошти.

Во иницијативата се наведува дека Агенцијата за пошти се обратила до Министерството за информатичко општество и администрација, со барање за мислење во однос на можноста за примена на одредбите од  Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници во врска со мобилноста преку распоредување и преземање.

По однос на ова барање, Министерството за информатичко општество и администрација доставило одговор во кој се вели дека Колективниот договор на Агенцијата за пошти го утврдил пополнувањето на слободните работни места во Агенцијата без притоа да го земе предвид начинот на пополнување на слободни работни места во Агенцијата преку постапка за мобилност со преземање, утврдена со Законот за вработени во јавниот сектор. Со ваквиот начин на регулирање на постапката се ускратува законската можност на секој административен службеник за пополнување на слободно работно место во фер, транспарентна и конкурентна постапка, а согласно начелото за еднакви услови, еднаков пристап до работно место, соодветна и правична застапеност, со што сметаат дека не постои законска пречка за примена на одредбите од Законот за вработени во јавниот сектор кои се однесуваат на постапката за вработување преку мобилност со преземање.

Понатаму во иницијативата се цитираат одредбите од Колективниот договор на Агенцијата за пошти, за кои се бара оцена на нивната законитост, односно членовите 6, 8 и 9 од Колективниот договор, а исто така се цитираат и член 4 и член 30 ставови 1 и 4 од Законот за административните службеници и член 44 од Законот за вработените во јавниот сектор.

Имајќи го предвид горенаведеното иницијаторот бара да се оцени законитоста на членовите 6, 8 и 9 од Колективниот договор, во делот на постапката за мобилност преку преземање.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените член 6, член 8 и член 9 од Колективниот договор на Агенцијата за пошти склучен помеѓу Агенцијата за пошти и Синдикалната организација предвидуваат:

Член 6

(1) Пополнувањето на работните места во Агенцијата се врши преку спроведување на постапка за:

– вработување;

– мобилност преку распоредување и

– унапредување.

Член 8

(1) Мобилноста преку распоредување е хоризонтално движење на вработените во Агенцијата од едно на друго работно место во рамките на исто ниво, утврдено со овој договор.

(2) Вработениот во Агенцијата, на негово барање или по потреба на Агенцијата може да биде трајно или времено распореден на друго работно место на исто ниво, односно на работно место за кое ги исполнува општите и посебните услови пропишани во Правилникот за систематизација на работните места во стручната служба на Агенцијата за пошти, за што Директорот на Агенцијата носи решение за неговото распоредување во Агенцијата.

(3) Мобилноста е внатрешна и се врши без објавување на интерен, односно јавен оглас.

Член 9

Вработениот во Агенцијата, по потреба на Агенцијата, може да биде распореден на секое работно место во исто ниво, во следните случаи:

  • поради настанати организациски промени;
  • ако претстои укинување на работно место, или е намален обемот на работите на работното место;
  • во случаи за подобра организација на работа, или користење на стручната и работната способност на вработениот во Агенцијата;
  • за замена на отсутен вработен во Агенцијата за работи кои се од интерес за Агенцијата, до неговото враќање на работа;
  • кога се очекува дека со распоредувањето на друго работно место вработениот во Агенцијата ќе оствари подобри резултати;
  • заради замена на ненадејно отсутен вработен во Агенцијата и
  • во други случаи утврдени со интерен акт на Агенцијата.

4. Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со член 4 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 14/2020, 215/2021 и 99/2022) се предвидува дека со овој закон се уредува статусот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници. Понатаму во став 2 од истиот член се пропишува дека определени прашања во врска со работниот однос на административните службеници во судството и јавното обвинителство, дипломатијата, царинската и даночната администрација, инспекциските служби, државната ревизија и ревизијата на ИПА, регулаторните тела и Народната банка на Република Македонија, во целост или делумно, можат да бидат уредени со закон и со колективен договор, на начин различен од овој закон. Додека со став 3 е пропишано дека постапката за вработување на административни службеници регулирана со овој закон е задолжителна и за вработување на административни службеници во дипломатијата, царинската и даночната администрација, инспекциските служби, државната ревизија и ревизијата на ИПА, како и регулаторните тела.

Во член 30 од Законот за административните службеници се регулира прашањето за општо пополнување на работните места на административните службеници, каде се набројуваат: вработувањето, унапредувањето и мобилноста преку распоредување и преземање. Ставот 4 од истиот член упатува на тоа дека постапките за мобилност се спроведуваат во транспарентна и фер постапка на распоредување, односно преземање на вработен на работно место во исто ниво во истата или друга институција согласно со Законот за вработени во јавниот сектор.

Постапката за пополнување на работно место преку мобилност со преземање е регулирана со член 44 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 143/2019 и 14/2020), кој во ставот 1 предвидува дека вработениот во јавниот сектор, на негово барање, по потреба на институцијата во која е вработен или по потреба на друга институција, може да биде трајно преземен на работно место на исто ниво, односно на работно место за кое ги исполнува општите и посебните услови пропишани во актот за систематизација на другата институција, ако за тоа се согласат вработениот и раководните лица на двете институции, а по претходна согласност на Министерството за информатичко општество и администрација и органот надлежен за давање на согласност на годишниот план за вработување на институцијата во однос на буџетот.

Со член 21 од Законот за поштенските услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/2010, 27/2014, 42/2014, 187/2014, 146/2015, 31/2016, 190/2016, 64/2018, 248/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019 и 150/2021), е   регулирана организацијата и статусот на вработените во Агенцијата за пошти.

Согласно истиот член во став 1 вработените во Агенцијата кои вршат административни работи во стручната служба на Агенцијата, чија внатрешна организација, делокруг на работа и услови за вработување поблиску се уредуваат со актите за внатрешна организација и систематизација на работите и задачите, имаат статус на административни службеници. Понатаму, во вториот став на овој член се наведува дека за прашањата кои се однесуваат на работниот однос на вработените од првиот став на овој член кои не се уредени со овој закон и со колективен договор се применуваат одредбите од Законот за административните службеници и општите прописи за работните односи.

Согласно член 30 од Законот за административни службеници се определува дека пополнувањето на работните места на административни службеници се врши преку спроведување на постапка за вработување, унапредување и мобилност преку распоредување и преземање. Додека согласно член 4 став 3 задолжителна е само постапката за вработување на административни службеници, а тоа претставува само еден од начините на пополнување на работните места во ова регулаторно тело, односно во Агенцијата за пошти.

Тргнувајќи од анализата на горенаведените одредби, произлегува дека вработените на кои се однесува Колективниот договор претставуваат административни службеници во регулаторно тело, и дека задолжителна е примената на Законот за административни службеници во делот на постапката за вработување. Од друга страна, со анализа на член 4 став 4 од Законот за административни службеници во кој е предвидено дека за административните службеници ќе се применуваат одредбите од овој закон за сите прашања кои се однесуваат на нивниот работен однос кои не се уредени со посебните закони и со колективните договори, се доаѓа до заклучок дека другите прашања во врска со работните односи можат делумно или во целост да се регулираат на начин различен од тој предвиден во Законот за административните службеници, како што е сторено во оспорените одредби од Колективниот договор,  како што е уредено во член 4 став 1 од истиот закон.

Неспорно е дека мобилноста претставува друг начин за пополнување на работните места, кој може да се регулира во целост или делумно, со закон и со колективен договор, на начин различен од Законот за административни службеници, како што впрочем е уредувањето во член 4 став 1 од Законот за административни службеници.

Со оспорените одредби од Колективниот договор сите прашања во врска со работниот однос на административните службеници во регулаторното тело – Агенција за пошти во целост се уредени на начин различен од Законот за административни службеници со исклучок само на постапката за вработување. Во оспорениот Колективен договор во член 7 се наведува дека постапката за вработување во Агенцијата задолжително се спроведува во согласност со одредбите на Законот за административни службеници, кој е сосема неспорен и оди во согласност со пропишаното во погоре наведените закони. Со наведениот член 7 од Колективиниот договор се запазува императивната норма од Законот за административните службеници чијашто примена е задолжителна.

Со оглед на сето претходно наведено, Судот утврди дека оспорените одредби не се во спротивност со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор. Задолжителната одредба од Законот за административните службеници, во Колективниот договор е пропишана во наведениот член 7, додека одредбата од член 44 од Законот за вработените во јавниот сектор е неприменлива од причина што истата се однесува на мобилноста со преземање, а тоа претставува начин на пополнување на работните места кој не е предвиден во Колективниот договор на Агенцијата за пошти, за што впрочем, за такво решение во Колективниот договор постои законски основ во член 4 став 1 од Законот за административни службеници.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и  м-р Фатмир Скендер.

У.бр.120/2021
23 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска